Ги нарекуваат „кучкари“. Тоа се луѓе кои сакаат кучиња, ги вдомуваат, им помагаат или ги одгледуваат. Дали овој термин навредлив и како воопшто функционира „кучкарското лоби“? Како би изгледал свет во кој кучињата би можеле да зборуваат и да мислат како луѓе?

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

ТРАНСКРИПТ

С1Е6
„6 луѓе и 15 кучиња“

(тивки градски звуци)

За време на полицискиот час, во април 2020, Скопје звучеше и спокојно, и некако морничаво. Градскиот молк не е нормален. Ти доаѓа гласно да викнеш од прозорец, колку нешто да се случува.

(продолжуваат звуците)

Кога ќе падне ноќта станува уште понеобично, секој звук е поакцентиран.

Но еден од нив смируваше, и покажуваше дека во градот уште има живот. Цупкањето на кучешки шепи по тротоарот и чекорите на нивните сопственици. Ним за време на најстрогиот карантин им беше дозволено да излегуваат три пати дневно. Добар момент за човек да се замеша во тоа привремено раздвижување, и незабележан да фрли ѓубре. Се слушнаа и муабети за луѓе кои позајмувале кучиња од комшиите за да можат да купат цигари на дежурната бензинска.

(кучешкo лаење)

Кој знае како им изгледа целата ситуација на кучињата. Дали можат да го намирисаат нашиот страв? Што би ни кажале кога би можеле да зборуваат?

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ сакаме да ѕирнеме во таканареченото „кучешко лоби“, една цела урбана супкултура, чии членови сепак имаат засебни, уникатни приказни. А истовремено, колку што е тоа можно, да го одгатнеме и кучешкиот светоглед.

[Јулијана]

Ѓорѓи отиде да го поправа компјутерот и се врати со Амон.

Ова е Јулијана, не сопственик, туку како што самата вели сопатник или содружник на неколку хаски кучиња. Никогаш во животот не чувала животно, до моментот кога нејзиниот сопруг решил да ја изненади.

Тоа беше 2000-та, заедно со една пријателка Тања отидоа кај нивни пријатели да го поправаат компјутерот. И неговата приказна е дека му се стрчале осум хаски во таа фирмата за компјутери, во просторијата, го побарал тоа што е најнекомуникативно, што седело на страна, ама му рекле дека е проблематичен затоа што до тогаш три пати го враќале. Значи, ќе го земат, па не можат да се справат, па го враќаат, и рекол ќе го земам па ќе видам дали Јулијана ќе прифати, на проба. Го донесе, ѕвонеа на врата, отворив, се стрча Амон внатре, беше кученце од два-три месеци. И толку.

Амон петнаесет години дел од семејството Јолевски. Откако, не пцовисал, туку починал, во домот настапила невообичаена тишина. Неа ја пополнила уште една хаска, Леда, а потоа и нејзините пет кученца. Со четири од нив со тешко срце се разделиле, а едно задржале. Кученцето кое три часа се мачеле да го извадат од мајка му, и мислеле дека е умрено. Ама Ледор, синот на Леда, преживеал.

(цивкање на кученце)

Оние кои ја познаваат Јулијана велат дека на потенцијалните сопственици на кученцата им правела интервју како за некое преодговорно работно место. Ова не е необично ако се слушне како таа ги опишува карактерите на своите содружници, личности со свои доблести и маани, на кои, како и на човечки суштества, им следат права и слободи.

Амон беше арогантен, достоинствен, не многу сакаше да влегува во комуникација со луѓе, меѓутоа од друга страна интровертен и длабокоумен би рекла. А Леда е неверојатна кучка, да ја наречам, самосвесна, постојано има барања, ако не и се задоволат се бори до крај, кавгаџика е голема, екстровертна.

Ледор е добар, мил, бега од конфликти, не сака конфликти, кога би можел се би правел како треба, кога би знаел. Не сака да направи грешка. Мирољубив е и е мил, многу мил.

Непосреден повод за оваа епизода е излегувањето од печат на македонскиот превод на книгата „15 кучиња“ на канадскиот автор Андре Алексис. Во неа старогрчките богови Хермес и Аполон решаваат малку да се мајтапат, и на кучињата да им дадат човечки карактеристики – да можат да зборуваат и да мислат како луѓе. Ова многу брзо почнува да влијае и врз нивните личности, но и врз кучешката заедница:

[Ѓорги]

„Во следните денови, имаше многубројни знаци – и суптилни и недвосмислени – дека нивната новооткриена промисленост доведе до колективни промени. За почеток, меѓу нив се разви и почна да се употребува нов јазик кој го смени начинот на кој комуницираа. Принс беше тој кој ја смисли првата кучешка досетка: зборот за „коска“ (приближно: ррр-ај) и зборот за „камен“ (приближно: ррр-аај) беа многу слични. Кога една вечер го прашаа Принс што е тоа што јаде, тој им одговори „камен“ покажувајќи ја коската. На неколкумина од кучињата ова – првата препознатлива игра со зборови – им се виде истовремено и забавна и потполно умесна, затоа што коските за кои стануваше збор навистина тешко се џвакаа.“

Ова е човечкиот глас на актерот Ѓорги Јолевски, оној кој на Јулијана и го донел Амон, и кој денес се грижи за Ледор и Леда. На видеата кои ми ги испратија има и такви на кои тој разговара со кучињата:

[aудио на разговор меѓу Ѓорги и кучињата]

Дали навистина луѓето и кучињата можат да имаат заеднички јазик, да се разберат?

[Јулијана]

Ако ме прашаш дали се разбирам подобро со луѓе или со кучињата би рекла дека подеднакво не се разбираме и со едни, и со други. Со тоа што со кучињата многу е поедноставна комуникацијата. Мислам, не дека ние не функционираме тие принципи на потрага по задоволство и одбегнување болка, меѓутоа кај нив е тоа поексплицитно, многу појасно ти е какви барања има од тебе, многу е почиста комуникацијата. Многу е поедноставно со нив да се разбереш.

Koга почнав да ја правам оваа епизода, мислев дека работата е прилично јасна. Од една страна љубители на кучиња во опсег од неутрални до опсесивни. Од друга страна, луѓе кои имаат одбивност, па дури и фобија од кучиња. Беше јасно дека барем помеѓу овие две групи темата ќе биде камен на сопнување, или коска на раздор. Но не очекував разидувања да има и внатре „кучкарското лоби“. На пример, некои од оние кои вдомиле куче го промовираат ова како ултимативен знак на љубов кон животните, и го критикуваат купувањето расни кучиња. Дури и меѓу оние кои сакаат кучиња има такви кои сметаат дека некои раси доколку се пуштени без поводник и корпа треба да се третираат како репетирано оружје, односно непредвидлива закана. Одгледувачниците пак често се прикажуваат како мачилишта, место во кое кучињата се чуваат за приплод во кафези, само за заработка.

Го прашавме Митко Илкановски-Ѕирла од Битола, кој повеќе од 20 години одгледува кучиња од расата боксери, што мисли за оваа квалификација.

[Митко]

Одгледувачите, посебно вистинските одгледувачи, оти и тука има разлика, значи не се ставаат сите во кош ист, значи има луѓе што стварно неетички заработуваат на кучињата и има луѓе кои, јас мислам дека тие се во најмал број, што етички одгледуваат, и во оваа наша држава страдаат до негде.

Иако живее од продавање на кучиња, вели дека сепак внимава кај кого тие ќе отидат. Интересни се споредбите кои ги прави на купувачите од странство, и од земјава.

Јас многу често сум пцуен за тоа мое емотивно продавање на кучиња. Имам кучиња на сите континенти, само Австралија немам продадено. Е сега, луѓето се јавуваат кај мене и бараат да купат баш такво куче ко што имам јас. Значи така функционира во нормалниот свет. Тоа стално го спомнувам како споредба. Значи кучка продадена во Холандија, луѓето се јавија, две девојки го купија, после недела дена разговори, што-како, последно што прашаа беше цената. Ја купија женката и до последен момент јас добивав слики кај живее, како живее. Последниот контакт со нив околу кучката, нормално уште сме во контакт со луѓето, да на 11 години тие да побараат од мене дозвола бидејќи кучката имаше некој артритис кој го оперираја, неуспешно, и кучката ко ќе трчаше осеќаше некоја болка. И тие побараа дозвола од мене дали смеат да ја еутаназираат кучката.

И го рачунаат како нешто ваше, без разлика што го купиле. Е сеа, во Македонија се јавува пример човек, како да ви кажам, од Прилеп до Битола. И прашува колку се кучињата, вели пушти ми слики. Јас не кажвам цена, барам да дојдат луѓето дома, да ги видат кучињата, ако му се бендиса арно, ако не го бендиса може и да не го земе кучето. Значи пак збораме за љубов и вкус кон одредено животно, не кон сите. Не може тој сите боксери да ги сака. Ако него му се бендиса кучето јас ќе му кажам цена. И ко ќе се јават кај мене јас многу често сум пцуен, ееј шо има ти да не ми кажеш цена, зошто вака, зошто така. Ние не сме спремно општество, ние немаме таква култура така да функционираме.

Дали терминот „кучкар“ го доживува како навредлив?

[Митко]

Не, сеуште кучкар се викам мене ми е тоа подобар збор. И претежно сакам да користам македонски изрази не странски.

Јас многу побрзо би се навредил ако ми речат кинолог него ли кучкар.

(музика)

Оние кои ја познаваат Бранка, а јас ја знам од дете, никогаш не би помислиле дека таа во зрели години ќе почне да чува куче. Сите забележавме дека и се случи пресврт кога таа и Зоц почнаа да го чуваат лабрадорот Џуно.

[Бранка]

Дефинитивно голем пресврт и како личност и како жена. А животни секогаш сум сакала. Дури сум чувала маче, многу одамна. Меѓутоа, дали поради некои предрасуди, дали дека нашите родители поточно моите не чувале животни, мислев дека не сум способна и одговорна личност за да чувам животно, особено во стан. Така да се случи многу одеднаш, го добивме Џуно како подарок од наши добри пријатели ветеринари за роденден. Така да, беше непланирано меѓутоа штом го видов немаше дилема дали да го задржам или не.

Помеѓу другарките често коментираме дека таа, а и некои други жени-сопственици на кучиња, им се обраќаат како на свои деца – „сине“, „злато мајкино“, „дојди кај мама“. Бранка објаснува:

Затоа што стануваат член на семејство, ги сакаш како деца. Љубовта е безусловна, и животните што ја даваат а и ние. Порано мислев нема да го пуштам на кревет, ќе има влакна. Сега ако нема влакна, како да не сум јас. Знаеш како викаат, не треба да имаш брендирана облека за да бидеш среќен и богат, туку треба да имаш облека со влакна. Викаат нели тие што чуваат кучиња. Не знам, дури не можам дури ни да замислам каков ми бил животот без Џуно порано.

И додава:

„Сакам да бидам личност каква што Џуно мисли дека сум“

Не мајка ми, брат ми, децата, мажот ми. Кучето станува репер за тоа какви сме, и какви сакаме да бидеме. Дали Џуно во интервју за подкаст под наслов „Обични кучиња“ би рекол – сакам да бидам кучето што Бранка мисли дека сум? Дали она што го чувствува кон неа е безусловна љубов? Маџнаун, едно од 15-те кучиња во спомнатиот роман, никако не може да сфати за што му зборува неговата сопственичка, Нира, кога зборува на оваа тема.

[Ѓорги]

„Можеби најфрустрирачкиот момент – за обајцата – дојде кога Нира го праша Маџнаун дали некогаш сакал друго куче. Како и во случајот со Бог, тој немаше никаква претстава што значи зборот љубов. Нира се обиде, колку што можеше, во текот на неколку денови, да му пренесе некакво чувство за значењето на зборот, но за Маџнаун нејзините дефиниции беа противречни, фрустрирачки и нејасни.

Немаше кандидати за претпоставената љубов на Маџнаун. Неговиот господар? Не, ако мораше да избере само еден човечки збор за со него да го изрази тоа што го чувствуваше за него, ќе го избереше зборот лојалност. По некое време Маџнаун беше убеден дека кога Нира зборува за ’љубов,’ зборува за нешто што за него секогаш било и ќе остане неразбирливо.“

(I love you/кучешко завивање)

[Љупка]

Рундо, Роли, Чапо, Беки, Ребел, па имаше една Кадифка со три кученца ама сега во меморијата ми останале само како дебелки суштества а имињата сум ги заборавила, нормално. Па Гордон…

Ова е мајка ми, Љупка, дефинитивно најголем љубител на животни што го познавам. Ова во рамките на семејството било и благослов, но и оптоварување. Колку само кучиња сме исплакале, затоа што биле прегазени, отруени или умреле од природна смрт. Списокот е долг, а редењето на нивните имиња звучи ко спомнување за парастос. Томи, Кардаш, Алба…Но што се однесува до лојалноста, една приказна се издвојува:

Значи Ребел беше еден уличен пес што така го прибрав во дворот уште кога бев со моите родители. Беше нешто повреден, веќе возрасен пес. Е сега татко ми ниту сакаше, ниту мразеше кучиња, ама беше така импулсивен човек и во некој момент му дошло просто да се отараси од него. И не знам како и со кого успеал да го смести во багажник и да го истовари во некој град кајшто одеше на службени патувања. Многу е жално кога суштество што го сакаш, животно што го сакаш, ти умира на раце, ама ми се чини уште потешко како продолжителен стрес, е кога не знаеш што се случило со него и стално го довикуваш и наслушнуваш и чекаш, а него го нема. И тоа мене ми се случи. Така лавирав може два месеца меѓу надеж и безнадежност. И еден ден просто знаев дека е тука. Истрчав во двор, и навистина го најдов таму коска и кожа и со уши разресени и со муцка расцепена, и се растрчав со некои садови со храна со вода, ама тој не ја прими понудата, не ја ни помириса туку само ми ја стави главата во скут и почна, еве верувај, да плаче.

Оваа случка до некаде е разбирлива затоа што мајка ми претходно го чувала Ребел. Но уште поинтересно е кога одиме по улица, и одеднаш куче, појдено по својот пат, ќе ја издвои од другите минувачи:

Просто ќе тргне кон мене или срамежливо или повесело, зависи од неговото животно искуство, темпераментот, и ќе тргне кон мене, и ќе дојде, па ќе мафта со опаш, па као нешто се израдувало. А ниту носам храна, ниту го повикувам. Па уште ако во околината има негови другари, оти нели по град тие се движат по инстинктот на чопор, со уште неколкумина, па со немушт јазик ќе им каже – „Еј, пријател“, па сите ќе дојдат, па сите ќе се поздрават, и цела свита ќе ме испрати до влез.

Јана на истиот начин ја запознала Дара, која сега има шест години. Иако е расно куче, половина од својот живот го минала на улица, можеби како резултат на несовесни сопственици. Јана се грижела некое време за неа, а потоа, како што вели, Дара самата и кажала дека сака да живеат заедно.

[Jана]

Уште од малечка ги сакав животните но немав некои големи контакти, повеќе брат ми имаше контакти, фактички он ме запознаваше со животните. Меѓутоа подоцна во животот ми се створи емпатија кон животните, ми стана жал колку страдаат животните во светот, поготово во нашата средина миленичињата, и така се случи тоа да згрижувам и да се грижам за нив сега.

Моето прво „рескју“, моето прво куче што сум го спасила од улица, сосема случајно и сосема случајно го вдомив, односно она сакаше да ја вдомам, она рече дека сака да живее со мене, и така испадна, сосема непланирано. Јас мислев дека никогаш нема да можам да имам куче, затоа што е огромна обврска, нели.

Куче што било напуштено од сопствениците, и кое што се снаоѓало најмалку две години на улица, секој циклус раѓало бебиња, и ете така, еден ден се случи да залута во Аеродром каде што живеев јас, да ја забележам, да ја згрижам и потоа и да ја вдомам. (Илина: Како љубовна приказна звучи) Сосема, сосема (се смее)

Можеби разбирачката помеѓу суштества од различен вид е сепак можна, иако е ризична.

[Ѓорги]

„Совршеното разбирање меѓу битијата не е гаранција за среќа. На пример, за совршено да го разбереш лудилото на другиот треба и самиот да бидеш луд. Превезот што ги дели овоземните суштества понекогаш е трагична бариера, но повремено е и голема љубезност. Всушност, единствените суштества што можат да постигнат ’совршено взаемно разбирање’ се боговите.“

Вака вика Андре Алексис, авторот на „15 кучиња“, книгата што ни беше инспирација за оваа епизода. Но ние му контрираме.

[Maла Илина]

Моето куче се вика Стрелка и уште малку ќе полни една годинка. И јас многу ја сакам и првите два три дена ми беше тешко и стресно и после се навикнавме пошто она малку по малку почнува да разбира. И јас многу сакам кога играме заедно, кога јас ќе се покријам целата со ќебе а она ќе ме копа, тоа е многу интересно и смешно. И многу е она смешна кога прави смешни ствари нешто. И така многу ја сакам и многу сакам да ја гушкам.

Ова е мојата имењачка, 8-годишната Илина. Сите рационализации што до сега ги направивме на односот помеѓу луѓето и кучињата ни паѓаат во вода после нејзината изјава. Две живи суштества што совршено се разбираат. И во таа спрега ја наоѓаат својата мала среќа.

(Common People)

Ja слушавте шестата епизода од подкастот „Обични луѓе“. Јас сум Илина Јакимовска. Продуцент – Бојан Угриновски. Книгата „15 кучиња“ во македонски превод можете да ја купите на сајтот купикнига.мк и во книжарниците на Литература.мк, и на тој начин да го поддржите и овој подкаст.

Книгата може да се нарача TУКА

При снимањето на оваа епизода не беше повреден ниту еден човек. До следната – (лаење, кратко ко за поздрав).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *