Во контекст на епизодата за звуците во македонската книжевност, еден расказ во форма на синопсис за краток филм, кој можеби некогаш ќе биде снимен.
Базиран е на вистинска приказна. Отприлика.
„Љубомора“
ГЛАС:
„Ова Пежо стои тука со години. Сè што можело да се украде од него е земено. Наместо тркала има дрвени трупци, низ седиштата се пробиле пружини, а зиме во него спијат мачки. Тоа е колата на Борче од втори.“
(слики од колата, рачна камера, растреперена, уплашена мачка скока низ прозорецот)
„Жена му, Ружа, пустата, беше многу згодна. Едно време работеше како продавачка, ама откако им се роди синот, Борче одлучи дека ѝ е подобро дома. Може и не ѝ беше по ќеф, ама таа не се бунеше – наутро го испраќаше првин него на работа, па детето на школо, и се фаќаше за садовите или за џогерот. Кога сите ќе се прибереа, ручекот ги чекаше на маса.“
(Женска рака со бурма со одлучни движења чисти првут од машка јакна додека тој брза да излезе; мавта од прозорец на дете со школска торба; четка када со малку офкање; чисти со правосмукалка; па поглед на часовникот, отвара тенџере што испарува да види до кај е манџата, сече леб за ручек)
ГЛАС:
„Ама Борче немаше раат. Работеше како сервисер на компјутери, па секогаш кога одеше на терен застануваше за момент со Пежото пред зграда, малку подалеку за никој да не го види. И демнеше.“
(кликање како од шпиунски фото-апарат: поглед од колата накај влезот, па истото ама од друг агол; луѓе фатени како влегуваат и излегуваат; деца играат школка; Ружа се враќа од блискиот маркет со зембиљи; Ружа пружа алишта на тераса..)
ГЛАС:
„Немаше доказ, ама во душата некако знаеше – дека Ружа го изневерува. Замислуваше дека прима луѓе дома, додека него го нема. Можеби некој од зградата?“
(сцена како мажи се тепаат да влезат во станот на Борче, а Ружа е гола само по кујнска престилка, на штикли, со дрвена лажица во раката, чоукер околу вратот и капче како Лајза Минели, кокетно се смешка и вика „Полекааа, еден по едееен!“. Музичарите стојат од страна и свират, инструментално, динамично: Put down the knitting, the book and the broom/It’s time for a holiday/Life is a cabaret, old chum/So come to the cabaret)
ГЛАС:
„Немаше друг начин да дознае што се случува во станот освен тоа да го сними. Еден викенд кога Ружа беше со детето кај мајка ѝ, инсталираше опрема во дневната и во спалната. “ (Борче мести некои жици, проверува…да се праша како технички точно се правело тоа пред најсовременава техника. Следниот ден, негов прст клика на „он“ , па нејзината рака чисти првут од јакната, тој нервозно излегува)
[На црн екран се појавуваат звучни фрекфенции, очигледно има звуци, но не ги слушаме, или барем не се јасни.]
Cut.
(Ружа со ќеси од продавница влегува дома. Борче ја граба за коса, оваа се чуди – „Што ти е?“ – ја фрла со сета сила на кревет, таа се удира од рамката и паѓа во несвест, раскрвавена. Високо фрекфентни звуци и зуења во неговата глава, се мешаат со стенкања и машки гласови кои се смеат, нејзиниот глас како заводливо шепоти „Уште, уште…“. Развлечена музика од Life is a Cabaret, тродупла слика и нестабилна камера)
ГЛАС:
„Кога го испрашуваа во полициската станица, Борче побара да ја пушти снимката за да им стане јасно зошто откачил. (Устата на Борче во преден план, малку испотен под носот и небричен, се отвара и изговара, ама се слуша гласот на музичарот) ’Ќе ја чуете курвата’…им рече.“
Неколку луѓе во униформа се потсмевнуваат, повеќе заради сеир се собираат околу компјутерот, еден од нив става ЦД во него и ги пушта звучниците на појако.
[Црна позадина, пак истите фрекфенции на звуци ама овој пат се слуша: течење вода како од туш; утринска програма на ТВ и реклами; женско потпевнување додека се слуша шлапкање на џогер во кофа; вриење вода во бокал; чистење моркови, отварање тераса и звуци од улица, тресење чаршаф, па затворање….звуците се стишуваат]
(Полицајците зачудено – и благо разочарано – се погледнуваат еден со друг, па сите во Борче)
„Ете, гледате? Кога ви викам! Курвааа!“
(Првата слика на Пежото. Од силината на гласот на Борче, птица што стои на школката првнува кон небото.)
Илина Јакимовска
11.01.2020