„Една вечер во Торонто, боговите Аполон и Хермес се најдоа во таверната Пченичен сноп.“
Ова е првата реченица од романот „15 кучиња“, кој додуша почнува претходно, со наведување на сите кучешки ликови во него, по азбучен ред – нивните имиња но и основните карактеристики како „снаодлив и тивок бигл, гонич на патки, без к’смет“, „мелез од загар-извидник и вајмарски овчар“, „џукела што мрази поезија“ или „џукела што создава поезија“.
Ним од страна на спомнатите богови-мајтапџии поради облог им е доделена супер-моќ: да мислат и да зборуваат како луѓе. Поводот е можеби банален, но ништо во божјо-човеко-кучешкиот свет не е едноставно, и сè е поврзано со сето останато. Низата настани кои ќе почнат да се одвиваат по ова ќе влијаат на голем број судбини, и не секогаш на добар начин.
Изборот токму на овие кучиња паѓа затоа што во моментот кога Аполон и Хермес се расправаат, во спомнатата кафана се наоѓаат близу ветеринарна амбулантна каде преку ноќ престојуваат 15 кучиња. Тие наскоро стануваат божји „експериментални глувци“ и покажуваат какви промени во однесувањето и психологијата би извршила кај нив способноста за интроспекција и изразување низ човечки јазик.
Првите реакции се меланхолични. Рози, германски волчјак, се сеќава на последните кученца кои ги родила, и на фактот дека многу брзо ѝ биле одземени. Атикус, огромен мастиф, го сонува својот омилен сон како брка стаорци и верверички, но во моментот кога го прегризува вратчето на една од нив му текнува дека суштеството мора да чувствува болка, и ова го буди од сон. Кучињата успеваат да ги отворат кафезите и да се најдат надвор. Три од нив се плашат да ја употребат својата новостекната слобода, но останатите 12 тргнуваат кон „плажата“, односно езерскиот брег.
Текот на понатамошните настани доколку би се одвивал со човечки ликови би изгледал како нешто од „Господарот на мувите“ – кучињата прво воспоставуваат хиерархија и прогласуваат водач. Кај некои од нив е нагласена интелектуалната страна (еден станува поет, и тоа доста добар), други се просто битанги, кои гледаат да преживеат по секоја цена, манипулирајќи ги своите „другари“. Точно како и во светот на луѓето, тука има многу недоразбирања, конкуренција, подметнувања, но и ретки моменти на солидарност и љубов, и меѓу кучињата, и помеѓу луѓето и нивните „најдобри другари“.
Ова не е книга само за љубители на кучиња. Таа, всушност, повеќе зборува за тоа дали е можна разбирачка помеѓу различни суштества воопшто. Без оглед дали се тоа пудлици, германски овчари и булдози, или слични на нив луѓе.
Македонскиот превод на книгата може да се нарача тука
- Статијата е оригинално објавена како „Букбокс читанка“ на офф.нет