Во 1965 од печат излегува книга која содржи состави на 125 деца од цела Македонија. Во нив тие кажуваат што би сакале да бидат кога ќе пораснат. Каде се тие сега, и дали нивната желба им се остварила?
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
(музика, „Вули Були“)
1965-та.
На врвот на светските топ листи е Вули Були на Sam the Sham and the Pharaons.
Во американските кино сали почнува да се прикажува „Доктор Живаго“, со Омар Шариф и Џули Кристи.
Умира Винстон Черчил.
(Rolling Stones – I can get no satisfaction)
Ролинг Стоунси имаат прв број еден хит во САД.
Битлси го изведуваат првиот концерт на стадион во историјата на музиката, пред 60.000 луѓе.
Премиерно се емитуваат цртаните со Том и Џери.
Почнува војната во Виетнам и масовните протести. Со нив и хипи движењето и сексуалната револуција.
(Зоран Георгиев – „Америка“)
На сингл издаден за тогашен Југотон, нашиот Зоран Георгиев пее за Америка. На децата од Македонија, во тогашна Југославија, таа им е далечна и непозната, исто како и нивната иднина. Но иако тие се уште не знаат што ќе бидат, знаат што САКААТ да бидат.
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа прва епизода од втората сезона на подкастот Обични луѓе, ќе ја раскажеме приказната за тие деца од цела Македонија, кои во 1965 биле осмо одделение, а денес се пензионери. Нивните состави се содржани во книга издадена истата година, под наслов „Сакам да бидам“.
Што сакале да бидат овие деца, а што навистина станале?
Останете со нас.
(продолжува музиката)
Книгата „Сакам да бидам“ случајно стигна до мене пред неколку години. На нејзината корица нема никаква друга информација, освен насловот и цртеж на момче задлабочено во читање. Како издавач е наведен Републички завод за запослување на работниците на Социјалистичка Република Македонија, а уредници се Вангел Јанкуловски и Михајло Видоевски.
Од воведот се дознава дека ова е всушност второ вакво издание, во склоп на проект со ученици од 8-мите одделенија во основните училишта, и 4-тите класови од гимназиите, кој започнал претходната, 1964 година. Низ него, преку раскази, есеи, поезија или цртежи, тие требало да ги искажат своите мисли за идната професија.
(музика)
Во книгата се застапени дела на вкупно 125 деца, очигледно внимателно бирани и подредени според професијата која ја посакувале. Најбројни се поглавјата за техника, медицина и просвета, но има и такви за уметност, авио-космонавтика, народна одбрана, како и едно под наслов „неопределени“. Интересно е и поглавјето „космополити“ во кое има два состава. Одбраните професии често се ставаат во контекст на самоуправниот социјализам. Внимавано е на половиот и на етничкиот состав, како и на односот село-град. Покрај претставници на сите градови, има и деца од основни училишта во селата, меѓу кои и со имиња кои прв пат ги слушнавме, како Селокуќ, дебарско или Трооло близу Пробиштип.
(музика)
Каде се сега овие деца? Кога книгата прв пат стигна до мене, идејата беше потрагата по нив да биде преточена во документарен филм. Но по четири години неуспешни обиди тоа да се оствари, сфатив дека работата веќе не смее да се одложува.
Ова е приказна за шестмина кои успеавме да ги пронајдеме и за нивните детски соништа.
(музика)
Најголем број деца во своите состави посакуваат да бидат лекари. Во воведот самите уредници поставуваат прашање (цитирам) – „Дали ваквата масовност се должи на хуманоста на занимањето или авторитетот на името „лекар“ пред нашиот човек? Познато е дека на оваа возраст кај децата преовладуваат топли и хумани чувства, алтруизам, социјабилност, самопоузданост, истрајност“ (затворен цитат).
Помеѓу составите во поглавјето „медицина“ е составот на Даница Тановска, денес Тасевска од училиштето „Мите Богоевски“ во Ресен. Неговиот наслов – „На детското лице го немаше руменилото“.
Даница: „Знам дека со учење секоја тешкотија се совладува. Потоа ме чека нова тешкотија, но јас сум поведена од желбата и на тешкотиите не им давам никаква важност. Ќе бидам лекар. Сонувам како да се наоѓам во голема сала. Облечена сум во бел мантил. Претчуствувам дека во болницата ќе се случи нешто. И навистина. Вратата брзо се отвори и влегува една жена велејќи – докторе спасувајте! Моето девојче е тешко болно. Влегува еден човек и во рацете носи едно девојче. Го земам девојчето. Колку е бледо. На неговото лице не се забележува ни трага од детско руменило. Го ставам на креветот и почнувам да се припремам за операција. Возбудена сум. Тоа ми е прва операција. Девојчето има запаление на слепото црево. Мојата возбуда се претвора во храброст. Операцијата завршува успешно и јас сум среќна. Ми пријдуваат сите и ми се заблагодаруваат. Горда сум што постигнав успех. Тоа ќе се повторува секој ден. Се разбудувам. Дали тоа е сон? Не. Тоа е мојата желба што ме носи кон мојата иднина. Нас нè чека иднината. Ние ѝ припаѓаме нејзе, а таа нам. Ние сме листови на нејзината гранка. Ја дишиме и осеќаме нејзината миризба.“
Како се чувствува Даница сега кога ги чита овие редови?
Д: И сега… и сега ќе се расплачев. Многу возбудено. Ево сега солзи ми идет. (плаче) Озбилно. Многу возбудено. После пеесет и шес години.
Kaко изгледало учењето и дружбата помеѓу децата во нејзино време?
Д: Сите бевме еднакви, то сакав да кажам. Униформи носевме на училиште. Имаше и некој… една-две богати што беа, од богати фамилии меѓутоа ниту се истакнуваа… ниту се истакнуваа, ниту пак им се љубомореше на нив или завидуваше. Носевме униформи, на училиште бевме сите еднакви. Се дружевме, игравме игри, народна топка, со топка само, игра беше тоа… И за денешниве деца тоа е непознато и невидено. Дружењето беше во нашето училиште идеа деца од околните села. „Мите Богоевски“ се викаше училиштето. И за зимите… ви раскажав и претходно… зимите беа сурови, долги, снег до колена, патот родителите им го пробиваа додека дојдат од село во училиштево во Ресен, назад не можеа да се вратат. И ние ќе се распределевме, ќе ги распределевме учениците по другарки секаде. Една другарка да земи едно девојче, машките – машки земаа. И се случуваше да остануваат и по два вечери, два – три вечери да спијат кај нас и да се дружиме и да живееме, јадење-пиење сè заедно да го правиме. Значи немаше разлика во однесувањето, во дружењето, во сакањето. Се сакавме едноставно. Без љубомора, без злоба.
После во нашето училиште имаше турска паралелка. Турски учениците… имаше дечиња, ученици од турска националност. И ние… баш се сеќавам јас бев осмо В, то беше другото А, Б, В, Г. Г одделение и учевме со нив. Толку бевме братски поврзани што не ни сметаше апсолутно дека тие се Турци или друга националност имаше, меѓутоа турско… турско… турски паралелки во ова училиште имаше. Не албански. Турски. И дружењето со нив остана и до ден-денес. На пример за Бајрам одевме кај нив на гости. За Велигден тие доаѓаа кај нас на гости. Контактираме уште со нив. Имам другарка во Охрид, Кадрије мажена, живеет во Охрид. Контактирам со нејзе, имаме одење-идење. Факизе, Ралиде, Сумер. И други имаше ама веќе сум ги заборавила, сега кој се странство, кој… не ги гледам. Со овие контактираме само. И то е. Мислам, другарството беше на ниво.
Даница успешно го завршила основното и гимназијата. Но во остварувањето на нејзината желба да се запише на Медицинскиот факултет во Скопје се појавила една неочекувана препрека.
Д: Со татко ми отидовме во Скопје да се запишам на факултет со… на факултет прво желба беше моја за лекар, меѓутоа на татко ми беше за стоматологија. И ајде, општа медицина се учит две години, ајде реков, занает било стоматологијата била занает и татко ми настојуваше викат – занает си е занает. Секогаш ќе ти притребат ќерко, во животот. Ајде добро, да го послушам. И отидовме да се запишувам на факултет меѓутоа и еден случај имаше со смртен случај го вадеа, покрај капелата поминавме тука и многу се возбудив, многу се исплашив и се нажалив, натажив. Ги гледав кај што плачеа, сигурно се работеше за млада особа и да ви кажам толку се разочарав, толку се разочарав и јас му реков на татко ми – не ни покушавај да одиме да се запишам во деканат да влезиме да се запишам. Зашто еден негов пријател нè чекаше, ние не знаевме каде треба да се обратиме. И се вратив… јас не можам да одам на овај факултет, да се вратиме назад. Вознемирена… отидовме кај тетка ми и сега размислуваме каде да се запишам. Пак да имат нешто, да е поврзано со медицинава. И размислувавме, размислувавме и одлучивме на… на Природно-математички факултет, на група биологија. Пријателот на татко ми ми предложи тоа. И отидовме горе на Гази баба, се запишав на факултет и редовно го завршив факултетот, мислам точно колку што требаше. Дипломска имав теренска, за сите четири годишни времиња, земав проби од Преспанско езеро некои планктонски алги на Преспа имав, од реон од Сирхан до Отешево и така… Не. Од Перово до Отешево. Сирхан ми беше пристаништето, затоа… оттука ќе влезевме со чамец и после со планктонска мрежа земав узорци, ги фиксирав со формалин, па ги… проби од сите четири годишни времиња, па после ја работев дипломската во Скопје кај Љубица Петровска професорката и дипломирав нормално. На крајот на седумдес трета година дипломирав, на тринајсти јануари ја одбранив дипломската со успех и така. Веќе бев мажена тој период и во април месец ми се роди првата ќерка и после пет години другата ќерка. Значи имам две ќерки, имам четири внуци, три женски… две женски од големата ќерка и машко и женско од малата ќерка.
Сепак, белиот мантил како да ѝ бил судбински.
Д: После дипломирањето две години седев без работа, не можев да најдам работа. Секаде конкурирав кај што имаше меѓутоа не можеше… немаше… тешко се бараше мојата струка. Пошто имаше наставници, професори. И после тоа ми испадна една прилика се запослив во „Агроплод“ во Ресен. Е да ви кажам горда сум и среќна што се вработив во та работна организација. И едино од желбата да носам бел мантил од докторската, лекарската желба ми остана што мантилот бел го носев цел работен век до пензија. Затоа што работев во прехранбена индустрија, бев во контрола, во лабораторија, се занимавав и со индустриска микробиологија, па после ми дадоја, ме определија, ми дадоја погон и таму успешно работев на две линии, на линијата за флипс и линијата за бони топ. Меѓутоа сум многу среќна и горда што бев запослена во „Агроплод“ затоа што „Агроплод“ беше фирма на ниво на цела Југославија поранешна, со претставништва и стоваришта во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград, Подгорица, Титоград тогаш беше нели. Се работеше за извоз…
Каква е разликата помеѓу тогашните и денешните детски години?
Д: Нашите родители гледаа да нè прехранат и да нè пуштат да учиме. Додуша учењето беше бесплатно во мое време. На факултет без приемни се запишувавме зошто не одеа сите на факултет, не можеа да ги пуштат децата. Немаше вакво изобилство и живот. Со стипендии… и јас сум земала стипендија. Со стипендии, со све, па ако ја враќаш назад, ако не исполнуваш услови, ако исполнуваш услови не ја враќаш стипендијата назад и така со скромно. Скромно се живееше. Меѓутоа сегашниве деца живеат во изобилие. Не можам јас… ги гледам, мои ми се ама задоволени се со сè. Со телефони, со компјутери, со гардероба, со шетање, со сè. Значи разликата е многу голема. Меѓутоа од нас… станавме луѓе. Со скромно, со помалку…
(музика)
Даница сакала да стане лекар, но не станала. Приказната на нашиот втор соговорник е обратна. Михајло Баламовски од 8б одделение во училиштето Крсте Мисирков, Гевгелија, сакал да стане машински инженер, но наместо тоа, станал доктор. Ова е дел од неговиот состав, под наслов „Техниката и животот се неразделни“:
М: „Јас искрено им благодарам на сите мои советувачи. Со овие совети се согласуваат и моите родители за идното занимање, мој иден животен позив. А јас што да сторам? Да одлучам уште сега, се плашам да не погрешам. Време за размислување нема па затоа одлучив да завршам гимназија, а потоа да го завршам техничкиот факултет, да станам машински инженер. Сметам дека ова занимање би ми причинувало најголемо задоволство во животот. Како машински инженер јас најмногу би придонел за заедницата.“
Илина: Кажете ми како се чувствувате денес кога после толку време кога ги читате овие зборови, кои чувства ги имате?
Михајло: Па како се чувствувам? Тешко е да се опишат тие чувства затоа што ова беше размислување на едно 15-годишно момче, тогаш толку години имав, и се занесував дека како машински инженер би конструирал машини би правел нешто што би му го олеснил животот на човекот и би бил продуктивен како личност. Меѓутоа, таа моја детска желба не се оствари по завршувањето на гимназијата се запишав на Медицинскиот факултет. Го завршив факултетот, подоцна завршив специјализација по трансфузиологија и еве сега сум пензиониран трансфузиолог.
Како дипломиран доктор сум работел во сите селски и градски амбуланти на тогашна општина Гевгелија или сегашна општина Гевгелија, општина Богданци, општина Дојран. Од Миравци до Дојран, од Гевгелија до Стојаково, сите селски и градски амбуланти првите две-три години сум ги прошол како лекар практикант или најмлад лекар, дури да стасам до кандидатура за специјализација и избор на доктор специјализант. Така да моето прво лекарско искуство е амбуланта од најмалото село каде постоела амбуланта во поранешната општина Гевгелија па до општата болница во Гевгелија. Сум ги прошол сите скалила на постепено качување во мојата струка.
Но освен неостварената желба за машинството, тој имал уште една, поамбициозна.
А едно време додека учев гимназија се издиференцира таа моја замисла да бидам инженер, се профилира како да сакам да продолжам не во машинскиот дел, него во микроструктурата на материјата, да ја проучувам физиката. Се воодушевував од пронајдоците на Никола Тесла, од теоријата на Макс Планк, теоријата на Ајнштајн, и сакав да се запишам во тие години, 3-4 година гимназија кога уште не бев определен за медицина, да бидам инженер по атомска физика или некое друго звање. Атомската физика мислам дека би ми била уште поголем предизвик од инженерството и би бил како човек, како граѓанин на тогашна Југославија би бил многу попродуктивен од идната моја професија што ја избрав да бидам доктор. Меѓутоа, ете така, тие мои детски фантазии завршија со определбата да станам доктор, и така го завршив тоа мое детско фантазирање и патешествие во соновите.
(музика)
Следните две стории покажуваат колкава е понекогаш упорноста да се остварат соништата. Составот на Марија Пачаразлиева, денес Кундурџиева од Богданци, има дециден наслов – „Учителка ќе бидам“.
Марија: „Учителот е оној кој не учи на писменост, оној што прв ни го покажува патот што води во огромната ризница на знаењата – книгите. Сето она што учителот им го доставува на малите, тоа е огромното човеково искуство. Тоа е човековиот труд и пронајдоците собрани од многу столетија. Учителот е тој кој ги поведува младите по прекрасниот пат на вистината, по патот што води во тајните на науката и природата, зборувајќи за минатото на нашите народи, за тешкотиите, ропските денови, за сиромашниот неподнослив живот….
Затоа, јас би била среќна кога некогаш би се нашла меѓу учениците како нивна учителка. Би била среќна, кога од малите немирни дечиња би направила вредни граѓани на нашата татковина. Дали оваа моја единствена желба ќе се оствари, не знам. Но сепак во животот не треба да се губи надеж. Сега треба да знам дека во животот се се постигнува со учење, со работа.“
И покрај нејзината решителност, остварувањето на желбата морало да почека.
Желбата за учителка се роди од најраното детство. Често и самата си играв учителка, а ученици ми беа разни предмети. И од одделение во одделение таа желба се разгоруваше. Во осмо одделение преку проектот професионална ориентација мојата желба ја преточив во писмен состав со наслов „Учителка ќе бидам“ сместен во книгата „Сакам да бидам“. Но многупати желбите не се остваруваат или се одлагаат. Така се случи и со мојата желба. Таа 1965 година се укина средната учителска школа што ја имаше само во Скопје. Најприфатливата опција за моите родители и за мене беше Гевгелија, средно економско или гимназија. Јас се определив за гимназија за потоа да студирам нешто од просветителската дејност. По завршување на гимназијата повторно многу патишта и дилеми. За моите родители беше претежок товар да ми овозможат студии во Скопје. Јас и моите две-три соученички ја прифативме најевтината опција во тоа време – виша економска школа во Прилеп. Замислете, јас толку го мразев економското училиште, и за да не останам само со гимназија ја прифатив таа опција. Тоа беше 1970-71 учебна година. За жал по една година морав да се вратам дома поради финансиски колапс на семејството и здравствени пролеми на мајка ми.
Во 1972 Марија се вработува во МЛАЗ Богданци, во книговодство. Согласно работното место продолжува да студира вонредно на вишата економска школа. Во меѓувреме се мажи и добива две деца, ќерка и син. Паралелно, со сопругот, кој е наставник, работат и земјоделие. Но мислата за учителка не ѝ дава мир.
Работата во Млаз буквално ми беше измачување. Не гледав никаква перспектива, тоа беше спротивно од моите таленти. Додека уште бев на Вишата економска не ја довршив за три испити, 1985 година се запишав вонредно на Педагошка академија Штип. Буквално учев без здив, без одмор. Со огромна сила ентузијазам, сега знам и Божја помош дипломирав октомври 1986 година. Ми се случуваше по 20 пати да ја отворам дипломата и да препрочитувам дека сум одделенски наставник. Ете тоа значи голема желба.
Првото нејзино вработување во просветната струка се случува една година подоцна, во ОУ Петар Мусев, подрачно училиште во с. Ѓавато, општина Богданци. Тогаш, како што таа вели се случила нејзината „ренесанса“.
Почна ренесансата во мојот живот, исполнет со детски џагор љубов да му се помогне на секое дете. Да се утеши она што послабо напредува, да се инспирира нанапред да оди оној што полесно учи.
Бев учителка на повеќе генерации, денес многу од нив успешни во своите струки, мајки и татковци.
Во 2014 се пензионира но до ден денес комуницира со своите ученици. Одржува врска со нејзините соученички, кои се исто така вклучени во книгата – Магдалена Стратрова, сега Стојановска и Тена Каракамишева, сега Танчева. Обете во своите состави велат дека сакаат да станат медицински сестри. Иако биле одлични, како што објаснува Марија, не успеале поради лимит на ученици од провинција кои можеле да се запишат во средното медицинско.
Марија денес е благодарна што нејзината детска желба се остварила.
Сепак, од мој христијански начин на вера, сета благодарност е на Бог и затоа ќе завршам со една библиска изрека. „Размислувањата на човековото срце се многу, но се остварува она што Бог го планирал за секого.“
Тоа е.
(музика)
Слична е приказната на Василка Прочкова, денес Петрова, од основното училиште Страшо Пинџур од Неготино, која денес живее во Демир Капија. Насловот на нејзиниот состав во рубриката Уметност е „Денот е на зајдисонце“.
Василка: „Денот е на зајдисонце. Го гледам заоѓањето. Жолто-црвената светлина се губи зад хоризонтот, чиниш пожар се гаси. Во пејзаж се оцртува мала куќа засенета од разгрането дрво и обградена со прекрасна околина. Силните зраци од сонцето продираат низ младите гранчиња и им даваат свежина. Глетката е прекрасна и сакам засекогаш да остане со мене. Мислите се претураат во мене. Што сакам да бидам? Што ќе бидам? Јас ќе бидам уметник, сликар. Ќе го нацртам хоризонтот и реката зад него и градот и сè ќе соберам во еден пејзаж и ќе го донесам во собата… во мојата соба. Мозаикот парче синило од небото, зеленило од земјата и илјада хоризонти.“
И покрај талентот за сликање и уметност, животот ја однел Василка на друга страна. Под влијание на родителите се запишала во гимназијата во Неготино, а потоа од практични причини како што самата вели, го завршила Економскиот факултет во Скопје. Сепак, и во нејзиниот случај, со вонредно студирање успеала барем да се приближи до посакуваната струка.
В: Тогаш се ценеше нели, економијата беше просперитет и економските науки беа потреба и нели за работа и за онака, а јас велам имав така дарба, можев секаде да се снајдам и така ајде се запишав заради тоа на економскиот факултет. Меѓутоа остана во мене така нели таа мисла за учител. Кога се омажив дојдов во Демир Капија и тука (во Специјалниот завод во Демир Капија) имаше потреба од воспитачи. И вонредно завршив воспитачки смер и така почнав да работам како воспитач. И така цел мој работен стаж помина со таа стручност.
И: Така. Дали сега кога ќе се навратите дали мислите дека добро сте одбрале? Дали сте задоволни?
В: Да. Да. Тоа ми беше во основа правата желба. Македонскиот јазик, еве поезијата, прозата нели ги сакав. И другите општествени така науки ми лежеа тоа психилогии, педагогии… Фактички бев ете повеќе за таа професија, како наставник, како учител.
Животот во Неготино во нејзините адолесцентски години бил интересен.
В: Ооо имавме ние тогаш и матинеа, имавме за средношколците нели во тие времиња и имавме разни забави. За сите празници имаше секакви забави. Во Неготино имаше и… матинеата беа нели попладне, навечер имаше други журки. Па правевме журки после во средно, во основното веќе не, јас не. Барем јас… и така беше, сите бевме…
В: Да, да, прилично баш бев така и јас присталица на… мислам на разни… секаква уметност и по спортот и така. И сакав и да играм и сè сме играле, и рок, и твист и тие работи беа во тоа време.
В: Многу. Убаво ми беше. Навистина беше убаво и не бевме спутавани така од родителите. Јас па и живеев во центарот таму и тука ни беше и кино „Култура“ и филмови гледавме, и… културата беше на повисоко ниво.
(музика)
Трајан Божинов во 1965 учел во осмо в одделение во училиштето „Мануш Трновски“ во Ново село, струмичко. Неговиот состав е дел од поглавјето „Неопределени“, затоа што во него тој вели дека не може да се реши помеѓу три прилично различни професии: инженер, геолог и поет. И дека затоа најпрвин ќе се запише во гимназија, одлука што подоцна се покажала како исправна.
(музика)
Со Трајан комунициравме по писмен пат, но неговите зборови ќе ги прочита наш соработник.
„Како се чувствувам сега кога ја разгледувам книгата? Како да држам фотографија, стара, пожолтена од времето, помалку извиткана, ама сепак, драга.“
Почетокот на неговата професионална определба се случила токму во гимназија. Во четврта година станал надворешен соработник на Институтот за фолклор. Тогаш успеал да транскрибира односно да отчука на машина фолклорни материјали снимени на ленти, за што добил и пристоен хонорар. Ова го поттикнало да напише и матурска задача на тема „Версификацијата во народната поезија“.
„Во 1969 една година по 1968 кога се разбранува светот се запишав на Филолошкиот факултет на групата Македонски јазик како главен предмет и Југословенска книжевност под „б“. Релативно лесно ги завршив студиите и малку пред време, а потоа на вториот конкурс за упис на постдипломски студии по македонски јазик бев почестен со изборот меѓу пријавените четириесетина кандидати, од кои бевме одбрани само четворица.“
Наскоро почнал да работи на магистерски труд под наслов „Лексиката на струмичкиот говор“. За да го забрза и поедностави процесот, почнал да ги совладува и тогаш новите техники.
„Со големи амбиции ја совладав информатичката технологија, Речникот го изработив, но кога требаше да се внеси во компјутерот (повеќе од 1000 страници ракопис), ентузијазмот полека го заменив со утеха дека научив многу работи кои за мене се добри, иако сакав пред другите да се докажам.
Не магистрирав, Речникот (еве под масава ми е), само ми е жал што многу ретки зборови, изрази ќе останат заборавени. Младиве не ги знаат, тие и онака не пишуваат, само користат емотикони.“
Трајан станал професор по македонски во средното училиште Никола Карев во Струмица. Неговиот фејсбук профил, како и авторскиот блог којшто неуморно го полни со содржини, покажува голем ентузијазам и љубов кон професијата. На почетокот на пандемијата и карантините предничел со споделување на наставни видео содржини и презентации. Името на неговиот блог е Трајан-Вапцар – како млад бил бунтовен и имал надеж за промени, а посебно ја сакал поезијата на Никола Јонков Вапцаров. Иако е загрижен за судбината на денешните млади кои често бираат да заминат од татковината, тој не се откажува. Во пакетче испратено по пошта ни стигнаа бројни изданија на творби од литературната секција во училиштето, меѓу кои и неколку минијатурни книги, долги само еден прст.
(музика)
Животот на оваа генерација е огледало на сите историски премрежја карактеристични за втората половина на 20-тиот век: последиците од Втората светска војна, подемот и распадот на Југославија, формирањето на независна Македонија. Професионално најповрзан со сите овие настани бил нашиот следен соговорник.
Јас сум проф. д-р Владимир Ортаковски. Меѓународно јавно право е мојот главен предмет. Во пензија сум веќе три години.
Неговиот некогашен состав е еден од само двата содржани во поглавјето „Журналистика“ а неговиот наслов гласи: „Мојата желба е посилна од се’“.
Владимир: „Најголема желба ми е да бидам новинар“, сум напишал. Како таков сакам, и ќе се трудам, со моите написи и информации во печатот да го запознавам граѓанството за многу настани во странство и земјата. Сакам да доживеам еднаш како пред продавачот на весници во редица чекаат многу читатели да купат весник за да го прочитаат мојот сензационален напис за некој настан. Го сакам новинарството и затоа што е блиско на литературата, која ги запознава и ги приближува луѓето. Зарем сите ние ќе го чуевме името на Хемингвеј, Толстој, Џек Лондон, Андриќ, ако не ни ги дадеа своите прекрасни дела. Не, желбата моја е посилна од сè и ќе победи.“
Новинарството за тогаш младиот Владимир се надоврзувало на неговата жед за читање. Сепак, нештата и во неговиот случај не оделе баш праволиниски.
Запишав гимназија во Гевгелија после основното, добра беше гимназијата, солидна, но интересно математичка насока одбрав, бидејќи и математиката ми одеше исто така добро колку и македонскиот јазик со литература, филозофија, логика, социологија. Факултетот за политички науки во Белград го запишав кога ја земав матурата. Иначе за матурата ја земав од литературата од Борис Пастернак, „Доктор Живаго“. Го запишав факултетот за политички науки во Белград бидејќи тогаш само таму можеше да се изучува журналистиката. Значи се уште кога го запишував факултетот се водев од желбата да бидам новинар, журналист. Беше карактеристично тоа што првата година на факултетот за политички науки (иначе во Скопје значи немаше журналистика), првата година на тој факултет беше иста за сите насоки, а од втора насоките се разделуваа, и тоа беше покрај журналистиката исто така и дипломатија и општествено-политичката насока. За таа една година јас ја модификував мојата желба од журналистика се пренасочив кон дипломатија. Тоа е она што велам, дека не одат праволиниски, желбите и реалноста, и остварувањето на желбите, со тоа што во овој случај сакав да одам, онака како што тогаш го сфаќав, за едно скалило погоре.
Првите шест години по завршувањето на факултетот ги поминува во тогашниот Секретаријат за односи со странство, уште во времето на Југославија. Подоцна, во независна Македонија, бил дел од делегациите при приемот на Македонија во голем број меѓународни организации, како УНЕСКО или Меѓународната атомска агенција. Сепак, и покрај предизвиците на дипломатијата, следело уште едно скалило, науката.
Се насочив после магистратурата и докторатот на Правниот факултет во Белград исто така да бидам професор на Факултетот за безбедност тука, на Универзитетот тогаш Кирил и Методиј, а сега Св. Климент Охридски.
Резултат на оваа негова работа се 13 учебници и студии. За една од нив, „Меѓународната положба на малцинствата“, ја има добиено наградата Гоце Делчев (фото). А неговата книга „Малцинствата на Балканот“, издадена на македонски и англиски, претставувала одговор на барањето на тогашниот претседател Киро Глигоров пред Советот на Европа, да се направи споредбена анализа за положбата на малцинствата на Балканот. Неговата работа подразбирала и многу патувања, на изворот на настаните:
За да бидам подобро вооружан со знаење сум сакал „да пијам вода од изворот“, да бидам блиску до причината на случувањата. Така, со овие примери тоа ќе го појаснам, така сум бил да речеме во Њујорк четири пати, во ОН, сум бил во Женева десетина пати во комплексот на Друштвото на народите на ОН сегашна, тоа е истиот комплекс. Прв пат есента 92-ра година, на таа конференција за поранешна Југославија, како член на една од комисиите. Тогаш сум бил доцент на факултетот за безбедност. Сум бил во Стразбур неколку пати. Така да таму е изворската вода што се пие, таа е најбистра. Сум бил во Сан Франциско каде што била Повелбата на ОН донесена. И таму кадешто е донесена. Сум бил на Перл Харбур, на Хаваите, каде што нели Америка е принудена да влезе во Втората светска војна откако е бомбардирана од Јапонците. Таму на бродот Аризона, тогаш потопен а сега претворен во музеј, сум можел да се вратам во тоа време, да бидам на изворот на настаните.
Денес, по три години во пензија, тој се сеќава на една анегдота од пораното детство:
Ако видовме што во осмо одделение сум размислувал, јас ќе кажам што сум размислувал во четврто одделение, четири години пред тоа. На прашањето што би сакал да бидеш, сум кажал сакам да бидам кога ќе пораснам – пензионер. Ова што сум сега. Кога ме прашала наставничката зошто. Затоа што нема ништо да работам а ќе добивам плата. Тоа е таа анегдота што навистина се случува само што во реалноста е демантирана дефинитивно, бидејќи јас сум работел цел работен век, напорно и со задоволство сум ја работел работата што ја сакам. А сега кога сум пензионер ми недостига повеќе работа.
Тоа би било и некоја моја порака до сега до младите коишто се амбициозни и имаат капацитет. Работа, со работа знаење и со натпревар. Не мора секогаш со борба.
(музика)
Ова беа само шест животни приказни од над 120-те состави содржани во книгата „Сакам да бидам“. Нивното пронаоѓање не беше секогаш лесно. Поради возраста повеќето од нив не користат социјални мрежи, жените по мажењето ги имаат сменето презимињата, некои од нив се иселени, или за жал веќе починати.
Им благодариме на некогашните осмоодделенци Владимир, Даница, Михајло, Марија, Василка и Трајан. Тие доживеале остварување на нивните детски желби, или пак истите ги реализирале низ други професии. Но како би одговориле на прашањето „Што сакате да бидете кога ќе пораснете?“ денешните деца? На шесте состави од 1965 спротивставивме изјави на шест деца на слична возраст во денешната, 2021:
Иван:
Добро вечер. Јас сум Иван. Јас не знам какви ќе бидат условите во иднина, или пак од шо ќе заработувам пари. Или што ќе ми биде моја професија. Ама јас моментално имам интереси за лингвистика, интереси за уметност и за музика.
Ведрана:
Здраво јас сум Ведрана. Имам 13 години. Во иднина јас би сакала да бидам аниматор на компјутерски анимации, или да правам видео игри, да ги програмирам.
Марко:
Здраво, јас сум Марко. Кога ќе пораснам сакам да бидам ракометар.
Војдан:
Здраво, јас сум Војдан и имам 12 години. Кога ќе пораснам сакам да бидам астронаут, бидејќи сакам да истражувам различни планети и да откривам различни вонземјани.
Петар:
Јас сум Петар и имам 14 години. Кога ќе пораснам сакам да бидам електричар и енергетичар за висок напон.
Софија:
Здраво јас сум Софија. Имам 12 години и кога ќе пораснам би сакала да бидам уметник кој се занимава со дигитално цртање.
(Common People)
На oвие и на сите други денешни деца им посакуваме да си го најдат патот. Можеби за педесетина години некој друг ќе направи слична емисија во која ќе дознае што навистина станале. Ние само се надеваме дека што и да одберат, ќе бидат среќни.
(музика)
Јас сум Илина Јакимовска. Интервјуата и транскрипциите ги правевме јас и Ана Ашталковска Гајтановска. Аудио монтажа: Бојан Угриновски. Благодарност до Матеј кој пред неколку години ни ја откри книгата, „Сакам да бидам“.