Ја викале нана Наде. Била физички силна и одлучна жена, која поради животните околности морала да ги земе мрежите и веслата в раце и да се отисне од брегот на домот под Канео. Денес нејзиниот глас можеме да го слушнеме благодарејќи на сочуваните архивски материјали. Но и преку спомените на нејзиниот внук, Ирак.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

(звук на бранови)

„На двајс години јас се м’жив овде. Кого го барав овде во водава?“

(брановите продолжуваат)

Илина:

На жените од минатото често се гледа како на понизни, пасивни жртви на едно време и на неговите обичаи. Денешната приказна е малку поинаква – таа е за една жена која соочена со тешка животна ситуација ги зела работите во свои раце, и  пред повеќе од 70 години почнала да вади леб за семејството од една типично машка професија.

(Common People)

Jaс сум Илина Јакимовска. Оваа епизода од подкастот Обични луѓе ја посветуваме на Нада Мешурева Каневчева, првата жена-рибар од Охрид. Со неа во 2004 разговараше Ана Ашталковска Гајтановска.

Нада Мешурева, родена сум во Ресен илјада деветсто двајс втора година. Во земјоделска фамилија. Имавме имот, башчи, нивја со жито, шо немавме. Имот имавме ногу. Работав ногу како момиче. Да ти кажам прасина, волој, крави, кокошки… Од работа бегав, да се м’жам негде за полесно. Имав и момчина шо ме бараја тука, не сакав Ресен да се м’жам. Сакав некаде подалеку, да не работам. Се омажив в Охрид. Овде фамилијава беше рибарска фамилија. Ко се м’жив ми беше ногу убо овдека. Најдов свекрва, девер неженат, две золви нем’жени, две м’жени, м’жот ми и јас. Ногу бевме радосни и весели овде во куќава. Со гости секој ден имавме. Риби фашчаше м’жот ми, си беше газда, имаше свој влакој, чуној, со аргати работаше. Аргати идаја. По банка на ден на аргатите на сите му даваше, си идаше… идаја аргатите.

А.А: Тие ловеа? Како беше то со аргатите?

Н.К: Со влакот, со чунот ќе дојдеа аргатите ќе одеа, ќе ловеа, а ко ќе си одеа аргатите, по една бакна му даваше. Секој ден по една банка! А ко ќе фатеше риби појќе, по три риби на прстите ќе му закачеше. Чорбалок.

А.А: Чорбалук?

Н.К: А, чорбалок му даваше.

А.А: То се викат чорбалук, рибите?

Н.К: Чорбалок.

Илина

Со мажот ѝ, Ирак, се запознале како што било тогаш редот, преку стројник, Поп Јонче од Ресен. Ама првиот пат младиот рибар од Каневчеви некако не ѝ фатил око, како да поткуцнувал на едната нога.

Н.К: И идат попов со еден Турчин, јас и пречекав, му бацив р’ка, влегоја вн’тре, му пушчив вино една чинија. Шо имавме, шо дал господ и почестив и попов стана, си ојде. Му пушчил телеграма – како да знајш да дојш. Демек да се видиме. Се видовме, дојде со Димитри Точко заедно Ирак. Јас не го бендисвав првиот пат.

А.А: Не, а?

Н.К: Не го бендисав.

А.А: Шо не ти се бендиса?

Н.К: Не ме бендиса, некако ко… не знам. Не ме бендиса. Уше еднуш дојде и решив, се м’жам за овдека. Така било писано, шо ќе прајш.

А.А: А како гледаше вака, шо… шо не ти се бендиса на пример, како…

Н.К: Не ме бендиса, не знам така, не ме бендиса чоеков.

А.А: Како изгледат вака, каков е? Или?

Н.К: Не ми се свиде некако како да беше… вака како да се валеше и јас реков – не сум куца за куц да се м’жам.

А.А: Аха, аха.

Н.К: А тој не беше куц, туку од влакојте шо и тргале и така се валеше понекога… Се валкаше во одејнето. Не беше ногу демек, ама така ми се виде нешчо. Али било писано, ето вторпат дојдоја, тој рекол – уше еднуш барем да ја видам. Дојдоја уше еднуш со Димитри. Јас излегов надвор, везев една бошча, уште ја имам за спомен бел вез и – добар ден – ми рекоја. – Добар ден! Ме испули тој убо, и јас го испулив и је реков на сестра ми – нека бидит!

Илина

Животот на Нада првите години по мажењето бил добар. Дома имало разбирачка, охриѓани ја прифатиле. Наскоро добиле и деца. Но еден настан ќе смени се’.

Н.К: Рибарска посла, знајш како е. Живевме убо, се родија три деца. Првиот Филип… првата До… прва Добринка се роди ќерка ми, после Филип, после Јаким. Три деца родив. Седумнајсет години живевме со м’жот. Од срцето умре в ен час. Апанцас умре. Срцето го стегна, не знам шо… Пешчани беа со влакот, фашчаја риби таму. Дојде, р’ката му отрпна, бргу-бргу ојдовне, рече – книшкава да ја потпишам на рибарница. И таму падна, умре. Дур ојдовне кај Шорка нишчо, умрен беше. И останав со три деца и свекрва ми. Девер ми се жена, си се дели, во друга куќа ојде бидејќи немавме овде место. Овдека беше тесно во куќава да се женит и тој. Си си ојде со кирија, ние останавне овде. Јас видов – не видов, к’ј да одам. Немавне имоти нешто. Имавне од м’жот ми сиве алати, мрежи, ова – она. Кога имаше со блинкерот риби и јас почнав да си одам на риби со син ми Филип. Дејна – ношја… ношја фрлавме мрежи мрејци, дејна одевме на блинкер. Фашчавме риби ногу.

А.А: А колкав беше син ти тогаш?

Н.К: Син ми заврши… заврши осмо… осмо оделение заврши. Се уписа… ќерка ми беше поголема една година и три месеци. Таја заврши осми клас, тој за економски се записа… не. Таја се записа за гимназија, тој се записа за економски. Јаким беше мал, трето оделение беше ко умре м’жот ми. Најмал беше.

Илина

Наде морала да се прилагоди на новата ситуација. Со најстариот син Филип или Фило почнале да ловат риби, од три наутро до седум вечер. И така 20 години.

А.А: Значи ти ловеше со Филип со…

Н.К: Јас одев со Филипа на блинкер. Дејна и ношја. Ношја со мрежи, дејна на блинкер.

А.А: А како научи да ловиш?

Н.К: Знаев и со м’жот ми одев ко беше жив, му поможвев, знаев. Веслав! Сега имаме мотори три-четири. Тога немаше мотор. Одевне со веслајне. Од сабајле од три сатот, до вечер до седум, со веслајне по езерово веславне и фашчавне риби. Рибите ко ќе дојдевне навечер и носевне… девер ми беше во рибарница работаше, ојде Скопје, со зет му отворија дуќан на ангро железара. Дојдоја партизаниве, комунистиве, му го зедо дуќанот. Се врати назад. А дур беше тој Скопје рибите ми и земаше Ѓоре Дуко во Палас. Беа со м’жот ми пријатели, таму и носевне. Јас ќе одев со кајчево со детево, али Јаким али Фило, во зимбилот рибите, десет кила, петнајсет, ќе му и однесевне на Ѓорета, тој работаше во Палас, шеф беше. И рибите ќе и туреше во фрижидерите и ќе го опиташе Фила – мајка ти и трга рибите? – И трга. – Колку кила беа? – Олку. Парите в р’це му и даваше на детево. Ако Фило нешчо не беше тука, Јаким и носеше рибиве, ако беше Фило негде на друго место на работа, Јаким и носеше рибите. Јас со кајчево ќе го подносев онде пред Палас. И така срце, години ногу, двајсет години одев дејна и ношја на риби. Дејна и ношја.

А.А: Само то го работеше.

Н.К: То работав.

А.А: А другиве жени ловеа риби?

Н.К: Никој не одеше. Прво јас ојдов. Прва жена јас ојдов на риби.

Илина

Мажите пак ја почитувале. Не и барале ни дозволи, кои тогаш биле обврзни.

Н.К: Нишчо, шо ќе реагирет! Можит му беше м’ка, фашчав многу риби. Имаше еден… едно бротче. Во бротчето беше Наумче, Спиро и Круме. Тројца беа куманданти во бротчето. Никогаш не се добраја до мене. Али му беше жал, али му беше страм. Понекогаш ќе ме поздравеа од бротчето, јас жена со детево ловам риби, на албанска граница дури одев. Ќе ме поздравеа со усул и бегаја од мене. Му беше можит и жал и страм. Мирко ќе дојдеше и Цветко беа колџи. Цветко нишчо не велеше, м’лчеше кутриот. А Мирко ќе ми речеше – Наде, шо пр’јме со тебе? Јас ќе му речев – Мирко, дури имам м’ка, ќе одам. Ко ќе немам м’ка и дозвола да ми дајш, не ќе одам. А пред мене одеа сите на риби. Море адвокати, море чиновници, море рибариве и плата земаја и одеја. Кој не одеше на риби! Грабевме риби. Риби имаше бабе. А јас вдојца жена со три деца не ќе одам на риби? И јас одев. Секој ден! Секој ден! Од сабајле од три сатот, до седум јас ќе бев во вода.

Н.К: Дозволи… јас не земав дозволи никогаш. Само во недела земав зашчо струшката контрола ќе дојдеше, нашава не ме гонеше. Струшката контрола. Еден ден ојме со Јакима, а дозвола зедов тој ден, недела беше. Идат струшката контрола и ми велит – имаш дозвола? – Имам. Ми ја грабна дозволата и си ојде. Останав без дозвола. Идат Цветко и Мирко – имаш дозвола? – Имам – реков – ми ја грабнаја струшкава контрола ми ја зеде. И тие по ними, ојдоја, му ја зедоја дозволата, ми ја донесоја в р’це. Така беше. А инаку не ме гонеа нашиве колџи и милиција никој не ме гонеше. Никој! Никогаш. Кузнајт, али жал му беше, али страм му беше, али… многу ме уважаваја. Ногу бире. Чес ми праеја. Не знам з’шчо-како, м’жот ми можит беше добар, се носеше со сите… Не знам.

Илина

Најчудото во сето ова е што Нада никогаш не научила да плива!

Н.К: З’шчо не знаев и да пливам. И да се удаев… не знам… не знаев да пливам. И ден-денеска не знам. Ево остарев.

А.А: Стварно? Не пливаше.

Н.К: Не, не.

Илина

Рибарењето сепак не ѝ била единствена обврска. Во дворот под Канео пречекувала туристи, како што вели „отмени“ гости за кои подготвувала домашна храна, со кајче носела леб за печење на фурна, перела по цел ден боса во езерото. Ногу убав живот, вели, ама м’чен.

Н.К: И така сум проживела многу м’чен живот. Многу м’чен. Али ипак, пак бериќатверсан, децава порастеа, ми се изучија, со свекрва ми од ко умре м’ж ми двајсет години живив со неа. После син је двајс години живе со мене. Многу ме сакаше.

А.А: Да? Убо живеевте?

Н.К: Ногу убо живевне. Ногу бире, убо. Ногу ме сакаше. Бог да ја прости. Многу беше добра и ме сакаше. А девер ми беше делен, на друго место живеше. Јас со неа живеев. После двајс години умре таја по м’жот ми. И така, децата ево се изучија, си се женаја. Куќа напр’јвме.

А.А: Од риби то све.

Н.К: Шо и берев парите од рибите децата и изучив, куќава е напр’јвме, све.

А.А: А лето-зима одеше, секој ден.

Н.К: И лето и зима. И зима одев. И зима.

А.А: И низ дома, низ куќа и…

Н.К: И дома и… гости клавав. Многу гости клавав во куќата стара. Ми идаја, не одев да чекам. Ми идаја сами. Самите си идаја. Многу гости, ногу убај луди клавав, отмени луди. А и по некој сакаја да јадет к’ј мене. Му праев, му готвев. Перев, леб месвев! Лебој месвевме. Шес – седум сомуни кај Ставрета ќе и однесевне со кајче. Имав едно кајче, едно помало, едно големо имавме за на риби и чун имавме и кајче, за на риби шо одевме.

А.А: Со чун одевте на риби?

Н.К: Со чун м’жот ми одеше. Од ко почина тој, одевне ние со кајчето. А уше едно кајче купивме мало за лебот да го носиме. Сиве комши ќе ме опитвеја – кога го меси лебов? Го месвевме сите заедно. Ко ќе го размесвевме лебот, сите заедно ќе го размесеа и овде се чекавме сите, во кајчето ќе и кладевме шес-седум шчици и ќе и однесевне кај Ставрета онде фурнаџијана. Кај Ставре Маркоски ондека, имавме на Сараишче фурна. И тамо ќе го однесевне лебот. За земање лебот, ќе и пушчевме децава. Филип големиов син ми, Благовеста, Јаким, Наумче, порастени беа, некој децава ќе и пушчевме али пак ние ќе одевме, една-две жени ќе и кревавме шчиците и ќе и донесевне лебојте, цела недела леб ќе јадевме. По шес-седум сомуни месвевне. Леб никогаш не купвевне. Сиве си месвевне дома жениве. Перевне, ар’нија ќе кладевне, корита имавме две. Едното да периме, другото да и клаваме плачкиве ко ќе и цедиш, ко ќе и клаваш. Во двете корита перевме. Ако беше зима Потпеш одевне ондека да периме под каменон, зашчо дуваше, немаше кај да периме.

А.А: Како се викат местото?

Н.К: Потпеш, овде Потпеш. Тука под каменот ќе ја кладевме аранијата и коритата, цел ден ќе перевме. Свекрва ми ко ќе и жулеше плачките, и жулевме, ко ќе дојдеше за плавејне, ќе ми речеше – Наде, јас скапнав, ќе легнам горе, оди ти сега плави и. Јас цел ден боса ќе и плавев плачките во езерово. Цел ден до вечер! На три недели се слеквевме. Трипата ќе се слеквевме и еден ден цел ден ќе и перевме плачките. Имавме плачки за преслеквејне. Имав јас све. И така по цел ден ќе плавев до вечерта. Ноѕеве олкавај потечени црвени од во вода. Имавме… и м’жот ми имаше чизми. Ако чизмиве му и наквасев, имаше и вал ко ќе перев некогаш, ќе ме караше зашчо вечерта тој требеше на риби да ојт, а немат други. Сега имаме и јас имам и сиве деца имет чизми. Купвиме. И тога боса цел ден ќе плавев, вечерта и јас скапната леле мила мајко! Плачките цела недела, ако врнеше ќе стоеја по телојве. Немаше кај да и сушиме. Ни печка имавне ко сега Лепа ќе и клајт под стреа горе на балконон на печка, ќе ги испајт…

Илина

Јазикот на којшто зборува Наде е живописен, сочен. И низ овие извадоци за некого може да има непознати зборови. Спомнатата аранија на пример во којашто переле е бакарен котел. „Жулење“ е триење на алиштата, со сапун или со пепел. Колџии кои ја застанувале кога ловела се чувари на езерото, контролори. Сепак охридскиот дијалект таа на почетокот тешко го совладувала.

Н.К: Ќе речев ортома, ќе се насмееја. Овде викале фортома. Ќе речев стис, тие ќе се насмееја, џис викале. И така јас клавав дикат, младо бев, клавав. Ама тро и сум дикатчија, клавам дикат. И така сфатив, како зборвет тие и јас така зборвев. Го менав зборот од Ресен. А пак ко се м’жов мајка ми ми велеше – одавде све да заборајш. Шо ќе прает таму, шо ќе чинет таму, така да прајш. И така праев.

Илина

Во разговорот со Наде Ана забележала и неколку рецепти за подготовка на риба, ѓомлезе и домашна алва. Еве што вели за тоа како се прави манџа со риба и кромид: „Рибата летница ќе ја земиш, ќе ја расцепиш, ќе ја исечиш на парчиња, големи. Ќе здробиш кромид. Свекрва ми понекогаш и малу праз ќе клашје за полезет да е. И пиперка црвена ќе здробиш. Полезет да била манџата. Ќе го испржиш убо кромитчето. Ќе му туриш малку вода, македанче (магдонос) ќе му фрлиш. И запршка. И ќе ја пикневме под сач. Леле ко ќе ја изваевме! Прсти да скиниш! Да јајш прсти да киниш! Со тиган со рачки на огниште и тиганот на стред софра ќе го клаеа и сите макај од тиганот од манџата. Многу лезет је. Многу!“

(музика)

No photo description available.
Ирак Каневче, внукот на Наде, на својот катамаран

Илина

Во интервјуто од 2004 баба Наде често го спомнува својот внук кој го носи името на деда си, Ирак, син на нејзиниот Филип. Дури и кога имала седумдесетина години тој ја земал на риба со себе.

Н.К: И сега пред печес години Ире ме земаше мнук ми да фрлиме мрежи. Секој ден одев. И ношја. И ношја ме земаше. – Ај нане, ќе дојш да ми поможиш? Јас ќе влезев в кајче, ќе му поможев. Една вечер ме зеде онаму кај присовјанине, онаму Лабино потака, кај присовјанине. Леле, леле! Имаше мрежи фрлено. Еден ветер север дуваше, јас никогаш не ме болеле р’цеве, не ми студело толку. Јас возам, ветрот назад ме врашчат. Јас возам, ветрот… тој и берит мреживе. – Леле – му велам – Ире, фашчај веслава ногу ми студит срце, ногу, ми отрпнаја р’цеве од студ. Тој со едното весло го фати и со другово јас возам, и бериме мреживе, едно кошаре преполно риби собравме од мрежите! И донесовне овдека. А овје м’живе сиве, син ми беше со другари, фрли мрежи онаму и мрежите не и најде… не фати риби и мрежите не и најде. А ние едно кошаре риби фативме со Ирета, преполно! Ко дојдоја се почудија. – Ние – рече – и мрежите и изгубивме, ни риба, ни мрежи, а вие – рече – една табла риби.

Илина

Ова лето Ана го најде Ирак и ги сними и неговите спомени за баба си, која починала во 2011. И за начинот на кој животот се променил од нејзино време во идиличниот залив под Канео.

Ирак

И.К: А та беше легенда. Со сите и се држеше и муабет имаше, кафе, локумче, све. Џек, џек беше.

А.А: Многу шармантна жена стварно.

И.К: Да, да. И ја љубеа сите, беше за то посебна.

А.А: Посебна, да. А ти… цело време во интервјуто тебе те спомвеше: Ирак, Ирак…

И.К: На два-три пати да, ме имат – и со внук ми – кај шо е и едно-друго. Памтам. Додуше сите ги имаше та…

А.А: Те спомвеше често.

И.К: Памтеше ногу. Сите ги имаше спомнато али и мене на два-три пати така.

Илина

Тој ја продолжува традицијата на пречекување гости во дворот на семејната куќа и готвење за нив. Иако начинот на спремање може да е различен, рецептите се истите од време.

И.К: Добро, го презедовме од стариве за рибиве значи со… порано и чадеа. И чадеа на скара, на ќумур, така беше. Сега ево види со плотниве сме појќе, фритези, све, али сепак горе-долу се трудиме да бидит истиот рецепт. Истиот рецепт да е и… значи рибата… едно е најбитно за рибата да се знајт. Најбитно е кога ќе ја фатиш или да ти ја донесет, ко ќе ја купиш, одма да се исчисти, да се изгуши, да се расцепи рибата и така да се дади или во фрижидер ама да биди чисто вака спремена, дотерана, исчистена, изгушена, све. И тога е ногу тазе и добра за јадење све. А иначе ако фатиш риба па та ти отстојт пола ден, па ја замрзниш цела како шо прават осумдес посто можам да кажам, не е то – то. И тогаш замирисува од цревата, од све. А вака исчистена, дотерана и тазе фатена, како да ја напрајш и ако си мајстор добар како шо ми е сега сопругава можам да кажам, исто та го презеде занаетот, исто добро готвит ногу. За риба е…

А.А: Кој ја учеше нејзе?

И.К: Мајкава и бабава. Мислам бабава беше овде, заедно живеевме и гледаше од неа, нормално. Од баба ми.

Илина

Ирак има три ќерки, Maрина, Ангела и Елена. Сите се одлични пливачи, но средната, Ангела изгледа ќе ја наследи баба си во познавањето на езерото.

И.К: Наследник можам да речам, на баба ми наследник ми е таја. Исто добар пливач е, добар веслач е, познавател е на езерово ногу и викам… ми се лутит малу али ѝ викам – ти сакам Хидробиолошки завод да ми работиш.

А.А: Па не е лошо.

И.К: Зато шо е вистина добра и мислам дека знаење имат многу повеќе од овје шо се мештани други, м’шки можам да речам, да.


И.К: Па ево една случка ќе кажам. Овдека ѝ дадов и та… едно мало плашичарниче така, едно три-четири метра и та го фрлила околу брегов, околу циментава. Е овде околу циментава многу зми имат, овде овје водни. И сабајлето ко ојт да берит, креват, шо бе, пет плашици, двеста зми, шо е зборот, дваесет зми имаше. – А бе тато, ти мене плашичарник или змијарник ми даде – викат – да фрлам? (се смее) И така, знајш и комшиве ја знает вака ко мала, интересна е.

Илина

Многу важно за еден рибар е да ги знае природните процеси – кога дува од каде дува, кога се облачи дали ќе врне, дали ќе фати невреме. Во времето на Наде луѓето главно се потпирале на сопственото искуство.

А.А: И кажи ми еден ден вака на риби ко ќе тргниш како ти изгледат. Ден. Влегвиш в кајче и?

Н.К: Ќе се опулев прво во Галичица. Ако имат облак згора, ќе вејт. Ако немат, ако е чиста Галичица, јас тргав на риби со детево, одев. Ако имаше облак, ако се наоблачеше, јас ќе му речев на детево – веслава ќе ти и пушчам ако не и бериш блинкериве. Ќе фатит невреме. Знаев за невремето. Невремето знаев ко ќе фатеше з’шчо како шо кажвеше м’жот ми и сиве, и јас сфатив за времево какво ќе е – шо ќе е. И ќе видеше – не ќе видеше, ќе и береше блинкерите и бргу-бргу ќе бегавме од невремето.

Илина

Денес генерацијата на Ирак може да ја види прогнозата на интернет. Но се уште добро ги познава различните видови ветер и ги чита знаците на небото.

И.К: Вака, сега со интернетов е ногу полесно и апликаци имат многу јаки шо гледаме сега и на него, нормално. Три дена, четири, до пет. Четири – пет дена можиме унапред да видиме. Ама за ден-два останаја истите. Ако имат на Галичица облак, ако е горе над Галичица е за ветар. Ако е под… облакот под Галичица, под планината, тогаш за дош. Тука тие не со сто посто, со илјада посто, за ден-два. Значи тие морат да ги гледаш. З’ш знајт да бидит и ненадејно или облак… на облак ако идит голем низок, ќе фатит она страшно невреме, то шо е кратко, сметање шо го викаме, за петнајс-двајс минути. Тие се стандарди. После шо викавме од јамата ако дуват западен ветар ако темнит, нормално идат… тие си останаја. Ама викам е поле… Таја ги слушаше хрватски вести ногу ден за ден зашо Хрвативе ко ќе речат, за ден-два идаше кај нас. А иначе сега со интернетиве пак реков е… мојш да видиш три-четири дена унапред. Али овје локалниве шо си ги гледаме, тие ни се пак број еден.

И.К: Па имат ветар… југот најопасен за нас овдека. Тој знајт до три метра значит до куќиве све да поплавит. Стрмецот западен, западен ветар стрмец го викаме. Источен – сточен, северен – север. Ова шо ти реков на облак шо идат овај сметање, тој наеднаш од сите страни се прајт. Беличник – тој е овај северен али голем, она со големи браној. Е тие се горе-долу овје главниве ветрој шо се.

Илина

Ирак ни откри уште нешто. Никој на старост не ја викал Наде „баба“ туку „нане“. Жена која имала љубов за сите. 

И.К: Не баба Нада, него нане ја викавме сите. И немаше чоек значи и стари и млади и внуци и кој да беше – нане. Бабо не ја викаја. Бабо јас… за неа бабо не рече некој. Све нане ја викаја. Така остана. И внуциве ние, и ко ќе дојдеше друг ко ќе видеше како ја викаме нане и тие – нане како е? (се смее) Пак ко се роди малечково, најмалечково викаше – јас сум нана стара. Демек нана стара сум. Нана стара. И така. Во секој случај ја сакаја сите и ги сакаше сите. Таја значи не делеше. Имаше љубов према сите подеднакво. Дали овје мојве внуци, дали јас како внук, дали другиве подеднакво имаше љубов за сите. Моеше све вака да поделит еднакво можам да кажам. Алал да и е за то.

А.А: Алал да и е, вистина.

И.К: Ево видиш после толку време ево пак да зборвиме за неа то е многу јако. Интересно. Значи оставила! Оставила впечаток, оставила… со својве дела шо викаме… Борец! Борец жена беше.

Илина

Ако сакате да го посетите домот на баба Наде тој се уште е таму, под Канео. До таму може да ве донесе катамаранот на Ирак, Ангела ЕМ. Како отмени гости ќе бидете пречекани со старите рецепти и со звукот на брановите.

(звук на бранови)

Common People

Јас сум Илина Јакимовска. Разговорите со нана Наде и со нејзиниот внук Ирак ги направи Ана Ашталковска Гајтановска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. За фотографии и целосен транскрипт постете го нашиот сајт obicniluge.mk. Се гледаме следното лето под Канео!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *