Од збирката текстови напишани врз основа на оригинални етнографски интервјуа, „Етнологот како писател:писателот како етнолог“, издание на Табахон, 2020

Николинка Митрева, студентка по Медицинска физика, Институт за физика, ПМФ, УКИМ

мaj, 1959

„Нека биде благословен даскалот Круме што ми се најде во овие часови на срамната неписменост. Секој збор ќе биде растоварен од гранките на нашата висока љубов.“

Невесто моја,

Ти што на себе го носиш рувото на надежта, ти чиј лик ми ја топли мислата во овој невесел час. Не е убо да се жалам, мирни се квечерините, дур стомакот на моето кајче го галат нежни бранови. Тивок е и ветрот, ме дружи во гласната тишина што не можам да ти ја речам.

Секое изгрејсонце, секое зајдисонце далеку од твојата коса со прамени кои кријат траги од лешник, крадат резанки живот од моето срце. Зарем мојот срам не може да клекне заедно на коленици со Сонцето, па да ги чуеш сите песни што заедно со Месечината ти ги криевме на вратот, дур ти лесно предеш над нашата брачна перница? Се сеќаваш ли на нашите млади тела и длабоки погледи?! На тој неизвалкан спомен, во којшто нашите очи се напоија од бардаци вечна пролет? И оваа црна ноќ не ќе може да го избрише твојот лик од кругот на мојата зеница. Ништо не ќе го замачка тој поглед со којшто ми претрча низ срцето. Си чинам, од себе раѓам светлина. Да се видеше само, со кожа побела и понежна од лебедови пердуви. Рацете твои полни везови, во кои ги имаше сошиено сите твои мириси. Од далечини, најдов копно во твоите очи со боја на ровка земја, очи кои станаа брег за моите стапала опиени од езерската мака. Денес твоите јаболчници сѐ уште руменеат кога ќе ти го нагрнам челото со мекотелни бакнежи, а мене снагата сѐ уште ми се грчи кога го јадам она што твоите дланки везден во љубов го кваселе. Како да ги довлечкам рамењата од облаците, кога моите дечиња имаат за мајка жена со дебелокожна добрина. Иднината за нас двајца, по сите овие години, полека но сигурно се престори во апстрактна именка. Како да ти ги наполнам ушите со олку висока тага? Рано е уште, не ѝ е време да узрее, не е време твоите кошници да се наполнат со неповикани плодови. Не е лесно, невесто, ни рибата што одвај ја влечам до порти, ни деновите што ги губам далеку од нашето гнездо полно насмевки. Да можеше животот да ме чуе како јачам и липам, ќе се родев пак, и ќе те љубев, од мали нозе ќе те чував, до тешка старост ќе те хранев. Но глувонема е природата за нашата јадра радост, а душата моја веќе со месеци ѝ бега на смртта. Се кријам по темни агли и плукам вишнова крв од себе, се смеам, а градиве ко на ченгели да ми се обесени. Се молам само тивко да си починам, да не ми ја барате снагата по езеро, и сите насмеани да ве видам пред да заспијам. Знам, те чека мачен живот, но не оди си заедно со мене. Чувај ги децата, и нека душата твоја во себе им порасне. Земи го и моето време што не го дочекав и биди посилна во деновите што идат. Зошто те носев со мене да веслаш по студ и рани зори ако не да те учам на занает?! Те чував до себе, и тебе и децата, за утре и ти да не бидеш сама над оваа езерска шир. Да имаш со кого и маката и зборот да си го споделиш, да имаш и деца со полни стомаци и сама себе газда да си. Никому сметка да не даваш, и не заборавај да сонуваш во јавето. Следи ги облаците и таму ќе го пронајдеш одговорот за денот. Денот кога ќе се соочиш со мојата смртност, не дозволувај да те потопат бранови животен непомир. Сети се на заклетвата што си ја рековме во Геракомија, за тој вечен живот зад чии порти јас ќе те чекам со влакови полни писма за секој миг поминат далеку од тебе. Дур не дојде денот кога судбината ќе одлучи да ти ја распостеле снагата до мојата, не наѕирај во слабоста. Кога од нашата крв ќе се изродат и внуци, поучи ги за стеблото кое дедо им го оставил да се калеми. Нека не се заборават нашите животни приказни, и сета тихост и стихијност што  ја кријат во себе. Јас и ти не сме безвременски, ама љубовта наша, таква каква што е, го разјарува ова машко срце, та обликот на буквите се престорува во твојата зрела убавина. Ова не е збогување, туку благодарам, зашто ми го украси животот со спомени за кои вреди олку рано да ја спознаам бојата на рајот.

До следно видување,

Ирак

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *