Во текот на пролетта 2020 се одржа серија работилници во која студенти од различни катедри на Филолошкиот факултет и од Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ изработуваа свои дела врз основа на 12 оригинални теренски интервјуа и белешки собирани низ различни делови од Македонија и на голем број теми: од животната сторија на првата рибарка од Охрид, преку најстариот жив новинар од СФРЈ, етнолошките записи за музичките бендови и рокенролот во Крива Паланка, родовите, брачните и семејните односи некогаш и денес, спомените од двете светски војни, печалбарството итн.

Секој од 35-те учесници имаше слобода да одбере еден од материјалите и да го преработи во жанр по свој избор – песна, расказ, стрип, писма, замислен дневник, лажен патепис. Резултат е зборникот „Етнологот како писател:писателот како етнолог“ (уредници Илина Јакимовска и Јасна Котеска) кој ги содржи овие студентски дела.

Еден од текстовите се однесува на животната сторија на Чекуш, но анализирана низ призмата на францускиот психоаналитичар Жак Лакан. Преку звуците содржани во неговите автобиографски искази, улогата на детството во формирањето на човечкиот карактер до Реалното со големо Р, ова е уште еден интересен начин да се толкува неговата интересна биографија.

Книгата може да се нарача тука.

Чекуш низ призмата на Жак Лакан

Фросина Марковска, студентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Kатедра за македонска книжевност и јужнословенски книжевности

И ако ти си допрен само од боите, ти ја пропушташ поентата.

  • документарец Тишината на Марк Ротко
  1. Лакановото Реално во дискурсот на Чекуш

Во теориската психоанализа е позната тријадата која ја нуди Жак Лакан:

1. Имагинарното кое го претставува периодот од раѓањето преку огледалната фаза, идентификацијата итн., па сѐ до инагурирањето во Симболичкото. Но Имагинарното ја вклучува и лингвистичката димензија затоа што означителот е дел од Симболичкиот поредок, но означеното и значењето се дел од Имагинарното;

2. Симболичкиот поредок или општествениот поредок – сфатен како сфера на законите и нормите кои го овозможуваат пристапот до говорот и говорното;

3.  Реалното кај Лакан го претставува психичкото место на единството. Според Лакан, одвојувањето на детето од мајката го претставува влезот во културата/симболното, но пак од друга страна она дете кое нема да го помине одвојувањето, тоа не сфаќа дека секоја негова потреба не може да биде задоволена и затоа не прави разлика помеѓу себе и објектите кои му ги задоволуваат потребите. Оттаму, Реалното за тоа дете станува место каде сите потреби ќе можат да бидат задоволени. Меѓутоа, за да го воведеме Реалното преку дискурсот на Чекуш или да покажеме каде е тоа, ние треба да знаеме, дека Реалното не е само нешто кое влегува во вид на трауматичен облик и го разорува самиот Симболички поредок, туку Реалното е и непосредно предочено со самата негова симболичка форма. Вакво непосредно предочување на Реалното имаме и во дискурсот на Чекуш.

  • Како може Лакановото Реално да се предочи со самата симболичка форма?

За да го објасниме сето тоа, ќе се послужиме со поимот ренду кој го воведува Мишел Чоин, кој не подразбира симболички или имагинарен начин на претставување на стварноста во кинематографијата, туку претставување со непосредно предочување.

  • Како може Стварноста непосредно да се предочи?

Славој Жижек вели: рендуто на Чоин не само што нѐ упатува кон соверемените техники на звукот кои ни овозможуваат да го репродуцираме точно природниот звук, туку ни овозможува и да го засилиме и да ги покажеме поединостите кои би ги пропуштиле кога би се нашле во стварноста која ја снима филмот.

  • Пример: ако тргнеме од анализирање на Мишеловото ренду, во филмот Човекот слон на Дејвид Линч, ќе забележиме дека: на почетокот од филмот како да слушаме звуци кои потекнуваат од човековата внатрешност но и  од  неговата надворешност: како да се слушаат звуци и на отчукување на човeковото срце, а воедно и пародирање на толпата (овде: слоновите) која како да ја има моќта да згази сѐ пред себе. Овие звуци ни покажуваат како човекот – слон се слуша самиот себе: како да е затворен во еден аутистичен круг со самиот себе.

Но претходно споменавме дека вакво предочување на Реалното имаме и во дискурсот на Чекуш.

  • Пример (времето додека да му се направи сунет): На коњче ме носет, татко ми имаше коњче овдека, ме шетет за да ме прает сунет. Јас облечено – машала – све… и на коњче – т’ка-т’к, т’ка-т’к. Оттука конакот беше кај чичко Сотир ондека, живееја две Турчинки сестри, тие ми беа куќни добри пријатели на мојава фамилија… И неисе, т’ка-т’к, т’ка-т’к, те шетет кун чаршијана до кај Стариот. Стариот го викаме Чинарон. И сега ме носет… ме прашвит татко ми: А бе страв ти е? А сестра ми оттаму ми прајт: трак!…

Овде Лакановото Реално продира и од самата внатрешност и звуците/ритамот: т’ка-т’к, т’ка-т’к, т’ка-т’к… како да се наоѓаат на маргината на непосредната стварност (која ѝ бега и на симболизацијата и на имагинарната имитација), звуци чии асоцијации се со неодреден ентитет помеѓу сексуалниот чин и отчукувањето на срцето.

  1. Звукот на ритамот од дискурсот на Чекуш  како Лакановата ламела

Во психоаналитичката теорија на Зигмунд Фројд постои термин парцијален објект, кој го објаснува автоматизираниот орган, односно органот кој може да постои самостојно.

  • Пример: Жижек во есејот Лакан како гледач на Alien парцијалниот објект го споредува со искезената уста на Мачорот од Алиса во земјата на чудата. Искезената уста на Мачорот останува сама да лебди во црната празнина и откако телото ќе биде исчезнато.

Меѓутоа, францускиот психоаналитичар Жак Лакан како една верзија на Фројдовиот парцијален објект ја смета ламелата. Во неговиот семинар Четирите темелни поими на психоанализата, објаснувајќи го овој поим, вели: ламелата е нешто сосема сплескано, нешто кое е налик на амеба, но е покопликувано-бесмртна е и ја надживува секоја поделба. Тоа е либидото, чист инстинкт на животот, т.е бесмртниот живот кому не му е потребно никаков орган за да опстои. Токму она што му е одземено на живото битие со самиот факт што е подложно на полово размножување. Според Лакан, еквиваленти на ламелата се сите облици на објектот мало а.

  • Пример: во филмот Alien на режисерот Ридли Скот чудовиштето изгледува неуништиво, колку и да го сечете – тоа се намножува. Станува збор за нешто сплескано кое ја има моќта да ви се залепи на лицето, од кое не можете да се ослободите.

Меѓутоа, овде звукот (т’ка-т’к, т’ка-т’к ) од дискурсот на Чекуш како да ги има токму овие карактеристики на Фројдовиот парцијален објект и Лакановата ламела. Овој ритам во дискурсот на Чекуш опстојува исто како искезената уста на Мачорот во црната празнина. Сепак, овде како во хорор филмовите, ние го имаме звукот (на ритамот) без никаков орган кој му е потребен за да  постои.

  • Зарем и звукот не е бесмртен и ја надживува смртта на живото битие?
  • Зарем и звукот не е нешто кому не му е потребен орган за да постои?

Дури иако Чекуш е смртен, звукот ќе продолжи да постои и по неговата смрт. Овде звукот се појавува како она кое истрајува без да биде отелотворено, налик на звуците во хорор филмови: можат да постојат и без да имаат тело. Тие се тука: кога ќе ги затвориме вратите од спалната соба, кога молкум ќе ги затвориме очите, кога ќе се селиме од прв во втор, трет, четврт…дом или кога преселувањето ќе ни е единствена опција, кога ќе ги напуштаме љубовниците без објективна причина, кога ќе се напуштаме самите себе… Секогаш ќе се тука како присутно ништо, како материјализирано изобличување кое не можеме да го симболизираме, а многупати ни препознаеме во изворниот  облик. Тоа ќе е тука и кога ќе нѐ нема и кога ќе се пресели во друго тело.

Иако до овде видовме дека звукот (во говорот веќе: ритам) т’ка-т’к, т’ка-т’к  може да го претставува непосредното предочување на Лакановото Реално како и да ги има карактеристиките на парцијалниот објект на Фројд и Лакановата ламела, сепак неговото значење не запира тука. Сѐ уште се наоѓаме само неколку слоја под површината и тоа во никој случај не е доволно!

  1. Празнината кај Марк Ротко како празнина под звукот на ритамот во дискурсот на Чекуш

Ротко знаел да каже: ако во моите слики ја гледате бојата-тогаш ја промашувате целта, но ако преку моите слики ја доживувате трагедијата, смртта, екстазата тогаш јас ја имам погодено целта. Според него, борбата не е со уметноста, борбата е надвор од уметноста. Неговите слики не го покажуваат само граничниот премин од една во друга состојба, неговите слики воопшто не покажуваат праволиниски меѓупростор. Неговите слики не се како врз една боја да истуриш канта со друга боја која одозгора би зафатила каква сака форма. Всушност, Ротко не го интересира бојата или формата, туку како преку бојата да ги изрази основните човекови емоции, како да ја изрази празнината. Кога ги гледаш неговите слики е исто како да гледаш неколку точки густа боја која Ротко само ги ставил на платното и како точките боја сами да растат, да се преклопуваат и прелеваат една врз друга и една со друга. Застрашувачкото во неговите слики е тоа што формата која тие ја заземаат никогаш нема ограничени размери: како чудовиште кое чека да не проголта, а неговата уста е налик на бездна. Ротко како да нема платно на кое слика, како внатре во самата реалност да слика и токму таа реалност да му ги јаде сликите.

  • Она што овде нас нѐ интересира е: дали откако видовме какви карактеристики (про)јавува ритамот, тој е само прекривање на празнината или самиот ритам е празнина?

Лакан кога дава објаснување за ламелата вели дека таа е нестварна, чист привид, без каква било супстанцијална полнотија. Ако погледнеме од овој агол, тогаш: навистина ритамот тк’а-т’к, тк’а-т’к може да постои и без никаква супстанцијална полнотија. Може да постои и надвор од дискурсот на Чекуш и внатре во дискусот на Чекуш, може да постои и без Чекуш и со Чекуш.

  • Но дали сега токму тоа самиот ритам го прави празен или тој со самото тоа ја прави празнината?
  • Ако ја погледнеме оваа слика на Марк Ротко, тогаш може да го поставиме прашањето: дали оваа црна празнина без никаква супстанцијална полнотија е празнината или она што е под таа празнина е всушност празнина?
  • Ротко вели дека него не го интересира формата, но дали може нешто да се разгледува надвор од конфликтот помеѓу формата и материјата?

Кога одредено нешто се ситуира во Симболичкиот поредок тоа мора да има форма. Кога Чекуш го изговара т’ка-т’к, т’ка-т’к и кога истото се става во текст добива форма: добива форма на буква, добива форма на збор, на ритам итн. Но пред да стане ритам и пред да се ситуира во Симболичкиот поредок бил само обичен звук кој ја имал моќта да лебди надвор од симболизацијата.

  • Повторно ново прашање: дали звукот надвор од симболизацијата мора да има форма и ако нема форма дали е тоа чиста материја?

Меѓутоа, ако на звукот гледавме како на нешто кое ги има карактеристиките на Лакановата ламела и Фројдовиот парцијален објект тогаш звукот не може да биде материја зашто Лакан вели дека токму она коешто може да лебди над средишната Празнина нема супстанцијална полнотија.

  • Дали облиците на Лакановото Реално се токму тоа кое ниту има материја ниту форма?

Иако Лакановите облици на Реалното не се ниту едното ниту другото, сепак во себе ја имаат и главната карактеристика на формата која придвижува и материјата која пасивизира.

Звукот е Лакановото Реално само додека постои сам по себе, неизговорен, несимболизиран. Кога Чекуш го изговара, односно го сместува внатре во говорот, звукот станува ритам кој ѝ подлежи на симболизацијата.

Ако се вратиме на сликите на Марк Ротко, може да се постави прашањето:

  • Што ќе се случи ако црниот дел од сликата го замислиме како Лакановото Реално, кое полека но сигурно се шири и на крај го покрива и прекрива целиот симболички поредок?

Тоа би било како живот во кој во исто време имате безброј намножени објекти мало а. Можеби најпаметната одлука е онаа на Чекуш: да не се обидуваме да го убиваме објектот мало а, туку само да го разделиме на повеќе делови, да оставиме самиот објект мало а да ги менува улогите, или да се појавува и исчезнува зависно од нашата способност да се избориме со него. Со ова всушност се враќаме на почетокот, во објаснувањето на трите темелни поими на психоанализата кај Лакан.

По изложената анализа, со право се отвора прашањето: дали всушност подоцнежниот бурен живот на Чекуш е предизвикан од неговата невозможност за одвојување од имагинарниот свет, односно од мајката и подоцнежното  неправење разлика помеѓу себе и објектите (читај: жените кај Чекуш, наркотиците итн.) кои му ги задоволуваат потребите? И повторно главното психоаналитичко прашање: Дали детството целосно ни го одредува подоцнежниот живот?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *