Нашите соговорници во оваа епизода одат контра црногорската поговорка „Ако можеш да седнеш зошто да стоиш, и ако можеш да легнеш зошто да седиш“. Тие трчаат, ниту бегајќи од нешто, ниту пак за да победат. Едноставно, скајранингот, или екстремното планинско трчање, им е начин да работат на себе. И успеваат во тоа.
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
Е31 – Транскрипт
(звуци на трчање на трева)
Илина:
Во книгата „Родени за трчање“ американскиот тркач и писател Кристофер МекДугал го опишува изолираното племе Тарахумара, кое живее во кањоните на северо-западно Мексико. Тој се восхитува на способноста на овие луѓе да истрчаат, во еден здив, дистанци од над 150 километри со неверојатна брзина. Трчаат речиси боси, со обични сандали и ретко се повредуваат. Тарахумарите не се супер-луѓе – и оние „обичните“ се направени за да можат да издржат долго трчање, вели МекДугал. Да ме видел како трчам по двојка на Партизанска сигурно би го сменил мислењето. Но да ги видел нашите денешни соговорници, би рекол – „Ете, гледаш?“.
(Common People)
Илина:
Во епизодата број 31 од подкастот „Обични луѓе“ се запознаваме со двајца за наши сфаќања прилично необични луѓе. Тие одат контра црногорската поговорка – ако можеш да седнеш зошто да стоиш, и ако можеш да легнеш зошто да седиш. Тие трчаат, и тоа замислете, од ќеф.
Елена:
Здравo! Јас сум Елена Ртоска, имам дваесет и четири години, сум од Прилеп и моментално живееме во Охрид. По професија сум… и работам како софтвер инженер и слободното време го трошам во трчање на планина.
Антонио:
Јас сум Антонио Каранфиловски, исто од Прилеп. Како шо спомна Елена, живееме во Охрид. Имам завршено, дипломирано компјутерски науки и инжењерство. Пет години работам како андроид девелопер.
Илина:
Елена и Антонио се партнери и во трчањето и во животот. Физички Елена е грациозна и тенка. Антонио делува силно, но не како некој што крева тегови и е на протеински прашоци. Делуваат смирено и ускладено, како да не брзаат никаде.
Како почнале и кој од нив бил прв во нивното необично хоби?
Антонио:
Поединечно беше тоа. Јас почнав нешто порано. Почетоците во планинското трчање конкретно, претходно сум спортувал карате, кик бокс и други спортови, потоа планинарење. И како еден премин од планинарење во планинско трчање, тоест побрза форма на планинарење, беше планинското трчање конкретно. Тоа беше негде две и петнаеста година, а Елена ја запознавам две и седумнаеста.
Елена:
Да. Јас кога се запознав со Антонио почнав рекреативно да трчам, односно во две и седумнаеста година и тоа траеше две години, сѐ додека не дојде две и деветнаеста година натпреварот во државно првенство за скај ранинг (sky running) каде што освоив трето место и имав право да учествувам на европско првенство во Италија каде што можам да кажам дека главен иницијатор беше Антонио за тоа. И тогаш почнав поактивно да се бавам со планинско трчање односно со скај ранинг и повеќе се спремав, првично за натпреварот, после за секоја наредна трка.
Илина:
Пред да почнам да се подготвувам за разговорот со Елена и Антонио единствено што знаев е дека тие трчаат по планини. Но нештата не се толку едноставни – и во оваа област има категории и прецизни дефиниции за тоа што е што. Помеѓу тркачите од различна возраст и потекло има такви со поголем компетитивен дух, но има и луѓе кои ова не го сфаќаат како спорт со победници и губитници, туку како уметност на самодисциплина и надминување на стравови.
Елена:
Скај ранинг односно екстремно планинско трчање е форма на планинско трчање каде што теренот е многу потехнички. Има покарпести делови кои што треба да се истрчаат. Надморската висина може да достигне две илјади метри и наклонот на искачување треба да е минимум шес проценти од вкупното растојание. За поедноставно да се разбери нештото, можам да дадам еден пример, односно една трка еве на пример од дваесет километри да биди, односно да важи како скај рејс (sky race), треба да има шес проценти наклон на искачување од тие дваесет километри, односно треба да има минимум илјада и двеста метри позитивна денивелација, односно искачување.
Антонио:
Планинското трчање исто така вклучува делови од… односно не постои некоја конкретна разлика која што би ги одделила, затоа што и во планински трки има вклучено такви технички секции и слично. Меѓутоа кога ги има овие специфични карактеристики тогаш влегува во таков тип на планинско трчање односно скај рејс или скај ранинг.
Илина:
Логичната претпоставка за каков и да е спортист е дека тој треба да тренира и генерална издржливост, но и за конкретен натпревар или настан. Како тренираат Антонио и Елена?
Антонио:
Тренингот е поделен во неколку фази, односно не можи да се започни директно со тренинг специфичен за таа трка шо се спремаме. Еве на пример сега заврши сезоната за две илјади и двајс трета, сега следува за нас базен тренинг односно тренажен процес каде што сите тренинзи се на низок интензитет. Со тоа градиме една база. На таа база потоа додаваме малку поинтензивен тренинг и на крај иди специфичниот тренинг конкретно за таа трка каде што го симулираме теренот, симулираме тоа што ќе внесиме за време на трката, како ќе се одвива самата трка. Едноставно го симулираме сѐ она што сакаме да се случи на трката.
Илина:
Подготовките за трка сепак не вклучуваат само физички активности туку и многу пошироки подготовки. Треба да се познава теренот, да се предвидат можните предизвици, да се знае во што се влегува. Но како да предвидиш што може да се случи во тек на 20 или 30 саати на планина?
Антонио:
Да, за секоја трка добиваме GPS фајл, односно GPS фајл кој што има исцртано рутата, каде што се знае по која патека ќе се оди, кога ќе биди искачувањето, на кои места ќе има контролни точки, на кои места ќе имаме окрепна станица нели кај што можи да се освежиме и слично. Конкретно за скај ранингот менталната подготовка, односно психичкиот дел не е толку битен, меѓутоа кај ултра трчањето зато шо исто тоа е една форма на планинско трчање каде што нештото може да трае дваесет сати или триесет сати, таму треба малку повеќе од само физичката спремност. Затоа што за трчање од два до три сати физичкиот дел ќе го направи тоа да можи лесно да го завршиме без да треба да ја надминиме таа граница нели каде што…
Илина: Вие така мислите. Ја петнаес минути да трчам ментално ќе оболам, така шо тоа е за вас кои шо сте искусни во таа работа и викаш – е два сата, големо чудо. А всушност нели…
Елена: Зависи и со какво темпо трчаш тие два саати.
Илина:
Она што ми остави посебен впечаток е мотивацијата за нивното трчање. Секако, тоа е предизвик на издржливост и на работа на себе. Но тука има и друг момент кој повеќе има врска со убавината на глетките и на самото движење.
Антонио:
После планинарењето сфатив дека движењето е едноставно потреба за мене, дека е нужна потреба и како преодна форма од планинарење едноставно ми го задоволува естетскиот сегмент од нештото. Планинското трчање беше многу блиску до планинарењето. Исто многу ме фасцинираше тоа што поминатото растојание е многу поголемо кога трчаме нели за разлика од тоа кога планинариме. Иако…
Илина: Види и со кола е поголемо (се смеат).
Антонио: Да, но во тој момент би ги изгубиле… помалку работи би виделе попатно.
Илина: А естетскиот… што значи естетскиот? Дека си на планина, дека е зелено, дека е зајдисонце, изгрејсонце, во таа смисла?
Антонио: Па првично нели бараме некоја форма на естетика во сѐ околу нас. Прво опкружувањето е такво, некогаш е сурово, не секогаш изгледа добро меѓутоа на некој начин го постигнуваме… Ако мора да е движење барем нека биди некоја естетска форма на движење. Небитно од кој аспект, нели тоа е субјективно каде што естетскиот дел може да биде различен. Дури и во сурови услови самото движење во некоја белина, самото креирање на некоја линија може да биде естетски.
ЗВУК ОД ДИШЕЊЕ ПРИ ТРЧАЊЕ
Илина:
Кои биле најубавите, а кои најтешките моменти со кои се соочиле?
Елена:
Најдобро е нели кога се… кога излегува некаков видик, како што спомна изгрејсонце, зајдисонце, планини и слично. И какви пријателства стекнуваме за време на трките или на самиот тренинг. За животни многу често среќаваме срни, диви свињи, дури и мечка со мали мечиња која што воопшто не беше опасна иако такво мислење барем јас лично имав. Буквално нѐ игнорираше, ништо не реагираше.
А лоши искуства јас лично немам. За среќа немам ни повреди за време на овие неколку години што трчам, пет – шес години. Инаку можам да спомнам како ете лошо искуство за непредвидени невремиња кои што често се среќаваат особено на трки нели, зашто трката има одреден датум и време кога ќе се одржува и не секогаш можи точно да се предвиди какво ќе биди времето. Во однос на тоа. Или исто како негативна страна може да биде некоја неконтролирана работа како што се на пример грчови во нозе или слично. Другото мислам дека е сѐ позитивно.
Антонио:
На моја страна како најтешки моменти, односно како најтешки делови во самото планинско трчање би ги издвоил тоа што… кога станува збор за некоја повреда која би нѐ лимитирала за време на тренажен… ако се случи за време на тренажен процес, нема да бидиме во можност да го направиме тренингот што сме го зацртале, што сме го испланирале, па со тоа мислиме дека и самиот резултат на крај ќе биде многу полошо. Не знајме кое ќе биди траењето на самата повреда. Пробуваме да најдиме начин да ја санираме меѓутоа со првиот тренинг сфаќаме дека таа се повторува и слично. Исто така го спомнав нели ултра трчањето, односно трчањето на долги дистанци, на трки кои што знаат да траат дури повеќе од триесет часа. После тие дваес пет, триесет часа едноставно телото пробува да се самозаштити на секој можен начин па така предизвик е и внесувањето на храна, одредувањето на кое темпо е оптимално во тој момент. Затоа шо некогаш може и самото тело да нѐ лимитира, на места каде што може да трчаме, ние одиме. И едноставно после толку сати сѐ е предизвик. Да се остани буден е предизвик едноставно и да се продолжи да се движи кон целта нели за оптимален резултат на крајот од нештото.
Кога станува збор за убави моменти како шо спомна Елена, тие се моменти што… неверојатни моменти, некое изгрејсонце или зајдисонце кога сме сами на некој планински врв е неописиво. Тоа остава некои впечатци во нас шо не знам дали можам да ги опишам и така околу тоа. За животни да, среќаваме често животни ама тоа е нивна природна средина, ние сме натрапниците во случајот и гледаме што е можно поетички да го поминиме нашиот пристап во нештото затоа што ние сме кај нив, а не тие кај нас.
Илина:
Сепак најфасцинантно од целиот разговор е кога Елена, а особено Антонио, зборуваат за должината на патеките и времето поминато во трчање. Да не беше ова аудио, туку видео подкаст, ќе ме гледавте како ги гледам со неверување и се фаќам за глава. Најдолгата стаза сепак не значи дека е најтешка.
Антонио:
Најдолгата досега што ја имам истрчано е сто седумдесет километри со некои седум илјади метри кумулативно искачување.
Илина: За колку време?
Антонио: Тоа беше триес три сати.
Илина: Со одмор од колку?
Антонио: Одмор… немав конкретен одмор да спијам или нешто меѓутоа на самите окрепни станици се задржував поготово во последните сати, затоа шо имав и некоја мала повреда за време на трката, се задржував по десет – петнаесет минути, гледав шо повеќе да останам затоа шо окрепните станици беа во некои шатори каде што беше малку потопло од надворешната температира. Надвор имаше дожд, мраз и така не ни се излегува од таа комфорна зона кон финишот. Меѓутоа во еден момент…
Илина: А каде беше ова?
Антонио: Ова беше на Истра конкретно.
Илина: И која била до сега најтешката стаза? Таа во Истра?
Антонио: Па не, би ја спомнал како Елена што ја спомна, настанот UTMB, тоа е на француски Алпи, се тргнува од Курмаер, од Италија, се завршува во Франција. Прилично техничка стаза беше, прилично долга. Тоа е и моето најдолго трчање до сега. Тоа траеше триесет и шес сати. Многу поразличен терен од тој што го имаме тука, што можи да го симулираме и затоа траеше толку долго, едноставно многу потехнички терен иако дистанцата не беше долга колку таа на Истра меѓутоа имаше повеќе кумулативно искачување и траеше повеќе. И потешка.
Документарец за подготовките за оваа трка на шест меѓународни тркачи (52 мин.) Conquering Mont-Blanc: the path to UTMB – official documentary – YouTube
Елена:
Мојата најдолга беше на UTMB OCC, пеесет и седум километри со три и пол илјади позитивна денивелација искачување. Тоа е настан кој што се смета за… можеби не најголем ама еден од поголемите настани каде што има одредени услови за да учествуваш на тој настан. Има различни дистанци на трки, односно има пеесет и седум, сто километри и сто шеесет или сто седумдесет километри. Сега за да се учествува на овој настан треба да имаш исполнето услови, односно UTMB индекс. Такви поени се собираат на некои трки кои што ги има и кај нас или на поголемите трки најчесто. Така да ако имаш некој минимум кој што го исполнуваш за да учествуваш на трката, можеш, меѓутоа има други услови на пример да си во неколку најдобри тркачи во земјата во која што си роден или да имаш некаков подиум на некои трки од светските серии и слично.
Илина:
Човек и кога пешачи сака да си го исполни времето, или со слушање музика или подкасти или просто со внатрешни монолози. Што размислуваат тие додека трчаат?
Антонио:
Мислите се најразлични од тоа… Првично значи сме концентрирани на нашиот перформанс. Тоа е кога сме свежи, кога мислиме како ќе ја завршиме трката, внимаваме на брзината со која шо се движиме. Исто внимаваме на менаџирањето на тоа што ќе внесиме на следна контролна станица. Како што поминуваат сатите, мислите секако се менуваат во случај да се појави некоја болка или некоја… нешто ситно што наговестува на некоја повреда тогаш нормално мислите се насочени таму, а во… Секако знае и да… така малку и да… неколку сати да поминат од самото трчање во некои поопуштени размислувања. Едноставно нема нешто конкретно на кое што се насочуваме затоа што никогаш не се насочуваме кон тоа да се фокусираме само на финиш линијата и ништо друго. Едноставно уживаме во самиот терен, во самото…
Илина: Значи и да не победите, не сте разочарани.
Елена: Да.
Антонио: Во секој случај.
Илина:
Како реагираат на ова нивно хоби пријателите, колегите и семејството?
Антонио:
Па на старт кај мене не беше баш прифатено затоа што – нема друга работа па излегол ја трча цела планина. Меѓутоа после тоа… едноставно тоа не влијаеше врз мене. Околу колегите секогаш се фасцинирани од тоа што го правиме. Ги раскажуваме нашите приказни, случки. Некогаш сме можда и досадни и наметливи со приказните меѓутоа тие инсистираат да ги слушнат и слично. Генерално сме супер прифатени од околината. Ја имаме поддршката едноставно за тоа што го правиме.
Елена: Да, меѓутоа иако мислам дека… да, сме прифатени, мислам дека поголем дел од нив не се ни свесни за сериозноста на спортот.
Илина: Сигурно. Затоа што тој што не пробал треба да има само добра фантазија да замисли што тоа подразбира.
Елена: Да, зошто навидум добро звучи као – еј трчаш по планини, тоа е супер (се смее). Ама трчаш веќе две вечери не спијаш, не е баш сеедно.
Илина:
Кога некој од мирно седење, тотално неупатен во скајранингот, би сакал да почне да се занимава со вакво трчање, од каде би требало да тргне?
Антонио:
Планинарењето е многу добар влез во нештото затоа што нели се врви по истата патека како и планинското трчање меѓутоа на многу понизок интензитет. Не се брза нигде.
Илина: Значи прва фаза кроце.
Антонио: Да. И после тоа…
Илина: После се убрзува, т-к, т-к, т-к.
Антонио: Кога ќе ни станат спори планинските маршути, тогаш преминуваме кон планинско трчање.
Илина: А имате некоја ултимативна цел – е тоа да го направам и да сум раат?
Антонио: Па немаме некоја таква. Да, целите ги поставуваме како на… едноставно имаме зацртано што би правеле следната година меѓутоа не е тоа целта. Целта е да се помини времето во планина затоа шо на крај од денот ние не… трките не се ултимативно нешто во сето ова туку поминатото време во тренинг во сето тоа. Затоа шо често одиме дури настрана, патуваме настрана само за да искачиме некој планински врв иако сме можеле тренингот да го направиме пократко и слично. Во викенд често одиме на повисоки планини каде што треба нели да се качиме в кола, да поседиме уште некој сат во возење да поминиме, само за да стигниме до одредена дестинација затоа што сакаме да искачиме некој врв или поминиме некој дел од планината.
Илина:
Велат, има два типа на трчачи. Едните бегаат од нешто, другите трчаат кон нешто. Од кој тип се Елена и Антонио?
Елена:
Па не би рекла дека бегаме од нешто. Ама трчаме нели, трчаме да се подобриме себеси нормално, во секој поглед. Тоа. Не гледам причина од што би бегала.
Антонио: Да, јас не би го дефинирал трчањето како бегање од нешто или трчање кон нешто. Едноставно ако… како што спомнав ако движењето е нужна потреба тогаш барем нека биди естетски на повисоко ниво, односно според мое субјективно мислење нека биди планиско трчање.
Илина:
Драго ми е што патеките по кои Елена и Антонио трчаат, а јас бавно одам, се споија. Секогаш кога ќе стигнат на врвот на некоја планина, со задоволство ќе им мавтам од долу.
(Common People)
Jaс сум Илина Јакимовска. Ја слушавте 31-та епизода од подкастот Обични луѓе, волонтерски проект за животни стории на необични луѓе, професии и хобија. Аудио монтажа: Бојан Угриновски. Целосен транскрипт и повеќе епизоди на нашиот сајт obicniluge.mk.
Ако оваа епизода ве мотириваше да облечете патики и да истрчате еден круг низ населба, оваа е омилената песна на Елена за на слушалки, со симболичен наслов – Бестрашна.
You say the hill’s too steep to climb, chiding
You say you’d like to see me try climbing
You pick the place and I’ll choose the time
And I’ll climb the hill in my own way
Just wait awhile for the right day
And as I rise above the tree line and the clouds
I look down, hear the sound of the things you said today
(музика)
Fearless – Pink Floyd
Јутјуб каналот на Антонио