Над 2500 интервенции годишно, некогаш и по пет дневно. При големи пожари и по 12 часа на терен. Голтање чад, запалено рамо, за малку одбегнат пад во провалија. Ова се дел од искуствата на Кристијан Илов, пожарникар-спасител. Со него зборуваме за ризиците од пожари и статусот на оваа професија во Македонија. Од другата страна на Атлантикот, репортажа од пожарите во Лос Анѓелес од нашиот режисер Дарко Митревски, кој веќе 18 години живее во овој град.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

Kристијан: Мислам дека сите колеги што ќе ги прашаме, мислам дека никој не бара да нè рачунаат како херои, посебни луѓе, ние сме сите обични луѓе.

Илина:
Ова е гласот на Кристијан Илов, чиј опис на сопствената професија идеално се вклопува во насловот на нашиот подкаст. Но тој и не е баш точен. Затоа што Кристијан и неговите колеги влегуваат онаму кадешто повеќето обични луѓе не би се осмелиле.

Музика – Common People

Илина: Директен повод за оваа епизода се големите пожари во Лос Анѓелес, на чија територија има големи природни предиспозиции, и за пожари и за поплави. Но потенцијалните ризици стануваат реални кога во приказната ќе се замешаат лошите политики и институционалната негрижа. Јас сум Илина Јакимовска, а во 37-то издание на Обични луѓе ќе можете да слушнете како стојат работите на оваа тема во Македонија и дополнително, преку специјална репортажа од САД, ќе проследиме како изгледале првите денови од ширењето на катастрофалниот пожар во Ел-еј и кои се веројатните причини за него.

(музиката запира)

Илина:
Кристијан има 30 години но изгледа како да нема повеќе од 22-3. На разговорот се појави насмеан, свеж и многу релаксиран. Завршил средно економско во Борис Кидрич, а сега е запишан на вонредни студии по психологија. Тоа веројатно дополнително ќе му помогне да се соочи со сите предизвици на професијата, која не секогаш подразбира само мускули и физичка издржливост, туку и справување со паника и стрес, и кај себе и кај другите.

Кристијан:
Meне многу пати луѓе ќе ме прашаат нели ти е страв. Нас сите ни е страв, нема човек кој нема страв. Меѓутоа ние низ таа обука и низ тие вежби учиме стравот да го контролираме во смисол не да ни биде тој, не да не движи стравот, туку тој да нè одржува свесни за секој чекор што го правиш.

Илина:
Кога се подготвував на интервјуто, на различни форуми наидував на прашање „Како се станува пожарникар“? Одговорот е дека најпрвин се проаѓа курс (шест месеци теорија, шест месеци практична работа), со континуирано тестирање и оценување, а по неговото завршување се чека конкурс. Запрашан за тоа дали има вистина во некои онлајн коментари дека и во оваа професија главни за вработување се врските и партиската припадност, Кристијан не одговори директно, но многу илустративно опиша низ што сè треба да се мине низ еден таков конкурс.

Кристијан:
Конкурсот се состои од четири дена. Првиот ден е физички проверки за една минута склекови колку можеш. За една минута стомачни. Јаже 4м треба да го качиш/симнеш. Згибови десет, скијачко столче десет. Тоа е првиот ден. Вториот ден имаме трчање, 2800 м за 12 минути, нели нормално од 2800 колку можеш и повеќе да истрчаш. Третиот ден имаме во бригадата кадешто се качуваме со кукача, таа е вид на скала од приземје на први, од први на втори надворешно качување, потоа со целосна опрема и 2 апарати, тие се 13 кила еден, значи 26 кила во раце и опремата уште десетина-петнаесет кила, треба да се качиш од приземје до шести и надоле без престан. Потоа имаш интервју кадешто се поставуваат три прашања, општокорисно, стручно и уште едно…опширно, животно, нешто така беше. Имаш и писмен дел, зависи, на пример мене ми се падна барање за лична карта да ми се издаде. И потоа со склоп на сите тие работи се прави збир поени и ти се јавуваат дали си вработен или не. И четвртиот ден, го заборавив тоа, 50 метри пливање.

Илина:
Ова не звучи како нешто што лесно може да се мести и да се лажира. Самите предиспозиции, но и ризичноста на професијата се дел од причините зошто Македонија нема доволно професионални пожарникари, а пак доброволните друштва не се секогаш добро обучени и соодветно опремени.

Кристијан:
Ние треба да имаме еден пожарникар на 1500 жители. Зависно тука доаѓа до моментот колкава територија зафаќа општината. И Скопје исто, од велешка патарина до Тетово, мораме да ја земеме у предвид површината покрај бројот на жители колку пожарникари треба да имаме. Скопската бригада треба да има речиси 500, ние сме 170. Тоа не е ни…нема. Сега има конкурс ќе се примаат со надеж дека уште еден би имал, па уште еден би имал, поради тоа што има доста колеги што ќе заминат во пензија. Сега дечкиве што ќе влезат ќе ја заменат онаа бројка што колеги ќе заминат оваа година во пензија. (- Значи пак на исто ќе бидат?) Па речиси на исто, можеби нешто повеќе.

Кога сме веќе кај Законот и кај доброволните. Тоа не е регулирано кај нас до оној степен кајшто треба. Да, кога се работи посебно за доброволните тие се први што треба да излезат на терен, како на пример некој шумски пожар кадешто ние после доаѓаме како професионална служба како помош, но не само за помош туку и ја преземаме акцијата. Имаме, но не е само да имаш туку треба да бидат добро опремени, добро обучени. Тука треба според мене да се поработи малце. Кој ги води, како ги води, до каде е нивната спремност, да се инвестира во нив како што треба да се инвестира пред се’ во професионалните противпожарни служби. Не е само човечкиот фактор туку и опремата.

Ние како што сме сега дефицитарни со луѓе ни се случува еве Чаир пожар ќе го земам за пример. Ние бевме повеќе од 12 часа на пожар, кадешто со колегата потрошивме повеќе од 10 апарати а законски и правилно е законски повеќе од два да не потрошиш. Значи, тие се некои што ги даваме натчовечки напори, во интерес нели да се среди ситуацијата и треба еден кандидат или иден пожарникар, треба да биде спремен да го издржи тој натчовечки напор кој некогаш треба да го дадеме.

Годишно не сме под 2500 интервенции во принцип просекот беше 4 пати дневно, значи у 24 часа 4 интервенции, сега се има за жал искачено на 5. Тоа значи дека во моја смена во 12 часа може да се случи да не излеземе никаде, меѓутоа може да се случи да излеземе 8 пати.

ЗВУК НА СИРЕНАТА ВО ПОЖАРНАТА АВТОКОМАНДА

Илина:
Кога ќе се јавите на 112 или на 193, во најблиската противпожарна единица не се огласува страшна сирена како во филмовите, туку едно навидум обично „динг-донг“, како да ви доаѓа некој на гости. Но по него во просторијата настапува молк. Одговорниот од Командно-оперативниот центар се најавува со „Внимание! Внимание!“ и потоа го соопштува видот на проблемот и локацијата. Понекогаш се важни и минути кои можат да се загубат и во сообраќајната гужва низ градот. А потоа доаѓаат вистинските предизвици.

Кристијан работи како пожарникар-спасител веќе четврта година. До сега за среќа се нема случено тој или некој од неговите колеги и двете колешки да настрада. Сепак, бил во опасни ситуации, а во една од нив му горело рамото.

Кристијан:
Во Драчево бевме на бараки гореа, кои навидум..Ете тоа некогаш така испаѓа, кајшто отидовме на пожар што мислевме дека нема толку да се искомплицираат нештата. Меѓутоа се работеше за стара барака, правена од пилевина, на тоа ставено кнауф, значи надградувана едно друго, што ја искомплицира целата интервенција. Јас и колегата влеговме внатре со цел да пробаме да го спречиме пожарот да се шири. Кога влеговме внатре го бутавме плафонот. И сега гасевме од едната страна, изгасивме и требаше да се префрлиме од другата страна, за да го бутнеме другиот дел од плафонот, за од таму да изгасиме. И јас бев вториот човек и како му викам, сега ние преку маските некогаш и викаме, ајде викам секогаш сме у контакт секогаш се држиме еден со друг и цревото ни е излезот. Единствен начин ние да излеземе од кајшто сме влегле ни е цревото. Му викам ајде да преминеме од таа страна. У тој момент плафонот, кој остана, падна врз нас. Ама на тој начин падна што мене ми ја тргна млазницата од рака, ми ја бутна од земја, а него како падна го бутна во ходникот и ја врз глава како што ми падна се освестуваш у таа мили секунда и гледам дека овде (покажува на рамото) ми гори. Опремата ми се имаше запалено

А нели тие се огноотпорни?

Да да, јас не чувствувам. Видете, они се огноотпорни не горат ама сепак еден слој ќе се запали. Тоа не е нешто…

Не е Ајронмен.

Точно, точно. Опремата трпи до 1000 степени да не те изгори. Ама топлината не ја чувствуваме.

Имаше некои последици?

Не, не. Среќа, благодарејќи на опремата, а и колегата стана одма млазницата, со вода. Фала богу немав последици. Но ете се случува колку и да ја предвидуваш ситуацијата, ете ќе отидеме на нешто ја можам да кажам на отворен пожар кај ново Лисиче, Вардариште. Сега Вардариште постојано се запалува, постојано гори, тоа е пожар на отворено. Меѓутоа, јас не сум настрадал, не сум надишал чад во затворен простор, ваму ми се случи да се надишам доволно чад да требаше да одам на токсикологија. Тоа се некои ситуации пак ќе кажам ќе отидеме на нешто па ќе испадне повеќе, се случува.

Кристијан во спасувачки акции во Турција по големите земјотреси од 2023-та.

Илина:
Сепак, не секогаш опасноста доаѓа од пожар. Затоа што она „спасител“ во описот на работното место на Кристијан често подразбира и кршење врати или влегување од тераса во станови кадешто има лице што починало. Вадење кучиња од шахти или спасување мачиња од покриви. Но и пружање помош при тешка сообраќајка.

Кристијан:

Кога бевме на сообраќајка, имаше возило излетано кај Катланово мостот. Возилото стоеше потпрено на…тоа се дрвца. И прво што направивме, човекот се уште беше внатре, среќа комуникативен, доста повреден но комуникативен, пред да почнеме да работиме односно да ја сечеме колата за да можеме да го ослободиме човекот моравме да го ја зацврстиме да не отиде надоле. Сепак самата тежина на возилото, плус ние да се потпреме, тоа е опасно. Ја прицврстивме за други дрва, ја врзавме малце колата, и почнавме да работиме. Работевме, тоа беше акција може два саата, два саати пробувавме како да го извлечеме лицето. успешно заврши, успешно го качивме нагоре до Брза помош. И дојде момент да ја ослободиме колата. И едниот колега само што го одврза од страна едното јаже, таа се поднавали. Само што го одврзавме другото јаже, и покрај тоа што имавме ставено и други препреки, таа отиде надоле. Значи а замислете 20 минути пред тоа да го праевме, јас бев внатре скоро до пола во возилото пробувајќи на човекот да му ставам Шанцова кравата, да му го заштитам вратот при вадењето, и отпосле нормален е тој момент на еј! ова можеше да биде човекот и уште тројца надоле без никаков проблем.

Илина:
Онаму кадешто има ризик и страв обично има и верувања во нешта што пружат заштита или носат среќа. Светец заштитник на пожарите според христијанското верување е св. Тома, кој се слави на 19 октомври. Но има и поинакви суеверија.

Кристијан:

Амајлии, па има некои колеги си носат. Имам колега што работиме заедно уште од прв ден, он има една маичка. И он кога ја носи таа маичка ние обавезно имаме интервенција. Тоа е интересно нешто, тоа и да сакаш да го направиш не можеш. (А што има на маичкава?) Нема ништо, обична маичка, пожарникарска. Ама а ја носи таа, ние искачаме некаде на терен. И еднашка беше како да кажам мирен период и он доаѓа со маичката. И ја си ќутам. И он ќути. И ете идеме на пожар. И он вака ми прај – ми вика батуле и ми покажува (покажува кон маичката). Не дека он ја носи за да има нешто, некогаш мораш да ја носиш. Ама а ја облече таа, обавезно излегуваме некаде. (Обична памучна маичка?) Да, да обична службена маичка, пожарна, ама така ваљда некоја енергија носи не знам како.

Илина:
Кристијан и неговите колеги секако ги следат вестите за пожари низ светот и сочувствуваат со своите колеги. Еве што вели тој за актуелните случувања во Лос Анѓелес:

Кристијан:
За Лос Анѓелес исто имало студија направено. Има Симпсонови баш, нели што ги викаат многу пати предвидувачи на иднината. Они имаат како гори цел град. Таму е направено истражување, затоа што таму има многу јаки ветрови, дека цел град може да изгори не само таму делот што сега гори. Тоа таму, во интерес на парите, верувам, во интерес да се направи градот, да зима даноци од градби, го имаат направено протокот до толку поопасен за пожари. Затоа и сега ја имаат таа ситуација што ја имаат. Потоа, тука се покажа дека не треба да се кратат ресурсите на противпожарните единици. Не знам за колку милиони прајме муабет, за милиони долари е скратен буџетот на тој тој департмент таму и се гледаат последиците еве, за жал. Потоа, кај нив исто се покажа инфраструктурата за хидрантите дека потфрли.

Илина:
Ова е речиси од збор до збор истото што го слушнавме од Дарко Митревски, нашиот режисер кој живее во Лос Анѓелес. Тој и семејството го искусиле пожарот, иако тој за среќа не стигнал до нивното живеалиште. Неговата изјава е снимена на 24-ти јануари, значи повеќе од две недели од првите пожари во Пацифик Палисејдс и Малибу. И не дека не биле очекувани.

Darko Mitrevski - IMDb

Дарко:
Еве осумнаесет години живеам, сушните години со дождливите години циклично си се менуваат, пожариве и поплавите, бидејќи кога се дождливи години имаме и поплави, одрони на терен, луѓето ставаат песок, особено тие што живеат во ридестите населби ставаат вреќи со песок за да се заштитат од бујиците вода. И истите тие се изложени на пожар кога ќе се случат пожари, бидејќи живеат сред природа, сред вегетација.

Ние овде доле во низинските предели кајшо живеам јас, не сме толку изложени на природни влијанија, мада ги чувствуваме. И секогаш кога ќе се јави некој загрижен пријател или роднина да праша, абе гледав на вести, имало кај вас некои пожари и јас секогаш одмавнувам со рака и викам абе остај, тоа е како да живееш во во Тафталиџе, а гори во Велес, да речеме, бидејќи толку се големи дистанците во градот.

Но, овој пат беше поинаку.

Еве конкретно мојава приказна која започна доста драматично дента кога почна пожарите а почнаа на православен Божиќ, се разбудив сабајле, го однесов синот во училиште, се вратив дома да поспијам уште малце и ме разбудија некакви повици од неговото училиште. И сега, тоа често се случува да се јави директорката да соопшти дека неделата ќе одат на излет и јас не кренав слушалица. После тоа сопругата забележав дека интензивно ѕвони и пушта некакви пораки. Се јавив и вика ги евакуираа децата од училиште, ги носат тука во оближната гимназија, има пожар кај нив. Ок, сме навикнале на пожари не испаничив нешто многу, мада не се сеќавам до сега деца да евакуирале од училиште, обично пожарите се по ридовите, некаде каде што нема училишта, каде што има воглавно шуми и и вили на некој побогати луѓе. Ова е првпат да слушнам, барем во нашиот дел на градот, дека пожариве толку ниско стигнале и тргнав да го земам детево од таму од кај шо ги евакуирале. И првата глетка која што ја видов беше еден катаклизмичен облак од чад, огромен облак од чад којшто покриваше добар дел од небото. И што е најинтересно, беше на западната страна од градот, каде што е океанот и јас сфатив дека, мислам, не може вода да гори, не гори океанот, горат населбите покрај океанот. И сфатив дека овој пат работата е сериозна, особено затоа што дуваше еден неверојатно силен ветер, над сто километри на час беше брзината на ветерот, на моменти достигна и до, 120, 130, 140 зависи како каде, ама беше страшно, не можеше да се оди по улица колку беше силен ветерот. И од тука натаму следевме вести.

No description available.

Илина:
А вестите велеле дека гори Пацифик Палисејдс, една од најубавите населби во Лос Анѓелес. Но и Алтадина, на друг крај од градот. Наскоро пожарот ги зафатил и Холивуд хилс, ридовите над театарот Долби каде се одржува доделувањето на Оскарите. Тоа бил навистина кризен момент бидејќи доколку овие три пожари би се споиле тогаш од Ел-еј не би останало ништо. Ни славните студија на Парамаунт, ни Дизни, ни Јуниверзал.

Дарко:

За среќа тој централен пожар, тој во Холивуд беше да речеме, спречен, не беше спречен но за релативно кратко време, беше изгаснат до наредниот ден, мислам дека беше ставен под контрола. Иако и таму изгореа некои куќи, некои шуми, стигна до Сансет Булевар да речеме, што ако сте гледале филмови, сите сме гледале холивудски филмови, знаеме дека тоа е веќе онака градска зона.

Паралелно со ова пожариве кои не стивнуваа и со денови не можеа да бидат ставени под контрола истекоа, протекоа разни информации за тоа што точно ни се случува. И добар дел од тие информации верувам дека стигнале и до Македонија и звучат неверојатно добар дел од нив. За жал сите до една се точни. Ама буквално сите до една. Јас со денови бев…не ги слушавме мејнстрим медиумите затоа што одамна овде во Америка никој не верува на мејнстрим медиуми, туку слушавме разни јутјуб блогери, онлајн емисии, независни извори коишто воглавно ги наоѓавме на интернет, коишто викаа гости во студио имаа луѓе на терен, известуваа за податоците и за димензиите на оваа трагедија.

И да, точно е се она што веројатно сте слушнале во Македонија. Дека имаше буџетски кратења, од 17.5 милиони долари во градскиот буџет во име на некакви диверзити, еквити, инклузивити проекти, елџибитикју иницијативи, организации и слични ефемерности. Да точно е дека резервоарот над Пацифик Палисејдс беше празен заради реновирање. Тоа е како да ти текне да ги затвориш плажите на Охрид во сред јули и да кажеш дека ги реновираш, тоа е толку глупаво, но таму немаше вода.

Да, точно е дека хидрантите, добар дел од хидрантите, ајде не знам колкав дел, но еден дел од хидрантите не беше во функција ставен. Точно е и тоа дека на времето урнаа брана во северна Калифорнија заради заштита на некоја риба и водата којашто доаѓа од северна Калифорнија кон јужна ја пуштија кон океанот.

Точно е дека уште во две илјади и четарнаеста година граѓаните на ЛА на референдум гласаа да се одвојат пари од градскиот буџет. Не, пардон, не од градскиот, од државниот буџет на Калифорија за градење на нови резервоари, особено во тие зони што се проценети како кризни и точно е дека од 2014 до денес значи поминале десет години не е со прст мрднато. Каде се парите тоа допрва ќе дознаеме.

Точно е дека на втори јануари беше издадена, од кризниот штаб на градот беше издадена информација, алармантна информација дека следуваат силни ветрови кои што и инаку дуваат во сушните периоди. Тој ветер се вика Санта Ана. Доаѓа од пустината, и е многу силен и многу вруќ. И нам не ни ни требаа некоја информации од кризните штабови, затоа што го чувствуваш тој ветер со недели претходно пред да се случи неговиот пик, ти се суши кожата, ти се суши со слузницата во ноздрите, ти се суши цвеќето на балкон. Знаеш дека дува Санта Ана без никој да ти каже и знаеш дека ако не врнело есента дека сеа ќе има пожар. Мислам, ние баш пред Нова година правевме муабет со сопругата дека ќе ни се случи пожар наскоро, ама ни на крај памет, не ни беше дека ќе ни горат комшиите.

Исто е така да е точно дека буџетот на за борба против пожари било осакатен, освен овие седумнаесет и пол милиона кои што ги спомнав скратени едно стотина висококвалификувани пожарникари уште на времето пред некоја година во времето на Ковид пандемијата беа набркани од работа затоа што не сакаа да се вакцинираат, а едно стотина возила значи механизација неопходна за справување со пожари биле вон употреба, вон функција, затоа што парите биле пренаменети и се немало пари за механичари. Добар дел од тие пари е отиден за некакви социјални заштити, социјална заштита на илегалните емигранти овде во Калифорнија, што дополнително ги разбеснува луѓето и така натаму. Да не спомнуваме за тоа дека гувернерот на Калифорнија со прст не мрда да ги превенира ваквите работи. Бидејќи ако знаеш дека дува Санта Ана со денови порано, треба да ја распоредиш механизацијата, противпожарните служби, луѓето да бидат на терен, хеликоптерите да бидат подготвени и полни со вода, односно авионите, канадерите и чекаш да видиш каде ќе гори и да почнеш да гасиш веднаш штом ќе се случи. Тоа не се случи, не само што не се случи, туку и градоначалничката на Лос Анѓелес беше замината. Ако не се лажам, на втори јануари беше кренат алармот на трети или на четврти замина за Гана да присуствува на церемонијата на прогласување на новата влада на Гана, нешто што апсолутно нема никаква врска со интересите на луѓето во овој град.

И тоа е нешто што допрва сега во месециве шо доаѓа ќе биде проблем кој што ќе се решава и економски, ама не само и економски, туку и политички. А луѓето се гневни, изгореа куќи на многу богати луѓе да, Пацифик Палисејдс, но изгореа луѓе на средна класа па и ниско средна класа во Алтадина. Алтадина е една мешана населба, таму има и богати и средно богати, средно сиромашни и сиромашни изгореа сите. Добар дел, сега не знам колку добар дел, ама еден дел од нив не можат ни да си ги изградат куќите. Да речеме овие куќи на Малибу покрај брегот на океанот којшто ја формира онаа преубава глетка која ја знаеме од разни филмови, кога возиш покрај брегот на океанот којшто ја формира онаа преубава глетка ако ја знаеме од разни филмови кога возиш покрај Малибу па има тука куќи и има тука куќи куќи куќи па плажи, плажи, плажи. Тоа сега изгледа како појасот на Газа. Слушнав дека тие куќи и не можат да бидат повторно изградени затоа што во меѓувреме се донеле некои регулативи законски дека не може да се гради покрај обала што е изградено, изградено е повеќе не може. Е сега тоа што е изградено изгоре и бидејќи не може повторно да се гради, ја не знам шо ќе прават луѓето со тие имоти. Во други зони, како да речеме во Алтадина, сменет е, тоа овде не се вика така, овде се вика зоунинг, ама да објаснам по нашки генералниот урбанистички план, и таму каде што биле индивидуални резиденцијални објекти, значи имаш куќа, имаш плац, имаш гаража. И имаш некакво дворче, е сега тоа е наменето во меѓувреме пренаменети се тие зони за згради. И сеа ти изгорела куќата не можеш да ја обновиш затоа што на тоа место поновиот ГУП треба да биде зграда. Да не збориме за тоа што добар дел, еден еден дел од луѓето и немаат осигурувања, бидејќи осигурителните компании одбија да осигуруваат, бидејќи локалните власти и властите на Калифорнија не мрдаатсо прст за заштита а ризикот од пожар е голем. Конкретно беше наведено една од причините зошто ризикот голем затоа што не се чисти, не се одржува природата, не се одржуваат шумите, грмушките не се одржуваат. Не се спроведува нешто што се вика овде „фајр брејк“, контролирано горење на теренот, значи ако има некој рид на тебе ќе изгориш контролирано намерно дел од ридот за да не може пожарот да стигне, ако се случи пожар да не може да го премине тој дел да нема што да гори, помеѓу тебе и шумата горе на ридот.

Она што го спаси градот беше солидарноста меѓу луѓето кои што стварно си помагаа едни на други, многу. Имаше случаи на луѓе кои вклучуваа шмрковите по дома или црева и ги гасеа в куќите на комшиите такви случаи имаше. Луѓе кои си помагаа едни на други да се евакуираат бидејќи градот покажа неспособност да ги евакуира луѓето. Па имаше сцени онакви какви во апокалиптични филмови заглавени со коли, луѓе искачаат, ги оставаат колите да горат, трчаат пешки да се спасат.

Богу фала, пожарникарите на теренот не загубија глава во ниеден момент и таму кај што немаше вода импровизираа. Ги глеавме со онака, со женски чанти како трчаат да гасат пожар, ги полнат со вода од цистерна и трчаат бидејќи хидрантот не работи на пример, и така натаму. И тие луѓе беа изложени на страшна, страшна опасност, сите, сите фотографии и сите снимки кои ги видовте, не што се реалистични, не што не се филмувани него ние ги гледавме со голо око.

Јас сеќавам првата вечер искочив на автопат горе, се качив бидејќи не сме во низина од зградиве, не се гледа точно како горат ридовите, ми треба некоја повисока точка. И еден од автопатите поминува тука непосредно до нашава населба и се качив на автофати автопат е се малце подигнати така на столбови и од таму се глеаше пожаров со голо око мислам онака, просто ти иде да пружиш раце да се загрееш. Бидејќи освен што беше ветровито беше и студено навечер, преку ден беше топло затоа што тој топол ветер овај креваше температура, навечер таа температура паѓаше и само од кај огновиве доаѓаше топол воздух и чад, многу чад. Неколку денови моравме да одиме со маски на лицата, бидејќи препораките лекарски беа алармантни. Не гори обучна шума, туку гори архитектура, таму има гипс, азбест, што ли се има во куќите на луѓето и не е сето тоа баш препорачливо за дишење. За петнаесет години ќе дознаеме дали ќе се зголеми бројот на заболени од рак на бели дробови или не. Како и да е, една голема голема катастрофа која што не можам да кажам дека беше неизбежна затоа што пожарите се овде дел од животот, исто како и поплавите, исто како и земјотресот, земјотресите коишто се случуваат во Јужна Калифорнија, бидејќи исто како и Скопје си е трусно подрачје, но добар дел од тоа можеше да биде превениран, особено што се знаеше.

(музика)

Илина:
Тоа е приказната за Лос Анѓелес, која лесно може да биде сечија тажна приказна, во ситуација кога ќе се спојат елементите во таканаречениот пожарен триаголник: гориво, плус кислород, плус топлина. И кога на оваа формула ќе се надоврзат недоволното планирање, бирократијата, глупоста, политиката. Тогаш останува само да се потпираме на храброста и пожртвуваноста на луѓето како Кристијан и неговите колеги.

Кристијан:
Многу пати вереницата ме зафркава, викаш влегуваш во оган, влегуваш таму а кога треба да ми земат крв ја прв се онесвестувам. Значи сите ние имаме страв, не сакам да нè сметаат за супер-херои. Сите професии си имаат вид на суперхеројство. Ако гледаме така наставникот има поголема важност од некои професии што им се оддаваат значење. Тој ја едуцира младината утре за мене да ме цени, за да ги цени полицајците, здравствените работници, војската итн. Така да, дека треба да имаме некој посебен статус – не. Пречекот на луѓето е различен. Знаете како, на тој што му гори и секунда му е саат. А додека стигнеш секоја секунда него му е вечност. Кога ќе стигнеш ти „ајде, кај сте до сега!“. Додека не се стави ситуацијата под контрола. Кога ќе се стави под контрола тогаш за нив си сè и сешто. Сме имале ситуации за жал кајшто колеги се и нападнати, а имаме ситуации кајшто не’ пречекуваат, ни оставаат да си ја сработиме работата без никакви проблеми и после сокче, вода, кафе, сокче. Крената е свеста за противпожарната служба што ме радува. Мене најубав момент знаете кој ми е? Кога ќе одиме некаде и фала богу ќе нема ништо, ама сепак се симнала цела зграда доле. Децата кога ќе дојдат, па сакаат опремата ја ставаат, па те прашуваат. Некако тоа е најубавиот момент. И кога ќе видиш, тоа е почитувањето што го сакам и што ни е потребно. Нас не ни треба посебен статус во општеството.

Илина:
Како што велат во американските филмови, им благодариме на нашите пожарникари за службата и посакуваме да имаат што помалку интервенции. За тоа мораме и самите да им помогнеме. Да ги одржуваме цревата и хидрантите по зградите. Да поседуваме и да знаеме и самите да ракуваме барем со најосновен противпожарен апарат. Да не гасиме струја со вода. Ако има чад да не одиме исправено туку да ползиме. И да не паничиме. Како што се поздравуваат пожарникарите кога предаваат смена – СО МИРНО НЕКА Е!

Музика – Common People

Илина:
Ова беше 37-та епизода од подкастот Обични луѓе. Јас сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Оригинална музика Иван Јакимовски. За целосен транскрипт, направен со платформата за транскрипција на македонски говор БУКИ и фотографии посетете нè на obicniluge.mk. И не заборавајте, дека според Законот за пожарникарство секој од нас има обврска да пријави а ако е во состојба и да изгаси пожар кој предизвикува не само лична туку и општа опасност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *