Повеќето приказни визуелно можат да се прикажат како отсечка, со јасна појдовна станица, линеарно траење и крај. Некои повеќе личат на концентрични кругови, каде еден настан поттикнува втор, па трет, па четврт. Приказната за семејството Малахови повеќе потсетува на сликарството на руската авангарда – можеби на еден Малевич или на Кандински. Во неа има историски превирања, авантури, љубов, неочекувани пресврти и мистериозни парчиња. И сето тоа поврзано со Македонија.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

Епизода 32 – Транскрипт
(руска класична музика, звуци на ветер и студ)

Илина:
Самиот поглед на картата на областа Архангелск на крајниот север на Русија прави да ти влезе студ в коски. Главниот град со истото име бил значајно пристаниште и трговски центар, но и почетна точка за бројни експедиции за истражување на северот – Баренцовото море, Арктичкиот Океан и Северниот пол. Oд тука ќе започнеме една нова експедиција, oвој пат кон југ.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Во триесет и втората епизода од подкастот „Обични луѓе“, од тајгите на рускиот север ќе се преселиме најпрвин во шумите на нашето Поречје, па на улиците и во институциите на поствоено Скопје, а од таму во сите правци на светот. Водичи на оваа експедиција ќе бидат членовите на семејството Малахови, чиј удел во македонската култура до скоро не беше доволно познат. Сè до една изложба и нејзините четири авторки.

(руска класична музика)

Илина:
Повеќето приказни визуелно можат да се прикажат како отсечка, со јасна појдовна точка, линеарно траење и крај. Некои повеќе личат на концентрични кругови, каде еден настан поттикнува втор, па трет, па четврт. Приказната за семејството Малахови повеќе потсетува на сликарството на руската авангарда – можеби на еден Малевич или на Кандински. Разиграните форми како да ги ништат геометриските конвенции, боите се прелеваат, а сликата понекогаш има таква длабочина што различните облици, согледани заедно, формираат тродимензионален холограм.

Како да се раскаже една ваква животна сторија, без да се направи неправда кон нејзината повеќеслојност? Ќе се обидеме, онака како што тоа го сторија Лина Жила, Јасмина Дамјановска, Љубица Велкова и Јасминка Намичева. Тие се авторки на изложбата под наслов „Македонската робинзонијада на семејството бегалци Малахови“, која се отвори на 19 октомври 2023 во Музејот на град Скопје.

Пред да присуствуваме на нејзиното отворање имавме слушнато само за името на Марија Малахова, авторка на еден илустриран албум на македонски народни носии, кое звучеше како да е руско. Не знаевме ниту како се нашла во Македонија, ниту пак каде заминала од тука. И самите авторки на изложбата на почетокот не знаеле многу повеќе. Она што сепак можеле да го претпостават се причините зошто е тоа така.

(музиката престанува)

Лина Жила
Кога ние почнавме нашата изложба ние мислевме дека имаме работа со руската имигрантка бидејќи беше периодот на граѓанската војна во Русија после 1917 година и дел на Русите избегале од својата држава. Количината на бегалци беше огромна. Целата Европа и целиот свет можам да кажам беше преплавен со руските бегалци, но кое што оставиле на пример овде во Македонија огромна трага. Вие се шетате низ градот… кој ја знае арапската куќа? Да. И? Тоа кој изградил? Руски имигрант Иван Артјомушкин. Таа основната зграда која што гледате реклама „Пивара“ на плоштадот. Рубинова… ова палатата… Ристевичева палата, Русинот ја изградил. Значи кога ќе погледнете целиот центар, кај паркот нели знаете таа прекрасна зграда, пак Иван Артјомушкин ја изградил.

Значи кога они дошле овде се нашле дека нема подготвени кадри. Нема кој да гради, нема кој технички да рачуна, нема кој да гради патишта, нема кој да предава дури во гимназија. И прво која сила ја искористиле? Ги искористиле руските имигранци и фактички меѓу двете светски војни кога ќе земете секој град од Македонија… Куманово, центар на Куманово изграден исто од руски архитект Антонов. Значи во секој сегмент од општество они остават својата трага. Но зошто вие не знаете за тие руски имигранци? Бидејќи беше коминформбиро, прогонувања, значи они првпат бегале од својата држава заради војната, вторпат избегале бидејќи ги истерале од овде и со ластикот (гумата) избришале спомен за нив дека таквите луѓе постоеле.

Од предавањето во Музеј на град Скопје

Илина:
Ова е гласот на Лина Жила, Русинка која веќе долго живее во Македонија и се занимава со многу значајни истражувања за некогашната руска емиграција, но и со други поглавја од македонската историја. Во склоп на изложбата таа одржа предавање за студентите по етнологија и антропологија, чија снимка ја користиме.

Ако според нејзините зборови Марија Малахова не била „обичен“ руски имигрант, тогаш што била?

Клучно за расветлување на нејзиното потекло излегло интервјуто на нејзиниот сопруг, емитувано од рускиот сервис на Радио „Слободна Европа“ на 6 мај 2004 г. Во него, тогаш 99-годишниот Георгиј Малахов, само една година пред својата смрт, раскажува за својата сопруга Марија и открива дека нејзиното моминско презиме било – Шпис.

Лина Жила
Ние почнуваме нашето истражување и не можеме никаде да ја најдеме. Ниту меѓу имиграција, ниту некој се сеќава, памти и така… И на крајот испаѓа дека таа не беше ниту Русинка, ниту презимето ѝ беше Малахова. Се работи за руска Германка или поточно на Германката родена во многу две богати фамилии кои што во сегашното пребројување на пари би биле милијардери. Значи тие држат најголемите фирми, најголемите кампањи во Русија. Една фамилија Шпис, нејзиниот татко, една фамилија Вогау, нејзината мајка. Капиталот е меѓународен. Нивните фирми се во Лондон, во Виена, во Париз, значи секаде низ светот. Она живее во раскошни услови во две култури. Истовремено руска култура, германска култура. Од мало ги учат да пишува на руски, на германски. Играт со руски играчките, играт со германските играчките. Се шетат низ светот како мали деца во Шведска, во Швајцарија и така натаму, бидејќи имаат роднини. И наеднаш нивниот свет се руши.

Во 1914 година почнува Првата светска војна и почнува прогонот. Сите Германци во Русија ги запалуват нивните имоти, им одземат сите нивните средства, а нив ги интернират деветсто километри од кај Москва во страшни краишта каде ладно, каде гладно сите Германци бидејќи демек непријатели на рускиот народ. И одела Марија со своите два браќа, со својата мајка, со својот татко отпатува како интернирана и одлучи да си води дневник. И тоа што сакам да ви кажам колку е битно во себе да имате нешто што ќе води понатаму вашиот живот. Она како четрнајсет годишното девојче која што веќе од Русија ја истеруват во Германија си запишува во дневникот: „Сѐ што сакам од овој живот тоа е природа, слобода и уметноста. Сѐ друго за мене нема значење“.

Она доаѓа во Германија, ги пречекуват со оркестар, им дават одма германско државјанство бидејќи они се потиснати Германци од Русија. Но Марија си останува со тагата по Русија. Она цело време копнее по тоа детството, идеално детство што она поминала во Русија и ја идеализира руската култура. Она во Германија родителите гледат колку она сака природа, ја запишуват во најбогатата, една од најбогатите школи, приватни школи, школа во Хаубинда. Таа до сега постои школа, интернат во Хаубинда која што создава германскиот реформатор доктор Лиц. Доктор Лиц кажува дека најважното во општество ако ние сакаме да постигнеме убаво општество, тоа не се политички реформи. Тоа е воспитувањето на нашата душа. А нашата душа можеме да ја воспитаме по пат на радост и среќа. А радост и стреќа, тоа е нашиот труд. И затоа тој пропагандира селанскиот труд, поврзано со земја, поврзано со природа и кажува дека општество на иднината треба да се базира врз самопожртвуваноста, врз воодушевувањето, врз љубовта и врз сила, но сила на духот. И ги воспитуват децата во таа насока, дека не се битно кој си, а битно што правиш. Битно дали вложуваш дел од својата душа во тоа што правиш. И таква излегува Марија од ова школо.

Марија Шпис Малахова

Илина:
Марија или Мисја – прекар од детство кој продолжила да го користи како уметничко име, и покрај сите премрежја низ кои поминува нејзиното семејство, продолжува да го учи она што најмногу го сака, уметноста. Тоа го прави и во Минхен, и во познатата Дрезденска академија за ликовни уметности и во Париз. На своите бројни патувања, во 1930, на 27-годишна возраст, во Естонија се запознава со Георгиј Малахов, татко на нејзиното дете, со кого најпрвин е во вонбрачна врска. Тоа можеби и би останало така доколку не се случел еден значаен историски настан.

Георгиј Малахов

Еве извадок од нејзината АВТОБИОГРАФИЈА:
(гласот на Верица Недеска)

„Во 1939 година, кога почна војната Германија–Полска, сите Германци од балтичките земји почнаа да ги праќаат во Германија. Јас, плашејќи се дека ќе дојде ред и на мене и синот, стапив во контакт со таткото на детето и заминав во Југославија. Таму го регистрирав бракот со инженер Георгиј Малахов. На тој начин се ослободив од германскиот пасош и доброволно ја прифатив бесправната положба на руската емиграција.“

Илина:
Местото на кое таа му се придружила на својот сопруг и’ го понудило точно она што го сакала – мир, едноставен живот и можност да се занимава со својата уметност, фотографијата и сликарството. Порече и Македонија во таа 1939 година биле се уште далеку од европските воени премрежја. Геогри Малахов тука дошол следејќи го татка си Александар и чичкото Роман. Александар, додека студирал на Московскиот универзитет дошол во допир со теориите на социјалистот Роберт Овен и станал приврзаник на идејата за самоодржлив живот во кооперативни задруги.

Првите Малахови во Порече

Лина Жила:
Таткото две години студирал во московскиот универзитет, заради политичките протести го исклучуват. Тој си одбира да отиде во Англија да проучува задругарството. Доаѓа после се враќа кај север… на север на Русија, тоа е Архангелск, таму многу ладно, одма да ви кажам и нема ништо освен шумите. И сите живеат од шумите. И тој предлага, создава првите задругарства на север на Русија. Потоа во емиграцијата после граѓанска војна се обидува за задругарство во таканаречени Закарпатска Русија. Тоа е исто спорна територија помеѓу Чехословачка, тогаш Чехословачка, помеѓу Унгарија и помеѓу Украина. Во градот Мукачево создава кооперација. Живее таму десет години со кооперација. Потоа почнува криза економска и они одат во Белград бидејќи во Белград кралот Александар создаде таква политика што руските имигранци се поддржуват и затоа многу руски имигранци мислат дека Југославија тоа е спас од нивните беди. Кога доаѓат овде, разбират во Белград дека и тоа не е точно, но тој не се откажува од идеја. Одбира едно место кое што е апсолутно запустено во Босна… Босна, Србија, Мокра Гора и таму прави задруга. Но побогатите го истеруват, го прогонуват и затоа тој вика за себе: ако ќе отидам во планини во Македонија каде нема никој, нема капитал, таму ќе можам да создадам задруга. И тој затоа се преселува во планините во Поречие каде навистина немаше конкуренција. Имаше друга задруга која што се обидуват Србите да создадат, но таа не успева. И таму станува пропагатор на задругарството.

Илина:
Александар Егорович Малахов со брат му во Порече направиле глинена печка за производство на катран. Но наскоро тука дошла и сопругата на Александар, Евдокија, и три од нивните пет деца: Георгиј, Вјачеслав и Александар Александрович кого го викаат Саша. Со него пристигнува и втората значајна жена во оваа приказна, неговата сопруга Светлана Малахова. На овој семеен портрет му недостасуваат уште еден брат, Лев и сестрата Галина, кои не играат улога во македонскиот дел од приказната.

(извор: Каталог за изложбата)

Еве како го опишува нивниот дом Саша, во своето повеќетомно дело „Спомени на еден геолог“:

„На превалецот Чуло има неколку борови дрва и сенка, малку трева. Од таму до дома, до куќата, има околу 2 км. Наоколу шумат шумите, боровите. Одеднаш борот завршува, пред нас во устието на долината се гледа малата куќа и смоларната печка. Тоа е живеалиштето на татко ми и на чичко Роман, а сега и наше. Погоре, на косо полегната падина, се наоѓа селото Требовље и мала црквичка.
‘Фабрика катранка’ − така селаните ја нарекуваат печката за варење смола, иако само двајца работат во оваа ‘фабрика’ − татко ми и чичо Роман. Веднаш по пристигнувањето, почнавме да ја шириме куќата, да доградуваме соби за нас. Го користиме локалното искуство. Три вертикални и три греди за прицврстување, во празнините меѓу нив поставуваме колци. Просторот меѓу колците го исплетуваме со гранки и ги премачкуваме со глина, ги рамниме и варосуваме – и ѕидовите се готови. Успеавме да направиме прозорци, но со вратите не се снајдовме, закачивме завеса за почеток. Спалната соба и работниот кабинет се готови. На масата ги запишувам моите геолошки набљудувања. Од прозорецот се отвара поглед на голите карпи на трапот.“

Илина:
Во блиското село Борова Брезница Георгиј Малахов oтвора уште една „фабрика“ за терпентин и неговите деривати. Селаните го поздравуваат ваквото ширење на дејноста, бидејќи им одговара некој да ги откупува нивните дрва. Но категорично одбиваат да организираат работни задруги, нешто што подоцна ќе им го наметне новата социјалистичка власт.

На фотографиите од овој период семејниот живот на Малахови делува идилично. Се сервира чај од огромен руски самовар, се берат печурки рујници, се ловат риби во реката Треска. Чест лик на нив е и верното куче Бојко.

Но поради причини кои можеме само да ги замислуваме, зимата 1944 Марија го напушта Порече и со синот Алексеј почнува да живее со деверот Вјачеслав во населбата Ханриево, наречена по францускиот генерал од Првата светска војна, денешен Ѓорче Петров. Ангажирана е во тогашниот Етнолошки музеј на град Скопје како сликар и на ова место останува до 1 ноември 1962, што го дознаваме од сочувана потврда издадена од оваа институција, потпишана од тогашната директорка, Вера Кличкова. Таа била дел од тим илустратори задолжени да изработат цртежи во акварел или темпера за секој предмет во сопственост на музејот, кој подоцна се заменил со фотографија. Токму од овој период е и оној прекрасен албум што го спомнавме на почетокот на епизодата од 1963, составен од повеќе од 40 панели народни носии во боја, детално исцртани со слободната рака на Марија. Долго време заборавени или намерно игнорирани, тие беа прв пат изложени на изложба во Музејот на град Скопје во 1991. Ништо подобро не поминале и нејзините дела во Русија.

Албумот „Македонски народни носии“ со илустрации на Марија Малахова и Олга Бенсон, 1963

Лина Жила:
Биле заборавени нејзините слики, дури сакале да ги фрлат од музејот бидејќи не здогледувале нивната ценост кога се појавиле фотографии во боја. Да, бидејќи зошто да пресликуват кога имаш фотографија во боја и ги правеле. За Марија така, сите заборавиле за нејзе. И Русите и Германците и Македонците. Но чекор по чекор нејзиното дело како по чудо излегувало. Еве Јасминка Намичева ги пронашла, направила изложбата и од таму она потцртала дека не само Марија Малахова, но уште имаше една Русинка, Олга Бенсон што документирала тие костуми и предмети. Но има уште нешто. Во Русија на пример она продала своите фотографии бидејќи она беше не само истакнат сликар, но стана и истакнат фотограф, етнолошки фотограф. Она правеше етнолошките слики. Нејзини етнолошките слики за руските предели пред Печора, тоа на северот на Русија, меѓу Естонија и Русија биле заборавени и наеднаш ги откриват случајно апсолутно девеесет и шес слики само 2017 година. Така со Марија се случува сѐ чекор по чекор откривање и мислам дека она би се радувала дека вие дошле и ќе видите тоа што она оставила после себе и нејзините слики едни и нејзините слики други, другите слики од… таму сѐ е посочено кое од Музеј на Македонија, кое што од Музеј на Војводина или… и тие што останале кај нејзината внука во Америка… Бидејќи ја канеле да живеет во Америка, таму живеела нејзина мајка и нејзиниот брат, но она се откажала. Она одбрала својот пат, тој што е едноставен, тој што за нејзе одговараше, патот на своето творештво, тоа што она го сакаше.

Илина:
Во еден момент, следејќи го тој пат, Марија одлучува да не го прифати југословенското државјанство и да замине за Советскиот Сојуз, поточно за Естонија. Вака ја образложува својата одлука во автобиографијата:

(глас на Верица Недеска)
„Ми здодеа цел живот да бидам бесправен странец, да немам свој дом и услови за живот и работа како сликар. Кога во јули 1963 г. при катастрофалниот земјотрес во Скопје ние го изгубивме станот и дел од предметите, а сами за чудо останавме живи, јас на ниту еден начин веќе не сакав да останам таму и му се обратив за помош на советскиот конзул.

Ми беше доделена парична помош, а освен тоа конзулот од свое име ми ја обезбеди визата за Советскиот Сојуз. Бидејќи пријателите кои веднаш се согласија да ме прифатат во прво време а живееа во Талин, јас дојдов тука. Веднаш ми издадоа внатрешен советски пасош, а по некое време по директива ми доделија стан и дозвола за постојан престој.“

Илина:
Всушност, токму спомнатиот албум со народни носии од Македонија ќе и овозможи на Марија да се стекне со титула национален уметник и со минимална, но сепак неопходна пензија. Во препораката за истото од тамошен професор се вели:

„Ја препорачувам Марија Романовна Малахова за член во Сојузот на советските уметници на Естонија. Скиците на македонските национални носии со кои јас располагам направени од неа се на високо уметничко ниво. Искрено кажано, на човек не му се верува дека така може да се слика со раце“.

Од Службениот лист кој таа го пополнувала за добивање на советското државјанство дознаваме како гледала на себе во тоа време:

(глас на Верица Недеска)

Место на раѓање: Москва
Националност: Русинка
Социјално потекло: буржуаско
Партиска припадност: беспартијна
Дали сте член на Комсомолот, од кое време и број на членска карта: не сум член
Кaкви владини награди имате: немам
Имате ли партиски казни: немам
Семејната положба: разведена

Илина:
Нејзиниот син Алексеј останува во Македонија, завршува хемија и работи во фабриката Југохром. Тој се жени со Словенка, по професија медицинска сестра, со која ги има децата Михаил и Галина. Галина, исто како баба и Марија, се занимава со уметност, поточно е вајар и мозаичар и денес живее во Постојна во Словенија. Михаил, некогашен директор на резерватот Јасен, живее во Скопје и го претставува македонскиот огранок на семејството. Иако го контактиравме, од здравствени причини за жал не можеше да учествува во снимањето на оваа епизода. Тој за својата баба до скоро не знаел речиси ништо, но на отворањето на изложбата беше видливо горд и трогнат, опкружен со помладите наследници на Малахови.

Марија умира на 84 години во 1987, после исполнета и пребогата биографија, во голема мерка онакква каква што замислувала, кога во дневникот на 14-годишна возраст напишала „Сѐ што сакам од овој живот тоа е природа, слобода и уметност. Сѐ друго за мене нема значење“.

(музика – руски класици)

Илина:
За секој од членовите на семејството Малахови би можело да се направи посебна епизода. За изумителот, задругарот и партизанот Георгиј. За трудбеникот, механичар и партизан Вјачеслав. За Александар, инженерот-геолог кој ќе стане референт за рударство при АСНОМ, основач на Геолошкиот институт на Македонија и еден од првите четворица предавачи на катедрата по географија со етнологија во рамки на Филозофскиот факултет.

Но во оваа епизода се фокусираме на снаите во семејството Малахови, спомнатата Марија и нејзината јатрва, осум години помладата Светлана.

Љубица Велкова во депото на Театарот за деца и младинци во Скопје

Љубица Велкова:
Светлана Сергеевна Малахова е основоположник на куклената сцена во Македонија. Доаѓа во Македонија во 1935 година заедно со својот сопруг Александар Александрович Малахов кој е геолог. Во тој период тука на оваа територија од Македонија, тогашна Вардарска Македонија веќе се пристигнати неговиот татко, мајка и чичко.

За Светлана Малахова во нашите извори, во нашата документација со која што располагаат нашите институции речиси да нема ништо, многу малку освен нејзиното име кое што се повторува на секои десет години во монографиите на Драмскиот театар. И во една мала книга посветена на кукларството во Македонија и во светот на познатиот театролог Иван Ивановски каде што тој по повод настанот, премиерата на „Силјан Штркот“ изразува жалење за тоа што за оваа уметница не е дадено… на оваа уметница не ѝ е дадено должното внимание. И во вториот извор, тоа е во серијалот од Историја на македонскиот театар на познатиот театролог Ристо Стефановски, во делот на театарот од времето на партизанскиот период до младинско-детскиот каде што исто така ја најавува, ги најавува куклените… појавата на куклената секција при МНТ и ја спомнува Светлана Малахова како основоположник на куклената сцена во Македонија. Други кажувања, други записи за нејзе нема.

Илина:
Ова е Љубица Велкова, историчарка на уметност веќе 30 години вработена во одделот за костимиграфија во Театарот за деца и младинци во Скопје, каде и го снимивме разговорот. Од нејзините истражувања всушност почнало сè. Подготвувајќи издание за деца под наслов „Светот на кукларството“, за историјата на оваа уметност низ историјата, таа наишла на името на Светлана Малахова. Се обратила до градскиот и до државниот архив каде ја упатиле до Лина Жила, нашата претходна соговорничка, која на почетокот тврдела дека станува збор за грешка и дека Светлана е всушност сликарката Марија. За неа немало податоци ни во досиеата на ДБК за руските емигранти. Потрагата изгледала безнадежна, сè до моментот кога Љубица на интернет не наишла на плакат за претставата „Храбриот Цане“, една од петте кои таа ќе ги направи во текот на својот престој во Македонија од 1935-1949. Од тука нештата се развивале како во детективски филм.
Но како Светлана воопшто дошла во допир со кукларството?

Светлана Малахова

Љубица Велкова:
Тие инаку се едноставно економски емигранти. Не се од тие таканаречените белогардејци, тие што ја поддржуваат… тие се членови на царската војска и го поддржуваат царството односно царот на Русија. Овие се чисто само економски емигранти. Доаѓаат претходно од Чехословачка, тогашна Чехословачка каде што и двајцата се образуваат на… прво таму завршува Светлана во Втората реална гимназија, а потоа завршува и високо образовна… факултет за применета уметност, исто тој е руски универзитет.

Светлана во Прага ќе има можност да дојде во допир со куклен театар. Во тој период во Прага егзистираат над две илјади фамилијарни, семејни театри. Тоа се трупи. Државни театри се појавуваат дури по Втората светска војна. Инаку претходно сето тоа е… особено е позната Чехословачка по тие семејни театри. Интересно е да се каже историјата на кукларството во Чешка ќе одигра… односно самото кукларство ќе одигра важна улога за Чешка затоа што во тој период на Чешка, во крајот на деветнајстиот век и почетокот на двајстиот им прети германизација. И од таа причина се појавуваат куклени театри кои што претставите ги играат на чешки јазик и ги поставуваат германските дела на чешки јазик. Меѓутоа вметнуваат и еден познат лик, се вика Кашпарек, еден комичен лик кој што е традиционално во било какво дело да се игра, тој е тука, е вметнат како лик во било која престава. Дали го играат Дон Жуан или не знам која друга сериозна претстава, сериозен текст, ликот на Кашпарек е присутен во нивните претстави и исклучиво на чешки јазик. Еден од најпознатите е кукларот Копетски. Тој во неговиот фамилијарен театар е прв што ќе почне да ги игра куклените претстави на чешки јазик. Токму тоа искуство во куклениот театар и значењето на куклениот театар Светлана ќе го пренесе тука во Македонија.

Веднаш после отварањето, ’45-та година се основа МНТ, веќе во ’46-та, на 21 април е првата премиерна изведба на куклена претстава односно „Силјан Штркот“ на сцената на Македонскиот народен театар. За раководител на таа секција, куклена секција е назначена токму Светлана Малахова. За првата претстава таа ќе ги изработи и куклите, ќе ги учи актерите како се анимираат куклите, ќе ја изготви и сценографијата. Воедно таа е режисер на првата претстава. А Петре Прличко кој што ќе ѝ остане соработник до крајот, до нејзиното заминување е драматург на таа претстава. Во следните уште четири претстави кои што ќе ги постават заедно тој тандем, Прличко и Малахова, диригентската палка ја презема Прличко, Петре Прличко, а сѐ останатото, повторно куклите ги изработува Малахова, драматургијата во некои се појавува Петре Прличко, во една претстава се појавува… како сценограф се појавува и познатиот сценограф и костимограф и карикатурист Василие Поповиќ Цицо. На таа сцена значи ќе се… во тие од ’46-та до ’49-та… 1949 година до нејзиното заминување некаде пролетта во ’49-та, ќе се постават пет претстави. Значи првата е „Силјан Штркот“, потоа е „Шумска дружба“, „Црвенката“, „Златната рипка“ и „Храбриот Цане“.

Илина:
Во 1946 добриот живот на Александар и Светлана Малахови одеднаш добива друг тек. Александар е повреден во сомнителна сообраќајна несреќа, која најверојатно била обид за атентат. Откако е исклучен од КПЈ поради својата позиција во врска со Инфорбирото и стравува дека ќе биде и упасен, Малахов дава отказ од работното место. Истото го прави и Светлана и тие заминуваат во Чехословачка. Така, во 1949, завршува првата фаза од развојот на куклената уметност во Македонија. Од таму во 1955 се селат во Советскиот Сојуз. Малахова ќе продолжи да се занимава со кукларство во театарот во Ташкент и во Башкирскиот државен театар во градот Уфа. Умира во 2005 година.

По повод отворањето на изложбата нивниот син Димитриј, роден во Македонија во 1943, испратил видео порака, во која вели:

ДИМИТРИЈ МАЛАХОВ (аудио од видео снимката со неговиот поздрав)
Илина:

Во Македонија научив да зборувам, да читам и да пливам. За мојата страст сè да расклопувам со штрафцигер таму го добив и прекарот „Мајстор-квариша“. Моите родители до крајот на својот живот со голема топлина зборуваа за Македонија и за својот престој тука.

Заблагодарувајќи им се на сите, тој на снимката покажува резба во дрво со македонско оро која се уште ја чува и ја нарекува „душата на македонскиот народ“.

(музика)

Илина:
Од приказната за семејството Малахови се прави одличен филм кој би содржел сè – историски превирања, авантури, љубов, неочекувани пресврти и мистериозни парчиња, кои остануваат такви и долго по завршувањето на филмот. Марија би можела да ја игра нашата Верица Недеска која ѝ го позајмува гласот во оваа епизода. Светлана ни изгледа дека би ѝ лежела на Звезда Ангеловска. Веруваме дека тие одлично би ја доловиле и пошироката поента на тој замислен филм – дека, како што велат и авторките на изложбата, тешкотиите на едно мачно време и на едни номадски души еднаш ќе исчезнат. Но нивното добро дело ќе остане.

Лина Жила:
Секогаш се поставува прашање: а зошто јас треба да се вложувам ако никој не е заинтересиран? Ако тоа што ќе направиш пак ќе пропадне. И тоа создава чувство на пасивизираност, тоа создава чувство зошто? Зошто? Еве зошто. Бидејќи ќе дојде денот кога вашето дело ќе исплие на површината. Ќе дојде денот кога тоа што вие вложивте со вашето срце, со вашата душа ќе придонесе за поубава иднина. Апсолутно така ќе биде и мора да биде. И како што ние дадовме насловот за нашата изложба: тешкотиите ќе поминат ама благото дело, тоа знаеле стари Римјани кои што измислиле ова пословица, овој израз, ама благо дело, добро дело што ќе оставите ќе живее вечно.

(Common People)

Илина:
Јас сум Илина Јакимовска. Ова беше 32-рата епизода од подкастот Обични луѓе. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Транскрипција Ана Ашталковска Гајтановска. Фотографии и целосен препис на епизодата можете да видите на нашиот сајт obicniluge.mk. За изработката на оваа епизода од клучно значење, покрај интервјуата, беше каталогот за изложбата Македонската робинзонијада на семејството бегалци Малахови.

Огромна благодарност до Лина, Љубица, Јасмина и Јасминка, за нивниот ентузијазам и непресушна трудољубивост, да се нурнат во тајните на историјата и да ги расветлат оние нејзини катчиња кои намерно или ненамерно се покриени со сенки и слоеви прашина. Обичните необични луѓе Малахови го заслужуваат тоа.

Comments (1)
  1. Многу ме израдува новата епизода од „Обични луѓе“.
    Триесетина години го имам албумот „Македонски народни носии“ а 28 TABLA се изложени низ куќата. Знаев дека автори се Малахова и Бенсон но не знаев нешто повеќе за нив. Сега албумот е дополнет со биографски податоци за Малахова. Благодарам.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *