Првите две епизоди од приказната за Чекуш почнуваат со песна чија мелодија на многумина ни е позната. Но до сега не сме се задлабочиле во стиховите. А тие не само што раскажуваат интересна лична приказна, туку нудат и голем број историски и етнолошки информации.
„Голема риџа ти чинам
ти кира Савето,
и јас те поздрављам,
да ми дојдиш на визита,
јас да те пречекам.“
Вака почнува песната која на интернет може да се најде под два наслова, „Голема риџа ти чинам“ и „Песна за Деспина“. Иако многу пати сме ја слушнале, никогаш не сме се задлабочиле во нејзините стихови, кои откриваат голем број детали за социјалните, класните и родовите односи на жителите на Охрид од втората половина на 19 век. Истовремено, има зборови кои денес ретко или никаде нема да ги сретнете, а на чие значење е убаво да се потсетиме.
Времето за коешто станува збор е период на преродбениците, интензивните трговски врски на Охрид со Солун, Цариград и Западна Европа. Кога голем број од побогатите охриѓани се школувале во странство и од таму носеле и нови манири и обичаи. Тоа е и музички отсликано во песната, преку нејзиниот ритам на валс, преплетен со звукот на ориенталните инструменти и виолината.
Во еден таков историски контекст е лоцирана песната за убавата Деспина, која го привлекувала вниманието на охридските ергени. Најдетално толкување за неа најдовме во белешка објавена на Фејсбук од Александар Донски, а со малку истражување го најдовме и изворот на текстот, кој е објавен на 14 јуни 2009 во Амак прес охридски новини под наслов „Варошката старозаманска песна“, а негов автор е познатиот охридски публицист Владо Жура.
Во него е направена детална анализа на содржината на песната, стих по стих. Таа почнува со средба на две „кири“ (од грчкото кирија, скратено кира, госпоѓа), Марија, мајката на Деспина и извесна Савета. Значи г-ѓа Марија ја поздравува г-ѓа Савета со „голема риџа ти чинам”, зборови кои според Жура денес имаат еднакво значење на поканата „ќе ми направите особена чест и задоволство, доколку ме посетите во мојот дом”. Кира Савета ја отпоздравува со одбрани зборови, заблагодарувајќи се на поканата, но истовремено со жалење ја известува дека нема да може да ја прифати.
Но, тука секако дека нема причина за тревожење (таџис) и беспокојување, наместо поканетата г-ѓа Савета, чест да појде на визита (посета) ќе направи нејзината сестра г-ѓа Катерина. „Чукна, тропна на портата…” – доаѓа г-ѓа Катерина, а вратата ја отвора, како што е ред младата Деспина, ќерката на г-ѓа Марија, притоа бакнувајќи ѝ рака на повозрасната гостинка. Гостинката ја дарува момата со вредна пара, веројатно златник меџидија, ама како нишан – знак дека би сакале младата Деспина да стане нивна невеста, нешто што Деспина не го посакува.
Стројничката Катерина настапува како современа бизнисменка, понуденото благо и кафето воопшто не ѝ се важни, ами бара веднаш да преминат на главното, односно ја бара раката на г-ца Деспина за нивниот г-дин Ристо Грдан. Притоа таа го проколнува Димитри Пармаг, чапкун (женкар, комарџија, никаквец), кој ѝ го свртил умот на Деспина и цели три години ѝ ветува дека ќе ја венча, укажувајќи на ризикот тоа никогаш да не се случи.
Но г-ѓа Катерина оди чекор понатаму со тоа што поставува ултиматум: или ќе им ја дадат доброволнo или пак ќе ја грабнат со вооружени платеници, па ќе пукне голема брука за обете фамилии. Сиротата мајка е ставена во небрано – сопругот не се спомнува, можеби е на далечен пат, а можеби била и вдовица. Загрижена за судбината на сопственото чедо, го прифаќа советот на роднините и пријателите и поднесува пријава (арзоол) до Андонаки, народниот претставник во власта (уќуматот), да биде спречен срамниот чин – грабнувањето на сила на Деспина. Интервенцијата на полицијата доцни од непознати причини, можеби грабнувачите потплатиле рушвет – поткуп, па Деспина е сепак грабната и омажена за споменатиот Ристо!
Повозрасните охриѓани раскажувале дека младоженецот Ристо Грдан, кому бистрината на умот и не му била одлика, туку напротив, бил посоветуван грабената невеста да ја одведе во Битола, додека не се подзаборави на срамната случка. Сепак, нему не му било пишано да живее со преубавата Деспина, уште првиот ден успеала да му побегне со тоа што го наполнила креветот со перници прекриени со јорган, за да добие на време и засекогаш да ја напушти Битола и Македонија.
Иако има повеќе верзии за тоа која била всушност Деспина, како најверодостојна се смета онаа базирана на запис на Кузман Шапкарев во 1864 година, кој вели дека најкрасната во тоа време мома Деспина Паунчева се мажила за неговиот братучед Ристо Ѓорше Грдан. Таа била единица-ќерка на Петре и Марија Паунчеви чиј дом се издигал на најсончевиот дел од Охрид и денес викан „На Паунчо’но“, под црквата Свети Климент. Куќите Паунчески важеле за најубави и најрепрезентативни зданија во стариот Охрид, едно време тука била сместена и Митрополијата, а по опожарувањето на куќите местото долги години се викало изгореноно. Во дваесетите години од 20 век, поточно во 1923 охридското женско друштво Свети Климент го откупило местото од наследниците за тогашни 5.500 динари во сребро и подоцна подигнало здание викано Радничка школа, во која сега е сместена дирекцијата на Охридскиот Завод за заштита на споменици на културата и Народниот музеј.
Што станало со преубавата Деспина?
Документите укажуваат дека својот мир, заедно со своето семејство – мајката Марија и браќата Александар и Аристотел, го нашла во денешна Бурса, Турција, прочуен центар на свилата, прекрасно ткаените ќилими и лековитите бањи. Според еден документ, тие го овластуваат Јон Паскали, делегат од маалата Пандонос при охридската општина, во нивно име да го продаде сиот недвижен имот и парите да им ги испрати во Бурса.
Останала песната да сведочи за пркосот на Деспина на која можат да ѝ позавидат денешните феминистки, и за начинот на живот во варошот крај езерото.
Тука песната во изведба на ансамблот „Билјана“ и стиховите:
„Голема риџа ти чинам
ти кира Савето,
и јас те поздрављам,
да ми дојдиш на визита,
јас да те пречекам.“
– Не можам јас да дојдам
ти кира Марие,
таџис не чини се,
ќе ти ја пратам сестра ми
кира Катерина.
Чукна, тропна на вратата
тетка Катерина
отвори Деспина,
је се спушти на Деспина,
ја баци раката,
во раката меџидија
нишан за Деспина.
– Нишан ти давам Деспино,
да не ме заборавиш.
Поминаја три години,
ти ме заборави.
– Дојди горе во одаја,
тетко Катерино,
на џамфес миндери,
ти благо да си земиш,
кафе да с’ напиеш.
– Јас благо не ти љубам,
кафе не ти пијам,
ти кира Марие.
Само ја сакам Деспина
за кир Ристакија.
Бог да бие тој Пармака,
Пармак Димитрија,
Димитри чапкунот.
Што је мамил три години
таа кира Деспина,
што је мамил три години,
и пак не је зеде.
Во сабота навечер,
во осум сатот,
свирит Караѓуле.
Бргу направи азуал
ти кира Марие,
фрли го на Андронакија,
ти кира Марие.
– Голема риџа ти чинам
кир Андронакија,
Деспина ќе ја грабеа,
јас не ќе је видев.
– Колку се ѕвезди на небо,
пушки ќе донесам,
пушки ќе фрламе.
Деспина ќе ја грабиме
ти не ќе е видиш.
– Немој Марие, не чинит
резил да не бидиш.
Во сабота на вечерта, на осум саати,
свирит Караѓуле:
“Брго направи арзоол, ти кира Марие ,
фрли го на Андонакија и вака речи му:
– Риџата да ми поминит, кир Андонакија
Деспина ќе је грабет, јас не ќе је видам!”
Текстот е оригинално објавен во рубриката „Букбокс“ на офф.нет