Во оваа епизода зборуваме за набљудувањето птици, или птичарењето, хоби или дел од професијата на нашите соговорници. За нејзино следење ви се потребни само двоглед, тефтерче и нешто за јадење.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

С2Е4
ТРАНСКРИПТ

(музика)
Грозда Стојановска – „Билбил пее во планина“ (народна)

Орел змијар, белонокта ветрушка, црнокрила блатна ластовица, славејче и грлица. Им завидуваме на супер-моќта да летаат, сакаме да ги слушаме кога гугаат, пеат и црцорат. Знаеме додуша и да им ги рушиме гнездата, да ги заловуваме или на друг начин да се замешаме во нивните инаку спокојни животи.

Птиците се моќен симбол во човечката култура. Но сепак најубави се во живо, кога само ги гледаш, без да знаат дека си тука.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода ќе зборуваме за набљудувањето птици, или птичарењето, хоби или дел од професијата на нашите соговорници. За нејзино следење ви се потребни само двоглед, тефтерче и нешто за јадење. Ама гледајте да има за сите. И за луѓето, и за птиците.

[Илија Дуковски]
Со интересирање кон животните и природата воопшто започнав многу рано. Беше некаде можеби 5-6 години кога си игравме во дворот во Цетинска Кула во Тетово каде што живеевме една мала заедница на главно луѓе бегалци од граѓанската војна во Грција. Имаше едно другарче Танас кој… со кого така собиравме бубачки по дворот и од тука почна некако интересирање за природата.

Ова е гласот на Илија, физичар, кој живее во Бостон, далечната Америка. Таму, како птица преселница свил гнездо пред повеќе од 20 години. Но животните и посебно птиците ги засакал најпрвин во родната Македонија.

[Илија]

А за птиците конкретно влијателна најповеќе беше една книга на Алфред Брем. Тоа е некаков класик од 19 век за животот на животните и имаше онака интересни илустрации во стилот на 19 век. Нарочито една птица зимовка со многу интересна боја и не знам зошто, што ме привлече толку кон таа илустрација. И онака, мечтаев да ја видам таа птица и ми се случи. Значи некаде почетокот на осумдесеттите значи имав едно можеби 11-12 години кога ја видов случајно во парк птицата, зимско време беше во Тетово и онака останав зинат. Значи тоа е кога… можеш да замислиш кога некој мечтае за нешто што мисли дека е недостапно и одеднаш онака случајно го наоѓаш тоа. И од тогаш почнав да се интересирам. Можеби можам да видам уште птици од таа книга. Некаква цел ми беше да го видам брадестиот орел кој е исто така импозантна слика, беше претставена во книгата, кој сè уште го немам видено. Брадестиот орел живеел пред, не знам, дваесетина години во Македонија. Мислам дека веќе го нема во Македонија. Мислам дека е исчезнат. Ама се надевам еден ден ќе го видам некаде. Дали во Шпанија или во Азија (се смее).

Таа книга и тоа искуство го поттикнало да продолжи да птичари и во тинејџерските години и на студиите во Белград. Но кога слетал во Америка му се отворил еден цел нов птичји свет.

[Илија]

Во првите денови, значи штом стигнав во Америка целта беше не само да се ужива во природата или да се набљудуваат птиците туку и да се видат што е можно повеќе видови, нови видови. Сега веќе овај… мислам дека ги имам видено скоро сите видови кои се чести тука во Масачусетс, во областа во која живеам, во државата во која живеам, така да тоа веќе не е случај. Постојат луѓе кои тоа им е целта, значи постојат луѓе кои на некој начин… тоа им е еден вид на такмичење, еден вид натпревар, кој ќе види повеќе видови на пример во текот на една година, во текот на еден месец, кој ќе види повеќе видови на едно место, кој ќе види на некоја локација. Или кој ќе види повеќе видови и ќе привлече повеќе видови во својот двор. И знае да биде целата работа, знае да биде и доста компетитивна.

Аматерските познавања за птиците успеал да ги прошири со финта – да се приклучи на јато орнитолози на својот универзитет и да следи таков предмет.

[Илија]
Да, кога бев на Јума во Амхерст тука во Америка, студирав постдипломски студии по физика меѓутоа се приклучив на еден курс кај професор по орнитологија и тој ми дозволи да се шлепам со нив. И тоа беше скоро онака како… ми ги отвори навистина очите за тоа како… како се врши добра идентификација и како се наоѓаат местата каде што може да се набљудуваат птиците. Бевме на една екскурзија како филд трип на Плам Ајленд, тоа е мeсто тука во Масачусетс кое е резерват специјално посветен само на птиците и навистина тоа беше едно неверојатно искуство кога се запознав со таканаречените свиркачи. Тоа се мали птички кои живеат по блатата и по плажите. И тогаш почнав да ги идентификувам. Затоа што се многу слични и нивната идентификација е исклучително тешка. И тогаш разбрав дека постои систем и постои начин како полесно да се идентификуваат сите видови и навистина ми се отвори нов свет на некој начин за целата работа.

Сепак, за него најинтересните локации за птичарење се тропските, поради големиот обем на птици и најразличните видови, кои не можат да се сретнат на други места.

[Илија]
Најинтересните места каде што сум бил се тропските. Мислам тропските предели се неверојатни затоа што таму биолошкиот диверзитет е огромен. Значи ако вие не знам, во Масачусетс или во било кој дел на Северна Америка годишно можеби ќе видите стотина, можеби две стотини птици, таму во третиот ден веќе имате сто или две стотини. Мислам луѓе одат во Костарика со добар водич и после една недела можат да видат по четири стотини, пет стотини видови. Тоа се вкупниот број на сите видови птици во Европа на пример. Значи тоа е неверојатна работа. Тоа како што велат Американците во тропските предели птичарите се чувствуваат како kid in a candy store. И таа една екскурзија што ја направив во Костарика ми значеше навистина многу. Беше неверојатна… неверојатна… неверојатно искуство. Претходно бев во Мексико, исто во Мексико беше многу интересно, во Јукатан каде што најголем број на птици се ендемични за Јукатан, значи ги има само таму и никаде во светот. И на Карибите мислам исто така е јако добро да се… И Јамајка на пример, навистина многу ми се допадна трипот таму. Од птиците кои нај… кои се најинтересни што сум ги видел… Па некои од птиците кои се најинтересни сум ги видел всушност тука некаде каде што живеам. Така галебот на слонова коска или  ivory gull е една птица која живее на крајниот север на Антарктикот… на Арктикот, се извинувам, која една година се појави тука во Масачусетс и имаше огромни групи на птичари кои доаѓаа од далеку да ја видат таа птица. Исто така северната јастреб, сова ми беше една птица која сум ја видел исто така од далекиот север, која е необична. Други, од тропските птици во Доминиканска Република на пример тоди, тоа е мала… мало птиче, во Костарика имам мислам… сум видел на пример трокресна ѕвонарка (Three-Wattled Bell Bird, Procnias tricarunculatus) која е навистина фантастична птица заради начинот на кој пее. Значи нејзината песна е нешто необично, звучи буквално како некакво… звук на ѕвонче кој е направен од некаков синтисајзер, буквално така звучи.

[ЗВУК ОД ПТИЦАТА]

Мотмот во Мексико, тоа е птица која ја ниша опашката како не знам некаков саат, навистина е интересна. Калифорнискиот кондор во Гранд Кањон во Колорадо е навистина импозантна, навистина интересна птица која е фасцинантна. Меѓутоа и во Македонија сум видел. На пример карполазач, птица која живее во… на големи висини, значи во планините, една зима ја имам видено на поштата во Тетово. И тоа беше навистина изненадување (се смее).

Пред правењето на оваа епизода ми беше препорачана американска комедија The Big Year, во која ревносни птичари се натпреваруваат кој ќе види повеќе птици во текот на една година. Го прашав Илија дали сето тоа навистина изгледа така, возрасни луѓе да си ги напуштаат работните места и да си го жртвуваат семејството за да гледаат некакво пиле.

[Илија]
Стварно така изгледа. Добро тоа е комедија една направена на комичен начин… на претеран начин. Меѓутоа системот е тој, значи системот е правилно претставен во филмот. Значи постои e-bird онлајн портал на кој луѓето објавуваат дека е видена таква и таква птица и доколку таа птица е ретка, голем број на луѓе одат таму да ја видат птицата. И она имате случај кога едно птиче на некоја гранка седи и си работа тоа шо си го работа, а на сто метри од таа птица имате на пример две стотини или три стотини луѓе со двогледи, со објективи, со апарати. Најинтересно ми беше мене во… значи ја спомнав северната јастреб, сова, тоа е птица која живее во крајниот, далекиот Арктик, значи на самиот север на Северна Америка и се појави една година тука во Њу Хемшир. Значи тоа е едно стотина, две стотини километри од каде што живеам јас тука во Бостон. И отидов да ја видам птицата наутро, значи некаде во осум часот бев таму и ја сликав и ја гледавме, имавме онака интересна седенка со луѓето кои исто тука дојдоа. Одеднаш се појавува автобус. Автобусот е полн со Британци. Значи луѓево букирале авион, дошле до Бостон (се смее), букирале автобус, дошле да ја сликаат птицата и ја исликаа за едно саат време колку што си беа таму, се вратија на автобусот и назад за Британија. Значи тоа е навистина така (се смее). Не е измислено.

Зошто баш набљудување и фотографирање птици а не броење слонови, снимање брзи антилопи или ловење риби?

[Илија]
Па мислам дека две причини се. Една е, птиците се навистина мили суштества значи, се некаков симбол на некаква убавина и на добрина јас би рекол. Нели и ангелите имаат крилја со пердуви нели и изгледаат како птици. И ние често сонуваме дека летаме, нели летот ни е некаков сон. И нели легендата за Дедал и за Икар, се работи за летање. Потоа и заради… како се вика… заради сексуалната селекција. Птиците се исклучително шарени нели и заради тоа се интересни исто така да се набљудуваат. Исто и пеат убаво. Додека на пример животните, цицачите се океј, тоа е сè супер, меѓутоа најголем број на цицачи се ноќни, ноктур… така да тешко да се набљудуваат цицачите.

Како реагираат семејството и пријателите на ова по малку необично хоби?

[Илија]
Мислам кај мене дома моите деца се воопшто незаинтересирани (се смешка), веројатно затоа што многу сум се трудел да ги навлечам на тоа, меѓутоа никогаш не сум успеал. А жена ми како оди времето, сè повеќе и повеќе се интересира и сè повеќе заедно фактички одиме на набљудување птици. Исто во фамилијата, мислам. Имам случка кога сестра ми беше дојдена и отидовме на брегот на морето и она не е нешто многу заинтересирана за птиците, меѓутоа баш тука се случи северни ганети да ловат. А северните ганети имаат еден спектакуларен начин на лов, кога летаат на пример сто до двеста метри над површината на водата и потоа нуркаат, фактички како ѓулиња во водата. И тоа е навистина импозантно и спектакуларно да се види. И навистина ѝ се допадна.

Би помислиле дека човек што набљудува птици не може да западне во големи невољи. Што може да му се случи на некој вооружан само со двоглед, фото апарат и млеко за сончање, заинтересиран само за пердувести објекти што летаат? Ама…

[Илија]
Па сум се наоѓал во чудни прилики. Најчудни… најинтересен настан кој ми се случи беше, се обидував да видам нов вид за мене, тоа е Вилсонова шлука, шљука, на некое поле, во некаква нива која беше онака оградена и многу ми беше битно да ја видам шлуката затоа што тоа би било првпат во животот. И отидов, влегов внатре, тоа беше некаква фарма со некакви штали и имаше некаква пријавница. И одам на пријавницата и прашувам дали можам да влезам во фармава да ги видам птиците. И во пријавницата стои полицаец, ми вели – господине, ова е затвор. (се смеат) И јас… каков затвор. А јас не го разбрав, или дали не го перцепирав на правилен начин, му велам – па добро, нема врска, јас ќе ја видам птицата и ќе си излезам назад. (се смее) Инсистирав да влезам во затвор. Он ме гледа вака демек – ама ова е затвор! (се смее) И после сфатив дека тоа е некаков поправен… дом за корекција на затвореници…

И.Ј: Поправен дом.

И.Д: Да, поправен дом каде што затворениците фактички работаат на фармата и на тој начин не знам, се ресоцијализираат и така. (се смее) Тоа беше доста онака…

И.Ј: Богами ќе си направел доста голема жртва за една птицата.

И.Д: Ќе сум направел доста голема жртва. (се смее) Да ме задржат како резидентен птичар.

И.Ј: Не знам за жени дали си правел жртви, ама за птица очигледно си спремен.

И.Д: Сигурно, да. Тоа не станува збор. (се смее)

Следната приказна вклучува малку поинакви и поопасни животни, што не летаат туку живеат во вода.

[Илија]
Тоа беше во Костарика во национален парк Карара, отидов на пријавница и човекот што… значи шумарот таму на пријавницата, ренџерот ми вели – ааа нема да можеш ти да одиш во националниот парк сега затоа што е доста касно, ќе те фати мрак и така натаму. Јас му велам – добро, може да пробам. И тој ме гледа вака, ме мерка, вели – каде ти е колата? И јас му покажувам каде ми е колата и ја гледа колата вели – а имаш кал на колата, добро, океј си ти. (се смее) Значи тие што имаат кал, тие се значи авантуристи и ќе преживеат. А ако ми беше чиста кола, тогаш ќе проценеше дека не сум за националниот парк. Елем влегов во националниот парк и ги видов птициве меѓутоа навистина почна мрак да ме фаќа и тоа е неверојатно колку брзо се стемнува нарочито во тропските предели значи, во шес саатот како некој да го исклучил светлото. Одеднаш почна да се смрачува и сакав да пробам на пократок пат низ… да навлезам во една рекичка, не беше многу голема река, меѓутоа требаше да бидам некаде до колена во вода. И во тој момент се сетив дека всушност на влезот на таа рекичка во морето е едно од чувените места каде што се собираат крокодили. И заради која причина не би имало крокодили и тука во оваа мала рекичка. (се смее) И така, тоа беше момент кога навистина онака ме стрефи, се исплашив на некој начин. Ама добро, успеав на крај да излезам од шумата иако беше мрак.

(музика)

(фото: Александар Јосифоски)

[Александар Сани Јосифоски]
Као мал, тогаш нели немаше многу информации кај нас, ни ништо и гледам седев на некоја тераса имаше двоглед и тогаш онака гледав со двоглед и случајно видов птица.

Александар или Сани е малку поинаква птица, тип африканска. Неговите службени престои како информатичар во Уганда, Танзанија и Гамбија ги искористил меѓу другото и за набљудување и фотографирање птици. Но приказната, исто и кај Илија, почнала во детството, во Скопје.

И после само цело време седев со двогледот зјапав некоја птица да не пројде да ја следам, да ја видам. И тоа ми дојде како момент… знаеш моментален беше тој пошо немав дома двоглед. Кај шо бев таму имаше и ми беше интересно. И нема везе. После тоа немаш нити информации, нити ништо тоа време без интернет, без… ништо немаше, мали бевме. И вториот момент беше пред не знам колку… пет-шес години кога отидов у… мислам се интересиравме за птици, фотографиравме и тоа све ама не толку озбилно. Нели имаш врапче, чавка, гулаб и орел (се смее). И све друго е орел. И отидов у Уганда кога отидов и преку недела нели работиш и на викенди одевме во некој парк. И сега по пат кога се возевме со возачот и гледам низ прозор од колата гледам толку многу птици и толку различни птици до патот… Мислам кај нас нема толку многу птици као количина. И тогаш така ми дојде по овакво и имаше он книга тука у колата таа шо е за идентификација на птици и тогаш ми светна.

И тука више ми почна тоа интересот и кога се вратив одма купив книги, нарачав од тие Сollins Bird Guide, такви некои и почнав да се интересирам поише и тука влезе и Гален средниот син шо ми е, со неговиот интерес и почнавме заедно да ја бркаме работата и да шетаме нон-стоп, ја фотографирам, он глеам ги познава многу убаво. И така. Тимски.

А еве го и срамежливиот Гален:

[Гален]
Знам сипка, знам врапче, знам орел, златен орел и црн мршојадец, знам. Перегрин фалкон знам, знам гулаб, знам чавки пуно. И тоа. Знам многу појше тоа не можам сите да ги кажам премногу има.

Приказната на Сани од Уганда се сели во Танзанија, со поинтензивно набљудување и фотографирање на за нас егзотични видови. Сани споделува и совети и раскажува зошто е најтешко да се сликаат мали птици.

Во Африка значи 2017-та кога бев у Аруша. Значи првата недела нели доаѓаш, се сместуваш и све тоа и после работа, четири саат, пет, искачам со апаратот околу куќата кај шо живеев во радиус ај да речам… ајде петсто метри, максимум километар радиус, првиот ден исликав не знам може пеесетина видови. Значи толку многу птици, толку разновидни… од тие малине love birds… Сега не ми текнува шо све… ама имам фотографии од сè. Има едни како mouse bird или така нешто, со дугачки опашки, многу интересни. И тоа е да речеме едниот аспект у населено место. Многу птици и многу различни. И нели за нас егзотични бои, интересни. После кога отидов исто таму во национален парк таму Тарангире, таму па уште поише… поголеми птици. Значи ова зборам за мали до средни птици, прво. Второ, поголеми птици, до орли. Секакви орли.

Батлер игл интересен е многу, многу убави бои одозгора… пошто коа го фотографираш обично треба да бидеш на исто ниво како што е птицата, тоа се смета нели за квалитетна фотографија, не одоздола да го фотографираш, па со сенка, со сè, него треба да најдеш убаво светло и да бидеш на исто ниво со очите на птицата. И ако е убаво осветлена и те гледа или се гледа окото убаво, тоа се рачуна квалитетна фотографија од птица. И затоа се качуваш обично на некое повисоко место и кај што вратат таму имаше баш во тој Тарангира паркот се вика, можам да ископам фотографии некои.

И.Ј: Тоа во Танзанија, така?

А.Ј: Во Танзанија, да. И околу таа… да речам ридот, вртат, кружат од мршојадци, до орли, до разни други птици и ти седиш одозгора и само со фотоапаратот ги ловиш.

И си праиш интересни игри, возбуди. Многу е интересно на пример да фотографираш ластовички. Тие се мали, брзо летаат и не можеш да ги фотографираш. И сега тоа е предизвик. Кои сетинзи да наместиш, па светлото дали ти се погодило, па врнело, неврнело, па облачно ако е, не можеш овакво брзо да ја фатиш во лет и да направиш добра фотографија е многу тешко. Само да начекаш да стои некаде, тоа е океј. Ама финтата е во лет. Така да така си праиш некои игрици, предизвици да ти биде интересна таа игра и ги гледаш како летаат. Исто и овие маливе соколчиња се интересни. Они се добри зошо лебдат цело време у исто место и после наеднаш се спуштаат. И сега кога лебдат, лесно е, ќе го сликаш, си лебди од ветерот нели, си стои. И кога ќе почне да се спушта ај сеа фати го ти од не знам колку, од 200 километри на саат надоле, фати го со апаратот надоле како се спушта. Ќе успееш да фатиш едно до две слики, па која матна која нематна. И така. Такви игрици некои праиме. Интересно ми беше во Танзанија една игра, идам фотографирам… тоа се вика black-shouldered kite на англиски. Кај нас би било не знам како треба сега да барам, да не прекинуем. Е можам да ти пратам фотографии од овие шо ти ги кажувам. И black-shouldered kite е бела птица, исто така лебди над ливада и гледа доле нешто глувчиња, шо ќе види и наеднаш се спушта и го фаќа глувчето. И сега јас фокусиран на ова, чекам да се спушти, се спушта надоле, сликам, сликам, сликам и гледам коа сликам, одозгора доаѓа они го викаат Tawny Eagle. Тони во смисла као бојата, оваа тони, као костенлива некоја боја као таква. Таков орел доаѓа, се спречкуваат тука доле околу јадењето и тревата, му го собира јадењето на кајтот и си иде. И кајтов иде го брка.

И.Ј: Ајдеее.

А.Ј: И го имам тоа исфотографирано и многу интересна приказна е. Мислам не очекуеш сега ја онака сум се фокусирал на едно, а глеаш се отвара друг филм пред тебе. Такви некои ситуации после ти е многу интересно, многу убаво, знаеш, као филмче некое мало.

Неостварена желба на Сани му е да види еден посебен вид орел, и тоа поради…специфичниот отсјај на пердувите.

Коа бев у Танзанија и бев у… тогаш беше лето, мислам таму беше сезона, како да кажам, измеѓу тие дожд и сува сезона некоја беше измеѓу и не беше сезона за тој орелот… Има еден орел се вика Vero eagle. Тој е црн… црн значи орел и е многу убав, нели као форма, као силуета, као… И коа ќе удри сонцето на него, на пердувите се прави као виножито, боите… На пример како гавран ама гавранот е по… пердувите не се така стринглајнд, како да кажам, силуетата. Ова е орел, ова ти е машина за убивање, нема екстра ништо фичрс (се смее), сеа ја јазиков. Многу е убав. Го неам видено, ми раскажуваше тој што ми беше таму другар водич. Е тоа ми е желба.

И тој како и Илија има анегдоти за птичарење,  во „дивата“ Македонија и за пријателства со питомите и прилично амбициозни локални африкански набљудувачи.

Е егзотично нешто шо сум видел во Македонија а битно е osprey. Osprey е орел рибар, така мислам дека се преведува кај нас, орел рибар и тој во Македонија не живее, само проаѓа кога се сели. Пошо он се сели горе на север таму Скандинавија па после у Африка иде. Се храни со риби така да го има околу езера, реки. И тој го видов у Македонија на дојава. Ми се јави Огнен Поленак, он е исто по птиците многу и вика… ми прати видео уствари, некој го сликал на тоа езерото Мавровица шо го спомнав кај шо бевме со Илија. Го видел некој, дента пред тоа се спуштил, го снимал како фаќа риба и летнал знаеш. И го снимил од брод со вакво… од чамец со мобилен. И утре сабајлето ајде сите рано се спремаме, цела фамилија, Ирина трудна беше тогаш. Идеме на езерото и цел ден таму сокапавме и се појави али беше многу… високо многу леташе, го сликав. И тоа имам слики како врши нужда горе у овакво… (се смеат). Лета и само глеаш некои бели – шу, шу, шу, шу, позади некои бели линиички (се смее). Викам лелее кај го фатив тоа, ваљда шо јадел дента пред тоа (се смее).

И.Ј: Јасно го искажал своето мислење за вашите сликања.

А.Ј: Да, да. Одамна… мислам од далеку беше. И не се спушти. Го чекавме цел ден. А у меѓувреме пошо… да речам околу пладне, тие саати не е многу… не се активни. Или сабајле или навечер пред да се стемни. Тргнавме пак накај тоа селото да видиме таму на карпите случајно да не има некој орел. И сеа гледам ја на ова гугл мапс, вака топ, три километри е линија, супер знаеш. Идеме со кола, обична кола, како се вика, градска знаеш. И доаѓаме на некој пат тракторски шо не е користен цела сезона. Значи имаше дрва пораснати на него. И ја возам, сеа сум тргнал и нели машки инат, Ирина вика – застани да се вратиме. – Не бе, викам, три километри е, ќе појдеме. Знаеш… и возиме, возиме, дрво, газам колата отстрана изгребана целата и доаѓаме до една као рекичка малечка и сеа не си сигурен да не заглавиш, знаеш. И ја зимам залет (се смее) Ирина ќе ме убие. Тогаш се каравме знаеш, ја инат, децава позади ќутат, страв им е дека се караме. И пројдовме на дупката и стигнавме до селото. И влегуваме у селото и двајца нè гледаат вака – од кај дојдовте вие? Викам – по тој тракторскиот пат шо е стариот. – Па како пројдовте? – вика. А бе има нов пат, асфалтиран сеа – вика. Знаеш… И онака, тоа ми беше лекција. Ама не ги видовме орлите. Не беа таму. Не… ги нема со години.

Е сеа, еве ти анегдота интересна, да. Ова пак од Танзанија е. И сега викенд беше, сабота, искачам од сабајле, викам – не ме барајте – на моите – идам… знаеш. И сега пешки од кај шо живеев и шетам по околината колку шо можам далеку да стигнам и фотографирам птици по патот. И видов таман едно буфче, тие бисерни буфчиња и кај нас ги има, малецки се. Како со точкици као бисери. И го сликав и се враќам по патот идам и иде еден дечко Африканец и ме прашува – еј, као, шо праиш? Викам – еве сликам птици. Н’деге, на суахили е птица, н’деге. Знаев и фрази тогаш. И вакво… и вика – ја се интересирам за птици. И почнавме муабет, идевме пешки по патот и викам – ај другиот викенд ќе идеме негдека у некој парк, можеме заедно. – Може. И го земав другиот викенд со мене, доаѓа дотеран бај д бук, у брдрс (birders) облека, со книга за брдинг (birding) со каверот онака знаеш како оние военине платна шо се, така заштитено убаво, све цакум – пакум. Со двоглед имаше, со опрема, све знаеш. И – шо работиш – коа го прашав, он носи тури на Килиманџаро ги искачува, знаеш, ќе дојдат туристи и тоа му е работа, главен инкам да речам. А птициве си сака. И ги знаеше пуно, имаше некои ретки гулаби зелени, не знам какви шо му… знаеш ќе го видиш ама не знаеш сеа ти дека тој е редок. Па го видовме. И такви некои финти ми кажа. Така да, тоа е. И сега до ден – денес се допишуваме, онлајн сме другари. Ете тоа е.

Сиво февруарско утро, 5 наутро. Девојка стои на зборно место, во целосна птичарска опрема. Кафето во термосот е уште топло, а колачите грижливо завиткани во салфетки. За Ксенија ова треба да биде прво одење на терен како волонтер на Македонското еколошко друштво или МЕД. Почнува да се разденува но не никој. Подоцна и велат дека тоа е стандарден начин на тестирање на волонтерите, дали навистина се подготвени да работат. Шест години подоцна, таа е вработена во МЕД, задолжена за комуникации. Но во меѓувреме многу научила и за луѓето што сакаат животни, и за птиците.

[Ксенија Путилин]

Јас почнав околу 2005-6 година да се интересирам за птици. Тогаш имав еден… запознав еден Британец во Скопје кој што беше брдвочер и неколку пати со него, му помагав да наоѓа некои локалитети во Македонија за да оди да гледа птици и мислев дека е најглупото хоби за кое што сум слушнала у свет (се смее). Пошто си замишљав океј, рибари знаеш барем ги фаќаат  рибите, а овие… овој иде и ги глеа птиците. И ми беше, мислам, незамисливо што има интересно у тоа хоби. И тогаш еден друг другар Британец почна повеќе да ми збори околу неговото хоби. Сè уште бев на ставот дека е многу глупаво хоби сè додека еден ден… додека не се враќав… на пауза од работа се враќав и пред мене прелета пупунец. Е сеа пупунец е помаранџесто-бело-црн, не можеш да го утнеш, птицата е многу маркантна и има лет сличен на пеперутка. Значи не е како… различен е малце летот, повеќе е како на клукајдрвците, не е како на обична птица. И застана до мене на ограда. И паднав у несвес. Никад не сум видела таква птица и сеа за среќа нели имам веќе неколку луѓе шо можам да ги прашам шо е тоа. И оттука почна сè. Почнав да сфаќам дека неам појма што лета у Скопје, дека не знам какви птици има околу мене. И мислам дека тука ми се уклучи нишката дека цел живот ме интересирале детективски приказни, составување на сложувалки, такви работи и брдвочинг ми изгледаше како такво хоби. Значи така ме заинтересира. Бидејќи треба да видите форма, однесување, локација, па да склопите што може да биде птицата, која може да биде. И така почнав да загризувам сè подлабоко и подлабоко и среќа имав неколку птичари околу мене поискусни кои што ме наведуваа што ми треба за добро да се подготвам, за добро да уживам во хобито, нели. Дека треба одма да најдам книга, значи водич за птици, дека ми треба добар двоглед и дека треба прво да знам како се користи двоглед. Иако сите мислиме дека знаеме што е двоглед, како се користи ама прво да ми објаснат каков двоглед ми треба за ако одам да гледам птици, како да го држам, каква книга е добра книга за птици и сето тоа. И мислам дека климаксот беше кога отидов во Англија конечно со другар ми на птичарење и тука веќе ептен, ептен бев загризана затоа што ја видов една цела супкултура која што постои таму. Значи друштва, постојани апдејти која птица била видена, подвидови на птичари…

Значи ние си се викаме птичари ама во Англија имаат као седум термина за каков вид на птичар си ти. И веќе почна да станува интересно како да сум дел од некоја заедница и тогаш веќе длабоко бев загризана во хобито. И во Македонија се осеќав многу осамено затоа што не знаев никој друг кој што го интересираат птици. И оваа приказна стопати ја имам раскажувано ама мислам дека сè уште ми е интересно да си ја раскажувам. Седевме во паб во Кембриџ и се жалев на другар на другар дека не познавам ниеден птичар во Македонија. И он ми рече – а бе има еден Мето и треба да го најдеш него. Е сега Македонија е мала ама пак не беше лесно да најдам еден Мето. И како што бива нели кај нас, на една журка друштвото ме заебаваше дека пак сум била да гледам птици и еден другар на другар вика – еј, а бе ја имам еден другар шо глеа птици, се вика Мето. И тука се споивме и тогаш сфатив дека Мето не е само птичар како мене, него дека е орнитолог и дека всушност тоа му е работата и дека се работи за Македонско еколошко друштво.

Ксенија ја запознав кога во градскиот парк во Скопје се организираа тури за птичарење. Ни дадоа двогледи, мапа со птици кои требаше да ги заокружиме доколку ги видиме, и не’ поделија во групи со водичи. Од тогаш имаат поминато три години, но се уште се сеќавам на чувството на откривање на цел еден нов свет кој до тогаш сум го игнорирала. Веќе никогаш не прошетав низ паркот без да ѕиркам по гранките и да ги наслушнувам звуците.

На сличен начин птичарењето за Ксенија значело запознавање на сопствената земја.

К: Мене би беше све ненормално интересно пошто прво Македонија не ја знаев, како типична скопјанка понасочена бев на шетање на светот него да си ја откријам државата и ги имав видено Охрид, Маврово, Преспа, толку. И одеднашка открив цело… Овче Поле го открив, Мариово, планините. И бев забезекната што не сум знаела. Така отприлика се развиваше моето хоби.

И Данка е вработена во МЕД, но за разлика од Ксенија која е англист со диплома и од бизнис менаџмент, таа е биолог, односно еколог. Нејзината љубовна приказна со птиците е по малку необична и има врска со мршојадци и смрдливо месо. Уште еден тест и волонтерска иницијација.

[Данка Узунова]

Мојата љубовна приказна беше малку потрадиционална пошо доаѓам од екологија насоката од ПМФ. Мислам јас као дете отсекогаш бев со сите животинки шо може, буквално мислам сè шо може да се фати, да се види од поблиску, сакав да биде… да го имам во раце и да го видам. Така да знаев дека како-така некако ќе завршам, ќе работам со… или ќе имам, некаков дел од животот ќе посветам на биологија. Отидов на екологија смерот и веќе во втора година имав интерес за… си мислев веќе шо ќе ми биде дипломска и бев воодушевена од идејата за еволуција и мислев дека е многу интересна тема за допломска да напраам тема за како еволуирале боите на птиците низ цел свет. Сега тоа е многу голема тема шо за дипломска не се опфаќа (се смее), и знам дека кога ѝ спомнав на професорката шо работи еволуција и ми вика као – ако сакаш има едно друштво, ова е друго едно друштво шо работи со птици, ако сакаш види дали ќе се пронајдеш таму. Отидов во тоа едно друго друштво што работеше со прстенување на птици, ме примија, отидовме на прстенувачки кампови во Езерани. Интересно беше бидејќи реално можев да ги фатам птиците во рака.

И после тоа буквално се сменија приоритетите на тоа друштво и јас вака останав као човек шо на почеток веќе му дале нешто интересно убаво, дека ќе може да работи и наеднаш ти го одзимаат и си ваков као – шо ќе праам сега? Ама па за моја среќа на портата на еден од главните мои професори на смерот на екологија видов еден оглас кај шо пишуваше – Македонско еколошко друштво, програма за зачувување на мршојадци во Македонија, бараме волонтери. И јас ваква као – готово, кај да одам, кај да се обратам, знаеш влегувам, прашувам кај професорот. И за моја среќа професорот е сегашниот претседател на друштвото, тогашен мој асистент и секретар на друштвото, така да ме упати пак кон истиот човек кој шо го спомна Ксенија, кон Мето. Се запознавме, почнавме да одиме на терени и почнав исто како волонтер, првенствено во оваа програма за зачувување на мршојадци која шо подразбираше одење на терен и следење на мршојадците шо се среќаваат на веќе познати локации. Покрај тоа шо одевме за да набљудуваме кои видови се среќаваат, колку често, колку се на број, шо прават дури се движат во нивните територии, имавме и активност за прихрана. Значи буквално носевме, одевме во кланици во Велес па ги носевме на местата кај шо знаеме дека се собираат да јадат. И така. Беше прилично интересно искуство шо мислам дека не секој можеби би… ако не стварно сака да го работи тоа, би се нафатил и би продолжил да го работи. Ова од искуство го кажувам пошо знам дека дури јас почнав како волонтер во МЕД со оваа програма, неколку луѓе пројдоа низ истите тие фази као волонтери и заради една или друга причина или можеби единствено заради мирисот кој шо беше малку специфичен не останаа да волонтираат.

Во англиското говорно подрачје има богато развиена терминологија. И за птици кои ги нема во Македонија и за кои се мачиме да најдеме превод, и за различните активности поврзани со нив. Твитчери се на пример луѓе на кои им е битно да видат што повеќе видови, да ги штиклираат на списокот, без детално да ги проучуваат. „Обичните“ птици за некоја територија навредливо се викаат trash birds. MOB е кратенка за many observers и се користи кога на одредена локација по дојава пристигнуваат голем број набљудувачи. Како стојат работите во македонскиот?


[Kсенија]
Не само што недостигаат зборови за видовите на птиците, недостигаат и зборови кои што нас ни се потребни секојдневно, поврзани со птиците. Како имиња за делови од перјето, имиња за делови од телото на птицата, имиња за активностите на птиците. Значи дали е… на англиски има три збора за каква фаза има пилето додека е во гнездо. И ние кај нас ги прикрпуваме тие зборови, некако се договоривме кои ќе ги користиме. Сè уште јас не сум сигурна точно кој – кога се употребува, дали баш така се договоривме. Значи недостига организирано работење на проблемот и веројатно би ни требал некој лингвист да ни помогне во целата потрага по вистинските македонски зборови.

За многу од птиците се собрани народните имиња и тие се тие кои што сме решиле дека ќе ги користиме како народни имиња. За некои од птиците сè уште се наоѓаат народни имиња кои што многу добро одговараат на птицата, односно се забележува дека Македонецот кој што го измислил името ја разбирал птицата. Како што порано нашите предци биле многу поблиски со природата и името кое што го дале на птицата многу одговара. Тие се многу возбудливи имиња, такви кога ќе најдеме, кога не се само не знам, преведено латинското име македонизирано. Еден од примерите сега скоро шо го спомнавме во групата беше дека го викаме египетски мршојадец и така ни е заведен како тоа дека му е официјалното име кое што го користиме како народно, а во Македонија си има многу убаво име – кања.

[Данка]
Има позитивен пример со добро име ставено на птица, како шо спомна Ксенија, со пупинецот, што исто го спомна претходно бидејќи буквално го имитира звукот што го прави птицата кога се огласува и баш вака – пу – пу – пу. И пупунец. Мислам луѓето многу едноставен пристап имале во давањето на имињата.

К: Ама и латинското е такво. И латинското е со имитација на звукот.

Д: И англиското исто.

Ксенија има омилено пиле, но и такво што многу ја нервира.

К: Свиларче, тоа ми е едно од најубавите птици која што ја имам видено пошто има неверојатно слевање на боите на нејзиното тело. Не се… ќе ти пратам слика после да ја видиш, многу е интересно како се распоредени боите и е многу интересно пиле и е за среќа од тие што сакаат да позираат па можеш да ги набљудуваш по подолго кога ќе ги начекаш. Двапати бев во Америка, двапати сум на северноамериканскиот континент и двапати утињам да видам црвен кардинал. Тоа е толку честа птица што неверојатно ме нервира, дури ми е тешко да признаам пред други птичари дека немам видено црвен кардинал. Ептен е лесна за гледање, како го утињам не знам ама стварно ме нервира веќе дека ја неам видено таа птица. Пошто многу поретки птици имам видено. А црвен кардинал е многу интересно пошто е едно од пилињата во енгри брд. Црвеното е црвен кардинал. Мислам толку е честа што ете во игра ја има, а ја уште ја неам видено. И таа ме нервира што ја неам видено. (се смее) Има уше неколку птици што ме нервираат шо ги неам видено низ Македонија и им се спремам да им се пуштам во потрага наскоро пак.

А инаку такви интересни забележувања на птици ми беше во Канада само што слетав уште имавме нели сите се прилагодувавме на времето. И наредниот… слетав на пример во 6 попладне и наредното утро, во 5 сабајле имаше организирано малечка тура да гледаме птици. И тоа значи дека ја требаше да станам во 4 сабајле. И сега тука измешани сите временски… сите времиња измешани ми беа и одиме на турата, јас уште не знам ни кај сум, ни дека сум на друг континент, нели возбудена максимално. И гледам ластовичка која шо застанува на дрво. И ластовичката е зелена. И во оваа приказна три работи не смеат да се случат. Ластовички не застануваат на дрво и нема шанси да се зелени. И го гледам ова и си викам, ова ми е најверојатно проблем со временските зони, нели и уште не сум расонета. И после тоа си го отварам прирачникот, уствари можеби некој од водичите кажа, имаат green tree swallow. Значи нешто што лични на нашата ластовичка, не се директно поврзани ама е зелена и стои на дрво (се смее).

Кои се најголемите маки на птиците во светот денес?

[Ксенија]

Значи изненадувачки… јас сама бев изненадена, знаев отприлика дека најголемите проблеми за птиците се уништување на нивните хабитати, местата каде што гнездат, каде што презимуваат или каде што живеат постојано, но не знаев дека на прво место е индустриското земјоделство. Ама тоа многу прави смисла коа знаеме дека една третина од земјиштето на земјата се користи за земјоделие. И не само што земјоделските земјишта уништуваат хабитати, туку и користењето на пестициди ги труе птиците. Заради тоа имаше и неколку извештаи на неколку европски држави кои што ги направија изминатите години дека имаат изгубено дури до 80 % од птиците од земјоделските површини. Така да индустриското земјоделство наспроти традиционалното е број еден закана за птиците во целиот свет ако се гледа глобално. И на второ место е сечата на шуми затоа што шумите… во шумите живеат две третини од сите видови на птици. Шумите имаат… поддржуваат огромен диверзитет на птици. Тие обезбедуваат многу различни видови на живеалишта и услови за живеење и заради тоа имаат толку голема разновидност на видови во шумите. Така да со уништувањето на шуми се уништуваат хабитати на многу видови во исто време. На трето место се инвазивните видови. Е сега кај нас ова можеби толку не е очигледно во Македонија, но во држави каде што преку интродукција на инвазивни видови како на пример што е носењето на глувци, на стаорци на некои острови каде што никогаш не постоеле така се истребени… 70% од сите истребени видови на птици се истребени заради инвазивни видови. Значи тоа кај нас се случува можеби најмногу со интродукција на инвазивни видови на растенија, бидејќи нема толку преселби на животни веројатно, иако има такви примери низ Европа за цицачи кои што се донесени од други континенти тука, па тие ги уништиле локалните популации. И потоа следи проблемот со илегалниот лов, илегалното убивање на птици. Тоа е огромен проблем за кој што долго не бевме свесни колку само е голем, додека не почнаа да се прават глобални истражувања за ловењето птици. И ова убивање на птици се случува со различни цели, со различни побуди но веројатно тоа што сега сме станати многу подобри во убивање, го прави ловот многу помасовен од порано и проблемот станува многу поголем од порано. Значи сега се лови на многу повисоко… на многу поголемо ниво. Многу поголем обем на птици се убиваат во исто време. И зависно од каде се случува убивањето, или кон кој вид е насочено има различни приказни. Во Македонија веројатно најстрашно е заловувањето на песнопојни птици и секундарното труење на мршојадци. И после тоа следат климатските промени.

Голем дел од овие проблеми важат и за Македонија, но ситуацијата според Данка може и да се влоши во иднина.


[Данка]
Но искуствата во Европа што Ксенија ги спомна, и не само во Европа, и во светот дека земјоделска… птиците шо се врзани со земјоделски површини бележат најголем пад на бројност и губење на цели видови од различни региони. Така да за тоа сме сведоци и ние. И единствено нешто што мене лично не ми се… не сакам да се случи ако… ако и кога ќе влеземе во Европска унија е практикувањето на таа common agriculture practice која што претендира кон преоѓање на големи земјоделски површини да се обработуваат униформно, да нема посеви од страна, да нема меѓи каде шо можат да се кријат птици, некои такви работи, туку сè да биде големо, брзо да се обработува, многу да произведува и така натаму. И тоа често носи не само користење на многу пестициди кои што исто, малтене се слични ко отровите во однос на нивното влијание во животна средина и природа, туку и тоа дека нема простор за други хабитати да се развиваат, туку тоа е само еден тип на униформен хабитат шо на англиски се вика polder.

Илија пак го спомнува необичниот и катастрофален случај со њујоршкиот фармацевт по име Јуџин Шифелин, кој несакајќи предизвикал природна катастрофа со тоа што во Централ парк ослободил шеесет сколовранци, увезени од Европа. Ова било дел од негов поамбициозен план, да ја донесе на американско тло секоја птица која се спомнува кај Шекспир. 

[Илија]
Секако има проблеми и проблемите најповеќе кај птиците се губење на стаништето, на хабитатот. И секако има нијанси, значи, некои птици фактички ширењето на луѓето и на урбаната средина им одговара. Значи тоа е домашното врапче, тоа е она нашето врапче кое најчесто се наоѓа во градовите во Македонија, фактички се рашири низ целиот свет. Тоа е инвазивен вид кој некаде дури и е проблем затоа што ги потиснува домашните видови. Слично се случува со сколовранецот на пример кој интересно се раширил низ Америка многу брзо. Се раширил со тоа што некој човек кој сакал сите птици што се спомнати во Шекспир да бидат присутни во Америка, ги донел сколовранците во Америка, ги пуштил во Централ Парк во Њујорк, сега имаме сколовранци низ цела Северна Америка. И тоа е значи еден проблем, кој домашните значи нативните видови го имаат, а тоа е потиснување на нивниот вид од странски видови. Тоа нарочито е изразено на пример на Хаваи. На Хаваи е скоро 80-90 проценти од птиците фактички се потиснати со видови кои се увезени на некој начин од луѓето, најчесто од Азија. На Хаваи на пример, глобалното затоплување прави огромен импакт. Значи со доаѓањето на колонистите, значи на луѓето од Европа и од Северна Америка донесена е маларијата, птичја маларија која едноставно ги уништува и се пренесува со комарци. Е сега тие комарци живеат само во топли средини, нативните големи височини на планините на Хаваи затоа што таму е поладно, комарците не можат да достигнат. Меѓутоа со глобалното затоплување температурата на врвовите се покачува и комарците почнаа да се појавуваат и на самите врвови.

Кога македонските орнитолози одат на терен локалното население главно се чуди. Зошто некој побогу би гледал птици, па уште и да го плаќаат за тоа? Со познатата македонска иронија еден селанец вака реагирал на професијата на член на МЕД – „Ваа мојата работа не е лесна, ама ваа твојата…“

За да набљудуваш птици сепак не мора да одиш на оддалечени места м’кнејќи мрши, заглавувајќи во реки со крокодили или на пуст тракторски пат.

[Kсенија] И само низ прозор да гледаш птици, гледаш минимум 20, 30 видови на птици. Значи само низ прозор ако набљудуваш, сигурно имаш 20, 30 видови на птици. И ако за тие ти можеш да ни дадеш на нас податоци што се случува со нив, тоа се многу супер податоци, тоа се ептен солидни податоци.

Сепак во друштво е поубаво.
 
[Ксенија] Колку што научив што све лошо човекот прави на птиците, толку научив колку прекрасни луѓе се занимаваат со природа. Значи неверојатно друштво наоѓате кога ќе почнете да истражувате природа. Затоа шо сите природњаци се луѓе што го сакаат животот прво. И сите сакаат да јадат, сакаат да зборуваат за секс, сакаат да зборуваат за убави работи што може да ги направи човекот и мислам дека тоа највеќе те задржува во тоа друштво на природњаци. Дали се за птици заинтересирани или за било што друго ама мислам дека не ме натера да ги мразам луѓето само заради тоа што ги најдов сите прекрасни луѓе што ги интересира природата. Пошто тие се луѓе што ги сакаат и луѓето и животот во неговата есенција го сакаат.

Птиците во уметноста ја симболизираат слободата но и припадноста на јатото, она големото јато на живи суштества во кое спаѓа и човекот. За нивна разбирачка е потребно малку. Како што велат и стиховите на Радован Павловски:

„И птица шарена
од далечна земја
заморена и гладна
на мојата трпеза
нека слета,

нека си земе
трошка леб
и нека полета.”

(Common People)

Jaс сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. За целосна транскрипција на материјалите и фотографии посетете го нашиот сајт obicniluge.mk. Доколку сакате да волонтирате во МЕД следете ги нивните повици на нивната фејсбук страница. Фотографии од птици на Илија можете да видите на неговиот сајт,
https://ilijadukovski.com/.

* На насловната фотографија: јато полуципни пескари (Semi-palmeted Plover, Charadrius Semipalmatus), автор – Илија Дуковски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *