Има хронични болки во вратот. Видот му е нарушен а нервите истенчени. Не може да заспие смислувајќи синоними за сината боја. Додека преведува е социјално изолиран, инфициран од зборови. Каков човек е преведувачот? Како тоа се пресликува врз текстот?

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

С1Е5 ТРАНСКРИПТ

Аудио од трејлерот за филмот Les traducteurs (Преведувачи)

Ова е најавата за филм под наслов „Преведувачи“, од 2019. Во него главна улога имаат деветмина навидум сосема обични луѓе – преведувачи од француски на различни јазици. Затворени се во луксузен бункер, без пристап до интернет, за така изолирани и во тајност да преведат трет дел од бестселер трилогија. Бизарната идеја е на издавачот, кој не очекува дека, и покрај сè, делови од книгата ќе протечат онлајн, а тој ќе биде уценет на голема сума пари.

(музика од трејлерот)

Приказната е баш филмска и далеку од реална, ама сепак содржи елементи кои се препознатливи за секој оној кој се обидел нешто да преведе, и од тоа и да заработи.

Бункерот би можел да ја симболизира осамата и клаустрофобијата која понекогаш ја чувствуваат преведувачите, борејќи се со нечиј текст во мислите, дури и кога не седат над тастатура. Злиот издавач е отелотворување на пазарот, кој притиска преведувачот да има дневна норма, да е брз и да не се занимава со толкување, туку само со механички пренос на реченици од еден во друг јазик.

[од трејлерот]

„I mean, look at us. We are in prison down here.“

„Ќе го преведуваме ова ѓубре живи закопани“ – коментира преведувачот на книгата на грчки.

„Јас сум САМО преведувач, не сум вистински автор“, вели низ солзи преведувачката на дански, откако издавачот му се потсмева на ракописот на нејзиниот роман. За потоа таа да си го одземе животот.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа, петта епизода од подкастот „Обични луѓе“ ќе зборуваме ЗА, и СО луѓе кои се често професионално невидливи за јавноста. Тоа се оние чии грешки лесно стануваат вирална основа за „хехе“, но кои ретко се фалени за нивниот труд. Колку и да звучи необично, тој труд не е само интелектуален, туку и аргатски, чисто физички, со заглавување до доцна во ноќта.

[Свето Серафимов]

Јас бев меѓу првите кои почнаа од англиски: не бев првиот, имаше и други. Ама тие преведуваа по една-две, јас терав цело време. Значи тоа ми беше како втора професија да речам, го сметав за хоби, но редовно го работев. Како што работев во Нoва Македонија, така дома секоја вечер негде до 12 саатот на машината.

Ова е гласот на Свето Серафимов, најстариот книжевен преведувач во Македонија. Разговорот со него го направив во април 2016, кога тој имаше 88 години. Елегантно облечен во светол костум и шешир, тој со јасна мисла и неверојатна меморија зборуваше за годините кои ги посветил на оваа професија, негова втора, покрај новинарството. Toгаш на неговиот список преводи имаше 102 дела и уште шест во печат. Меѓу нив и еден куп книжевни класици чие преведување на македонски на времето било основа за етаблирање на преводот како професија и за развојот на самиот јазик. Во текот на разговорот тој даде и еден добар совет:

Мој совет до младите преведувачи е да не преведуваат буквално, најлоша работа е буквален превод. Треба секогаш треба да се води сметка кажаното да е во духот на нашиот јазик, не како што се зборува на англиски, на француски, како што зборуваме ние треба да се преведе. Можеби притоа ќе изгуби делото во стилот, но ќе добие во значењето, да се пренесе суштинското. Тоа е мојата порака. Значи секогаш да вртат речници, лексикони, да го доловат вистинското што го кажува авторот, не онака само да брзаат да исфрлат продукција.

„Да исфрлат продукција“ е веројатно најстрашниот термин кој може да се употреби за една толку суптилна работа каков што е книжевниот превод. Во него не несмасно преведен збор, туку само една погрешно ставена запирка, може да го промени значењето на текстот. Како што би рекол Џони Штулиќ, чии преводи на класичните дела на антиката некои ги исмејуваат а други ги нарекуваат брилијантни: „Мораш да употребуваш вистински зборови. Пожелно е да ставаш запирки. Но ако човек се заебе со запирките, целата смисла се менува

(чукање на машина)

Самата до сега имам преведено 12 книги, голем број текстови, нешто поезија. Но во нашата куќа муабетот за тоа како нешто да се преведе е секојдневие. Пред петнаесетина години тој беше придружен со бучно чукање на машина, сега со кликање на тастатури од три различни простории.

(продолжува чукањето на машина)

Една од полиците со книги ни се вика „Его трип“ и на неа се сместени сите 47 досегашни преводи на маж ми, Драган, а 48-миот е во печат.

Годините минати во преводи нè имаат по малку изместено, и во ’рбетот и во умот. Александар, нашиот физиотерапевт, постојано нè опоменува кога ќе му се појавиме со рака која трне, или со вкочанети вратови. Eдна од дијагнозите со кои притоа нè плаши всушност звучи многу кул – лордоза. Баш благороднички.

(барокна музика, “лордовска”)

Но преведувачите живеат далеку од благороднички. И тоа на необичен начин се потврди во текот на правењето на оваа епизода. Ја контактирав Сара Цветановска, преведувачка од кинески, меѓу другото на романот „Златен оков“ на Џанг Ајлинг и „Промена“ на нобеловецот Мо Јан. Закажавме средба онлајн, но таа мораше да биде откажана заради приклештен нерв во вратот, аналгетици и непроспиени ноќи. За жал одлична илустрација за спомнатиот, аргатски труд на преведувачот.

(продолжува музиката)

[Дарко Јан Спасов]

Прв пат кога преведував, Илина, тоа беше 99-та година…

Ова е гласот на Дарко Јан Спасов, преведувач од чешки и словенечки. Разговорот го правевме телефонски, затоа што во моментот Дарко беше на планина, без интернет. За да го преведува Драго Јанчар.

(продолжува)…бев студент на катедрата по македонска и јужнословенска книжевност и чешки јазик избрав, бохемистика, и открив убав свет на интересни автори. И си реков ако не апокрифите на Карел Чапек јас би ги превел помалите раскази, избрав еден од неговиот опус богат, тоа беше збирка „Кога болат забите“, а расказот „За фантазијата“.

Но пред да се објави во списание кое денес не постои Дарко и’ го дава на читање на професорката Јадранка Владова, која претходно била лекторка во Чешка и го знаела чешкиот јазик.

Го прегледа и ми рече  нешто не е во ред овде, овде има Дарко нелогичност. Го зеде оригиналот и виде дека зборот „клин“ сум го превел како „клин“, сум го спуштил на нај…на првото скалило на пренесување збор на друг јазик. И рече, во овој случај не се работи за клин како клинец или клин за цепење дрва итн., овде се работи за скут, женска скутина. И тогаш сфатив дека целиот расказ сум го сфатил погрешно, и целата таа сценографија и поставеност на „актантите“, како што таа ќе речеше. Само еден збор ме измести. Ме измести ама и ме постави во еден колосек, дека треба мошне претпазливо да се пристапува со преведувањето. 

Тој колосек после дваесет години преведување го има однесено Дарко во различни правци. Ако нешто притоа научил е да се штити од преведување дела кои го вознемируваат. Затоа што преводот е соживување со светогледот на авторот или на неговите ликови. А тој може да биде гнасен.

За мене беше тоа обидот да се пробијам низ неговиот расказ, не би го именувал словенечки автор, кога раскажува една гнасна приказна за перверзниот однос помеѓу татко и ќерка

Тогаш си помислив дека ако треба да се пробијам низ ова тогаш треба да направам дистанца меѓу мене како преведувач и авторот како извор, ама тоа е гнасно и не би го препорачал никому.

(Common People)

Драган, Сара, Дарко – сите нивни преводи на македонски се истовремено и единствените во нашата преводна книжевност. Да се направи споредба на два и повеќе преводи на едно исто дело во неа е тешко.
За ова имам две можни објаснувања. Прво, за да се добие поширок опсег на преводи, особено на класиците, историски било попрактично енергијата и парите да се доделат на различни, а не на преводи на едно исто дело. Второ, издавачите се многу помотивирани да платат процент од хонорарот за препечатување на постоечки превод, отколку да вложуваат во сосема нов. Сепак, издвоив неколку такви примери:

Слушнете ја првата реченица од „Улис“ на Џејмс Џојс, во превод на Свето Серафимов, објавен далечната 1977. Убавиот глас е на актерката Верица Недеска

[Верица]

„Дебелиот Бак Малиген достоинствено доаѓаше од врвот на скалите носејќи канче за бричење на кое лежеа вкрстени огледалце и брич“

Истата, во нов превод на Марија Гиревска, гласи:

„Грандиозно дебеличкиот Бак Малиган се појави на врвот на скалите носејќи сад со пена врз кој лежеа вкрстени огледалце и брич“

Во двете верзии на една единствена реченица речиси половина од зборовите се различни. Дебелиот од првиот превод е ГРАНДИОЗНО дебелиЧОК во вториот. ГРАНДИОЗНО е веројатно употребен од причина која има врска со последниот збор во романот, во што сега нема да навлегуваме. „Канче за бричење“ од првата, во втората верзија е „сад со пена“, што е многу поблиску до оригиналот, во кој Џојс нè држи во благ с’спенс за тоа за што всушност се подготвува Бак. Различно е дури и името на ликот – МалигЕн наспроти МалигАн.

(музика)

Основа за споредба имаме кај делата на Шекспир, на тројца наши преведувачи – Ацо Шопов, Богомил Ѓузел и Драги Михајловски. Разликите во преводот се очигледни дури и кај самите наслови на делата, освен оние кои се лични имиња па не се преведуваат. На пример „Како што милувате“ во верзијата на Ѓузел наспроти „Како ви е арно, така“ кај Михајловски за Аs You Like it. Или славната реплика од Хамлет која кај Шопов гласи – „Да се биде или не“, а кај Михајловски „да ме има или да ме нема“.

Ајде да споредиме неколку стиха од Сонетот број 66 на Шекспир.

Прво во препев на Драги Михајловски:

[Верица]

66

Уморен од сè ова, за смрт успокојувачка молам,

што заслужноста, гледам, понижена е во беда;

и бедната ништост зацарена во раскош гола

и најчистата верба прекршена и мошне бледа;

Истиот сонет во препев на Љупчо Бочваров:

66

Уморен од сето ова, кон смртта ми се ита:

наспроти заслужноста, падната и поразена,

гледам како израдувани никаквеци се китат

со триумф врз чистата вера в кал згазена.

И само еден површен поглед, на пример врз римите, покажуваат големи разлики: во првиот превод молам/гола, беда/бледа; во вториот ита/китат, поразена/згазена. Всушност во двата превода на четирите стиха има само два истоветни зборови – уморен и заслужност.

(музика)

И уште еден пример, овој пат од италијански – песната Бдеење на Џузепе Унгарети. Најпрвин во препев на Живко Гроздановски.

Цела една ноќ
фрлен крај 
соборец
масакриран
со устата
озабена
кон полната месечина
со вкочанетоста
на неговите прсти
набиена
во мојата тишина
напишав
зборови полни љубов

Никогаш не сум бил
Толку
приврзан за животот.

И во превод на Наташа Сарџоска.

Цела една ноќ
зафрлен покрај
мојот масакриран
другар
со својата уста
полна разјарени заби
завртена кон полната месечина
со набабрени дланки
во наплив од крв
која продира во мојата тишина
пишував
писма полни со љубов.

Никогаш не сум бил
толку
приврзан за животот.

Кoи се тука разликите?
Фрлен во првиот препев, е зафрлен во вториот.

Соборецот е другар.
Озабена уста наспроти разјарени заби.
Вкочанети прсти наспроти набабрени дланки.
И можеби највпечатливо – зборови полни љубов наспроти писма полни љубов.
Како речиси да станува збор за две различни песни.

Прашањето кое сакам да го поставам тука е – на што се должат толку големи разлики во препевот, односно преводот на овие и на други дела? Кои својства на преведувачот се пресудни, за преводот да звучи на еден или на друг начин?

(позадинската музика)

Неколку од тие својства се прилично очигледни, како:

владеење на странскиот јазик
владеење на сопствениот јазик
познавање на темата (односно на делото и авторот)

познавањето на културниот и историскиот контекст
работливоста.

Но на овој список на посакувани својства има и некои посуптилни и поапстрактни, и токму тие се и најинтересните.

На пример тоа дека преведувачот треба да биде – храбар.

[Огнен Чемерски]

Taa храброст е многу битна, и таа храброст недостига кај многу преведувачи. Преведувачот не смее да се плаши од авторитетот на претходните преведувачи. Мора да ги предизвика на двобој.

Ова е една од ретките сочувани снимки на Огнен Чемерски, кој почина во 2017, на 43-годишна возраст. Станува збор за интервју направено во 2013 за емисијата Културна матрица на ТВ24, од Елена Џугуманова. Во него, меѓу другото, Огнен зборува за предизвиците со кои се соочил при преведувањето на капиталното дело на Мелвил, „Моби Дик“, но и за двобојот во кој влегол со претходниот превод на истото дело на македонски, на спомнатиот Свето Серафимов.

Сепак, одважноста на преведувачот според него не треба да значи и суетност.

Преведувачот тука мора да ја надмине својата гордост, мора да ја надмине ароганцијата на нешто од бога дадено, затоа што јазикот го учиме, не го наследуваме само од родителите или од тетките или од учителките на училиште.

Храброст, креативност, отсуство на суета – карактеристики кои го красеа Огнен и кои се пожелни кај секој преведувач. Што друго би требало да има на овој список?

(италијанска музика, arija Non Pui Andrai)

На страницата Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија, во рубриката „Библиотека“ се поместени неколку текстови од списанието Културен живот, на тема „уметноста и умешноста на преведувањето“. Еден од нив е на Живко Гроздановски, под наслов „Навраќање на преведувачкиот процес на избрани песни и раскази од Влада Урошевиќ на италијански јазик“. Во деталната анализа на преведувачката постапка, особено потрагата по соодветни рими, во еден момент се зборува за изборот на термин во стихот „Сè повеќе има луѓе што се плашат од сината боја“ од песната „Хаос“ на Урошевиќ од 1973. 

Анализирајќи кој збор во италијанскиот би бил најсоодветен за доловување на „сината боја“ од песната, дали блу кој повеќе одговара поради запазување на римата, но е помодро сина, или аѕуро, посветлата нијанса, тој вели:

(цитирам) Здраворазумно е да се претпостави дека авторот со „сината боја“ повеќе мислел на синилото на небото или на морето (затворен цитат).

Хм, преведувачот треба згора на сè да биде и здраворазумен? Го прашавме Живко што подразбира под ова.

[Живко Гроздановски]

Во преведувањето јас ја гледам здраворазумноста на две нивоа: на првото ниво здраворазумно за преведувачот според мене е да биде креативен и да наоѓа начини што во него ќе ја одржуваат онаа радосна љубопитност. Таа е основен поттик за истражување и детално разбирање на поимите и исказите во оригиналот.

Е сега откако сосема ќе се асимилира тоа прво ниво на здраворазумност, преведувачот би можело да се рече дека оди на едно второ ниво, отаде значењата на поимите и исказите. Тука преведувачот ја трансцендира здраворазумноста. Разумот, колку и да е здрав не е единствената алатка за спознание на нештата.

Аха, значи преведувачите кои се САМО прецизни, учени и разумни никогаш нема да ги достигнат олимписките преведувачки височини. Потребен е дополнителен квалитет – сочувство.

Значи во таа смисла преведувачот е должен да се ослободи од што поголем дел од сопствената личност и од разумноста, за што подлабоко да сочувствува со нараторот, со лирскиот субјект, со ликот, со атмосферата итн. Тоа веќе не е прашање на здрав разум, туку на здрава емпатија. Значи, здраворазумноста во преведувањето е неопходна, но само за да биде надмината.

Разумот во тој момент е детронизиран. А на негово место стапува несвесното или потсвесното на преведувачот.

А тоа заумното, тоа несвесното, е сложена материја. Во секој случај колку повеќе оригиналот допушта или бара креативност во преводот, најчесто при правење на адаптација на превод или при решавање на тие игри на зборови, толку несвесното на преведувачот ризикува, ама и мора да излезе на површина. Затоа е многу важно преведувачот постојано да има контрола над самиот себеси. Односно неговата личност да не го попречува патот помеѓу оригиналот и она што треба да биде превод.

Значи преведувачот ќе ги искористи сите алатки кои му стојат на располагање за истражување на здраворазумното значење на текстот, за потоа

[Живко]

ДА СЕ МРЦНЕ ВО ЗАУМНОТО

Ова е толку добро, што мора да се повтори:

ДА СЕ МРЦНЕ ВО ЗАУМНОТО

Kaко што ги одврзуваме конопените ортоми на нашето кајче и се впуштаме кон безгазерното морско пространство, така разговорот за стандарди и техники на преведувањето преминува во нешто помистично. Преводот навистина станува „транслација“ – пренос, премин. Притоа она што патува и преминува е зборот, no и нешто друго.

(музика)

На спомнатиот сајт на Здружението на преведувачи е поместен и текст е на Рајна Кошка Хот, под наслов „Чекајќи го вистинскиот збор“, алузија на чекањето на Годо. Во него таа меѓу другото ја анализира вечната дилема – дали е можно да се остане верен на оригиналот, а притоа да се задржи слободата на преводот? Користејќи ја симболиката на римскиот бог Јанус со две лица кои постојано го набљудуваат преведувачот, таа вели дека ова е дилема со која се соочил секој оној кој барем еднаш посакал или се обидел да пристапи цитирам – „не само со својата компетентност туку и со ДУША кон уметнички превод“.

(истата музика)

Eте така се заокружува сликата за нашиот замислен преведувач. Она што тој го вградува во текстот не се само вратот и ’рбетот, нарушениот вид и истенчените нерви, туку и неговата душа. А таа пустата, некогаш посакува авторот да кажал нешто што тој можеби не го кажал. Кога излезе мојот превод на романот „Зен и уметноста на поправање мотори“ од Роберт Пирсиг, ме затече еден коментар на читател. Во оригиналниот наслов на книгата e употребен зборот maintenance кој е многу поблизок со „одржување“, па оттаму поточниот превод би бил „Зен и уметноста на одржување мотори“. Можеби клучна за мојата преведувачка одлука било мојата желба не нешто да одржам, туку да поправам.

(музика)

Оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ ја посветуваме на Огнен Чемерски и на неговата преведувачка душа. Хермес, богот на преведувачите, нека го чува.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *