Епизодата број еден е за човек, кој за едни е дрогаш, пијандура, пропалица. За други феномен, авантурист, шаман. Охридска легенда.

Шерафедин Керим Ферхат – Чекуш.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

ТРАНСКРИПТ
(за Јутјуб верзија со титл на архивските материјали тука)

„Обични луѓе“

Сезона 1, епизода 1

Охрид.

Европскиот Ерусалим со 365 цркви.

Варош, Канео, Месокастро, Крст-џамија, Видобишта, Воска, Лабино…

Езеро по кое е наречено и едно друго, на Титан, месечината на Сатурн. Само што во то’ нема грунец, мрена, дујак и мало плашиче. Ни охридска пастрмка.

(музиката продолжува)

Град во кој на женска се пушташ со: (машки глас): „Мојт упаљач, ак’ не е тајна?“.
И во кој џуџиња место седум има само две, з’ш (истиот глас) „немат љуѓе“.

(музика)

Ама љуге…имат.

Јас сум Илина Јакимовска. Добредојдовте на подкастот посветен на животни стории кои ги нема во историските хроники. На луѓе на кои никогаш нема да им се направи споменик. Подкаст за…„Обичните луѓе“.

(Инструментал од Common People на Палп)

Епизодата број еден е за човек, кој за едни е дрогаш, пијандура, пропалица. За други феномен, авантурист, шаман. Охридска легенда.

„Слушај, бејби, јас сум оригинал по име од Куран изваено Шерафедин, се пишит Шерафедин на арапски ама не мораш то. Керим исто ми е име, чунки немам презиме. Презимето тогаш ко одев Виена си го трнав. Ферхат е иначе. (А з’ш го тргна?) Го трнав, имав со Интерпол муабети таму (смеење)“

Шерафедин Керим Ферхат – Чекуш.

„Чекуш ми е…сестра ми е поголема малце од мене и појака беше од мене. Сега та ко ќе се нанервираше ми викаше мене чекан.

И то не ми годеше мене и тогаш јас земав нешто – стрела земав, тегнало земав… Борба! […]

И еден ден на лутината нејзина ме завика Чекуш.“

Кога почнал да живее во странство, и таму така го викале, оти им било полесно.

„Ако му кажев на некоја Швабица или Шваба, тој за гла се фашташе шо име му кажвам. Ко ќе му речев Шерафедин Керим и тој… Е то е – му велам – така се викаме ние.“

Животната приказна на Чекуш ја има регистрирано Ана Ашталковска, на 20 јануари, денот на рибарите, 2004-та. Тогаш Чекуш има 50 години. Седат во ресторанот „Тино“, веднаш до неговата куќа. Речит и чешит, тој со часови зборува во „чoечето“, како што го нарекува диктафонот.

А има и што да каже.

(музика, чалгијa)

Првиот спомен на Чекуш е од 4-годишна возраст, денот кога му правеле сунет. Го дотерале, го качиле на коњче и т’ка-т’к, т’ка-т’к до Чинарот. Му било страв ама ни оф, ни леле.

„А тогаш знајш како праеја сунет? Со сатар. Убо шо не го фатив камено доба – тогаш со камен. (смеење) И сега првиот ден ми дадоја све шо требит… Болката ја осеќав. Ф’станче ми облече мајка ми – е сега – рече – мојш надвор да излезиш. Излегвење прв ден надвор Шпреса – школски другар… Шпреса сега француски предават. А бе кузнајт како се заврти – се каравме со нејзе, а јас не можам со ноџинава да мрдам. Во фустанче облечен.

–           Еее – викат – ко женско си, пиче-миче нешто…

И јас му реков:

–           Мори Арапко една!

И та мавање клоцата право во куре… пуп та чалмата долу. Е тогаш првпат солзи ми дојдоја. Ела – мајка ми ми рече – ела, ела, отвори ги ноџињата, крв течит. И кладе некој крпчиња, памучиња..“

Од тој момент натаму жените стануваат лајт-мотив во животот на Чекуш.

– Жени од земјата и регионот.

„Србинки-мрбинки овде… другариве мој сиве моравме да имаме девојки. Ама моравме!

*

Београд ко ќе одев тогаш не одев со жени. Таму имав Славица една овдека од детинство шо ја запознав. Таја не ја фрлав никако.

*

Се заљубив во една убава жена тамошна шо беа нивите нејзини. (од Стојаково?) Имаше две ќерки и имаше маж. Се залуби и та во мене. Пуфче црно катран. Мало цицлесто, бумбарче. Малечко вака ама набиено, работливо девојче. И плус мераклија, напредна.“

– Жени од светот…

„Се фатив со една девојка. Далија Клајн, Еврејка. Метар шеесет висока, сто двајс осум кила тешка, фаца ама убава. Еврејка. Само шо потечено многу. Сегде цицки, цицки, цицки. Овдека цицки, овдека на ноѕеве цицки. Многу, многу цицки. А бе на ноѕеве цицки. Све вака“

*

Еднушка ојдов само да платам во Истанбул ме бендисвеше дебела, од тие скапите оригинал Турчинките

*

Оле, имав такви куклички запознаено во Плаја де Аро едно помало градче 136 километри од Барселона…“

И…други жени…

„А пробав еднушка и Шпанија ама ми испадна травестит и избегав.“

Крај на шеесетите е, а на патот на светската слава на oхриѓанецот Чекуш му стои само уште една работа.

Југословенската народна армија.

„Ко дојде време за војска, регрутација-мегрутација нешто и јас… секој праеше мајмунлуци, јадеја кромпир, јадеа… еден прстите ги скина те шо знам јас. Мене ме земет за Београд ме викет за… чунки сум од езеро детенце од овдека сум демек Пула супер, двајсчетири месеци. Супер – реков – Пула – реков – пет дена реков не му останвам. Подалеку а се трнам од градчево наше, не! Нема шанси. И реков ќе се вратам јас.“

И вистина, Чекуш не го примаат војска. Раката му е трајно повредена од пад од дрво на десетгодишна возраст. А има и уште една оправдана причина:

„Рука ме боли, му викам, рука ме боли, не могу да пуцам. Опиум ми мама дала још од малена.

Туку едно време ме опули вака, ми ја прегледа ракава, ми ги прегледа забиве, нешто ме слече тука гол. И ми го фрли то книфчулето, олкочко книвче беше то – фјиу, јас од страв не сакав да го отворам. А ми рече иди кучи. И јас сега знам то иди кучи шо значит, ама н’тре шо пишит прпа ми е да го отворам. И до Београд стигвам викам мечка страв мене појќе, так отворање: за време мира неспособан. За време рата – позадинац. И ждранг, ждранг еден чуден печат ко децана со кромпирчиња шо прает.

Ме ослободвет, идам јас дома, другар еден немат, све ојдено. Сите си ојдоја војска, јас само се вратив после три дена. Ева, немам другари! Сите од наша мала си ојдоја. Баш мојте.“

Шо ме фаќат таја среќа, јас пуштив долга коса овдека, отворив дискотека по подруми. Луличка… никој не пушеше тогаш. Jaс так лула, так цигаре, џоинт имав тогаш прв јас овдека. Трип има закачено уште помало.“

До 1972 Чекуш е раат в Охрид. Ама не го држи место, таков е човекот. Со двајца пријатели тргнуваат за Виена, кај жена од охридските села, на печалба. До Марибор веќе ги имаат потрошено сите пари. Последните четириесет шилинзи Чекуш ги троши на нешто што му е од животна важност – новиот сингл на Лед Цепелин, „Блек дог“.

Hey, hey mama said the way you move

Gon’ make you sweat, gon’ make you groove..

Виенската приказна на Чекуш сега може да почне.

(звуци на валцер)

Во следната епизода: Чекуш во Виена почнува да дила. Има една жена. Па втора. Па син. Спасува Турчин од сообраќајка кој почнува да го снабдува со роба. Работата тргнува: трипчина, хашиш, хероин. До моментот кога некој го поткажува, и паѓа затвор.

Слушајте во следната епизода од „Обични луѓе“, посветена на животот на охридската легенда Чекуш.

Јас сум Илина Јакимовска. Истражувач: Ана Ашталковска Гајтаноска. Продуцент: Бојан Угриновски. За фотографии и транскрипт од целото аудио интервју со Чекуш посетете го нашиот сајт www.obicniluge.mk. Во епизодава се користени делови од песната Common People на Палп и Black Dog на Лед Цепелин.

Подкастот „Обични луѓе“ е непрофитен проект на неколкумина ентузијасти.