Каква боја ви има има зборот „секогаш“? Дали буквата С е во машки или во женски род? Можете ли да пресметувате на памет, служејќи се со низа бројки во спирала? Ако одговорот е да, тогаш имате облик на синестезија, оваа епизода е токму за луѓето како вас. Ако одговорот е не, ѕирнете во живописниот свет на синестетите.
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
(оригинална музика)
Илина:
Далечната 9-та епизода од овој подкаст беше посветен на феноменот на афантазија, неможноста за визуелно замислување, која го отежнува препознавањето лица и снаоѓањето во простор. Оваа, 35-та епизода, ја посветуваме на спротивното – синестезија, спојување на ефекти на повеќе сетила во едно.
(Common People)
Jaс сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода на подкастот „Обични луѓе“ зборуваме со Марко Петрушевски, кој до својата триесетта година мислел дека се сите како него. Дека и тие гледаат букви и зборови како бои и памтат настани со тоа што ги сместуваат на ментална спирала. Дали ова за него е супер моќ или се уште нешто нормално? Бидете така.
(звуци – гужва на изложба)
Со Марко се запознав случајно, на изложба на заеднички пријатели во спарната атмосфера на Чифте амамот. Сцените од видео инсталациите се прелеваа со звуци, а џагорот на присутните ја обојуваше атмосферата. Муабетот некако сврте на претходна епизода на овој подкаст, оној за афантазијата. „Јас го имам обратното“, рече Марко и почна да ја опишува својата синестезија. Веднаш се знаеше дека ќе ми биде следен соговорник.
И местото на следниот разговор беше некако симболичен – книжарницата Буква, збор кој за мене асоцира на црно, веројатно поради црното мастило со кое се печатени. Но асоцијациите на Марко не функционираат вака, со свесни асоцијации и мислење.
Марко:
Се работи за синестезија. Тоа е кога две сензорни регии во мозокот се меѓусебно поврзани. Се поврзуваат. Дали… сега научниците уште не знаат дали за време на детството, или претходно или е поврзано со генетска мутација, не се знае. Но е тоа, кога две регии во мозокот сензорни се меѓусебно поврзани и си помагаат најверојатно.
Првпат забележав и обично е така со синестетите, забележуваат кога ќе видат дека всушност другите ја немаат таа способност. Јас за себе открив на триесет и нешто години дека ја имам. До тогаш си мислев дека сите луѓе ја имаат и дека така резонираат…
Илина: Дека е нормално.
Марко: Да. Дека е тоа нормално, да.
Едноставно така сум роден. Потекнувам од уметничка фамилија. Татко ми беше актер и сликар и можда има нешто негово кое што се пренесло и направило и своја некоја адаптација во умот да се случи да тие две регии стапат у контакт некаков, не знам, сензорни.
Илина:
Секој синестет има свое, субјективно доживување на својата состојба. Каков вид синтестезија има Марко?
Марко:
Па има неколку главни и другите се мислам дека поттипови нивни. Јас имам две главни и еден таков поттип што неодамна го открив исто така. Првата се нарекува Grapheme number, колор бројчана каде што бројките и буквите и зборовите се во одредена боја тоест човекот ги претставува во одредена боја. Вториот тип е спатијалната каде што бројките и буквите, месеците, годините, ситуациите, годините се сместени во просторот. Обично е спирала, кај мене е спирала во просторот и на тој начин најверојатно помага да… помага човекот да ги памти поубаво работите, да калкулира, да манипулира со нештата и така.
Илина:
Иако во својата глава има прецизна претстава за нештата, кога треба да ги објасни и вербализира на Марко понекогаш му е тешко да ги најде вистинските зборови. Често морав да го допрашувам за детали за да ми стане јасно. Сепак, доживувањата на синестетот за оној кој ја нема оваа состојба остануваат во голем дел мистерија.
Марко:
Но во случајот спатијалната синестезија кај мене ми помага годините да бидат да речеме… годините да бидат распоредени во таа спирала и да можам точно да ја отворам секоја година како фајл и да се отворат сите моменти, ситуации кои што ми се случувале и да видам… и да знам точно што се случило во која година, да речеме. И тоа многу лесно го правам без никаков напор уште од дете. И се прашувале луѓето како можам да памтам толку работи. Јас викам – како можеш да не памтиш години? Ама не сум знаел дека другите го немаат тој дел… мислам таква перцепција, таква апстрактна проекција.
Илина: Значи како во фолдери ти се подредени по години и по настани.
Марко: Па не се како фолдери. Едноставно во просторот има една спирала каде што се сместени годините.
Илина: (се смее) Добро.
Марко: И сега кога ќе… и јас слободно се движам по таа спирала. Можам да скокам од еден дел на друг многу брзо и ко ќе стигнам до таа година едноставно таму се отвараат сите ситуации, како на проектор, како филм едноставно.
Илина: Што значи и за добро и за лошо тоа.
Марко: И за добро и за лошо, да.
Илина: А можеш да речеш – прескокнувам оваа година…
Марко: Не можеш да прескокнеш, не. (се смее)
Илина: Нема автоцензура.
Марко: Нема, нема прескокнување, да. И едноставно секогаш си стои таа ситуација на тоа место и таа година на тоа место на спиралата.
Илина:
Интересно е како синестетите се препознаваат меѓусебно. Најчесто случајно.
Марко:
И секој синестет има различни бои на буквите и на бројките. Да речеме еден пријател мој сосема други има бројки, букви и сосема случајно разбравме двајцата дека сме синестети. Му викам – како запамти… како го запамти името на девојката? – Па – вика – мене ми е… па затоа што ми е бело. И сега мислеше дека јас ќе се зачудам, како… Ја му викам дека мене ми е зелено, да речеме.
Илина: Така се наоѓате значи, случајно.
Марко: Да. Случајно.
Илина: А колку луѓе така сте дошле на муабет за да сфатиш дека го имаат тоа во текот на животот? Откога ти знаеш дека го имаш.
Марко: Па до сега мислам дека уште двајца, тројца.
Илина: Тука во градов?
Марко: Да.
Илина: И они слично го доживуваат како тебе дека тоа е онака ништо посебно?
Марко: Дека е нормално, да. И исто така на постари години имаат сфатено дека нешто различно се случува кај нив за разлика од другите луѓе.
Илина:
Интересен феномен е што и афантастите и оние со синестезија мислат дека сите луѓе се како нив. А пак луѓето кои го немаат ниту едното ниту другото обично не им веруваат. Дали има начин да се докаже дека имаш синестезија?
Марко: Не! (се смее) Нема начин. Едноставно си им чуден и тоа е тоа. А ја првпат коа дознав дека имам нешто поразлично, некаков феномен, беше на триесет и нешто години, на другарите им објаснувам дека парите кога ги калкулирам ми се во друга спирала. И ме гледаат вака, ме гледаа бледо и вика – не знам за шо збориш ти, не знам за шо праиш муабет. – Како бе не знаете за шо праам муабет? Зборам за калкулација, подредување на бројките во просторот, за… А како вие сметате, како рачунате? И се скинаа од смеење. Нормално како што учеа во школо, си го употребуваат тој начин. Но јас сфатив дека нешто има различно. Нешто не е како што треба. Нешто не е како по стандардното, не е…
(продолжува)
Но како дете исто така имаше смешни ситуации кога бев прво, второ одделение, кога се учеа бројките во школо, кога се учеше таблица множење и собирање. И ќе ме прашаат – три по пет колку е? И сега ќе ми треба некое време, како на дете, за да стигнам до петнаесет. Најверојатно уште таа… кај што се само бројките, таа спирала тогаш се креира. Но ко ќе ме прашаа – колку е три по пеесет денари? – Сто пеесет денари, нормално, одма, од пушка кажано.
Илина: Значи парите си ги знаеш.
Марко: Парите беа да, подредени…
Илина: Во друга.
Марко: Да. И нормално во просторот точно знам сто пеесет каде е, пеесет денари кај е, сто… И многу полесно можам да кажам колку е три по сто шеес денари или…
Илина: Што значи тоа во простор? Значи ти… сега се обидувам да го направам тоа физички некако. Значи ти ги земаш вака парите како некое видевце и ги ставаш на едно место и…
Марко: Не, тоа е пак стандардната… Парите се подредени на спиралата каде што јас слободно патувам по таа спирала.
Илина: Да ама како ги собираш?
Марко: Собирам со тоа што можам многу… со дел од… у истиот момент, у дел од секунда можам да скокнам од едно место на друго и да ги соберам тие два дела.
Илина: Мхм, добро. Значи само по чувство колку си поминал во спиралата.
Марко: Да. И кога бев дете побрзо се движев по спиралата. Сега на овие години малце побавно иде тој процес, но пак истото се случува.
Во таа спирала, во тој простор во исто време можам да бидам на едно скалило каде што е таа бројка на спиралата, во исто време имам и претстава за целата спирала. Како да имам неколку камерчиња, неколку очи каде што пратат све. Имам претстава за целата спирала и за одреденото место на спиралата. И многу полесно можам да одвојам, да скокнам, да направам собирање на тие две…
Илина: Отсечки.
Марко: Отсечки да ги кажеме во спирала и едноставно се таму, на тоа место.
Илина:
Кога Марко ми кажа дека гледа букви односно зборови како бои, првото што го прашав е – каква боја е Илина? Бела ми рече. Почнав да му редам и други – некои се чисти бои, некои нијанси.
Илина: Може сега да ти кажувам рендом зборови како шо ќе ми доаѓаат, да ми кажуваш бои?
Марко: Може.
Илина: Впрочем.
Марко: Впрочем, па песок боја, многу бледо жолт, многу бледо жолт е впрочем.
Илина: Црква.
Марко: Црква е црно-црвена да речеме, негде…
Илина: Мешано или црно, црвено?
Марко: Мешано. Црвено-црна. Шарено. Почнува од црвено па црно, па црвено, па црно и така.
Илина: Македонија.
Марко: Македонија само светло црвена. Најверојатно пошто М буквата ми е светло црвена.
Илина: Чекај нешто друго…
Марко: Сонце е многу интересно пошто С буквата ми е многу бела, бело светла бисерна боја, а целиот збор е накај жолто сончево, жолто – бело, многу светла. Најверојатно поврзано е со сонцето, но не е различен… првата буква е различна. Сакам да кажам има и такви зборчиња каде што првата буква не детерминира, не ја детерминира бојата на зборот.
Илина: А има ли зборови или букви кои што се многу мрачни и дали тоа значи дека самите концепти се мрачни? Колку што сфатив, не.
Марко: Не. Не. Да речеме Т буквата ми е многу темна црна боја. Прљаво…
Илина: Значи тишина е црно.
Марко: Тишина е црна, да.
Илина: А смрт?
Марко: Смртта е бела. Дијамантска. Транспарентна.
Илина: Има врска со сонцето тоа?
Марко: Не. Транспарентна бела дијамантска боја ми е смртта, да.
Илина:
А дали самите зборови што означуваат бои имаат боја?
Марко
Е. Една другарка ме праша, вика – зборот црвено со каква боја ти е? И не е со никаква боја офарб… обоено. Едноставно е како со молив од тенкоминец напишано – црвено.
Илина: И така е за сите бои?
Марко: За сите бои е така.
Илина: Значи самите бои, имињата на бои немаат боја.
Марко: Немаат боја, да.
Илина:
И тоа не е сè . На Марко буквите не само што му имаат боја, туку и род. А исто така и бројките.
Марко: Но С еве каков род ти е С да речеме?
Илина: С ми е… чудно.
Марко: (се смее) Мене не. Мене ми е женски род, не се мислам уопште.
Илина: Видиш, не можам да се одлучам. И така и така ми е.
Марко: Осумка ми е не само женски род него ми е како мајка, мајчинска енергија. Десет ми е татковска енергија. Три е како детска енергија. Исто така и еден. Еден е детска ама машка, да речеме (се смее).
(оригинална музика)
Илина:
Со Марко заклучивме дека најдобар начин да се пренесе искуството на синестезија е да се направи некаква презентација во која со онакви маски за виртуелна реалност ќе се овозможи комбинирање на сетилата, нешто што кај него се случува природно. Некако му завидуваме што неговиот свет е побогат за едно вакво искуство, прелеан во бои и обвиен во спирали. И штета што не можеме барем за момент да го видиме.
(Common People)
Ова беше 35-тата епизода од подкастот Обични луѓе. Јас сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Оригинална музика: Иван Јакимовски. За целосен транскрипт посетете ја нашата страница obicniluge.mk. И прашајте се – кaква боја ви има зборот подкаст?