Во 2019 Александра имала 27 години и син од две години. Кога ѝ дијагностицирале рак на дебело црево мислела дека крајот е близу. Денес ги продолжува студиите по етнологија и е негувателка за стари лица со Алцхајмер и деменција, мотивирајќи ги сите околу неа да го извлечат најдоброто од себе.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

(музика)

Илина:
Неодамна дознав дека мојата, таканаречена генерација Икс, од 1965 до почетокот на 80тите, се викала уште и „сендвич“ генерација. Нејзините припадници, особено жените, денес се под повеќе паралелни притисоци: грижа за возрасни деца кои се уште зависат од семејството, промени во кариерата поради новите технологии и конкуренцијата од помладите, потребата да се „реинвенираат“ влегувајќи во ново, зрело доба од своето живеење. За некои од нив како дополнителен елемент се јавува поддршката на стари родители, која често самите не можат да ја дадат. Во македонски контекст во минатото грижата за старите лица не било проблем. Големите семејства составени од повеќе генерации обезбедувале постојано присуство на некого во куќата, и барем едно катче за старите покрај огништето. Денес, тие се често препуштени самите на себе, а на семејството, доколку го имаат, му е потребна дополнителна помош да излезе на крај со една ваква животна ситуација.

Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ разговараме со 34-годишната Александра, која се грижи за старите во нивните домови, по период во кој на неа самата ѝ била потребна таква нега.

(Common People)

Александра:
Ако се навраќам наназад, кога сум била дете отсекогаш сум сакала да се мешам со старите. Значи тоа ми било фејв, онака. Кај шо се они, таму сум и јас. Пошто јас сум родена во Тетово, значи сум родена во село, до деветгодишна возраст живеев таму и на девет… нецели девет се преселивме во Скопје фамилијарно, заедно со моите. И значи животот на село е живот на село. Се оди на нива, нели сето тоа, добиток има и сето тоа го праат старите. Младите помалку. И јас сум била секогаш со старите. Значи кај шо се меси – таму, кај шо се тера добиток – таму со нив, на нива – таму. Значи отсекогаш сум сакала да бидам у друштво со стари. Не со постари, него со онака баш стари баби и дедовци, значи со нив.

Илина:
Александра како возрасна никогаш не се грижела за стар човек, бидејќи нејзините баби и дедовци рано починале, некои од нив и во странство. Па сепак, таа врска од детството помеѓу неа и старите во тетовското село Глоѓи изгледа останала. Иницијативата да се јави на оглас за обука за негуватели дошло од хуманитарна организација во којашто претходно волонтирала.

Александра:
И нѐ повикаа заедно, имавме обука во Црвен крст се одржуваше обуката, шест месеци траеше во просториите на Црвен крст. Четири месеци беше теоретски дел, значи го водеа стручни лица, имаше негователи, имаше психолози, имаше социјални работници, доктори, сето тоа. И имавме уште плус дополнителни два месеци во домот за стари лица „Идила Терзиева“, таму во тие помошните простории исто. И после тоа откако заврши обуката имавме некои тестирања и после тестирањата добивме сертификати. Мојот беше за помош и нега на стари лица со Алцхајмер и деменција.

После пет-шес месеци нешто така, ги добив првите мои корисници, тоа беше дедо Доро и баба Олга. Оние беа и двајцата со Алцхајмер во напредна фаза и сосема различни, значи и двајцата немаа… значи дедо Доро си беше… збореше растураше значи, раскажуваше приказни, станува, оди, така. А баба Олга беше тивка. Ништо не зборуваше. И многу ми беше значи на почетокот ептен чудно, знаеш првин да ги доживеам, после да ги прифатам сите тие не знам… искуства како да кажам… не знам. Многу беше интересно.

Илина:
Најголем предизвик на почетокот ѝ било тоа што поради деменцијата корисниците ја заборавале, па на следната средба повторно морала да тргне од почеток – „Здраво, јас сум Александра“ – па следниот пат пак. Но дури и во такви околности било очигледно дали врската е воспоставена.

Александра
Ако е корисникот со Алцхајмер или деменција, сум имала значи и имам таква корисничка шо за жал има напреден стадиум на Алцхајмер и деменција и ништо не зборува. Значи само -ха, -хи и толку некои… знаеш, али па нема појако кога ќе те види онака искрено кога ти се радува, знаеш она као баш си ја сакам таа мајче е, Христина, таа ми е корисничката сега, срцка е. Значи ете со неа, она е напреден стадиум, нема разговор. Нешто мислам јас ѝ се обраќам, ѝ кажувам ама немам повратен фидбек знаеш, не можеш да разговараш. А сум имала корисници на пример со алцхајмер и деменција исто, зборат растураат, знаеш онака како биле пример од Егејска Македонија, оние постарите што биле протерувани, шо живееле по овие кажи ги… кампови таму Полска негде негоре. И они значи сѐ памтат пошо од минатото памтат уствари у принцип луѓе со алцхајмер, памтат од минатото работи и таму живеат знаеш, таму се. Мислат дека се млади, мислат дека сега е тогаш, знаеш интересно е онака за посматрање сето тоа. И раскажуваат – ја коа бев дете вака беше, така беше, сум роден таму, ваму сум… со возот кога нѐ бомбардираа. Значи сето тоа убаво го раскажуваат и можеш за минатото да направиш убава слика визуелно онака да си го претставиш сето тоа. Али до некој одреден момент, да речеме до дваес години нешто така, дваес, дваес две-три годишна возраст памтат, после тоа… или нешто сегменти, делови и се држат за… да речеме за десет приказни и тие ги вртат во круг. Зборам ова за фаза некоја поодмината, не некоја почетна фаза. Ако разговарам со некој што е само стар и изнемоштен и има потреба од разговор и друштво нели, е тогаш имаш онака разговор за сите пари. И за себе да каже и тебе да те советува шо, како е добро, шо не е добро.

Илина:
Со оглед на тоа што веќе три години се грижи за стари лица, некако е природно да доживеала и смртни случаи. Но еден од нив бил специфичен.

Александра:
Ѕвонам на врата и сега пази, ја одам таму за дедово, а живеат бабава и дедово заедно. Бабава е витална, здрава и со разум и физички и сето тоа, а дедово е тој што има деменција нели. Сега они… се грижи бабава за него колку што може. И сега ја од сабајле идам на работа, ѕвонам на врата и ѕвонам и ѕвонам и ѕвонам и ѕвонам и никој не ми отвара, ме разбираш. Обично бабичкава е таа што станува, отвара, дедово си лежи ме разбираш. И ѕвонам еднаш, двапати, три, пет, десет и онака знаеш почнува да ми игра од внатре, викам – леле нешто се дешава! И си помислив викам – да не отишла во продавница. Во зграда живее. И ги гледам папучите за надвор шо ѝ се, тука ѝ се. И ме касна змија, викам – ова нешто се случува. Ѕвонам, тропам, на телефон напоредно ѕвонам, нема шанси. И го слушам дедово од внатре вика – кој е? Кој е? А он душичка беше и слеп скоро, значи нешто дваес, триес посто дали гледаше. Со едното око слеп, другото дваес, триес посто дали глеаше. И – кој е? Кој тропа? Кој тропа? И ја викам – кај е баба? И он вика… он не знае да ми одговори – што е? Шо викаш? Кој тропа? Сакате да ме ограбите! Знаеш нешто почна. Викам ќе се јавам кај ќеркава. И ѕвонам, викам – вака и вака, нешто се случува, не ми отвара мајка ти. И вика – леле, леле – знаеш ја фати паника и неа. Дојде. Клуч додека… па го забораила клучот од дома, знаеш стрес, паника. И кога отворивме шо да видиме. Она лежи мртва доле во дневна, као шо си лежела на креветот и претпоставувам пошо масата по телефонот да посегнала или по таблетот, пошо имаше… бабичкава имаше сестри по странство и си комуницираа секој ден. И да посегне изгледа по таблетот дали да побара помош или нешто, изгледа… дали срце, претпоставувам срцев удар. Доле ја најдовме падната, леле! Значи тоа ми беше онака директно прво соочување со смрт, значи онака да видам…

Илина: И тоа не на клиент, туку на жената.

Александра: Да. Шо е многу уште пооткачено. Значи ти идеш таму, го чуваш… за дедово сум јас таму…

Илина: А умира другиот.

Александра: А умира бабава. И онака ти директно… јас сето тоа го гледам, го доживувам и ептен ми беше… значи се убив од плачење.

Илина:
Сето ова доаѓа по тежок период, во кој Александра, тогаш на 27 години и со двегодишно дете, дознава дека има рак.

Александра:
Имав здравствен предизвик, еден од најтешките предизвици во мојот живот. Тоа беше 2019 година. Тогаш и ковид и ова ми беше хардкор. Значи имав… ми дијагностицираа карцином на дебело црево, значи на ректум. Имаше сѐ тогаш и прашања и дилеми у глава сешто ми се вртеше. Син ми беше мал тогаш, тоа ми беше најтешко. Две години имаше Алек. Ми се вртеше сѐ у глава. Тогаш мислам дека се соочив јас со смртта (се смее). Тогаш мислам дека се соочив. Секакви сценарија у глава ми се вртеа али најтешко ми беше за син ми пошо беше мал – леле ако ми се случи нешто, како ќе биде? Шо ќе биде? Али ете сум имала век, шо викаат старите.

Ми праат колоноскопија за три дена од дента, пошо нели треба да се прочистуваш таму, пиеш некои течности да се прочистат цревата и ми праат колоноскопија и коа се разбудив имаше да слушнам шо! Докториве сеа тоа им е работа, значи нема само одоколу, да ти напише на писмо па да ти… значи директно ти кажува – има некои промени… Пошо зашемутена се разбудив од анестезија и вика – има некои промени и тоа… Викам – какви промени? Ми вика – рак. И ми се сруши цел свет. Мислам дека не знаев кај се наоѓам прво. И така и сите као почнаа после родителиве, нели сите другарки, пријатели, шок беше за сите. Мислам како шо беше за мене, така беше и за сите. Млада бев. Дваесе и седум години имав мислам онака као… ми се чудеа докторите, викаат – што е ова – вика – ова е дијагноза за луѓе над пеесе години, не некој на некој на дваес седум години.

Илина:
Денес Александра е како што вели кенср-фри, а единствен потсетник за преживеаното е тоа што мора да носи таканаречена „стома“ – еден вид ќесичка прикачена за цревце од стомакот во која се врши нуждата. На почетокот било непријатно, затоа што можеле да се слушнат звуци, на пример на тивок час по јога. Но подоцна се навикнала.

Александра
Александра: Искрено значи ништо не ми смета. Значи вежбам, трчам, значи ништо… односи, ништо, ништо, сѐ си е као најнормално. Е сеа имаш тука ќесичка, естетски малце не е…

Илина: Може да ја видам или глупо е?

Александра: Може, не е глупо ич. Естетски не личи ама сеа тоа е. Еве ја.

Илина: Па ништо страшно не е.

Александра: Имаше добри на Али експрес ги гледам, вакви имаш „my Chanel bag“ онака (се смее). И си викам да си нарачам. И така.

Илина: Александра вели дека искуството со старите ѝ помага да билда аватар според нивните најдобри особини. Дали и како сите овие искуства и го имаат променето односот кон животот и како го замислува идеалното стареење?

Александра:
Да. Дефинитивно да. Ме менува. Значи не ме смени, туку ме менува константно затоа шо сега директно сфаќам што вистински има вредност, а тоа не се материјални работи туку пак ќе кажам – тоа се односите и моментите што ги живееме. Значи тоа е вистинска вредност. И повеќе акцент ставам на малите работи: здравје, внимание, љубов.

Илина: Ги викаме мали ама се големи.

Александра: Ги викаме мали, да. Сите ги викаме мали, а уствари тоа е најважно нешто.

Идеалното стареење го замислувам со некој до мене. Дали е семејство, пријатели, значи онака да не си сам. Пошо осаменоста е најтешката фаза од стареењето за мене. Тоа. Да си во мир со себе. Да не се каеш за каков живот си живеел и да… како да кажам… онака достоинствено да си стоиш на нозе, да не се осеќаш као товар на некој. Да се чувствувам слушнато и као… као да мојот живот има смисла онака до сам крај. Така. И ако може сѐ ова во некоја трошна куќичка на планина, така поред некое рекиче. Нели некое добро здравје, сеа идеално нема али… така. Така ја замислувам.

Илина:
Замислата на Александра не е воопшто лоша, со тоа што во нашиот случај таа би влучувала куќа крај вода – езеро или море. Секако, староста прво треба да се дочека. А потоа и мирно да се живее, без страв од она што доаѓа.

(Common People)

Илина:
Ова беше 42-рата епизода од подкастот Обични луѓе. Јас сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Транскрипција Ана Ашталковска Гајтаноска. За фотографии и целосен текст посетете ја нашата страница obicniluge.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *