Oд Виена до Мароко по хашиш, во „буба“ од 150 германски марки. Чекуш се издига високо во австриското подземје. До моментот кога паѓа в затвор.
За Јутјуб верзија со титл на архивските снимки ТУКА.
Обични луѓе
С01Е02
„Кајчето наречено Ганџа: приказната за Чекуш #2“
(чалгиска музика)
„Слушај, бејби, јас сум оригинал по име од Куран изваено Шерафедин, се пишит Шерафедин на арапски ама не мораш то. Керим исто ми е име, чунки немам презиме. Презимето тогаш ко одев Виена си го трнав. Ферхат е иначе. (А з’ш го тргна?) Го трнав, имав со Интерпол муабети таму (смеење)“
Шерафедин Керим Ферхат – Чекуш. Човекот за кого едни сметаат дека ја расипувал охридската младина. Други пак му се вечно благодарни што во Охрид го донел рокенролот, здивот на слободата и љубовта кон „нештото“.
Нештото наречено живот.
(музика)
Јас сум Илина Јакимовска. Во првата епизода од подкастот „Обични луѓе“, посветена на животната приказна на Чекуш, слушнавме за детството минато на охридската калдрма, потеклото на неговиот прекар и како го ослободиле од служење во ЈНА. Стигнавме до моментот кога тој, заедно со уште двајца сограѓани, на почетокот на седумдесетите тргнуваат за Виена.
Разговорот со Чекуш е правен во 2004, во ресторан, и снимката не е секогаш чиста. Целосниот транскрипт е достапен на нашиот сајт, obicniluge.mk.
(виенски валцер)
„И ко ојдовме Аустрија, ме бендиса мене, убо многу. Убај жени. Јас бев мал. Во растот овде бубуљици имав. Јас си знам дека убав бев. Ама и бев многу грд, со тие бубуљиците бев ептен грд. И стегни за инет неколку вака да прскат. Многу грд бев. А и убав“
Убавиот грд Чекуш пристигнува во големиот град. Највозрасниот од тројцата новодојдени охриѓани наоѓа работа и се обидува да ги натера и помладиве – Чекуш и Чако – да го сторат истото. Ама…
„Не ни се работеше бејби. Еден ден дозна овај чико Климе. Така го викаме затоа што е четрс седма роден, поголем од нас е. И клоца да ти удрит, чутиш. И ојме сега да му јајме од неговото јадење. Имаше пржено јајца, пиперки, патлиџанчина. А ние гладни од п’тов, ојме триес километри. Трамвај-мамвај, ништо не знајме. Ништо бе ништо. Цигаре немаш, пикавци од улица. И Климе гледат дека ние сме гладни ко кучина и знајш шо напрај за да не јајме? Собра едно голиче, ја шлапна среде плукна во јадењето и го измешка. – Ајде – велит – седните. И тој си почна. Јас влевање, не со вилушка, со корките лебот клап, клап, клап. Панјцава мазна. Рече – ја мислеше не ќе јајте. Видиш колку е горко ко не си јаден? Утре рече на работа ве носам, само ако не работите. Ова јадењево јас мислите бес пари го купвам?“
Поука од целиот настан сепак имало. Ако сакаат да јадат, Чекуш и Чако ќе мора да работат.
(звуци на фабрика-железарница)
„Утредента нè носи на работа. Реков Чако, овдека ако работиме ќе нè убијет овје, све се есесовци. Јас го плашев Чако од есесовци – овдека многу се опасни; ако те фатет – реков – прво и прво косата штрап, те прает ко Хитлер; сакаш така? Не бе – викат – анџак ја пуштив. Е добро велам, мирен да седиш.“
(пак истите звуци од железарницата)
Местото е леарница за железо. Во неа, како во песната „Денови“ на Кочо Рацин, наутро се влегува бел, убав. Навечер се излегува црн, катран. Имало тушеви да се искапеш, ама:
„Ама кај ќе се искапиш, три илјади курој внатре. Ми беше страв мене да не фатам она на ноѕеве печурчина.“
Чекуш тука издржува цели дванаесет денови.
„Тринајстиот ден: шеф, никс арбајт.“
Ливницата очигледно не е место за него. Ама затоа нов дом му станува убавиот виенски клуб „Камера“, четири спрата под земја.
(Тrouble every day од Zappa)
„И јас фрш тука, Камера клуб, главна улица, то го памтев најпојќе, главна улица, дуќани со олкај џамој, златари – матари и фрп во едно сокаче подрум. Ама подрум – Дракула тука имат живеено. Бендој идаја тука, тука Френк Запа имат дојдено и немат шанси… големи улици, трамваи вр, вр, вр, то долу, дупки, ко три – четири спрата долу да си. Уџум, лиљаци кајшо шетале порано. Тука ми беше мене главното. По сто шилинга ме кошташе мене. Сто шилинга еден пис ми даваја олкав вака. Тој писот јас на четирипати си го пијав. Убав.“
Но меракот на Чекуш не запира тука. Сака стан, мотор, кола. Амалукот, како што вели, не дава толку пари. Се фаќа со девојка, единица ќерка на златари.
„Се фатив со девојка, Далија Клајн, Еврејка. Метар и шеесет висока, сто двајс осум кила тешка, фаца ама убава. Еврејка, потечена ногу цицки, сегде цицки“.
Почнуваат да живеат заедно во нејзиниот стан, кој има дури и лифт кој слегува директно во дневна.
„Купатилото знајш какво беше за неа – тркалезно со скали внатре и внатре седум души збират. Уживанција. Ама не ми се капит. Сам морав појќе в купатило да сум зашо ме напаѓаше многу.“
(звук од туш и тропање на врата агресивно, „Чекуш, офнен…“)
„Три месеци одевме као…јас детенце, та детенце, само шо беше та дебела, јас бев чачкалица. Мерцедес такси та сама назад седеше, јас напред сам. Си купвеше чоколатце да јајт, не купвеше чоколатце туку чоколадо. Ми викаше си купив едно чоколатце и овдека трак под мишка ко олкав дефтер, пол кило чоколада имат. Од тогаш ги познавам јас Нестле, синкир имавме ние… Краш знаев ама Нестле толкај таму видов јас!“
(шушкање хартија чоколадо)
Далија и чоколадото траат кратко, но сето ова му помага на Чекуш да влезе во штос. Наоѓа работа – во фабрика за фирнајз, бои и лакови. Овој пат е задоволен: пали дугме и ој си кај сакаш, само ќе се исклучит.
Наскоро си фаќа нова девојка. Ерика.
По еден месец, уште една. Бригите.
„Супер, двеве ќе си ги имам и ги кријав. Фрц малце со ова дома и, фрц малце со ова дома и. Комшивки беа. На лизгалиште се запознајвме ние. Не ги оставам двеве, никако. Ама пари слаб сум. Ќе излезит на видело. Лагата од Чекушот та е- кратка е. Кратка е ама уште не се знаеше.“
Во животот на Чекуш имало многу жени. Но овие две биле, и ќе останат посебни, до крајот на нашата приказна.
Ерика, затоа што во 1974 му раѓа син, Еди, пет кила седумсто грама.
Бригите, затоа што е неговата најголема љубов, која ќе биде крај него и во најтешките моменти.
„Сите ги сакав. Бригите најмногу. Стварно та ми беше некако ко нежно солзиче некако.“
Но со раѓањето на синот работите стануваат посериозни. Парите од фирнајз, бои и лакови не стасуваат.
„Поминаја бајги години, бејби, ама од ко се роди синчево веќе морав да работам поинтензивно. Најдов еден убав дилер, првите пари реков, шо ќе ги стокмам ќе си купам и ќе дилам хашиш и трипчина ќе дилам и така ќе си ги зголемам паричкиве. И така и напрајв.
Купив сто грама олка парка, сечи ја на сто делчина, тие сто делчина уше по еднушка полојнчина и едно пет сати имаш работа. Јас дилерче со едни фармерчина џинс тап, тап, тап ќе и продаев. Пак утредента пак купи една плоча поголема. Си напрајв пари да си купам кило. Ама не купвам од овде. Амстердам, од таму или реков одам Мароко, од таму ќе купвам.
(aрапска музика)
Уште ’74 не е помината одам за Шпанија за да поминам Гибралтар и да одам Мароко, од таму да купам. Не ме пуштат Франко копилето, виза ми барат. Франко жив му беше диктаторов тогаш на Шпанциве и не ме пуштат. Шо да прам, седам така на станица, парички си имам, со девојкава на станица сејме, ама ја гледам Шпанија, ја гледам Франција скапа ми е. Богата ми е многу. Едно пивце беше кузнајт колку паришта. Од тука возот фаштање Амстердам.
(„Амстердам“ од Рибља Чорба)
Е таму се отвораше „Булдог “ клубов слободно, кофи шоп, да си пушкаш, да си купиш тука, па книџина си имаш тука на маса, картончина си имаш на маса. Ме бендиса и си напрајв одма еден дил во Амстердам со три илјади и петсто трипчина и тро една парка колку твојов апарат, за дома да си ги почастам другариве мој шо ми идет на гости. Хашиш. И носам и ми трна убо.“
Некое време Чекуш успева двете жени да не се сретнат. Им купува одделни станови, и вложува напор да ја организира целата работа.
„Само со Бригите одев Амстердам. Со Ерика, нив само ги носев до дома мама и Истанбул. Не можиш на исти места. Е ама после праев обратно. Ко ќе сакаше Ерика сама да ојт негдека со бебушкава, до Египет да речиме и јас тогаш имав слобода да дојдам со Бригите Охрид. Све врзано.“
При едно такво враќање на Чекуш и Бригите една тешка зима од Охрид за Виена, на патот наидуваат на сообраќајка. Човекот кому ќе му помогнат подоцна ќе одигра клучна улога во нивното кревање уште повисоко. И во последователниот пад.
„Запознавам еден Турчин на пат пред Ниш, имат смртоносна улица ја викет нејзе – улица смрти. Едно комбе турско беше префрлено тука соси фамилија во снегојте. Го тргав. Запнав со мустангот и го тргав. Не му палит комбето. Сега ме најде таксират да го тргам до Ниш. Чоеков се спасвит од све. Чоеков презахвалан. Печалбар јак. Печалбар ама во исто време и другото око му мрдат – шерет. На сиодвење ми дават адреса. Клап, клап на убо место си го кладов чоекот, муабетот негов.“
Подоцна, кога во еден момент Чекуш и Бригите снемуваат пари и остануваат тројчка на цедило, се сеќаваат на Турчинот кого го спасиле и одат директно кај него.
Таму ги чека изненадување.
„Ми извават олка една паковка колку тефтеров убо завиткано и викат ова ти е од мене поклон. И истовремено, викат, ова ти е мустра. Така да ако сакаш да работиш со ова робава, викат… Тој беше баба голем, тој бил голем, Баба го викаја него, Баба – татко, таков чоек сум спасил од тие невремиња. 250 грама ми дават мене поклон. – Колку ќе сакаш толку ќе ти донесам јас тебе, да си купиш само гаража и тука све ќе ти давам. Така и напрајв.“
(звуци од забава, гужва)
„Е ама со ова се кренав одма. Неколку другари викнав, кој 20, кој 30, кој 50 ми се наполна буџетот одма. Одма туфа. Од тука почна јако, многу јако. Првиот телефон ми носит три кила. Ги шиткам од старт нив. Уше три кила – ги шиткам од старт. Третите три кила веќе имав ептен многу пари. Има миљон и деветсто илјади шилигна само настрана кеш мој. Турчинот го исплатив све ко шо требит, на фамилијата му изнакупив работи, за мене си купив триста шартој и кинисав многу јако. Роба си имам колку шо сакам. Ми текнало на прошетка Шпанија, ми текнало Истанбул на кафе, ми текнало Охрид кај мама на кафе.“
Ерика по некое време дознава за Бригите и таа и Чекуш се разделуваат. Но тој инсистира да го гледа синот, кон кого е многу приврзан:
„Син ми мораше секоја недела да го носет дома ми. Мораше обавезно иначе килав све. Све за синот. Све убивав. Жена ми нека си имат маж и јас чепкам и други, реков синкир јас поарен сум. Од ко навлегов во хероинот не бев капка љубоморен. То беше све хероинот, ме однесе во некоја далга и осетив почнав да се навлеквам. Парата ме крена многу во вис, све шо сакав, све шо ќе посакав можев да прам.“
Чекуш во овој период ќе успее да стигне и до Мароко. Со стар Волксваген и со Бригите на совозачко. Сцените кои притоа ги опишува се едни од највпечатливите од целата негова животна сторија. Каков Брејкинг бед, каков Наркос…
„Е како запознајв јас убава фамилија во Мароко. Со фолсфаген одам, фолсфагенот го купивме 150 марки. Ојме јас и Бригите за Мароко, сами да си купиме, све сами. На ѓаол не вервев, ѓаолот го газев, само се молев дедо Боже. Друго не знаев во животов. Стани, излези на улица – дедо Боже. Прво ни се скрши шофершајбната, ко мајмуни шетавме така шесто километри ко мајмуни шетавме таму дур да најме шофершајбна да ни клает. Смрзнавме тро. Влегвиме во главниот град. Живот, голем, шес – седум милионски град. Четири имат сигурно легал. Илегал кузнајт колку. Едно девојче на семафори гледам викат ли викат. Шо викат, реков. Немав ни наочари тогаш. А бев веќе, почнав да ќореам. Од хероинот. З’бите сите ги изгубив.
(музика)
„Гледам, ојме малку поблиску, девојчево извалкано, а убаво, косички убај долги, бело ф’станче, ама извалкано, напраено прашиносано. Обравчината извалкани, црвено вака напраено на муцето малку, од дома ѝ ја намачкале и викат ли викат со олка парка: Хашиииш! Хашиииш!, на туристиве му викат. Ова, реков, го купвиме. И ојме… – Јала, јала! Знам арапски, јала, јала е дојди. Дирхами имав една туфа, не знаев шо да прам со тие париштата нивни марокански, ништо не вредеа. Му ја давам. Седна, ги изброј, ги изброј, ги изброј, зеде и другите ми ги враќат. Не, сите земи ги, реков, трни ми ги овје од по џепојве.“
(музика)
„Е сега таја ја фаќат Бригите за ф’стан, танг ја фаќат и не се делит од нејзе. Влезе во фолсфаген и само вака ни прајт, право само. Многу километри, пустина веќе, немаше ни цименто, немаше ништо, немаше ни асфалт, све беше песок, ама она песок мојш да се мијаш колку чиста беше она уба песок. Се протегнаја Атлас планиниве до нас. Иии машала. Десно ти останвит Казабланка, овдека Атлас планиниве, од та страна океанот. Ко излегоја од таму шеснајс браќа. Од нив кој две, кој четири жени, дечина колку сакаш. Плантажите се протегет на Атлас. И нè пречекаја. И му кажа нешто арапски, марокански ова куклево, му ги покажа паричките таму шлап и нас земање н’тре куќа имат огромна со разни полно одаи, убо нацртани со зелени плави боички, немат чатија. Ништо чатија! Месечина и ѕвездички. Богами многу убо. Одајата наша ни ја покажаја, немаше врати, имаше само пердина. Долапчина имаше, по некое украсче во долапчината, долу земја. И тука седвиме.“
Како благодарност што ги примиле дома, Чекуш и Бригите на семејството му подаруваат полароид фото-апарат и двоглед-дулбин.
„И шо да му дајме сега на овје поклон. И поклон јас – фото моментче. Извавам слика. Ги сликав прво овје шеснајс браќа, жените скријани, децата скријани таму. Јас ваѓам од свој џеб шо купив од девојчево. Остај го, викат. Флап изваде една бовча една жена. Шо да видиш. Поклон ова. Ко се видоја на сликава: ууу Алах! И сликава сите ја опулија и сите се чудет, се чудет и му го давам јас апаратов и му кажвам, само овдека требит да шкрапните и ништо појќе. И му дадов еден дулбин. И ко ја виде планинава до него Атлас и флап, му падна од раце, планинава му се качи на гла. Алах! И тие му ги дадов поклон нему. Знајш шо напрај? Уше еднушка шлашна на тие жените таму и излезе една жена, донесе еден хашиш. Убав, чист, бел. Снег бел. Е пресовај го, катран – чоколадо. Н’тре бел. Кетама се викаше сортата. Зиро зиро. Најфиното. И сега ми кажвет церемони како го чукет нив, све ми кажвит. Нивното јадење го јадам, најпојќе кус-кус, се скинав од јадење кус-кус.“
Чекуш од ова егзотично место под планината Атлас се враќа во Виена. Но подоцна во Париз се среќава со момче од мароканското семејство, кое му ја носи робата до таму.
„Две шишиња од Кока-кола арапски ознаки, уље, концентрат, од ТХЦ во шишиња, го кувет тие најубото и го турвет и то се здрвуват. И то малку на цигара го мачкаш. То го платив осумсто марки платив тука за двеве литри, а ваму ги продадов сто шеесет илјади шилинги двете кила, во Виена. Ми ги донесе до Париз и го видов Париз еднашка.“
Од првото заминување на младиот Чекуш во Виена до овој момент има само десет години. Тие се толку полни со настани што изгледаат како триесет. Но таа, 1979-та го означува крајот на овој интензивен период. Чекуш е уапсен и осуден, најпрвин на 11 години затвор.
(звук од заклучување врата)
Тогаш и последен пат се гледа со неговиот петгодишен син.
„Мојот живот многу убо одеше до ’79. 23. 11. 1979 јас паѓам в затвор. Е тогаш веќе последниот пат шо го видов. Ме имаја исцинкано мене, меѓутоа јас не знаев дека тука сум јас главниот интернационал банда дилер и мене ме имаја… зато шо имаја од мојот хероин неколку луѓе изумрено во Аустрија. Јак бил, а овје се многу лакоми и оувр доуз. Ме осудија мене многу јако. Тука фрлив многу големи пари за да одлежам помалку. Ме осудија 11, со првите пари, миљон шилинги, од 11 на 7 ми сметна адвокатот. Вторите исто миљон шилинги му дадов ако мојт да сметнит уше толку, тој од 7 на 5. Е 5 ми останаја мене да лежам.“
Додека е во затвор, Бригите се нуди да се земат. Оди до Охрид, ги прибира сите потребни документи, но тој одбива. Не сака тоа да го стори во затворската црква.
„Е јас бев кузнајт на која жичка, не ми се одеше мене в црква да ја напрам та убајна, та церемонија, та требит негдека да се славит, не можам јас в затвор кај робијашиве, затворска црква да се прајт тука та убајна. И не прифатив.“
Во затвор учи занает, меѓу другото да резба дрво, нешто со што ќе се занимава и понатаму, кога ќе се врати во родниот град.
„Во затвор си работев, две струки си праев… кондури и некој ситници орнаментики резбав, таму гледав научив од еден кајшо праеше тој и јас по него, па после почнаја и работа да ми давет така да ваѓав некој динар колку да можам да си одам на кантина.“
Бригит постојано го посетува, и му носи хероин и во затворот, скриен на тајно место.
„Ми идеше на посета Бригите нон-стоп, од ко паднав до крај ми идеше на посета и – во пичево имам викат, земи си. И како шо сејме, цајканот таму, ние муабет, си се бацвиш, мр, мр, мр. Извај си твојте работи шо ти носит за поклонче, скри си ги убо и заврши си го муабетов после. Другариве те чекет во ќелија исто.“
(истиот звук со вратата)
По одлежани скоро четири години, Чекуш добива амнестија.
„Имав веќе одлежано 45 месеци и стапвит на власт канцелар Крајски и ми дават мене амнестија 16 месеци. Клап, ми ги клават в џеб, уше еден месец одлежвам за царина, то морало да се лежит, дека јас не дадов никого в раце. А главниот дилер уствари е Бабава, тој е главен. Него не го дават никој в раце. Мојве овје не го знает него. Само јас и Бригите си го знајме него.“
(охридска чалгија)
Во следната епизода: Чекуш излегува од затвор и се враќа во Охрид. Најпрвин му е тешко да се прилагоди. Го мава параноја. Но набргу си го наоѓа патот, кој како и секогаш, е полн со опасни кривини. Кои повторно ќе го донесат до тешките затворски порти.
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Интервјуто со Чекуш во 2004 го направи Ана Ашталковска Гајтаноска. Продуцент: Бојан Угриновски. За фотографии и транскрипт на оваа епизода посетете го нашиот сајт www.obicniluge.mk.
Во епизодава се користени делови од песната Common People на Палп и Trouble every day од Френк Запа.
Подкастот „Обични луѓе“ е непрофитен проект на неколкумина ентузијасти.