По одлежани 45 месеци, Чекуш излегува од затвор и засекогаш ја напушта Виена, за родниот Охрид. На почеток се чувствува како орел, кој станал врапче.

Јутјуб верзија со титл на архивските снимки ТУКА

Фото: Димче Коруноски

ТРАНСКРИПТ

С01Е03

Кајчето наречено Ганџа: приказната за Чекуш #3

(охридска чалгија)

[Волкан]

Се сеќавам на него од осумдесетите, она раните осумдесети, уште беше продавницата на Жито леб, што повеќе не постоит, близу угостителското училиште. Знам уште во бавчите наши се шеташе, од сабајле бараше полжави, пошто имаше откупна станица и обавезно во бавчите наши се движеше, и од тука се сеќавам на него.

Ова е гласот на Илија Волкан, роден 1977. Приказната за Чекуш ме повлече, па сакав да слушнам и збор-два за него од луѓе кои го познавале и кои би можеле да ја збогатат со уште некој детал. Првите спомени на Волкан за нашиот јунак се совпаѓаат со моментот кога тој излегува од затвор во Австрија и се враќа во Охрид. Разговорот е воден преку Скајп, бидејќи Волкан веќе неколку години живее во Утрехт, Холандија.

[Волкан]

Од неговиот темперамент можда и од неговиот начин на живот луѓево кога ќе го видеа се плашеа, а уствари тој беше човек, од моја страна, онака да можеше душата да ти ја даде ќе ти ја дадеше. Таков човек сиромав, а со толкаво срце јас немам видено до сега.

Јас сум Илина Јакимовска. Во третата епизода од подкастот „Обични луѓе“ ја продолжуваме приказната за охриѓанецот Шерафедин Керим Чекуш. До сега го следевме неговиот подем во виенското подземје, љубовниот живот кој е во најмала рака (накашлување) „комплициран“, патувањата низ Европа и Мароко на кои набавува роба и успешното разработување на бизнисот. Но на 23 ноември 1979 неговата среќа се менува.   

[Чекуш] „Мојот живот многу убо одеше до ’79. 23. 11. 1979 јас паѓам в затвор.

По неколку пријавени смртни случаи од прекумерна доза хероин, трагата на австриската полиција води до Чекуш. Осуден е најпрвин на 11 години, потоа казната се намалува на седум. Па на пет. Во затворот учи кондураџиски и дрводелски занает, и ги чека честите посети на Бригите. По одлежани 45 месеци, излегува од затвор и засекогаш ја напушта Виена, за родниот Охрид. На почеток се чувствува како орел, кој станал врапче.

„Се вратив јас Охрид тогаш. Ме вратија тие. Нов во Охрид. Покрај езеро се шетам, долго косиште имав. Цел затвор шо го лежев немав стрижено ич од косава, бркчина тогаш пуштив, овдека си пуштив едно ко Френк Запа го емитирав.“

(Френк Запа, Trouble Every Day)

„С’идав Охрид, никого не познавам освен мојте стари другари. Климе, мајка ми и татко ми и уште неколку комшивчина мој. Другото беше све сиојдено од тука. Малце чудно ми беше. Параноја уште држев во себе јас, цел затвор ја чував паранојава во себе. И пред да паднам имав параноја, ми влезе една гранка и ко излегов уште ме држеше гранкава. Зашо имав многу чуден живот, многу јак живот во Виена, и одеднаш си ко од палата на сендвичара да слезиш, така ми беше, орел и врапче. Не можев да го издржам. Ама реков морам, не сакам јас да умрам реков, се спасив од хероин, шо сега параноја. Ќе ја излечам и неа. Све ми се дешаваше. Од мравка имав страв дури. Не ми беше убо некако. Све мислев, на пример ако правам муабет со тебе, све мислев дека ти ме шпиунираш, ако прам со жена ми муабет све мислам таа против мене нешто. Имам едни чудни гранки и да ги објасниш то влегвит во секој човек од 23 настапвит такво нешто до нагоре може да настапвит. Ако настапит со неправилно, ко јас толку пари шо имав, толку хероин шо имав тогаш е малку потешка, страв од се, знајш дека стално цајкани те бркат, знаеш дека стално врм-врм, вака ќе те фатат, вака ќе те убијат.“   

Езерото и семејството постепено успеваат да го успокојат. 

(продолжува) „Е ама дојдов овдека езерово си го прифатив убо. Мајка ми, татко ми стари, си ги прифатив, нив реков, јас ќе ве чувам. Не одам нигдека, реков. Јас не сум добар реков, ама ќе ве чувам, реков. И со езерово. Една година ми требеше јас да можам да се дружам со луѓе. Не знаев да се дружам. Друг филм, се друго. Не знам да се дружам. Сакам, не да не сакам. Не знам. Друг филм таму, друг свет таму. Од високо паѓаш на најниско овдека. И можеш чат-пат некој филм да му кажеш, а уствари доживљај свој ти е то. Као стало дека ти е за сето то. И ова шо ти го кажвам за све ова ми е стало мене. Зато и го памтам. Стало ми е многу. Нејсе. Се излечив супер овдека. Сам.“

Додуша, голема утеха лечењето има неговата нова плантажа со марихуана.

„Не барав ни валиум, меѓуто морав ако веќе сам се лечам, не одам кај доктори, немам ни книшки тие работи, плус сум пак сиромав сега, посадив марихуана. Ко стегнав, никој не знајт, све селендри овде. Прво овдека во угостителсково и факултетов позади беше саде нивје. Ако имат студенти овде, ама си реков тие студенти чисти се, тие одет по патека, не одет тие по бавчи, реков. И тука клав. И плус онај горичкион дел, по ендеци, еденк-ендек, крави тука, земај лепешки, напрајв еден филм невиџен. Можев и Холандија да одам да се такмичам со то шо го напрајв јас. И ќе победев, сигурен сум ќе ги победев. Нејсе. Све убо ми ојт.“

По кратко време Чекуш повторно е во добра форма. Знаењето германски му помага да го ангажираат како водич, за „фиш пикник“. Охриѓани многу добро го памтат како шета Германки и Холанѓанки по плажите, облечен во црна танга.

„Слушај го ова. Јас носев танга уше од тогаш. Имам тро влакненца ама тангава моја црн како шо сум убо ми стојт мене црна тангичка. И црвени имам носено бе, црвени имам носено бе. Е бели еднушка пробав, не ми стоеја мене, ко педерче ме мавет. А црни ми стоет убо. И јас на Славија, Славија дека му правев веќе, бизнисот ми беше фиш пикник да му прам на дамиве. Оди на сабајле на риба со блинкери, вкопај некоја риба в џеб, избегај му на муријата. Сепак, денџер, ама, од Господа крадам, убо е? Колку шо е нивно езерово толку е и мое. Му закажвев на кукливе чунки знаев германски знаев многу убо, фиш пикник и да ги шетам и кај сакет да ги носам, со рипчина и да му напрам таму скаричка. Све јас. Виното-миното, све од мене. Знаев јас колку требит – шо требит, колку се девојки и према тоа ќе се напумпав. Бериќет си имаше езерово полно беше со рипчина, тогаш баш 83-та јас ко дојдов, болук беше. Два пати излегвав денот по триесе кила фаќав. Секој ден. Мојш да излезиш со девојка со тие пари. Иначе ако имаш само петстотка в џеб, требит да ојш само семки да џвакаш. И на една лимонада или боза, чат-пат, да.“

(продолжува) Ги носев сегдека. Извајв некој динар. Истовремено се запознавае со мене од светов луѓе шо стварно пафкет. Па баш мене ми беше таја темата во мојов живот, појќе со музика што сакат луѓе и пафкачи, да се дружам со нив. И така почнаја кафичиве, те ваква музика му носев јас, имав јаки музики од Виена и ми носеа, уште ми пуштаа. И по кафичиве ги пуштав, и глеам се крена екипава. Паткава отвори овдека, Ла бамба, Заро, се наполни градчево. Тамам мојот филм, живот ко шо го живеев таму, ко шо му го раскажвев, то го напраја. Е ама робава ганџа само јас имам и два – тројца пафкаја. На една рака мојш да ги бројш кои се пафкачи.

И шиткав. Убото си го ваѓав за мене, после бербата, полнев таванот убо, и то лошото за Скопјаниве, за глумциве-мумциве, за нив беше то царица.“

Искуството од играње виенски валцери Чекуш сега го користи за нешто друго – станува охридски Џон Траволта. Како што се отвараат дискотеки, така Чекушот се качува на шанк и игра. Најдобра партнерка му е Сузе Пештанката. А имаат и професорка – Русинка што игра на шипка. Палас, Десарет, работат за хонорар и за пијачка.

(Beach Disco музика)

Ако сакаш да си поминиш требит со Чекушон да си.

(пак истата диско музика)

Ама.
Секогаш има ама.

Охриѓанец му нуди соработка. Има три-четири илјади корења ганџа посадено кај Горица, да работат заедно и да делат по половина. Чекуш се премислува оти човеков пие и „му лајт муцката“. Но сепак прифаќа. И тоа точно на денот кога купува фустан, боја трула вишња на неговата нова невеста, девојка од Германија.

„Све си купвиме, све фино лепо. Потрошив негдека шест-седумстотини, имаме уште паричка. Еден црвен убав трула вишња за нејзе ф’стан. Не сакам реков, ти во бел фустан. Сакам реков чунки јас сум поголем од тебе во години, сакам црвен еден убав кадифен, трула вишња. Таков ѝ купив. Тој беше најскапиот.

Неисе. Ево ти ја муријава, јас паѓам. Девојчево идет со тие последни парички идат да ме извајт со кауција – немало така овде. Него го фатија и тој ме кажвит. И готово.“

Осуден е и прекршочно и кривично. Лежи прво еден месец, па е осуден на година и пол во Идризово. Ама не сака да се предаде без борба. За да го одложи или одбегне затворот бега, најпрвин во струмичко. Таму отвара кафич со симболично име „Фри“ или „Слободен“. И сади – лубеници.

„Отворам кафич, „Фри“, со другариве таму помош. Садам четири декара карпузи. Бостан. Сите селанки мој. Селанки малце имаја од патлиџани она зеленила во рацене, ама немаш голем проблем тука. Ноѕете му беја малце со кромпир ама немаше проблем. Чучвеја тие, инакви беа во сексот тие. Сељанки, брат. Обавезно сакат да ти е со тебе. Одма да те нападнет зато шо не си од нивното село.“

(Freedom – Jimy Hendrix)

Идејата е од кафичот и од бостанот да заработи две илјади марки и преку Богородица да избега за Грција, потоа со бротче до Бриндизи. Од таму да го земе другар и да го донесе до Холандија, за заедно да отворат кофи-шоп. Но планот не успева. Причината – Чекуш се заљубува.

„Се заљубив во една убава жена тамошна, шо беа нивите нејзини. Од Стојаково. Таа имаше две ќерки, супер. Маж имаше. Не ми беше баш другар ама во то друштво се пикаше тој кајшто одев јас. Се залуби и та во мене. Јас во неа исто. Пуфче црно катран. Мало цицлесто, бумбарче. Малечко вака ама ниско, набиено, работливо девојче. И плус мераклија ногу, онака, напредна. Ми викат: ти си Господ бе, јас имам маж, ама тој наместо љубов, ме бијат. Моја си ко така. Само шо реков моја си и моја беше.“

Мажот дознава и доаѓа по Чекуш. Овој не се осудува да се тепа со него затоа што:

„Се гледаше ко монструм. Ко Абориџин беше. Ниско, набиено, само широк беше. Вака беше.“

Со триста денари в џеб Чекуш е повторно е во бегство.

Следна станица – Битола, кај другар што има дискотека.

„Телефон имам тука, диск-џојек сум, на шанк сум, сегде сум. Убај девојки убај фраери од Битола се дружат тука јако. По седумсто карти на ден продаваме, келнеркиве ги плаќаме и за такси да имет и за сендвичи, за све да имет, пр-пр, телохранители тројца и за нив да имат. И за нас да имат чунки нашата пијачка беше бесплатна и во џебов некој динар за утрешната пијачка. И помина месец, месец и 15 дена поминаја. И почнаја охриџаниве да ми идет таму. Разбраја. Како разбраја-разбраја. Ми идаја те на кафе, те на вечерна забава. Пуштав какви музики сакаа. Ама од тие дојдоа и двајца Охриѓани, педери.“

Тие според Чекуш го поткажуваат. Еден ден, рано наутро, додека кафаната се чисти и се почнува со работа, доаѓа човек со бубуљици и вика: Добар ден, добар ден.

„-         Вие сте вика Шерафедин Керим?

–           Јас сум, велам.

И све мислев некој го имат пуштено да го почастам поубо.

–           Важит – му велам – седни, шо ќе пијаш, шо сакаш, шо да ти напрам за лапачка, толку рано, прв ми идаш ти, кој сте вие, од кај сте вие.

–           Јас рече сум од Битола милицаец, а ти си рече за Идризово. Ваму, таму.

–           Знам – му велам – за кај сум, туку чекај, реков.

–           Не бе – викат – не брзај се, викат.“

Ама на Чекуш му е јасно на каде оди работата. Не сака никого да поткаже. Останува една работа да среди пред да појде затвор – да се зачисти ВЦ-то.

„И ме прибра. 24 сати Битола, од мене муабет немаше шо немаше и тука ме однесоја после Идризово. Си ги одлежав. А имав со мене, ганџа имав. Тогаш ќе напраев големи пари. Имав двеста грама украдено кокаин од аптека. Го украле луѓево, мене ми го давет. Немаш проблем. Јас сум тој. Е ама ко дојде овај копилов, на тетка Полка на мајка му: Врли го – реков – тој сјајот реков тука, вецето ни е гнасно. А тој сјајот беше 200 грама кокаин. И та:

–           Го врлив сине – рече – го врлив.

–           Пушти неколку пати вода?, реков.

–           Пуштив, рече. Како го исчисти – рече – гланц го напрај. Синче сум чистела јас ама…

А кокаинов имат јачина сите онје бактери ги ждерит. Ама ми ојде мене цел тој дил. И ојдов, си одлежав.“

(продолжува) „И јас од ко одлежав нормално пак си дојдов Охрид, е Охрид си се средив као демек немам појќе, чист сум. Сега го живеам овај живот, Алаах, мизерен меѓутоа здрав и жив.“

Разговорот со Чекуш во ресторанот Тино го има направено Ана Ашталковска Гајтаноска, во 2004. Како што можете да слушнете од снимките, тој е весел, расположен за муабет, па мисли дури и конечно да се жени.

„Е сега имам една многу поинтересна идеја – влегвам во пубертет и сакам пак да се женам. Готово, финито веќе, документите веќе се давет – по улици се. И ќеф. Езерово нормално… јас можам и домазет да одам. Поголема одаја имат, а јас помала имам, така да можам и тој живот пак да го тепам од почеток. Пуфче до тебе, да фатиш цице, раче, з’ш да не, шо ти фалит. Лошо да живејш со црнец, сам. Од то полошо немат, да те отепат од ќотек. Така. И тој ми е мене муабетот бејби.“

(мирна музика, бранови, Sea Space)

Од трите сестри една, која живеела во Босна, е веќе почината. Починат е и братот, кој бил курир во општина Охрид и тотално спротивен табиет од Чекуш. Од старите љубови контактира само со Бригите.

„Сега знаеш шо, сега се држам со сестра ми, сестриве две од Америка. Едната ми е покојна третата, брат ми овдека умре, и тој си еба мајката. Е јас сум сега и две сестрички и чат-пат со Бригите контактирам.

Сега имат ќеркичка Лејла, дека ние сакавме ко ќе ни се родит ќерка Лејла ќе ја викаме реков, турско име е то. Мажена е со еден Турчин, се знаевме на времето тој беше мал тогаш, дур бев јас по затвори многу, имам паднато многу јако, после три-четири години та си фати дечко. Дека мене ме ишупираја. И така.

И сега таја живејт со Лејла али никојпат, викат, Чеки освен тебе и Лејла, викат немат да можам никого во светов да сакам, викат. Никого, викат. Ма системче-мистемче, па музики ми пушташе баш музики што сме ги живееле на времето, на концерти што сме оделе.

Само, викат, не барај од мене сега ова сето викат да го урнам шо го напрајв за од колку шо не сме заедно од ’79 не сме заедно, до 83та откако дојдов, така да та си напрај една фамилија. Се спаси и та беше на хероин и та се излечи самата. И јас овдека се извлеков сам.

А мојме викат, малце да се сексаме, дојди до Марибор ти вика, на пола п’т. За то вика идај. Интересно реков, ама јас реков шо немам пасош пустото реков нешто ми сметат тука. Иначе ќе дојдам, реков, имат и то време реков. Ние реков си ги знајме телата наши, реков.“

За Ерика и Еди од 1979 наваму не знае ништо. Но не се откажува од мислата да го најде синот.

Ништо не знам за нив појќе. Бригите и тука ми помогна неколку пати, ги побара, така да ми пушти адреси, ми пушти телефони од синчево. Јас дека барам само од синчево само да знам нешто. Ништо немам успеано уште да најдам. Е сега евентуел, евентуел мартов… никад није касно, мартов ако напрам пасошче и ќе напрам така некако да му ја клизнам јас до таму. А сам можам да го најдам, сигурен сум. Ако не е ептен веќе ојден Африка некоја, кај шо немојш никако да го најш. Ако е во Виена, преку нивното, мр-мр-мр. Дефтерот главен нивен полицајски ќе го најдам.

(продолжува музиката)

Животот на Чекуш е само сенка на некогашните авантури. По кафани не оди, чат-пат на чорба. На негови 52-3 години може да се каже дека живее како сиромашен пензионер, кој навечер гледа цртани филмови во трошното сопче. По некоја паричка добива од добрите сограѓани, и од изработката на сувенири.

„Имам и праено доста икони, имам доста и шитнато. И моите дела уште незавршени одма ги купвет, уште непочнати ги купвет. Едно името ми е многу чудно, второ секој сакат да имат еден дел и од Чекушот. И убо е то. Нек си имет сите. Имам и доста поклони даено, и многу сакам и да поклонвам. Мене да ми поклонит некој мојт да ме погодит само со добра пакета драм, цигари, драм тутун, со то мојт да ме погодит убо, или со добар џоинт мојт да ме погодит.“

(продолжува музиката)

Откако паднал од ролери неколку години претходно, веќе не пие како порано.

„И така се воздржав. Си дадов сам збор за себе. А и другариве ќе ме сакет појќе, сигурен сум тука, ко ќе не сум тој Чекуш шо пијат по сто пива и сегдека кај да го видиш Чекуш в раце пиво. Ролери возам, пиво в раце. Возам ролери. Имат две – три години кај шо не возам, дека паднав еднушка убо, напраен камбана. Ги менвав само пивата празни за полни. И паднав на едно место шест месеци ми рекоја, ми рекоја колку шо си стар толку деној. Ништо, не помогна. Уше појќе толку, тродупло појќе деној.“

Од имот има една трошна куќа на брегот. И три четири-кајчиња. Сите го менуваат името, ама едното останува цело време исто. Кајчето наречено Ганџа.

Овдека пред куќа имам три кајчиња, четири имам. Иначе јас го кревав точно на двајсти кајчево. Значи денеска јас го кревав кајчево. До Нова Година ми беше страв, многу браној фаќаја, да не ми го земит курбан и го кренав овдека пред куќа. Чим дојт летово сега пак, пак се прает нови бои, ново фарбање, ново име. Едното останвит Ганџа. То Ганџа си останвит и готово то. Убо кајче е. Пентичка-ментичка. И во случајов ништо не е мое, а све е мое.

(музика од Common People)

Во следната епизода: Што се случувало со Чекуш по ова интервју, односно по 2004? Сите досегашни епизоди се снимани во услови на пандемија, што ги отежнува контактите и интервјуата. Но ќе се обидеме да одговориме на неколку прашања кои остануваат отворени. Дали се видел со саканиот син? Се сретнале ли повторно со Бригите? Кога и како умрел?

(музика)

Јас сум Илина Јакимовска. Интервјуто со Чекуш во 2004 го направи Ана Ашталковска Гајтаноска. Продуцент: Бојан Угриновски. За фотографии и транскрипт на оваа епизода посетете го нашиот сајт www.obicniluge.mk. Верзија со титл има на нашиот Јутјуб канал.

Во епизодава се користени делови од песната Common People на Палп, Trouble every day на Френк Запа и Freedom на Џими Хендрикс.

Подкастот „Обични луѓе“ е непрофитен проект на неколкумина ентузијасти.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *