Постојат ли луѓе чие умствено око е слепо? Кои имаат проблем со препознавање лица, снаоѓање во простор и кои не сонуваат визуелно? Запознајте го светот на неколкумина од нив – светот без внатрешни слики.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

С1Е9 Транскрипт

„Затворете ги очите.

Замислете си дека сте во шума, на светол есенски ден. Паднатите црвени и жолти лисја и по некое скршено гранче крцкаат под нозете. По едно дрво се искачува верверичка. Сонцето се огледува во блиската река која тече бавно и спокојно, токму како овој момент. Едно ливче паѓа танцувајќи низ воздухот, за потоа да го однесе водата.

Затворете ги очите. Замислите…“

Ова што го слушнавте е сценарио за визуелизација, алатка која се користи за медитација и опуштање.

Но што ако оној кому му се сугерира да замисли шума, верверички, бистра река и шушкави лисја, не може да ги визуелизира? Постојат ли луѓе чие внатрешно, умствено око е слепо?

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска.

Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ ќе зборуваме за афантастите, сосема обични луѓе кои се разликуваат од останатите само по тоа што не размислуваат, не сонуваат и не се сеќаваат во слики.

Дали можеби и вие сте еден од нив?

(музика)

Терминот „афантазија“ е нов и датира од 2015, кога е објавен текст на оваа тема од неврологот Адам Земан. Но исто како што и гравитацијата постоела и пред да ја „открие“ Њутн, така и неможноста за внатрешна визуелизација постоела и пред за неа да се искова посебен збор. Сепак, самото именување на појавата придонело за нејзина популаризација, и за тоа афантастите да сфатат дека се различни од останатите.

(музика)

Кога Никола прв пат ми спомна дека има афантазија и дека не може визуелно да замислува, не му поверував. Станува збор за човек кој предава биомедицински инженеринг и голем дел од својата кариера посветил на визуелно мапирање на мозокот. Важи за голем познавач на филмот, и генерално ич не личи на некој кому му недостасува фантазија.

Тој да не може да замисли верверичка на дрво? Нема шанси!

Но откако малку повеќе навлегов во темата, сфатив дека мојата реакција е прилично стандардна. Афантастите, кои се проценува дека сочинуваат 2% од светската популација, велат дека најчестите коментари кои ги добиваат се чудење и неверување. Нашиот внатрешен, но и нашиот практичен, секојдневен живот, изгледа толку длабоко врзан со мислење во слики, што повеќето од нас не можат да замислат како е да не можеш да замислиш – улица од детството, убаво зајдисонце, ликови на сакани луѓе.

Искористив една од тн. „Сиести“ кои ги организира Никола – онлајн средби помеѓу македонски научници раштркани низ различни земји во светот – за со него и со уште петнаесетина други присутни на Зум да поразговараме на оваа тема.

Дали тој отсекогаш знаел дека има афантазија?

[Никола Стиков]

Дали сум знаел? И да и не, има еден концепт баш кај тебе на Букбокс го слушнав прв пат, се вика хипокогниција. Додека немаш дефиниција на концептот, не знаеш дека тоа воопшто постои. Така што афантазија е релативно нов концепт и веројатно затоа сега луѓе дознаваат за тоа, и јас го имам, епа и јас сум го имал само не сум знаел дека е состојба.

Знаците по кој детектирал дека е можно и самиот да има афантазија се два феномена кои се спомнуваат како поврзани со оваа состојба – неможноста за препознавање човечки лица или просопогнозија, и проблеми со ориентација во простор.  

Тежок сум со препознавање лица. Значи кај мене препознавањето лица е повеќе со некоја идентификација на карактеристики на лицето, а не некоја инстант препознатливост. И уште една работа поврзана со афантазијата е неспособност да препознавам места. Значи јас сум способен да се изгубам во највообичаеното место. Јас бев на Стенфорд некои 12 години, и шетав на Стенфорд со мапа. И кога жена ми дојде на Стенфорд после месец-два и викав – ај однеси ме на тоа место кајшто бевме, знаеш кое? Затоа што немам способност да формирам ментална слика за просторот околу мене.

Или ја возев жена ми со години до дома во Ѓорче, од Аеродром до Ѓорче, и еднаш ја утнав улицата. И таа ми рече ми го утна патот. Јас реков – нема шанси. Абе ми го утна патот, возиш накај Тетово! Викам неее, пошто знам дека има една светлечка реклама и треба таа да ја поминам за да свртам десно. Прегорела рекламата, и јас сум се изгубил. Така што одеднаш афантазијата некако ми ги стави сите тие работи во контекст и тоа е тоа, едноставно сум лош со слики.

(Ако од вас се побара да замислите коњ, колку јасна ќе биде сликата од 1-6?)

Дали полето во кое работи, невроимиџинг или визуелизација на мозокот, може да објасни што се случува во мозоците на афантастите?

[Никола]

Една работа што како експерт за магнетна резонанса ја знам, е дека сите овие студии за функционална магнетна резонанса се дескриптивни но не се баш како микроскоп што може да каже точно кој дел од мозокот е одговорен. Значи функциите на мозокот се дистрибуирани. И да, се знае дека мозокот кај луѓе што имаат визуелна  имагинација одредени делови се активираат повеќе од други, меѓутоа тешко дека јас ќе ти покажам тебе скен на човек и ќе ти кажам дали овој човек има или нема афантазија.

[Гоце Симоноски]

Луѓе со афантазија има поголема веројатност да работат во STEM полето (Science, technology, engineering and mathematics), ова е битно за Никола бидејќи работи во тој дел. Истражувања покажуваат дека кога луѓето не можат да визуелизираат, тоа има придобивки за дејности кои се во техничките сектори. Луѓе со мала способност за визуелизирање има поголема веројатно да работат во научни или математички индустрии отколку во креативни сектори. Од друга страна, хиперфантазијата луѓето имаат живописни ментални слики и изгледа дека е покарактеристично за креативните професии.

Ова е гласот на Гоце Симоноски, класичен музичар и композитор, кој го направи специјалниот музички прилог, Саундскејпс за минатата епизода од нашиот подкаст. Исто како и Никола, и тој има многу мала способност за визуелизација, препознавање лица или просторна ориентација. Ако е вистина дека афантастите се главно од техничките професии, тој е исклучок:

И сето ова начнува интересно прашање, конечно дојдов до композиторскиот дел, зошто човек со слаби ментални слики како мене се бави со уметност, поточно со музика а не со некое од STEM полињата на истражување.

Прашањето е како успевам да компонирам музика без да визуелизирам нешто.

Одговорот на ова прашање кое тој го нуди се состои во разликата помеѓу два вида музика – еден кој подразбира и поттикнува визуелизации, и другиот за кој таа не е потребна.

Програмска музика е музика инспирирана од случувањата во природата, настани во историјата, од други уметности како што е сликарството и други појави. На пример Бетовен, во својата Шеста симфонија која ја нарекува Пасторална, бидејќи има програмска содржина, ја отсликал природата и неговата приврзаност кон неа. Ова се вика програмска музика, инспирирана од настан, предмет, природна појава. Или рускиот композитор Александар Скрјабин кој секогаш додека слушал звуци или музика активно конструирал некои ментални слики, но најверојатно затоа што имал друга интересна состојба позната како синестезија.

Наспроти програмската музика постои нешто што се вика апсолутна музика, или музика која нема врска со надворешниот свет или со некој конкретен настан. Во овој тип композитори веројатно спаѓам јас, бидејќи содржината на музиката се развива по некоја внатрешна логика на авторот. На пример рускиот композитор Николај Римски Корсаков вели дека музиката ја компонирал откако најпрвин импровизирал на пијано, па од тие импровизации ќе одберел некоја што најмногу му се допаѓа па потоа ја развивал во музичко дело. Одговорот е тој дека и јас на овој начин компонирам и ретко додека компонирам креирам ментални слики.

Eден од проблемите кога се зборува за афантазијата е начинот на кој тоа може или треба да се прави. Дали некој има афантазија, живее со неа или страда од неа? Истражувањата покажале дека отсуството на можност за визуелизација има свои предности. Афантастите ретко или воопшто не се подложни на пост-трауматски синдром, односно од тоа да ги прогонуваат трауматични слики од минатото. Ако мозокот го замислиме како хард-драјв, нивните се помалку оптоварени со графика, бараат помала компјутерска моќ, па оттаму би требало да се побрзи. Од друга страна, убаво е да можеш низ замислени слики да се потсетиш на радосни моменти, или да се проектираш на некое убаво и спокојно место тогаш кога не ти е ниту убаво, ниту спокојно.

[Никола]

Што знам, може е предност не дека си немам трауми, ама и тие се некој транскрипт и може тоа ги прави помалку трауматични. Немам гајле со хорор филмови, оти јас кога ќе заврши хорор филмот, толку. Веќе не можам да го видам страшното во хорор филмот. Можам да го размислувам ама не ми е пред очи. Работам со доста брутална технологија. Работиме со животни, па во целиот тој процес има и еутаназија и доста крвави сцени коишто не ми влијаат, значи едноставно не ме трауматизираат. Да, не е убаво кога ќе видиш животно како умира, меѓутоа не ме гони тоа потоа таа слика отпосле. Така што да, веројатно е некоја предност, но сигурно си има и минус некој, сеќавањата се по-мета, како некоја приказна за сеќавањата отколку вистинско сеќавање. 

Јас кога се обидувам да ги опишам работите, значи моите фантазии, моите соништа, сите тие наводно визуелни процеси за мене се како некој транскрипт. Значи моите соништа се повеќе како некој хај-консепт, сонував – не знам – дека светот се менувал секој ден и имало нова зграда на истото место ама со друга форма. Значи јас можам тоа да ти го кажам, како сон, но едноставно јас не ја гледам зградата, концептот го разбирам. Или на пример јас сум многу добар во читање наназад, дај ми збор ќе ти го кажам наназад. Како? Ги замислувам буквите и ги читам наназад, меѓутоа не ги гледам.

Чисто за мене тука нема дури ни мистерија, за мене едноставно јас живеам во некој константен транскрипт. И тие што ме знаат знаат дека јас многу брзо читам, одлично работам со текст и се друго ми е некако непотребно. Кога беше прва година, Виктор Иго, Богородичната црква во Париз, Париз од птичја перспектива, 50 страни. Се супер, ама јас не го гледам Париз од овие пеесет страни. Секој опис на лик во книга – џабе ми е. Ако остане нешто, а тој има наочари, ама толку значи јас не можам да си го претставам ликот. И секогаш сум се прашувал зошто толку време  се троши на описи кога едноставно кај мене тие не палат.

Иако до сега афантазијата ја поврзувавме исклучиво со визуелното, многумина со оваа состојба пријавуваат дека кубурат и со други сетила – не можат да евоцираат мириси, да се присетат на музика или на допир. Тоа сепак не е случај со Гоце.

[Гоце]

Мене ми се случува додека го користам само сетилото за вид, визуелниот дел, кога ќе го поврзам со музика значи моментално ми се менува цел свет пред мене. И ми добива сосема нов контекст. Мислам дека тоа е случај и со другите. Ама кога го користам само сетилото за вид светот ми е некако анхедоничен. Кога вклучувам музика и ги спарувам овие два модалитети мислам дека почнува некоја битна фантазија тука.

И други учесници за кои во текот на разговорот дознавме дека се афантасти ги открија начините на кои памтат и мислат без да визуелизираат. Ова е Ангел:

Кога мислам на афантазија мислам на тоа како мозокот се адаптира кај тие што имаме нели послаба фантазија или афантазија. На пример доколку некој ми покаже слика од некоја фигура, од коцки составена, со краци или било што, и ми ја скрие и ми рече после тоа како изгледаше фигурата. Немам јас способност да ја видам сликата повторно, туку мислам дека меморирам однос меѓу елементите во фигурата, некакви релации во елементите без да ја снимам целата слика за пак да ја вратам во тоа мозочно око и да ви ја опишам. Доколку некоја релација немам време да ја запишам, потоа не можам од сликата пак да ја опишам, бидејќи ја немам сликата. Мислам дека мозокот се има прилагодено да функционира поинаку скроз.

Помеѓу афантастите во групата имаше мали разлики, кои укажуваат на тоа дека оваа состојба е сепак спектар а не еднозначна. Но како е да си на другиот крај на оската, да имаш хиперфантазија? Oва е Кирил.

[Кирил Гаштеовски]

Интересно. Забавно. Секогаш има забава во главата.

[Илина]

Дали некогаш ти било оптеретување, тоа you cannot unsee that, да си преплавен со визуелни дразби?

[Кирил]

Па да, Никола тоа што го спомна за читањето на пример, дека тој чита многу брзо. И книгата со Париз од птичја перспектива, истата ја читав и јас, со Ѕвонарот од Нотр Дам, на иста возраст. Јас имав проблем со тоа поглавје и јас тоа поглавје го скокнав. Затоа што беше премногу. Се сеќавам се опишуваше некој студентски кварт, и тука имаше еден куп информации, и јас ги гледам во главата, и ми се трупа мозокот со информации. И како што читам натаму ги спојувам стварите од различни места, можеби било до возраст, јас ја читав во седмо одделение, едноставно беше ту мач и го скокнав тој чаптер. Ја изгубив концентрацијата.

Друг проблем што го имам, јас читам бавно. И може тоа да е причината, затоа што често пати морам да ги визуелизирам стварите у глава, а тоа бара поголема компјутинг пауер за мозокот, заради тоа што го процесирам текстот, ги процесирам сликите,  концептите, логиката позади сето тоа и тоа ме прави да читам бавно.

Во текот на Сиестата беа покренати и други необични теми – дали кога слушаш внатрешен глас тоа е твојот или нечиј друг? Дали е вистина дека 40% од луѓето не размислуваат во зборови и реченици? Беа споделени искуства со луцидно сонување. И прашања за тоа дали кога се сеќаваме на некоја ситуација се гледаме себеси во кадарот или гледаме од позиција на субјективна камера. Добро што немаше некој психијатар на повикот затоа што кој знае што ќе заклучеше од целиот муабет. 

Но една епизода која ни ја раскажа Кирил, како излезена од „Алиса во земјата на чудата“, дефинитивно инспирираше визуелизација, дури и кај оние со афантазија.

[Кирил]

Имаше исто една интересна случка. Бев уморен еднаш, возевме ноќно време и во колата сите спиеа освен јас. И само во еден момент, а е прав пат, значи нема ништо, нема ниту кола а нема ни светло, значи беше скроз аут оф ноувер. И само во еден момент претрчуваат зајаци, јас почнувам да ги избегнувам нели со воланот. И имам еден братучед кој седеше позади и ми вика – да не виде зајаци? Јас му викам, да, и ти ли ги виде? Не бе вика, не ги видов, ама знам дека ги гледаш. И тој ми кажа дека кога е уморен и тој гледа зајаци (смеење). И он уствари не спиел бил позади седел, со отворени очи. Ама беше многу чудно, тој претпостави што видов. Може биле коњи, може биле носорози, може биле, што год да е.

(Ама има логика, за да заспиеш се овци, така бавни, лежерни, за да се разбудиш треба обратното, нешто брзо да замислиш.)

Не знам ама очигледно и тој ги гледа кога е уморен.

(Епа, викаш дека сте фамилија, може има нешто).

Е може, да.

(музика, се стишува полека до тишина)

„Затворете ги очите.

Замислете си дека сте во шума, на светол есенски ден. Паднатите црвени и жолти лисја и по некое скршено гранче крцкаат под нозете. По едно дрво се искачува верверичка. Сонцето се огледува во блиската река која тече бавно и спокојно, токму како овој момент. Едно ливче паѓа танцувајќи низ воздухот, за потоа да го однесе водата.

Затворете ги очите.“

Ги видовте зајците?

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Продуцент: Бојан Угриновски.

За список референци на тема афантазија посетете го нашиот сајт obicniluge.mk.

Голема благодарност до сите учесници во оваа епизода, која се надеваме ви помогна да замислите како е да не може да се замислува.

Бонус линкови:

Eдноставен тест за афантазија (или тестот со црвената ѕвезда)

Tест за проценка на тоа како стоите со живописноста на визуелната имагинација

Хумористичен автобиографски текст на Блејк Рос, некогашен програмски директор на Фејсбук и ко-основач на Фајрфокс, за неговата афантазија

Уметници со афантазија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *