Во оваа епизода зборуваме за, и со луѓе кои самите се опишуваат како „нердови“. Што подразбира овој термин, и дали има соодветен превод на македонски? Дали нерд се раѓа или се создава? Кои се предностите а кои мааните на тоа да си „бубалица“?
Специјален гостин: Ѓорче Ставрески, режисер и ветеран во решавање судоку.
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
ТРАНСКРИПТ
[аудио од серијата The Big Bang Theory]
“Ladies and gentlemen, our guest of honor, Dr. Sheldon Cooper.”
“Thanks shorty, I’ll take it from here.
All right, you people ready to have some fun?
You have a basic understanding of differential calculus and at least one year of algebraic topology?
Well, then here come the jokes.”
Љубителите на серијата Тhe Big Bang Theory го препознаваат овој глас. Шелдон Купер и неговите пријатели, кои зборуваат за мачката на Шредингер, теоријата на струни и гравитациски бранови, додека публиката се кине од смеење. Благо неприлагодени, опсесивни, но крајно симпатични, тие се сликата која популарната култура ја гради за „нердовите“ или бубалиците.
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ ќе зборуваме за, и со луѓе кои самите се опишуваат како нердови. Што подразбира овој термин, и дали има соодветен превод на македонски? Дали нерд се раѓа или се создава? Кои се предностите а кои мааните на тоа да си „бубалица“?
Останете со нас.
[Ѓорче Ставрески]
Ѓ: Па генерално беше тоа… чудното да кажам, беше љубовта кон математиката. Од… стварно од многу мала возраст бев заинтересиран, некако дедо ми почна да ми дава некои задачи. Многу брзо ја научив азбуката. Знаев да пишувам и да читам веќе на четири-пет годишна возраст, дури и латиница научив. И почна да ми дава некои задачи по математика и сфативме дека… мислам мајка ми разбра дека сум прилично добар во тоа и некако тој н’рдовски да кажам еден мој карактер почна да се вообличува во математиката.
Ова е Ѓорче Ставрески, режисер, чиј дебитантски долгометражен филм „Исцелителот“ собра еден куп меѓународни награди и ни ги освои срцата. Но кога бил мал ништо не најавувало дека ќе се занимава со оваа професија. Неговите блиски мислеле дека ќе биде математичар. А она што тој го сфатил, иако тогаш не се викало така, е дека е – н’рд.
(продолжува)
И почнав да се такмичам во петто одделение, освоив доста награди, имам и 13-ноемвриска награда за достигнувања во математиката и во физиката и така… на таков некаков начин едноставно сфатив дека сум еве да кажеме во денешна смисла, дека сум н’рд. Да, тогаш веројатно поинаку се викаа децата, бев бубалица на пример. Бев скрос одличен, немам ниедна четворка во животов никогаш добиено. Мислам онака во книшка или пак во свидителство, сите ми се петки. И да, веројатно е… добар термин веројатно е бубалица. Меѓутоа тоа беше онака… бев бледо едно детенце кое што беше опседнато со тие некои… си ги имав тие логички опсесии меѓутоа во прва мера тоа беше математика.
Следејќи го својот талент, Ѓорче се запишува во „Корчагин“, гимназија која во тоа време се сметаше за јака во математика. Но нешто ја насочило приказната на друга страна.
Ѓ: …можеби најдобриот професор во „Корчагин“ во тој момент беше професорот Сидо, Сидовски Стефан по филозофија и он некако нè… буквално ни го зема паметот, што се вика, нè направи многу помалку математичари, а многу повеќе сè друго. Почна да ми шета мене паметот по многу други работи, едноставно со него и со размислувањата не знам, за животов, за филозофијата, за… Почнав да сакам да пишувам, некако многу интересно… читав многу. Така што ми го зема фокусот така да кажам, од математика.
Приказната на Ѓорче покажува колку за еден нерд се важни поддршката и околностите. Талентот за една работа може да се пренасочи кон интерес за друга. А ентузијазмот, во отсуство на добар ментор, може и целосно да згасне.
Ѓ: Дефинитивно мора да има менторство во малтене било која област со која што човек се бави. И можам да кажaм дека на пример јас со тоа што се запишав на Драмски после некои си две години студирање на Електро, бев на компјутерска технологија и бев многу добар, мислам стварно, десеткаш сум онака, сè беше некако совршено, меѓутоа едноставно пукнав. Не можев да се бавам веќе со тоа што се бавев затоа што немав јасна насока, немав некој да ме води едноставно, да ми покаже зошто токму тоа треба да го правам. Ми го снема идеализмот некако, ми исчезна под нозе, што се вика.
И затоа се запишав на драмски, сакав да видам… сакав да… едноставно ме интересираше и тој дел од човечката култура. И таму на пример… таму го запознав мојот професор по „Историја и теорија на филм“ којшто суштински ми стана некаков ментор, професорот Владимир Блажевски кој цело време низ годиниве ме враќаше назад едноставно, ми викаше – Ѓорче фокусирај се, многу ти бега паметот, едноставно мораш да дадеш сè од себе и да профункционираш како режисер. Затоа што имам таков еден немирен дух, а особено што одлучив да се бавам со работа која што не е типична да кажам, н’рдовска.
Мада има во режијата, има многу… едноставно во правењето на филм има толку многу компликации, таков еден чуден и да речам еден… Има големи предизвици за еден човек кој што на пример се бавел со некаква интелектуална работа како математиката, половина од неговиот живот. Значи некако како да се пренесе тој еден интелектуален предизвик и во начинот на кој размислувам и за филм. Дали е за конструирање на приказни, значи дали станува збор за конструирање на приказни или формирање на таа некоја реалност која што понатаму ќе послужи… парчињата од таа реалност ќе послужат за правење на филмот, а да не зборуваме колку самата монтажа е прилично н’рдовска работа.
Една од дефинициите на нердовството е дека тоа е комбинацијата на интелигенција, опсесивност и социјална неприлагоденост. Од нив за Ѓорче најбитна е опсесивноста. А историски најголемите нердови се токму во редовите на математичарите.
Ѓ: Без опсесивност едноставно мислам дека нема да постои… не би постоел човек кој што ние го нарекуваме н’рд во таа смисла. Значи едноставно, без разлика на интелигенцијата или на некоја работа каква што те интересира или фокусот кој што едноставно те опседнува во тој даден момент, доколку го нема тој момент на опсесија стварно мислам дека самата дефиниција би се распаднала. Така да дефинитивно мислам дека добро ги опиша карактеристиките н’рдовски.
Ѓ: Јас дефинитивно мислам дека ова е вградено во нашава природа од памтивек, откога, што се вика, откога почнале да се оформуваат првите елементи на тоа ние што го викаме сега човек. Јас сум прилично социјално ангажиран и некако ме боли таа цела сиромаштија која што ја гледам околу себе така што дефинитивно би можел онака, што се вика, би можел да зборувам со саати околу таа цела неправда која што луѓето кои што немале можност да се бават со некоја работа едноставно се оштетени нели од системот и од таа… едноставно неможноста или немање никакви… никаков… немање можности практички да се бават со вакви интелектуални работи. Мислам можеме само да замислиме низ историјава колку Давинчија или Микеланџела имало. Значи луѓе кои што едноставно немале можност да се бават со нешто… нешто што би било соодветно на нивниот мозок па едноставно тој нивни талент исчезнал и морал да се прилагоди. Морале да се прилагодат во некои… да работат нешто што е далеку од нивните… мислам не далеку… далеку под нивните способности. Стварно мислам, господ знае колку луѓе биле далеку поспособни од тие луѓе што на нас ни се идоли низ историјава.
Така да стварно мислам дека нема… Знаеш ако му дадеш ти на некое… на пример токму заради тоа си ги сакам моиве математичари. Математичарите се според мене типични н’рдови и низ историјава многу често инспирирани на пример од… Па дури и на почетокот еве ако збориме за грчките математичари они биле прави н’рдови. Они стварно се интересирале и биле… стварно биле… прво биле социјално стварно биле неприлагодени. Биле опсесивни. Се интересирале за некакви феномени кои другите луѓе не ги интересирале. Питагора на пример имал дури… во денешна смисла имал некаков култ или секта, ги прибирал талентираните математичари околу него, мислам во тој момент тоа било малтене све под капата на филозофија, меѓутоа сакам да кажам математиката е така една дејност која што е прилично н’рдовска. И била… и самата математика била резервирана и тогаш и во… да кажам и овие последниве четири века на големиов бум на наукава и технологијава, математиката била резервирана секогаш за побогатиот слој. За луѓе кои што како што кажа ти, имале време повеќе да се бават со некои… не само што имале време, него имале и можности, нели тоа е првенствено, со такви интелектуални работи.
На пример, интересен е примерот на Ферма, францускиот легендарен математичар кој што бил судија и во тоа време судиите едноставно… значи самиот француски систем им забранувал да имаат многу пријатели и да се дружат со многу луѓе заради тоа… заради потенцијалниот конфликт на интереси кој што можеби би го имале во некое дадено гратче на пример.
Една од опсесиите на логичарот во Ѓорче е решавањето судоку. Ама не обично решавање, туку упорно, долготрајно и брзо. За оние кои никогаш не пробале да го решаваат…
Ѓ: Судокуто е прекрасна една игра, сега не знам колку се… веројатно тие луѓе кои што го решаваат си го знаат и многу се едноставни во суштина правилата. Тоа е една табела од девет на девет полиња која што е внатре поделена на останати девет помали региони со по три на три полиња и правилата се у суштина многу едноставни. Се редат во тие осумдесет и едно поле има вкупно, значи треба да се наредат во секој ред, во секоја колона и во секој помал регион од три на три полиња, треба да се наредат цифрите од еден до девет и да не се повторат ниту во редот, ниту во колоната, ниту во тој регион од три на три полиња. Тоа е оригиналното судоку.
Инаку во суштина нема многу врска со математика, значи може и бројките… мислам дека бројките се тие кои што даваат некаква илузија дека се работи за некаков математички проблем, повеќе е логичка игра. Значи може истите бројки да се заменат со девет букви еве да речеме и ќе го имаме буквално истиот проблем како да не се повторат истите букви во колона, во ред или во регион од три на три полиња. Меѓутоа како логичка игра е неверојатна мислам, како тие… како тој еден принцип на неповторување и многу едноставни три правила предизвикуваат толку голем број на варијации и начини на кои што може да се реши, да е тоа нешто неверојатно. Мислам стварно толку е длабока и убава играта и јас многу случајно некако се навлеков да речам, се заљубив во целата игра.
Здравствените проблеми од тој период, но и опсесивната нарав, довеле до тоа Ѓорче да почне да си поставува, и да си ги руши сопствените рекорди. Решавал судоку неколку часа на ден, а ќефот од добро пополнетото судоку вели дека тешко се опишува.
Видов светски шампион во тоа време се вика човекот Томас Снајдер, математичар… хемичар е инаку, од Америка, Американец и видов како решава едно судоку за помалку од минута и… А јас имав во тој момент некои проблеми со стомакот и така се мачев со некои глупости и чисто за да си земам… за да си го одвлечкам паметот од проблемите што ги имав, почнав да решавам. Викам, дај да видам јас за колку можам да решам едно судоку и првото судоку шо го решив беше за некои десетина минути. И ми беше апсолутно нејасно дали е… мислам, како е можно некој да реши едно судоку под минута. И си зададов задача, сакав да видам дали можам, да речеме, доколку посветам некои си саат – два дневно дали можам да дојдам до таа цифра, да решам некое судоку испод минута. И така тргна сè. Мислам решавав некои си… некои си четири – пет месеци опсесивно решавав… претходно реков дека опсесивноста е дел од некој н’рдовски карактер и за некои си шес месеци веќе бев спуштен испод минута. Мислам дека првиот пробив беше за некои си четири месеци или пет да речеме, не знам, меѓутоа знам дека сајтот не регистрира на веб судоку, на страната едноставно сајтот регистрира резултати од една минута нагоре. Ја уствари тогаш не го знаев тоа, јас мислев дека ко ќе решам на пример за 54 секунди некое судоку мислев дека ќе ми пише – честитки, го решивте судокуто за 54 секунди, меѓутоа ми се јави… ми излезе некој проблем, ми пишаа – се јави некој проблем со вашиот резултат. Си викам… а отприлика знам дека бев негде блиску околу минута и не ми беше јасно, мислам прво ми го зема успехот едноставно на еден начин, не можев да проверам дали сум го решил испод минута, требаше уште еднаш да го решам испод минута за да проверам. Тоа се случи после неколку дена и сфатив дека сајтот не мери резултати под минута.
Многу бев радосен. Мислам стварно онака, не можам… Затоа што ете прозборевме нешто околу тој ќејф на таа репетиција и што точно и какво задоволство носи таа репетитивност и тој некој логички ќејф, ама ја не можам да му објаснам на човек, мислам веројатно среќата се мери во… да речеме во среќата што ја имав кога завршив со снимање на мојот целовечерен игран филм на пример, со „Исцелител“. До толку бев среќен, мислам стварно, не ми се веруваше дека го решив судокуто испод минута. Мислам сега често одам испод минута, мислам решавам… можам да решам судоку испод минута, сум решил судоку за 39 секунди, за 36 на пример имам… едното мислам дека го снимив тоа за 39 секунди. Така да, во некоја смисла, тоа е неверојатен ќејф, мислам стварно е зачудувачки колкав… колку ме… ме… ми е… колкаво задоволство ми носи.
Овој натпревар на Ѓорче бил пред се со самиот себеси затоа што во Македонија не постои национална федерација преку која тој би можел да се натпреварува на светско ниво.
Ѓ: Постојат национални федерации најчесто околу кои што се обединуваат најголемите таленти во една земја и се такмичат на национално ниво, се такмичат, значи има светски шампионати. Ние кај нас немаме, барем тогаш јас кога бев најзаинтересиран немаше никаква судоку асоцијација, мислам дека нема ни сега и токму поради тоа порано мораше да бидеш ти практички дел од некоја национална федерација за да се такмичиш. Можеби сега се сменети правилата, не знам, не сум се заинтересирал последниве неколку години и баш ми е криво, мислам како со сè во земјава нели, едноставно немаме некаква култура, не гаиме некоја култура за да можат не знам младите таленти да се натпреваруваат и да имаат некаков успех затоа што дефинитивно мислам јас сум сигурен дека има голем број деца кои што би можеле нивните да кажам нердовски квалитети да ги истурат врз таа прекрасна игра која што едноставно јас ја обожавам. Така да, да, дефинитивно, мислам стварно мислам дека доколку имаше национална федерација дефинитивно ќе сакав да се такмичам.
Во краток филм посветен на Тецуја Мијамото, изумителот на Кен-Кен, вид аритметичко судоку, тој вели дека може веднаш да познае дали таблицата е генерирана од човек или од машина. За првите вели дека се едноставно – убави.
Ѓ: Па има… јас се слагам со него, мислам судокуата кои што се направени од човек се далеку поинтересни. Имаат некој… значи не е… често не е прашање на тоа колку се тешки. Имаат некој детал кој што е често многу оригинален и треба некаков логички скок. Можеби нешто што не си го направил претходно, наликува на некоја техника што ја знаеш меѓутоа правиш некаков логички скок кој што далеку повеќе те задоволува отколку судокуата генерирани од машини кои што на некаков предвидлив начин да кажам, со многу слични методи човек може да ги реши. Значи тоа е убавината на тие судокуа кои што се стварно направени од луѓе. Еден од најпознатите сајтови, сега додуше не функционира, имаат апликација имаат за ајфон е јапонската организација која што се вика „Николи“. „Николи“ имаат прекрасни судокуа кои што се генерирани од луѓе, од нивни специјалисти и со големо задоволство ги решавам, така што… Меѓутоа на пример имаат… најдобриот веројатно алгоритам кој што го имаат… значи тоа се судокуа генерирани од машини меѓутоа стварно се добри, се на Њујорк тајмс судокуата. Имаат… дневно имаат по три судокуа, имаат лесно, средно и тешко ниво и стварно се добри. Многу се интересни, скоро да наликуваат на судокуа направени од луѓе. Значи имаат специфика која што е стварно да речам, естетска во некоја смисла. Мислам се гледа дека некој… дека имаат некој сериозен напор направиле мислам за да го направат алгоритмот интересен.
Дали сепак светот на логиката и математиката се толку далеку од оној на драматургијата и режирањето? Дали можеби она што им е заедничко е токму естетскиот момент? Ѓорче зборува и за врската помеѓу судокуто и неговото најново сценарио кое е во изработка.
Ѓ: Тоа задоволство кога ќе се спојат сите елементи во едно уметничко дело еве да зборувам за филмот, кога во еден момент ти ќе ја видиш… веројатно затоа од сите уметности највеќе си го сакам тој… си го сакам филмот. Затоа што во еден момент стварно делува како загатка филмот. Од сите тие елементи кои што ги има во еден филм, кога ќе се спои целото тоа, човек добива едно естетско задоволство како кога решава едно судоку. И токму поради тоа тие мои логички опсесии некако рефлектираат и ми даваат некои… едноставно можеби повеќе метафорички меѓутоа ме потсеќаат некои работи од тие мои логички опсесии, ме потсеќаат на филмот и обратно, како да гледам некоја драматургија во решавањето на судоку.
На пример, тоа што ти го спомнав тој X, Y ланец е техника една напредна техника на решавање во судоку во која што има… има ќелии, значи има полиња кои што имаат само две вредности, значи може да имаат само две вредности и тие се поврзани како некаков ланец. На пример да замислиме дека една ќелија има опција да биде само два или три, а друга ќелија може да биде три или пет и трета ќелија може да биде на пример пет или седум. Само по… ако се гледаат меѓу себе, значи ако имаат некаков визуелен… едноставно ако се во ист… едната ако е… првата ако е во ист ред со втората, втората ако е во иста колона со третата, по само така едно логичко дедуктивно расудување, значи размислување, ако ние одлучиме дека… ако замислиме дека едната е на пример… доколку еве првата ќелија е тројка, значи ако не е двојка, доколку е тројка, тогаш втората ќелија која што може да биде три или пет, веќе не може да биде тројка затоа што првата е тројка. Значи таа втората ќелија мора да биде пет. А таа третата ќелија која што е врзана со нив две, преку втората ќелија во некоја колона на пример, која што може да биде пет или седум, таа веќе не може да биде пет, затоа што втората е пет и таа мора да биде седум. Така да имаме еден ланец практички, значи возможен ланец. Значи со други зборови ние кажуваме дека доколку ќелијата… првата ќелија доколку е три, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека таа третата ќелија е седум. Значи не би можела нели да биде пет, значи она мора да е седум. А тој ланец некогаш завршува назад на првата ќелија. Значи некогаш може да заврши назад на првата ќелија и буквално да докаже дека доколку првата ќелија е три, таа не може да биде три. Значи доколку почне човек со некоја тројка на почеток, тој ланец може повторно да нè донесе до таа прва ќелија и да ни покаже дека таа не би можела никако да биде три. Затоа што на крај ќе заврши со некоја што… едноставно ќе заврши со некоја цифра на крај која што ќе биде исто тројка… Значи доколку почне човек со три, едноставно ќе заврши со три и тоа не е возможно. Значи само сакам да кажам дека тој ланец едноставно на… тој ние што го викаме во судокуто тој X, Y ланец мене многу ме потсеќаше на некои елементи од… едноставно начинот на кој што јас го почнав сценариото на кое што работам ме потсеќаше на некои одлуки кои што главниот јунак ги влечеше.
Значи он едноставно има една одлука на почетокот за која што е убеден дека треба да ја направи. Значи тоа е некаква одлука да кажеме која што е со бројче три и некој му вика… Или да речеме, неговата одлука е со број два, меѓутоа некој му вика – слушај… еве Ѓорче. – Слушај Ѓорче, зошто не пробаш, затоа што можеш да имаш и друга одлука овдека во овој момент, зошто да не пробаш ти еве со одлука со број три, на пример. Твојата одлука е, ова е нели хипотетички кажано, што не пробаш ти со број три, да видиш што ќе се случи. И он иде на еден пат. Он вика – добро, океј. Нема да идам со одлуката број два, ќе одам со одлуката број три. Значи ќе го напраам… ќе напраам нешто сосема друго. И оди со одлуката број три и животот него го носи на низа од настани и на крај он повторно доаѓа до заклучокот дека три не е возможна опција. Значи се враќа назад на својата стара одлука дека повторно треба да биде два. Значи сакам само да ти објаснам дека во мојава глава тоа некако многу… многу ми е… мислам едноставно веројатно и едната и другата работа сум ги правел дугачко време и ми се некакви опсесии кои буквално како да се споија. Мислам се спојуваат такви некои рефлексии од едната дејност во другата.
Ќефот од решавањето крстозбор, анаграми, осмосмерки, исто како и на решавањето математички задачи има уште една, би ја нарекле, филозофска димензија.
Ѓ: Доказот е засекогаш. И мене тој… таа формална една цврстина на математиката и на… еве и на судокуто на пример, мене ме фасцинира. Значи ти коа ќе… човек кога ќе го реши тоа судоку, тоа е стварно засекогаш. Мислам има една… ја има таа цврстина, значи едноставно не нагаѓаш ти дали е овдека таа или таа цифра. Ти си апсолутно сигурен дека тоа е решение на тој проблем. И токму тоа е апсолутно спротивно на животот. Знаеш, животот е сè, само не е тоа. Скоро никогаш ништо не е апсолутно точно и апсолутно прецизно. И можеби тука е… тука лежи таа моја опсесија и тој мој ќејф што го имам на логика и на логички игри. Како да ме потсетува дека сум буквално направен од тие две различни, комплетно различни работи. Од комплетен ред и од комплетен хаос.
Таа потреба од создавање ред Ѓорче сега ја исполнува со ново хоби – решавање Рубикова коцка.
Ѓ: Почнав пред месец и пол, значи ми стигна коцката и нормално како што сум eден таков непоправлив н’рд почнав да се прашувам која е таа брзина кај останатите која што е… која што е… вака во некоја смисла која што е импресивна. Значи глеав некои луѓе, видов дека можат да решат коцка испод пет секунди што беше стварно импресивно. И така тргна целата работа. Буквално сакав првин да се запознаам, меѓутоа кај мене тоа не иде така, ете како со судокуто, викам – добро, дали можам… Значи првата работа ми беше си викам – дали можам да се спуштам испод две минути. Прилично брзо се спуштив испод две, па после беше испод минута, па се спуштив за едно месец дена значи се спуштив под минута. И сеа овие последниве две недели, значи еве денеска изиграв… го поправив рекордот, изиграв едно судо… една коцка изиграв за 35 секунди, а целиот просек ми падна на 52 секунди. Значи повторно влагам во некоја компетитивност, особено со самиот себе, сакам да видам до кај ми е тој мој лимит, дали може човек побрзо од тој свој лимит да изигра, колку е… Затоа што често пати луѓево и тоа исто е една прилично н’рдовска карактеристика. Мислам дека често пати луѓето… значи н’рдовите како да веруваат дека тој навидум некој нивни лимит кој што би требало хипотетички да е на една граница, н’рдовите мислат дека… секогаш веруваат дека може уште подобро, (се смее) дека може уште пониско или уште повисоко да биде тој… тој резултат да биде. Мислам стварно тоа е нешто неверојатно колку таа компетитивност особено со самите себе е битна и потребна во таа опсесивност.
Дефинитивно ми е задоволство особено кога сум под некоја… некој голем стрес или ме опседнува некоја голема анксиозност, знае да ми помогне, знае да… знае да ми делува исцелително решавање на пример на Рубикова или ете судоку, така што тоа е само едноставно прашање… јас си го засакав… мислам си го засакав, почнав да си го почитувам тој мој карактер. Мајка ми беше многу уплашена низ мојот живот за сите тие мои опсесии. Еве и сега кога бев да ја видам конечно, затоа што она не е тука, во Охрид е. Кога отидов да ја видам после месеци, значи стварно ја немав видено дугачко време и отидов да ја видам и дојдов со Рубиковата горе (се смешка). И се мачев да се симнам под таа минута што ја зборам и толку многу се нервираше, едноставно онака после некое време, значи после некој пола саат решавање – ама добро, не можам да те разберам – ми вика – сине, зашто, зашто, што е потребата онака упорно и упорно да… За неа… она го глеа тоа како некоја потполно непотребна репетиција. Значи не може да ја разбере, не може… стварно не може, искрено не може да го разбере тој ќејф на репетитивност и на подобрување на резултатот. Добро… И сега кога стигнав конечно, баш бев таму, онака точно за мојот роденден стигнав на испод минута ја решив под минута, горе кај неа и ми вика – добро ова значи… дали значи дека ќе прекине сега опсесијава и дека ти ќе прекинеш да играш? Викам – не. (се смее) Сега имаме нов резултат. Така да во некоја смисла мислам стварно гледа човек дека некогаш некои луѓе го разбираат, некои луѓе не го разбираат воопшто, ама е симпатично мислам. И јас не сум стварно… не да не сум надмен, него едноставно мислам дека толку луѓе имаат многу различни квалитети, различни особини и некои работи ги добиваш во животот на еден начин, некои на друг…
Додека разговаравме на Зум во позадина беа видливи 24-те коцки на син ми, Иван. Повод за онлајн запознавање и испратена коцка на подарок следниот ден. Нердовството како поле за културен натпревар помеѓу сличните. Можеби и почеток на едно убаво пријателство.
Ѓ: Супер, супер. А ги знаеш, сите ги знаеш овие… ги знаеш од пеесет и седумте алгоритми ги знаеш на OLL?
И: Не. Уште ги учам.
Ѓ: Ги учиш, а?
И: Знам едно дваесет и пет ајде да речеме, ама половинка не знам.
Ѓ: Добро, добро. Не и ја не ги знам, ја знам она како се вика 4 look, OLL и PLL шо се, знаеш.
И: Аха, аха.
Ѓ: На двапати… на двапати да ги видиш, до таму сум дојден (се смее).
И: Аха, аха.
Ѓ: Добро Иван, баш ми е драго ете што те запознавам. Супер.
(Иван врти коцка)
Ѓ: Ааааа, многу си брз! Секоја чест! Секоја чест! Ѕвер! Браво! Јас сега се спуштам под минута. На пеесет и… 52 секунди ми е просек сега. После…
И: Со вежбање.
И.Ј: (се смее).
Ѓ: Да па јебига, да, да.
И.Ј: (се смее) Како ти се сити, бе еј.
И: А шо да му речам?
Ѓ: Да. Да, да. Не, па така е, така е. Нема друго. Стварно нема друго чаре.
(Фолтин, „Пипер в уста“ од филмот „Исцелителот“)
Под претпоставка дека научниците се расадник на нердови, искористивме уште една С(ц)иеста, онлајн средба на македонски научници раштркани низ светот, која ни послужи и за снимање на епизодата за афантазија за да ги слушнеме личните искуства на некои од учесниците. А тие имаа и што да кажат. Прв е Никола:
Никола Стиков: Читав наопачки. Значи едновреме многу читав наопачки. Зборував наопачки, значи не ми требаше да читам, туку можев да ги превртувам зборовите во глава. Значи тоа се некои вежби што си ги правиш самиот со себе или во недостаток на друштво или во непотреба на друштво, оти можеш да ги правиш самиот со себе. Има нешто солипсистичко тука.
Необичната приказна на Тања, која денес работи на полето на интернет безбедноста и приватноста, зборува за јазот помеѓу потребата да припаѓаш на одредено друштво и средина, и исто толку големата потреба од практикување на сопственото н’рдовство. Во нејзиниот случај низ вежбање телеграфија и Морзеова азбука, кои ја довеле до прво место во светот и четирикратно рушење на сопствениот рекорд. Била толку брза во примање, дешифрирање и предавање на пораките, што ја завикале – Модем.
Тања: Јас на пример би се нарекла н’рд. Меѓутоа тука сакам да додадам дека многу е битно во каква средина живееш, зошто јас растев во малограѓанска… мислам малограѓанска… Во село практично. Јас сум од Берово кај што ти не можеш, на пример и Илија и Ѓорче спомнаа дека можеле да изберат друштво со кое што се дружеле кај што биле прифатени. Меѓутоа во мала средина, тоа е друштвото. Имаш само еден круг на луѓе кои што или ти пашат за сите контексти или никаде не можеш со нив да се погодиш. И или ќе чекаш додека идеш на факултет или ќе се потрудиш да живееш со нив. И ако си н’рд, не можеш да ги смогнеш силите, значи не иде, не можеш да смогнеш никако сили да заживееш во таа средина ако социјално се осеќаш неприфатен, така што тоа е многу зависно од средината тука. Не е само диктирано од она што си го наследил, и заради тоа јас почнав телеграфија и Морзеова азбука да учам (се смее), што е еден знак на моето н’рдовство. Почнав да се такмичам набрзо со себе со тоа колку брзо можам да примам Морзеови знаци и Ѓорче знае, му имам кажано дека набргу, после една година станав светски шампион, па четири пати си го рушев светскиот рекорд и веќе немав што да правам во Берово (се смее). И за среќа, дојде време да идам на факултет. Така што тоа е мојот знак за н’рдовство, би рекла.
Кирил пак, кој е истражувач на полето на вештачката интелигенција, своето нердовство го практикува низ реално или замислено играње шах.
Кирил Гаштеовски: Ја играм шах секој ден, со години. Уште. Секој ден. Така ми почнува денот. Седнувам и играм шах. Послем седнувам да работам, да читам, шо треба да е, ама првото нешто после појадок е шах. Тоа е еден пример, на пример, за проблем шо нема никаква практична примена во животот, а сум се опседнувал да студирам потези, да студирам отварања, средна игра, затварања, како други мајстори играле, па кој што направил, па каква им е замислата… Значи тоа е еден цел универзум. Мислам ако седнете да го учите шахот во слободно време и цел живот да го учите секогаш ќе имате нешто ново. Значи стварно си е свој универзум сам по себе, но е тотално бескорисен. Ништо не можете да прајте со него.
Илија пак, кој е физичар, загатнува едно значајно прашање – зошто нердовите често се дијагностицирани како лица со некакво нарушување од аутистичниот спектар, и зошто нивната опседнатост не се толкува како упорност или трудољубивост туку како проблем?
Илија Дуковски: Затоа што и во заедницата на луѓе кои се во врска со… кои имаат врска со тој Аспергер синдром, се верува дека беше тргнат тој… таа дијагноза беше тргната затоа што почна да се формира на некој начин општество. Почна да се формира тој… самата таа дијагноза почна да станува некаков badge of honor. И се верува дека не сакаа стручњаците кои се занимаваат со тоа да постои такво нешто. Што е… што е интересно дека постои цел еден шифт на односот барем тука во Америка, а верувам дека во цел свет, пошироко во односот на општеството кон сите тие карактеристики кои дефинираат н’рд или гик и баш Big Bang Theory, постои цела серија која е со огромна гледаност каде што четирите лика се фактички четири карактеристики, значи некакви идеализирани карактеристики на н’рдови. Секој н’рд мислам дека е комбинација на тие четири лика. Стана толку популарна и толку прифатена што е мислам интересно, барем мене ми е.
Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ се обидовме да го истражиме терминот „н’рд“, врз основа на лични искуства на неколкумина соговорници. Лично, не ме бива за решавање судоку, за играње шах или за читање наназад. Им ги препуштам нердовските работи на оние кои се подобри во нив. Но едно можам да посведочам – да ги имаш дома и околу себе не само што е поучно, туку е и ептен забавно.
[аудио од The Big Bang Theory]
– Why did the chicken cross the Möbius strip?
To get to the same side. Bazinga!
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Транскрипција на аудио материјалите Ана Ашталковска Гајтаноска. За целосен транскрипт и фотографии посетете го нашиот сајт obicniluge.mk.
(продолжува музиката)
Odlichno, Ilina! Se iznauzzivav. Do sledniot pat, ostani so zdravje!
Фала Јасмина, ми значи!