Зоки, Билјана и Љубен се доставувачи, на онлајн нарачки, брза пошта, пици. Секој ден го шпартаат градот и излегуваат на крај и со најнервозните помеѓу нас. Кога следниот пат ќе дојдат на вашата врата, дајте им бакшиш. Затоа што го заслужуваат.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

С2Е6 – Транскрипт

[Зоки]

Оваа работа е многу понапорна во однос на тоа што изгледа од страна. Би ја препорачал ако некој нема буквално што да работи подобро и ова да го работи отколку да седи дома. А до кога би ја работел најверојатно до пензија, бидејќи имам скоро 59 години.

[Билјана]

Многу ми е убаво. Така ко ќе си излезам на терен ми е многу убаво. (се смее)

[Љубен]

Да пошто ја студирам музика, јас сум музичар и нема настани, нема свирки, нема ништо и ми беше предосадно и не знам почнав да барам работа и ми текна, викам чекај ај да пробам деливери никад неам работено да видам шо се дешава таму, у тој свет и искрено не зажалив.

(Илина)

Ова се Зоки, Билјана и Љубен. Она што ги поврзува е што сите во моментов се доставувачи – на онлајн нарачки, брза пошта, пици. Сервисите за достава имаа работа и пред пандемијата. Седиш дома по пижами, те мрзи да излезеш по храна, а и зошто, кога храната може да стигне до тебе. Во скопскиот сообраќај повеќе се исплаќа да платиш достава отколку да бараш паркинг. Но во актуелната пандемија доставата престана да биде каприц и луксуз туку стана потреба, а доставувачите знаат и буквално да им го спасат животот на оние во изолација, кои не смеат да излезат од дома.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Оваа епизода од подкастот Обични луѓе им ја посветуваме на доставувачите кои секојдневно го шпартаат градот, пренесувајќи нарачки, храна, подароци. Останете со нас.

Илина:

Зоран доставува производи кои се продаваат онлајн. Користи автомобил, и не е на процент, туку на плата од која вели дека се живее просечно. Бакшиш има, ама така-така. Со него разговараше Наталија.

[Зоки]

Еден од најголемите проблеми во оваа работа е што голем дел од испорачувачите на пратки се несериозни, непрофесионални па дури и преваранти и фантомски фирми коишто се служат со превара и ги лажат муштериите со лажни слики со лажни реклами и со нереални цени и она што треба државата да направи е да направи строга контрола кој може да се занимава со онлајн производи.

[Зоки]

Најлоши моменти се кога луѓе кои се незадоволни од производот мислат дека доставувачот е виновен за тоа. Кога немаат доверба во доставувачот и мислат дека им подметнува лош производ. Одбиваат да примат производ заради тоа што не им е испорачано тоа што го нарачале. (Караници?) Караница имало зошто да плати 150 денари достава ако смета дека не треба. Или ако врши замена на производ зошто да плати услуга а смета дека е вина на испорачувач. Или зошто сум му доцнел со испораката. Или зошто е оштетен производот. Разни типови на проблеми.

[Зоки]

Значи одредени приматели на роба се малку препотентни, одредени и сметаат дека треба точно во време кога нив им одговара да им се однесе пратката. Или ако не се на адресата која е означена на пратката ја треба да им ја однесам 10 км понатаму, или ако е пратката адресирана на домашна адреса, а тој е на работа, смета дека ја треба да одам кај него на работа. Слични ситуации.

(Илина)

Ова се според него најголемите маани на неговата професија. Но има и моменти кога се чувствува дека неговиот труд се исплател.

[Зоки]

Кога тој што ќе ја прими пратката е задоволен, и кога ќе рече дека сум му ја доставил доста брзо и експедитивно и кога сум почувствувал дека е навистина среќен што ја примил пратката. Познанства нема затоа што не остварувам блиски контакти со тој што ја прима пратката и нормално најубаво е кога ќе рече задржи го кусурот (смеење).

(Илина)

Зоран вели дека пандемијата го зголемил бројот на нарачките, и тоа многу. Ризикот за зараза на доставувачите е голем, затоа што тие се постојано во допир со производи, со готовина, постојано допираат кваки, копчиња на лифтови. Но и во нормални околности има различни предизвици. На пример – ако си осум часа на терен, каде да одиш во Ве-це?

[Зоки]

Сабајле кога доаѓаш во фирма прво што правиш си ги распределуваш пратките и си ги делиш со колегите, кој во кои реони оди, и кој по кои улици треба да се движи. Товарење, преземање на роба со документација, и тргаш на улица, според адресите коишто ги имаш. Додека не ги поминеш сите пратки. Кога ќе ги завршиш сите пратки се враќаш назад во фирма, тоа што не е испорачано го враќаш назад, се раздолжуваш финансиски. (Кога пиеш кафе?) Скоро и да не пијам кафе. Евентуално наутро пред да се натовари робата и пред да се распредели може да се напиеме имаме кафемат на работа. А друго, кафе во кафиќи или на кафемати низ град, тоа не. (А каде одиш во тоалет по цел ден?) Тоа е веќе парола снаѓи се, дали е бензинска пумпа или грмушка, тоа е многу релативно.

Оваа работа е многу понапорна во однос на тоа што изгледа од страна. Би ја препорачал ако некој нема буквално што да работи подобро и ова да го работи отколку да седи дома. А до кога би ја работел најверојатно до пензија, бидејќи имам скоро 59 години.

(песна, Delivery Man – Cruel Sea)

[Билјана]

Истовремено беше тоа, возев точак активно, многу активно, и така ми дојде идејата. И почнав у 2016 таа идеја ми дојде и нели после искуството у приватниве сектори повеќе години си реков па зошто да не се занимавам јас со свој бизнис. А да има и бизнис цел и да придонесам у нели заштита на средината, загаден воздух. Скопје е доста загадено ние сите ако нешто правиме тоа ќе биде супер во заштита на животната средина.

(Илина)

Билјана е необична доставувачка по најмалку две основи. Прво, затоа што иако е сопственичка на фирмата за брза пошта, до ден денес не се откажува од излегувањето на терен и разнесувањето пратки. Второ, што во нејзината фирма најголемиот број доставувачи се девојки и жени, прилично необично за наши услови. Нејзиниот став во однос на доставувачката работа е сосема спротивен од оној на Зоки – весел и оптимистичен. Просто да посакате да работите за неа.

[Билјана]

Да, да. Тоа е секојдневие кај нас. Мислам дека тоа е заслуга на доставувачите, затоа што тие се фини, комуникативни, така ја тераме целата приказна на фирмата и мислам дека тоа е заслуга на целата фирма, ако се они среќни така барем е мојата филозофија, среќни ќе излезат на терен и убаво ќе се понашаат со клиентите. Има многу познанства, многу пријателства и клиентите се задоволни, нашите се задоволни, сите се задоволни.

(Илина)

Ако има проблем, тоа не е толку со клиентите, колку со лошата инфраструктура и сообраќајот.

[Билјана]

Тоа е еден како голем проблем што немаме ние доволно инфраструктура во велосипедските патеки. И тие што ги има не се доволно безбедни, затоа што не сме ние како народ едуцирани каде треба точаците, каде треба пешаците, каде колите. Тоа е најголемиот проблем во оваа работа.

Многу е тешко, еве пример на Рузвелтова, нема никаква патека за точаци, има на тротоари коли, точакот мора на улица. Еве мене ми се десило, јас идам со точакот вршам достава, идам на улица ме застанува полиција и ми вика зошто возиш на улица. Јас викам господине, те молам кажи ми кај да возам затоа што немам кај да возам. Па добро не може да возиш на улица, епа немам кај, преку колите не можам да возам, морам на улица. И сега и он се наоѓа во небрано, не може да ми пише казна, не може да ме кара, не може ништо.

(Илина)

Како изгледа еден вообичаен работен ден?

Специјалниот доставувач – Бубу

[Билјана]

Од сабајле се доаѓа на работа се пие. Се кажуваат искуства од претходниот ден кој како поминал, што му се десило, секој има некоја случка да раскаже. Се распоредуваат пратките по реиони по приоритет нормално има приоритетни ван неговиот реон на некого што ќе однесе. Ги доставуваат пратките со комуникација меѓусебна цело време нормално. Се враќаат во канцеларија, се пие кафе пак, се распоредуваме се организираме за следниот ден и тоа е тоа.

(Илина)

Што се однесува до тоа зошто ретко се среќаваат девојки-доставувачки, ова е нејзиниот коментар:

[Билјана]

Мислам дека тоа е од нашите традиционални сфаќања, дека не треба да има девојка доставувач, дека она не може да го работи и не треба да го работи тоа. Ние сме имале случка, еден период имавме некои достави за Охрид и отидовме таму цел тим да ги завршиме тие достави за еден ден и да се вратиме. И таму не’ гледаа сите како ние да сме од некоја друга планета симнати. Не’ прашуваат вие кои сте шо сте, ние кажуваме, а не вика не може, нема женски поштари (се смее). Ама ние не сме поштари, ние сме доставувачи. И на нив им беше баш чудно и мислам дека тоа е од традиционални сфаќања дека едноставно девојче не смее и не треба да биде доставувач. Ама еве со нашата теорија и практика се надевам  и другиве фирми ќе почнат го практикуваат тоа, да ги разбиеме тие стереотипи наши.

(Илина)

Генерално, секој доставувач, без оглед дали е машко или женско треба да ги има следниве квалитети:

[Билјана]

Физички да биде издржлив, да биде по природа активен и динамичен и да знае да се носи со проблеми, да решава проблеми. Затоа што на терен може све да се деси. Да има проблем ете со клиенти, да има проблем со велосипед, се дупнала гумата, го удрил некој не дај боже. Се дешавале и такви случки со кола да го удрат. Да можеш да изреагираш во моментот така како што треба да изреагираш. Без паника и да се средат сите тие работи.

(Илина)

А про по познанства со клиенти, Билјана има и една интересна приказна.

[Билјана]

Имаме дечко и девојка што се земаа, што се запознаа (се смее) сега веќе имаат и дете. [Браво, значи кој бил доставувачот?] Девојчето беше доставувачот. Тоа беше баш интересно. Се запознаа се земаа, сега среќно си живеат, имаат бебенце. Чекаме да порасне малку бебето да ни се врати девојчето на работа. [Баш убава приказна]

(Илина)

Љубен работи само неколку месеци, на достава на пици. Работата ја нашол преку другар и вели дека за студент е измислена – си седиш во кола, си слушаш музика, се движиш низ град цел ден. Подобро отколку работа на шанк или пред компјутер. А има и интересни дешавки. Со него разговараа Андреј и Ангела.

[Љубен]

Љ.М.: Па најлошо ни е за викенд пошто премногу полиција има и секад не застануваат пошо сакаат да јадат пица.

А.Т.: Дa?

Љ.М.: Да.

А.Т.: Шо викаат?

Љ.М.: Па ништо, ќе не застанат и ќе почнат сеа ќе најдат нешто за да се фатат пример не знам не работела сијаличката, колата немала полномошно, не знам, не сум дал жмигавец, сум свртел полукружно и нормално тоа се глупости шо значи дека сакаат да јадат пица.

А.Т.: Аха. И те застануе и шо вика?

Љ.М.: И ништо ќе почнат прво и така меѓу редови ќе пробаат да ти кажат демек да, да се напраи нешто и ќе им кажам да ве почастиме пица, сакате ли? Одма – сакаме.

А.Т.: Даа. А ти ја носиш таа пица за достава негде.

Љ.М.: Па да. Ќе ми кажат пример ке ви оставам бројче и ќе кажат таму и таму сме или се има десено и да дојдат да ги земат пример.

(Илина)

Се случувало нарачката да се врати, или луѓето да не сакаат да ја платат затоа што задоцнила. Бакшиш најмногу се остава на почеток на месец, или ако пицеријата има некаква промоција, кога се делат гратис производи. Се случува да остане и цела дневница, од седумсто денари. За наоѓање адреси се користи Гугл мапс и апликацијата Османд.

[Љубен]

Љ.М.: Караници со муштерии имало да.

А.Т.: Се дешава значи.

Љ.М.: Се дешава и тоа. Че пр…

А.З.: За што најчесто?

Љ.М.: Паа зашо чекале пример многу ако у гужва ќе ти се јави, сите гладни нели нервозни, ќе ти се јави „до кај си, шо праиш, убрзај, ајде те чекаме!“

А.Т.: Мхм.

Љ.М.: Ама не знам немало некоја таква апла караница караница со муштерии. Мене еднашка ми се има десено сабајлечки да ме изнервира еден муштерија. Ми нарача пица и му ја носев и му се јавив да прашам кај е поточно локацијата пошо не ми ја даваше на мапа и чоеков почна да ми се дере по телефон чекале саат време не знам шо. Среќа водиме евиденција кога е нарачано.

А.Т.: Мхм.

Љ.М.: И у ствари чекале само пола саат.

А.Т.: И шо, како испадна случкава?

Љ.М.: Ништо искочи чоеков му ја дадов, не ми кажа ни збор. Му ја дадов пицата ми дае пари и си отидов.

А.Т.: Мхм.

Љ.М.: После тоа цел ден нервоза ме биеше.

(Илина)

Се случуваат и изненадувања – оној кој нарачува да му е всушност познат.

[Љубен]

А.З.: А ти се случило да носиш некаде и да ти излезе некој шо го познаваш и шо не си го видел кузнај од кога?

Љ.М.: Да. Ми се има десено. Ми се има десено бивши да ми нарачуваат.

 А.Т.: Хахах.

А.З.: Хахха.

Љ.М.: Појма сум немал дека се они и другарки другари.. шо појма сум немал кај шо и ќе тргнам да вртам на телефонот оп глеам ми искача у контактс.

А.Т.: У контакти го имаш ахахах.

Љ.М.: Да хахха.

А.Т.: И како е приемот коа ќе се видите?

Љ.М.: Нишо се смееме шо праиш како си, ќе испушиме по една цигара и тоа. Ќе се договориме демек ае да се видиме деновиве у ствари никад нема да се видиме.

А.Т.: Обично имаш време меѓу нарачки?

Љ.М.: Па зависи. Ако е турбо немам.

(Илина)

И најсмешната случка за крај.

[Љубен]

Љ.М.:Пази шо ми се деси. Еднашка носам нарачка на еден тип, беше викенд мислам дека и му ѕвонам на типов да го прашам пошо немаше остаено ни стан ни, вакво, ни кој влез и му се јавив да прашам кој стан, кој влез за да му ја однесам пицата и му ја остаив пицата, му наплатив све супер. После пола саат ми стига порака на телефон, морам да ја најдам за да ја прочитам, секунда.

А.Т.: Хахахах.

Љ.М.: Еве ја. Прво ми стигна порака „остани молим те коа ќе си одат бар на пола саат, ја ќе те однесам дома после“

А.Т.: Хахахаха.

Љ.М.: Хахаха. И ја му вратив на поракава „грешка број имате“ хахаха.

А.Т.: Хахахха.

Љ.М.: И после тоа типов ми пиша на Вибер, чекај тие пораки да ги прочитам, да ги најдам само. Еве ги. Ми прати „кул“ стикерче и „фати такси“.

А.Т.: Хахаха.

Љ.М.: И нема везе, не му вратив ништо на вибер и стигам ја, после работа искочив, доаѓам дома и накај два и пол три саат ми ѕвони телефонот, вечерта ова, сабајле у ствари

А.Т.: Добро.

Љ.М.: Ми ѕвони телефонот и го глеам бројов дека е од типов и му спуштам еднашка, ми ѕвони пак. И му кревам, викам „да здраво“и овој „Ивана?“.

А.Т.: Хахахха

Љ.М.: Викам не, викам грешка број имате. И ми спушта и ми вика „а океј“ и ми спушти. После две секунди пак ми ѕвони типот и почнуе да се расправа со мене како он у ствари на овој број зборел со Ивана, кој сум ја и зашто го имам нејзиниот број.

А.Т.: Аа ајдее…

Љ.М.: И ми се дере, едно добри две минути ми се дереше и ја му викам абе друже абе пица ти донесов прееска пица, грешка број имате. И се изнасмеа типот, извини извини и тоа.

А.З.: Хахахха

(Common People)

Илина:

Jaс сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Во оваа епизода ѕирнавме во светот на доставувачите и нивните секојдневни предизвици. Следниот пат кога ќе ви дојде некој од нив на врата бидете љубезни. И…оставете бакшиш!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *