Не се само за деца. Ниту пак само за забава. Друштвените игри се сериозно поле за културен натпревар меѓу играчите. Тие градат карактер и те учат дека може да се губи и да се добива. Како во игрите, така и во животот.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

(звуци на фрлање коцка и играње)

Ова е снимка од домашно играње Катан. Комбинација на стратегија и среќа, таа е одлична илустрација за тоа колку човек може да се занесе играјќи друштвена игра, дури и во мало, но одбрано друштво од тројца.

(уште тече во позадина играњето)

Друштвените игри беа популарни и пред пандемијата. Но во текот на карантините почнаа да се вадат старите и одамна неотворени комплети „Ризик“ и „Монопол“, или да се редат сложувалки. Некои од нас значајно ја збогатија колекцијата, разменувајќи игри со пријатели и комшии. Други почнаа да играат борд гејмс онлајн, со нетрпение очекувајќи го моментот кога повторно ќе може да се игра во живо.

(музика Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода од подкастот Обични луѓе ќе зборуваме за оние кои играат, продаваат или создаваат друштвени игри, попрецизно „борд гејмс“, или игри што се играат на табла односно на маса. За тоа дали кај нас постои играчка заедница, и за убавината на игрите, за дружба, за учење и за одмор.

Книгата „Хомо луденс“ на историчарот Јохан Хојзинга дефинира неколку карактеристики кои треба да ги има секоја игра: во неа се учествува доброволно; таа не е „обична“, секојдневна активност; подлежи на прецизни правила, и не е поврзана со каков и да е материјален интерес. Играта значи е сериозно лежерна работа, која се прави од ќеф.

Ќефот од играњето е уште поголем ако тоа се прави во друштво, дури и со непознати. Токму така ја запознав Андријана или Ади, сериозен играч на друштвени игри. Еве што вели таа околу дефинирањето на терминот

[Андријана]

Верувам дека сите различно сфаќаат што е тоа друштвена игра. Нели сега повеќе можеби асоцира на борд гејмс, или на игри што се играат на „даска“, на рамна површина, на маса, но за мене тоа е поширок поим. Еве последно пред да фати коронава мислам дека бевме некое поголемо друштво, 7-8 души и наместо да седиме и да пиеме и да збориме за политика и колку чинат или не чинат работите ние игравме пантомима на наслови на песни и супер си поминавме.

Јас лично не сум фанатик или, не знам, колекционер, натпреварувач по турнири, меѓутоа сум љубител на дружба и на играње, на игри генерално. Мислам дека тоа е најдобар начин да поминете квалитетно време со луѓе. Што за создавање познанства, најдобро може да запознаете некого, во некакви услови дали е тоа работа или некаква задача која мора да ја завршите заедно, така да и во играњето најдобро може да ги запознаете и другите и себе.

Игрите според неа сепак не се само за забава и комуникација, туку се симулација или аналогија за нешто многу покомплицирано – животот. За тоа најубава илустрација е евергринот помеѓу игрите – Не лути се човече.

Практично, сите овие игри се и воспитни или градат карактер како би се рекло тоа. И пак тука зависи дали сакате да бутнете некого или не, дали ќе се изнервирате кога ќе губите, така да не може да помине без „Не лути се човече“.

Мислам дека во каков амбиент ќе почнете, што прво ќе ви каже тој што прв ќе ви ја покаже играта, таков играч и вие најверојатно ќе бидете понатака. И во игрите, и во животот.

Игрите кои таа ги спомнува ги вклучуваат Тикет ту рајд, Каркасон, Сенчри, како и Уан најт, што е всушност верзија на попознатата „Мафија“. Тоа зошто таа не и баш омилена повторно има врска со аналогија со животот.

Не ми е омилена затоа што вештина којашто ја развиваш на некој начин треба да е соушл меѓутоа всушност е лажење. И така, не сметам дека тоа е нешто во што треба да стануваш подобар. Но па од друга страна има убавина во тоа што можеш да го подобриш сопственото расудување за тоа кој лаже, како лаже, што прави кога лаже, или пак да заклучиш дека не можеш да разбереш кој те лаже и зашто и да си преземеш некои безбедносни мерки.

Други игри пак влијаеле врз нејзиниот интерес за серии или книги. И уште повеќе – ја мотивирале да навлезе во светот на креирање таканаречени Eскејп румс, тимско решавање загатки во одредено време, за да се излезе од затворена просторија.

Има доста игри но јас сум класичен носталгичарски пример на играч и за мене омилена би била и ќе биде мислам дека Клуедо или Клу. И тоа прв пат ја имам играно во основно оригиналната верзија. Сега играме на една хоум-мејд од неа направена верзија, кајшто си ги правев и картичките и ги имам цртано и човечињата. И навистина ја сакам таа игра пошто има тука многу елементи дидактички сеа некои викаат дека е среќа јас не се согласувам со тоа. Оваа игра има направено навистина влијание врз мене па и понатака во ете стварање некоја зависност од криминалистички серии, Ци-ес-ај, детективски некои романчиња и може ќе спомнеме понатака за ескејп соби играње и креирање.

Пред некои 4-5 години прв пат се запознав со овој феномен и за тоа навистина станав веднаш фанатик. Многу брзо искреирав ја оформивме нашата соба Case Closed, тогаш бевме четврта понуда во Скопје. Сега ќе ги спомнам и другите, бидејќи тука не се работи за конкуренција, сепак зборуваме за луѓе коишто сакаат да играат. Ескејп рум Скопје, Кјуб којашто мислам сите ја знаат, тогаш имаше една понуда, втората соба всушност се затвори така да значи после се отвори во Кисела вода тие имаа две понуди и Кјуб со уште три понуди. Значи пред пандемијата имаше. Сега за време на пандемијата да се чудиш се отвори една кај Три Бисери мислам дека имаат две понуди. Значи сеа тоа се со некои мерки значи не знам како точно, не е истото, но сепак еве за играчи, советувам тоа е значи најдобро поминато време во друштвена игра која ја играте во реално време, затворени сте во соба, треба да решавате загатки, морате со заеднички сили тоа да го правите. Исто така она што го спомнав колку повеќе играте толку подобри станувате, тоа е игра на комуникација на вештината на подобрување на тимот а нормално тука се и тие когнитивни способности и загатки и асоцијативности итн.

Друштвените игри таа ги поврзува и со уште едно нејзино хоби – Ултимејт фризби, чии темели ги има удрено во Македонија.

Има повеќе спортови со летечки дискови, со фризби, оној којшто јас го практикувам е тимски и се нарекува ултимејт. Доста е распространет низ светот, еве се бори за место на Олимпијадата во Лос Анѓелес 2028-ма, за Париз веќе нема шанси, брејкденсингот ќе биде во Париз. Но се бори велам за таму, има доста збиднувања и се уште се игра на еден начин специфичен што го нема во други спортови. Една од дисциплините е миксд, каде тимовите се составени и од машки и од женски играчи. Тоа е можеби една од најинтересните дисциплини и за таа дисциплина се очекува дека би била интересна за ТВ преноси и за самите Олимписки игри за она што тие го носат како вредност. Но меѓу другото во овој спорт постојат некои пет принципи и за овие пет принципи екипите веднаш штом ќе заврши натпреварот си се оценуваат едни со други. Прават еден spirit circle го викаат тоа или круг на духот каде што се собираат сите играчи и капитенот или тој што сака да зборува кажуваат што мислат за одиграниот натпревар во однос на тие некои пет принципи – фер плеј, познавање на правилата, комуникација на играчите, дури има и еден принцип којшто вели да се забавуваат значи колку се забавувале, и тоа го коментираат на крајот на натпреварот со еден фидбек меѓу себе. И често се случува додека трае ова неколку минути а некогаш трае и подолго, 20тина минути, ова се случува на секој натпревар особено на секој официјален натпревар, тоа се ивенти со по 2-3 илјади луѓе. Се тргаат двете екипи и си го прават овој „сркл“ и се случува значи после дискусијата да се прават спирит гејмс или игри за духот и тоа се баш игри-игри, интересни, социјални и обично се прават и на тренинзите и така едноставно се разбива и се сузбива таа можеби некоја тензичност.

(музика, Claim of Thrones)

Самоил и Владимир се двајцата сопственици на Гоблин, единствената специјализирана продавница за друштвени игри во Македонија, која оваа година слави убав јубилеј – 20 години постоење. Ги прашавме за нивните почетоци, и дали ја отвориле Гоблин како љубители на игри, или како можност за заработка.

Ова е Самоил:

Самоил: Многу интересно… почетоците наши се многу интересни. На луѓево им се чудни дека така може нешто… дека нели сите кажуваат у цел свет нели оние не знам од Бил Гејтсови до чуда како почињале и за такво… Него ние како сме почнале. Ние дека почнавме во гаража беше „Гоблин“. У суштина (се смее) беше првиот „Гоблин“ во гаража. Значи гаража изнајмивме кај Цветен пазар порано што беше „Авто-Македонија“ доле во гаражите што се спушта позади. И во гаражата ја спремивме доле со теписон, околу беше со онаков… онаква хартија тврда хартија напраена уметнички на другаров татко му ја работеше, уметник еден. Такво нешто и он напраи ко данџин внатре да биде. И залепивме постери, теписон внатре и викавме луѓе, така доаѓаа таму. И се соблакаа кондури надвор и се седнуваше внатре на теписончето (се смее). И после некое време стана толку гужва и толку смрдеше што не се влагаше внатре веќе (се смеат). И тогаш сфативме дека мора да напраиме изгледа продавница да отвориме.

Владимир: Нормално дека за егзистенција но пред сè сме почнале значи ние сме биле ептен тогаш деца да не кажам за вакви работи, не сме ни размишљале за бизнис туку сме размишљале баш онака као знаеш што ни е на нас интересно и сме си го почнале ради тоа. И после некое време испаднало, со дугачко време знаеш, со запознавање на луѓе и се створила некоја… некоја заедница во Македонија со која што ни било интересно. На крај сеа можеби е малце попопуларно него порано. Мислам во последно време и ние пробуваме да го популаризираме. Во последно… ние сме пробувале одамна да го популаризираме ама едноставно може не било времето. Да кажеме ние сме иделе цело време на саеми на книга цело време, сме иделе на новогодишни саеми ама едноставно не било времето за тие работи, не дека не сме пробуваме. А сега да кажеме можеби со 5 посто труд од тоа што сме го вложувале, сега има многу поголем фидбек. Особено со социјални мрежи каде што многу луѓето знаат. Да кажеме ја у Скопје сум си мислел дека кој не те знае. Ама испадна уствари дека многу не нè знаат. Особено сега со коронава тоа го дознавме коа луѓето… откога се затворија моловите и луѓето почнаа да бараат алтернативни продавници дека не можеа да си купат све у мол веќе.

Разликата којашто Владимир ја забележува во последниве неколку години е надминувањето на стереотипот дека друштвените игри се само за деца. Сега има се повеќе муштерии кои се добро информирани, точно знаат која игра ја бараат и не се чудат за цените, кои за наш стандард се релативно високи.

Владимир: Веќе не е она – као ајде што е ова? Сега сите сакаат веќе да играат игри не е како… она као детска работа порано тоа беше големиот проблем, како да го надминеме ние тој комплекс. Демек играва… игрите се за деца. Сега веќе не е воопшто тоа муабетот и сега луѓето доаѓаат и нè прашуваат која игра можеме да им ја препорачаме, која може да ја играме со деца, која можеме да ја играме у друштво, парти гејм. Значи веќе друг е муабетот. Порано беше као што – ааа, деца, да за деца, добро. Или да речеме втората работа што беше бариерата беше цената. Пошто порано беше све да кажеме не-оригинал и луѓето имаа некоја претстава дека кога ќе купам јас за 100 денари за плејстејшн игра, а кога некој ќе ми понуди две и пол илјади денари игра друштвена, голема е разликата. А сега едноставно ко ќе просурфа ќе види дека игрите се мање-више тука цените, сфаќаат дека е тоа. Коа ќе дојдат кај нас веќе не реагираат – ууу леле колку е скапа играва. Знаат, тоа е тоа. Значи не е нешто поразлично кај нас. Сеа може ради помалиот пазар може нешто да е поскапо, може нешто поефтино ама тука некаде е мислам, со одредени работи тука е. Малце сме ние мислам поограничени зашто не сме во Европска унија, па имаме некои подруги давачки и така ама генерално е тоа. Значи и сега е многу попопуларно, значи луѓето да кажеме доаѓаат и бараат игра. Порано беше – што ќе ми понудите. А сега веќе доаѓа, има дури бараат игри што се… што искочиле сега во последниве пет дена да ви кажам, сакам оваа игра да ја добијам. Тоа порано не постоело. Тоа порано било „Риск“, „Монопол“ евентуално ако нешто побарале и толку.

Самоил: Сега е многу помалку така. Порано па беше ептен. Порано ме прашуваа – кај да го ставам цедето? Им викав – ова се друштвени игри. (се смеат) Не, најискрено. Ова не е шега. Ова е анегдота. Порано кога продававме игри…

Владимир: Не, не, тоа беше – кај да ги ставам картите во плеј стејшнот? Коа им кажувавме за „Меџик“.

Самоил: Кај да го ставам цедето? Да. Коа ги учевме за „Меџик“ за овакво, викаа – кај да ги ставам во плеј стејшнот или во компјутер, кај влегува? Нигде, викам, не влегува, кај може да влегува, друштвена игра. Порано беше синоним за игра беше плеј стејшн и компјутер. Не… вакво нешто беше онака, значи не му паѓа на памет дека ние нешто такво продаваме, разбираш. – Кај да го ставам цедето – беше муабетот. Сега многу поинаку е.

За некој кој никогаш не навлегол во светот на друштвените игри, изборот од каде да се почне, а да не е тоа домино или карти, е прилично тежок. Терминологијата, жанровските одредници, категориите, правилата знаат да бидат збунувачки, па во рамки на самата заедница има такви кои се ограничуваат на полесни игри а постои и, така да ја наречеме, гејмерска елита. Кои се релевантните информации по кои човек може да познае дали некоја игра е за него или не?

Самоил: Па на секоја игра… на секоја игра обележано си го има возраста за која е играта, за колку играчи и колку времетраење. Тие три се како референци кои што секоја игра… на секоја игра ги пишува вака као мал дел во ќошот или на страната. Тие се основно нешто што би почнал да гледаш. Значи ако сакаш некоја покомплексна игра, таа подолго трае, пишува, одредувањето на возраста е од 8+, 10+, 12+ и 14+ да речеме. Сега 8+ се за општа публика, тоа не значи дека се само за деца, него и за возрасни се, меѓутоа тоа се оние да речеме „Монополи“, „Тикет ту рајд“ најпознатите светски игри и некои на тоа ниво шо се основни, бејзик, шо немаат долги правила, шо не треба… ти треба саати да прочиташ и да ја поставиш играта и така натаму. Како оди нагоре тоа за возраста, така покомплексна е обично играта. Сеа не мора да значи, има… некои игри не се ни добри. Ако пишува 14+, не значи тоа… не гарантира дека играта е добра, него чисто е дека комплексно. Исто и бројот на играчи. Значи обично парти гејмс, тие шо се за забава, шо не се баш стратешка игра, се со многу повеќе играчи за да може да биде баш парти гејм. Значи има „Диксит“ што е најпознатиот парти гејм, дури до 12 играчи може да се игра. И такви слични се со повеќе. Стратегиите, мислам и другите обични борд гејмс се играат од два до пет, два до четири играчи, така. Најчесто е така. Ние што гледаме, мислам, ја у последно време не сум ни играл нешто посебно многу комплицирани игри, ако не се собереме вака… Нема веќе собирање у последнава година, ја најосновните ги играм дома со фамилија. (се смее) Тие со 8+ шо си се, тие ги играм и тие се враќам онака да кажам, шо порано сум ги играл, се враќам пак на истите. Некој круг се направи у моево играње на игри, сеа пак почнав на тие основни да се враќам, со син ми, он почнува да ги учи и ја пак си се враќам и многу ми е ќејф затоа што гледам дека стварно не мора да значи дека ако играта ете не е 14+ или не е некоја си којзнае што, дека е лоша или досадна ќе ми биде. Баш ми е интересно и многу забавно. И такви основни игри се супер.

Ако комплексноста се одредува од 1-5, нашите домашни игри стигнуваат максимум до тројка. Тие најсложените практично и најретко се играат. Многу важно за секое друштво е да постои човек кому не му е мрско да чита правила. За среќа во нашето семејство има таков, a тоа не сум јас.

Владимир: Глеј, ја исто не сакам да читам правила ама сега е многу полесно ради јутјуб. Тоа исто многу смени во заедницата за играње игри. Пошто да речеме многу од луѓето го имаат тој проблем, исто и ја. Да речеме мене ме мрзи да читам правила, секогаш имало кај нас во групата некој што сака да чита правила и што сака да објаснува игри. Тој ќе отиде напред. Сеа ја дека нема да прочитам, нешто ќе прочитам ама у секој случај сега на јутјуб ќе пуштите и за… како видео ќе си го изгледате и е многу супер. Значи многу е баш едно… Тоа викаат, дека сега нивото за да влезете во играта е многу полесно. Ем има едноставни игри, имате на оваквото, на јутјуб кајшто може да си ја видите, да ви ја објасни некој, уопште да не се ни замараш… да читаш и супер. Сега многу полесно се влегува во игра дури и воопшто никад да не сте играле игра. А може да навлезете у некоја игра и што е потешка, не мора да биде некоја едноставна. Се случило кај нас луѓето да почнат и со некои потешки игри, никој не го тера да почне со основни. Ние им кажуваме дека е подобро. А иначе едноставно има луѓе што доаѓаат и ја зимаат „Гејм оф тронс“ пошто сакаат, се фанови на тоа и си ја зимаат таа игра. И таа ја играат и ништо не им смета. Може ќе им треба два-три дена, пет, да ја научат поише него основната ама ако се компактно друштво и таа ќе ја играат не е проблем.

(музика, Claim of Thrones)

За тоа дали некоја игра ќе биде атрактивна, популарна и продавана играат улога повеќе фактори. Но еден од најзначајните е нејзиниот дизајн. Тхе Мичо е нашиот најпознат домашен и извозен стрип цртач, илустратор но и дизајнер на борд гејмс. Број на креирани до сега – над осумдесет. И колку и да звучи чудно, од нив има изиграно – нула.

ТМ: А бе види јас на неќење се најдов во овие друштвените игри и на пример, иако имам напраено бајаги игри, сеа ова го кажвам сегде нормално, неам изиграно ниту една. Значи буквално неам изиграно ниту една друштвена игра. Не знам ни како се играт, ни како се поставуват, ни ништо. Еднаш за малку пробав една, сега не ја именувам која пошто сепак се многу, ама некако не ми одеше пошто многу сум кнап со време обично, пошто му кажувам и на пријателите и на соработниците, за да ги играте овие игрите, некој мора да ги сработи. И обично така… бајаги работам. Му кажувам и на пријателчињава и на колегите дека буквално знајш онака освен во ретки ситуации, викенди и слично, ручеци ко ќе прајме заедно со фамилијата ама најчесто на компјутер… ја… да ти ја покажам сега тастатурата, полна е со чудни работи. Мислам јадење сеа, имам јадење и од брадата влакна шо би се рекло.

Како и да е. И случајно влегов во тој светот на игрите. Јас претходно, си цртам јас од порано, отсекогаш сум сакал да цртам пошто единствено за тоа, да речиме ме бивало. Имав среќа во тој некој минат систем да сум задоен така со стрипој. Пошто имаше и стрипој се продаваја, и луѓето многу читаја стрипој, значи немаше врска то некоја класна структура, дали работници, дали интелектуалци туку баш онака стрипој имаше многу. И јас го фатив тој период и стварно сакам стрип, значи јас буквално цело време само за то зборам, само за стрипој, за игри и за филмој. И реков значи само за то ме бива, ќе си цртам и си цртав. Нормално сеа и ден-денес е така за жал, дури можда и малку претерват денеска, не сметаја околината дека е ова професија шо знајш, би била супер за живот. Ама случајно заради то шо стварно сакав да цртам, пошо цртав цело време и ко ќе мислеа мојте дека учам, си цртав, и на училиште цртав. И пробав на ликовна академија да се запишам, не се запишав, па на друго се запишав ама си продолжив да си цртам јас, значи нон-стоп. И то баш буквално многу! Значи со некоја желба дека некоаш ќе успеам во некои така дисциплина за цртање. И преку то си почнав да си работам стрипој, илустрации, па учебници, па „Студентски збор“, па на нејќење се запослив во во „Идеја плус“ во Скопје, па поживејв малку Скопје, поработив малку за тие агенции. Сè уште работам за голем дел. Поработив на некои списанија. Па си се вратив во Битола пошто и во Скопје ко живеев, работев од дома. Пошто тогаш све шо дојде АДСЛ-от во Македонијава и имаше значи онаков брз интернет и не мораше да одам со цедињата ко… така да носам по фирмиве. Па си работев од станот, па констатирав – сега шо ќе седам тука во Скопје во стан, ко можам да си седам во Битола. Плус то Битола беше помало место, знајш излегваш на кафе, не мора да се договараш баш до толку, ќе се видиме не знам ти каде. Ќе си седам во Битола, па си работам то шо си работам, па едно време залауфав со сториборди цртање, така да мислам дека секој ден работев на неколку реклами или шо и да е.

Додека пред три-четири-пет години ми се јавија, ќе го спомнам тој… да речиме првата игра шо ја праев и праев знајш шо, дали… пошо јас и покрај то шо работев сториборди, илустрации, овје ги користев социјалниве страници шо се за уметност, за арт, тие девијант арт и слично. И клаваш цртежи нали како портфолио, пошто мојата работа треба да ја видат луѓето. Ако цртам јас само за мене мислам, која е поентата. То ти е исто ко Гинисот шо го пиеш, да си го прат дома и да си го пијат сами. Сфаќаш, глупо е. Нема да го споделиш ќефот со другите. И луѓево ѕирнале шо сум работел, прашаја дали можам да изработам игра, јас реков – океј. И ја напрајвме та првата игра и некако убо помина… мислам не помина убо, туку преубо помина таја првата игра. И значи јас обично му кажувам на луѓево шо работиме дека не е играта само цртежот, туку играта е целокупниот производ значи… Најбитно е играта да е уба. Пошто како филмојте сега шо ги прат, ако ти речи дека филмот, фотографијата е преуба или специјалните ефекти се преубај, значи реално филмот не чини, значи една… најбитниот дел, целиот производ не чини, само еден дел ако чини.

Како оди процесот на изработка на една борд гејм?

ТМ: Обично оди на то шо ќе ми пратат меил да речиме – здраво, – здраво. Јас сум фиљан чоек од не знам, Белгија, сакам да прам игра, дали си зафатен или не си зафатен или од кога си слободен. Пошто периодов сум така тро позафатен. И јас ко ќе му речам – океј, нема проблем. И обично на сите му викам – океј, нема проблем и после ко ќе ми заглават од сите страни и паничам. И зато не можам да играм. Не можам да играм борд гејм, на плеј стејшн можам да играм. И обично барам да ми испратат најкус можен список на то шо му треба и евентуално некој примери од то шо му треба. Со то шо потенцирам да речиме, дека јас работам така како шо работам, мојот стил е тој шо е, значи можат да видат на мојте пејџови и слично, како работам – шо работам… Пошто ако барат да цртам нешто во некој друг стил мислам дека е онака фер да спомнам дека не можам то да го напрам и дека то не би бил јас. Така да стварно покушавам да… да… најпросто и нај онака… најбрзо да се договориме. Од ко ќе… констатираме колку пари треба да ми платат, јас… ко ќе речиме – да, – да, – прајме, – прајме, неќам да ми плаќат унапред пошто после имам некако како обавеза дека мора да завршам до петнајсти, оти после ќе ми спомнат. Вака барем и да закаснам онака – шо ако каснам, немате платено вие, шо? Ко ќе напрам, ќе ми платите. И покушавам многу така симпли да ги напрам. Сега една игра шо ја праев за „Оспреј“ на пример, та има околу триста печеес илустрации, ме прашаја дали можам да ја напрам за три месеци. Јас му реков – океј, ќе ја напрајме. Ми пратија список од илустраците и то беа баш онака кратко и јасно напишани. Шо знам, секира и со цртичка знајш она, линк до некоја секира шо можда тие би сакале да биди, да ја нацртам. И то би било то, начелно. Значи  обично му кажвам и нив и се смеат и зато ваљда соработваме дека шо ќе се заебаваме сеа ние вака ќе седам јас на состаноци, па ќе состаночиме. Значи има исклучоци. Некогаш можи ќе треба така да заглавиш, али начелно покушавам пошто сепак прајме игри, шо би се рекло прајме магија и забава некоја, да е најпросто и најзабавно за сите. Значи да не губиме време во многу договарање и тупење, туку баш онака.

ТМ: Имам една табла толкава, сега да не ја вртам камерата да ти покажам и си работам на таблата. Значи јас работам дигитално и обично ќе речат сега така некој – а бе шо дигиталното. Класика. Нема то класика. То да го изјавиш треба да не си вака свесен со работните текој, значи професионално работење. Јас имам на пример обврска да завршам икс количина на илустрации за некој период. И реално се стига тоа и рачно да работиш и слично ама и да работиш рачно значи пак ќе речам, хартијата и таблата се исто, алат. Ако не знајш да црташ на хартија, нема да знајш ни на компјутер да црташ. Значи компјутерот ти е само површина. Значи буквално имаш виртуелна хартија и да работиш ти на хартија, после то треба сето да го скенираш, па да го токмиш и така натаму и треба да го пратиш на меил. И сеа реално со дигиталново добиваш многу време шо мојш да го искористиш во јадење пица или играње друштвени игри или играње на плеј стејшн или на крај краева ќе си седам со фамилијата, ќе си гледам филмој пошто ќе го заштедам то времето. Ааа… и значи… и на рака да црташ, пак идиш до онај делот шо ќе треба електронски да го поминиш то и така да голем дел сечиш од процесот. Со тоа шо да речиме имаш миљарда опции дека ако згрешиш можиш да го избришиш.

И тој има интересно толкување на тоа што се друштвени игри и како тие се разликуваат од гејмерството воопшто:

ТМ: Овај светот на друштвените игри баш си го носи она… супер му е името. Значи друштвените игри ти се игри шо се играт со луѓе, иако и ова плејстејшн и слично се играт со луѓе али овие друштвените игри се во… без присуство на електрична енергија, освен за сијалица евентуално и ако има некој покушаи сеа пратам вакви знајш да ја даунлодираш апликацијата, па нешто да ти поможва… Мада тоа не функционира. Али друштвените игри се уствари за… сеа не сум баш сигурен дека богати е изразот… на луѓе, али друштвените игри се за олабаени луѓе. На пример ко ќе ти е сè релативно погодено, значи… мојш да замислиш колку е тешко то кај нас, мислам знам колку е тешко, знајш и ти колку е тешко. Ко ќе си олабаен на пример од работа негде или од… така од стресој и слично и ко ќе си дојдиш дома и да си седниш да си играш, да си наместиш таму со јадења, со пиења… Јас имам гледано како си ги прат тие соби шо си ги имат дома и стварно се спектакуларни. Али стварно знајш она треба време да седниш, да се организираш, па јадење – пиење, пици ти шо викаш, пива, сокој и слично. И стварно се убај пошто онака ај шо те спојват со најблискиот, туку ти кажвам, преку работата моја, стигнуваш до луѓе шо најверојатно не си планирал никогаш дека во животот ќе стигниш. Значи од различни професи, не знам од филмски ѕвезди, до популарни автори на книги на пример, и така натаму.

Самоил се надоврзува со интересно толкување за тоа што друштвените игри се повторно „ин“, без оглед на пандемијата.

Самоил: И сега луѓето уствари бегаат, сите сакаат да избегаат од тој екран. Скроз е друго расположението на луѓето како гледаат спрема тоа. Сега више не го гледаат као нешто застарено, нешто такво. Значи тоа е… сапиосексуалноста е многу поразвиена сега од порано. Значи сега… не е сега срамота да си гик или да си нрд. Порано беше сфаќаш, мачо типови беа фраери. Сега се овие што се интелектуалци се фраери. Сега сè повеќе тоа доаѓа до израз. И заради тоа и ваквите видови на забава или сеедно, мислам стануваат сè попопуларни и пофраерски.

И.Ј.: И за интелектуалките важи?

Самоил: Да. (смеење)

И.Ј: Да знам. За другарка прашувам.

Самоил: За другарка прашуваш. (смеење)

Самоил: Исто и другари, другари сеа ми зборат другари вика – леле човече – вика – идам по гости, по луѓе – вика – ми вадат друштвени игри да играме човече. Дај ракијата бе, ало! Значи незамисливо било ова за мене порано – вика. Шо напраивте? Он така ми вика. Сеа чоеков не е некој шо игра игри, очигледно по муабетов е, нели. Не е битно, него ми праи муабет – шо напраивте на луѓево сите бе. Сегде идам – вика – сите нешто игрици нешо да играат. А бе шо ви е, дајте мезе, ракија нешто – вика – шо ви станало на сите – вика – со игриве еј.

Во земјава постојат неколку фирми кои издаваат игри, Архона Гејмс, Фајнл Фронтир и Деванчи гејмс, кои собираат средства преку платформата Кикстартер. Ако добро избројавме, до сега се издадени 9 игри од кои 2 имаат доживеано експанзии поради огромниот интерес. Најочекувана за 2021 е Monsters on Board, дизајнирана од Самоил, Иво и Микиќ. Се работи и на друштвена игра инспирирана од документарецот „Медена земја“, која се планира да се воведе во основните училишта.

Уште една игра има таков, огромен образовен потенцијал. На 13 април 2019, на Меѓународниот ден на Скребл, во скопското борд гејм кафе „Само“ (интервју со еден од сопствениците види тука) организирав ден за тестирање на македонска верзија, првично дизајнирана од мажот ми. Неочекувано, се појавија голем број одлични познавачи на оваа игра на составување зборови, нешто слично на крстозбор. Врз основа на нивните предлози за правилата и бодувањето дечките од Вудиз изработија верзија за продажба. Токму на тој настан ја запознав Адријана.

[Андријана]
За мене Скребл е игра за секоја прилика затоа што едноставно нема зошто да не ви се допаѓа оваа игра. Треба од неколку букви што ги имате да составите збор и да освоите поени.

Оваа игра дефинитивно треба да се вметне и општо мислам дека и други игри треба да се вметнат во образовниот систем кај нас за полесно и на поинаков начин да се учат некои работи. Не сите деца исто учат. Мислам дека игри треба во се’ да се вклучат кога станува збор за учење.

И Тхе Мичо се согласува со важноста на играњето друштвени игри за растењето и формирањето на детската душа.

ТМ: И то би било супер пошто сметам дека и… значи децата како такви ако растат во некое така општество шо ќе… кај шо ќе има стрипој или… мислам дека можда ќе бидат поарни луѓе. Е сеа заебанцијата е то шо обично стрипојте, игрите и такви работи се многу скапи и тие се значи онака знајш… ќе ви посочам сеа… праењето игри не е баш толку битно колку да си доктор сеа. Сеа реално стварно имаме потреба од доктори, како пример во ситуацијава во која шо… И ова играњево игри и стрипој мислам дека на тој крајниот дел од општествово, пак ќе речам кај шо се сите задоволни, сите ќе бидат среќни, па ќе дојдат знајш она олабаен… Оти сега  на пример Битола да дојди некој од Кромберг и Шуберт, со маски онака, изнервиран в крај, не вервам дека тој знајш… или ќе игра или ќе му дозволи на некој од фамилијата да игра. Така да се надевам… значи се надевам дека ова… од ко ќе заврши сето ова, тие препукавања кај нас ко ќе завршат, некогаш ко ќе станиме релативно нормални во сите тие погледи од животот дека ќе почни и малку вон Скопје и во другите места да се развива ова култура.

(Комон Пипл музика)

Со надеж дека новата нормалност ќе дозволи да се седне со луѓе и да се игра, макар и Не лути се човече, ќе продолжиме да вртиме Катан. Ќе изградиме патишта, крај патиштата населби, а во населбите луѓе, кои освен за жито, камења, глина, дрво и овци ќе имаат и потреба и ќеф за игри.
Коцката е фрлена.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *