Немало човек што не го сакал. Верувал во Господ, дека Земјата е рамна и дека Елвис е жив. Менде од Баиро во Битола не беше имитатор на Елвис, туку уметник, кој за жал прерано го напушти овој свет. Неговата приказна ја состави гостинката-уредник, Душица Брачиќ.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

Музика – Train (снимка од концерт на Канал 103)

Менде: Јас едноставно само сум музичар, го свирам она шо го сакам, друга музика не ми треба да речам, ова ме исполнува мене и не ми треба, стварно не ми треба. Некои ми велат како не ти се здосади, па како можи да ти се здосади некоја работа која ја сакаш, не можи да ти се здосади. Можи, како да речам…можи… јас да ја остам музиката, та мене не можи да ме остај, да е жена ќе те остај, музика…само ти мојш да ја остајш.

Илина:
Ова е гласот на Менде Шапазов, роден во мај 1973, кого често неправедно го нарекуваа имитатор на Елвис Присли. Самиот се нарекуваше уметник, и тоа и беше, во вистинската и понекогаш измачувачката смисла на зборот.

Во 2012 неколку студенти од Институтот за етнологија и антропологија снимија краток документарец за и со него, под наслов „Вива Лас Битола“.

Десет години подоцна, сегашна студентка, исто како и Менде битолчанка, интервјуираше неколкумина негови пријатели и соработници. Јас сум Илина Јакимовска, а гостин-уредник на оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ е Душица Брачиќ.

Душица:
Менде или Елвисо прв пат го видов на фотографи од татко ми, па дури после го слушав во Порта Џез во Битола, а пак сега дознавам за неговиот живот. Ќе слушниме негови искази од филмот Viva Las Bitola, од Канал 103, потоа разговори со двајца музичари, нивните сеќавања за Менде, како музичар, како лик, како обичен човек.

фото: Дражан Брачиќ

Сашо Паркет:
Јас ти викам девеесетите го знам така во парко, тие свиреа по малку гитарче, ама неее, не се дружев јас многу, знајш, тие уште…млади бевме, по двајстина години. Тој седумдес трета мислам дека е, седумдес трета, јас сум седумдес четврта ама јануар, тука сме генерација. Менде Спазов. Сапазов, Спазов.

Дражан: Сапазов, Сапазов.

Душица: Шапазов.

Дражан: Шапазов, Шапазов.

Сашо Паркет: Шапазов.

Душица:
Ова е Сашо Паркет, фронтмен на битолскиот бенд Паркети, неговиот брат-Зоран настапуваше со Менде, познати како Mende and the Thunderstars. Но приказната на Менде почнува кон средината на осумдесетите години во едно локално клубче во Јени Маале каде живеел до неговите 24-5 години.

Менде:
Имаше едно клубче, и ние како мали деца, се пикавме во то клубчето, и слушавме музика, али тогаш беше на плочи, беше многу далеку поинтересно, можи поскромно беше али беше доста поинтересно неголи денес ко ќе се затворат со компјутерите со ова со она…и… таму баш прв пат видов, нацртан беше Елвис, не беше на слика, туку нацртан беше, така во син костум некаде… крајо на шеесетите како шо се носеше (Ѓорѓи – водител: крал), да…така со микрофон беше в рака и јас прв пат таму слушнав од Елвис, значи…пак испаѓа пред Битлси да речам, али не кладов толку на ум. И баш ко се расформира то клубчето, еден Никола го држеше, то му  беше фактички во куќата внатре, таму се береа големите, покрај нив и ние така, тргавме цигари, се криевме од дома… И, се расфоримира то клубчето и брат ми дојсе еден клуп плочи од таму, веќе појќе не требаа, и…јас барав нешто шо беше постаро, не знам од стално ме влечеа и филмој постари, со Фред Астер, со ова она, нешто така поромантични работи, малце и времето беше такво и…

Две плочи ги тргав настрана, ги тргав настрана, во старо шпоре ги кладов, во релната, после се сеќавам дека зедовме, ова, грамофон, ова некаде беше кажвам осумдестчетврта осумдестрета, веќе и грамофони шо се вели…тогаш се слушаа, на ленти послабо имаше, имаа на ленти тие од Техеран, од Баград шо му носеа, за видео шо се вели не се знаеше…и се беше така на плочи. Зедовме така, грамофон зедовме, и…ги пуштив тие плочи јас едноставно оти тие ги имав, се сетив дека се во рерната и ги извадов од внатре и реков да видам шо има. (Ѓорги: Летна сезона, таман, не изгореле). И мене ми се бендисваа, како да речам тие бавните песни некако, појќе. Али сестра ми беше поголема, брат ми беше поголем и тие пуштаа некои други така плочи и јас пак ги скрив, од страв да не се зафрлат и  напрво ми се допаднаа ко ги слушнав, иако ништо не разбирав, англиски…појма немав, но ете така музиката нешто ми беше привлечна.

Музика: Crazy (концерт на Канал 103)

Менде: И првата група шо ја напрајвме некаде беше девееста, девееста година беше, маалска беше. Тогаш тапани од тенеќија прајвме шо се вели, такво беше времето малце, од кути, нешто така…се сеќавам четворица бевме, али таа група не опстои долго, зошто се уште не знаевме шо ќе свириме, некои влечеше на ју хитој, јас тргав навака… и така се расформира та група и со групи почнав јас некаде девесосма година, девеесосма почнав. Имаше пред то, како да речам, така за друштво си свирев. Јас немав ни намера некоја група да прам нешто така, јас за душата си свирев…и така со текот на времето, бев по некои фестивали- Битола, Прилеп, нешто така и спонтано така самото ми излезе група да напрам. Се најдов со еден тапанер – е тој Елвис се викаше (се смеат)… Елвис се викаше тој, и баш на Оливер му кажвав многу пати така… и многу се зближивме вака, тој беше многу јак тапанер ми е жал шо замина Германија, таму се жени (Ѓ: на печалба)…се жени си замина, нормално, иди тој секоја година се гледаме и баш на Оливер му кажвав многу пати, а….неразделни бевме, заради музиката сето, и тој беше како да речам како мене вака, ко ќе го учеше нештото, го учеше од корен и ко ќе шетавме, мене Елвис ми викаат али јас на Елвис не се вртам, не сум Елвис, знајш така, и ќе се свртеше тој (се смее), абе ќе му речат не ти другиот, овај „јас Елвис се викам“.

Душица:

Некаде кон крајот на осумдесетите, во клас од 23-24 ученици во таканаречената Долна гимназија, односно Таки Даскало, Менде бил средношколец, запишан на смер архитектура, заедно со Оливер Јосифовски – музичар во повеќе и основач на неколку групи, меѓу кои и Љубојна. Другар на Мендичо, како што си го нарекува тој.

Оливер Јосифовски („Љубојна“):

Ние се запознавме, затоа што учевме заедно во средно, учевме втора и трета година во средно, пошто ја прва не учев во Долната гимназија, учев во Горната, и тука седеше на прва клупа најблиску до вратата и исто беше таков со, со кикиришка, и класната сите пакет кога не бркаше, јас имав долга коса, некој имаше обетка и долга коса, а тој имаше… ајде вие со косите ова надвор или со бакембарди, оти тогаш беше забрането да бидиш таков, требаше унифициран и ти со буфантото (се смее)…и надвор стоевме и другио па да се стрижиш и се разбира никој не се стрижеше.

Душица: А тогаш веќе беше навлезен во тој фазон како за Елвис?

Оли: Од секој пат. Значи зошто би го носел тоа, тоа е знак на препознавање кај Елвисите, тоа е знак на препознавање и кошулата, јаките нели кренати нагоре.

Оли: Тој знаеш како, го препознаваше тоа време да речиме и ова другото му изгледаше да речиме хмм…има луѓе фрлени од едно време да живеат во друго време и тој си го препознаваше то и ова другово сето е нели… беше вообичаена облека а некој ко ќе видеше „ах тоа е тоа-рокенролашки“ има таков израз…и кола, јас имав една кола, ваква ја набоив (покажува кон светло-зеленото ќебе) мерцедес еден од седумдес трета, таков стар демек олдтајмер и на него се учев да возам… и во едно време кога доаѓаше во Скопје пошто многу често идеше, почна многу често да иди во Скопје и беше то „ооо“, се случи тоа што го чекаме демек во смисла дека сеа почна да работи концептот пошто тој немаше трага дека таа музика е заборавена и дека никој пат поќе нема да се врати, не го знаеше тоа… „тоа време, тоа е најдобро“ и ќе дојдев со колата „ееее рокенролашка е ова е то“.

фото: Дражан Брачиќ

Менде (од филмот „Вива Лас Битола“):

Јас сакам на пример да имам облека… важно од то време да е, не се работи… ќе ом ќе сошијам, ќе напрам, ќе ја скинам истата на пример, да ја видам… на телевизија, на интернет да пуштам, ама работата е нешто од тогаш да имаш… некој то го носел, го живеел, се облеквал, на игранки одел, е сеа а здраво зачувано се само да го испериш и испеглаш и… Се најдват на пример во некој гардероб така. Ние имаме, како да речам, тарашвано, тарашвано кај постари луѓе, вака да најме нешто оргинално… па некои сакоа карирани, ова она…

Менде: Сеа ќе свириме една нумера од пеесет и шеста година, сеа 2006 сме, значи бајги време помина, да се потсетиме…Оли.

(музика – Blue Suede Shoes)

Душица:
Слабичок со впечатливи сино-зелени очи, силен мирис на aftershave – Брион, веројатно и на цигари, под старите панталони пар тренерки, за да му се таман, опремен со чешле, а во позрелите години и со црна фарба. Стилот беше одреден, уште да се почни со посериозно свирење…

Оли:
Кога и да се видевме „еее абе кај си, кога ќе свириме“ и јас викам е ајде ќе свириме некој пат… и не знаев ни колку свири ни шо свири ни како свири, во меѓувреме неговата љубов се развивала и тоа станало за него многу такво, многу богато и интересно… И така ајде ајде ајде и добро јас завршив во Бугарија конзерваторија, се вратив, почнав други музики и тој „е ај кога ќе посвириме“ тоа значи во интервал од десет години, и добро кога ќе посвириме и викам еех ќе посвириме некој пат и тој „не знам дали знајш, јас се преселив на Баиро, кај шо си многу блиску“. И викам стварно кај си? „Па таму сум“, доброо, ајде пак ќе се видиме и така натаму и кога и да ме сретнеше —– и така беше да свириме.

И викам шо да прам сега и вика аха Елвисо ме викаше да свириме, и то по кузнај колку време и доброо…кај живејш „ќе ме најдиш“ и одам и од колку сатот „од пет“, ја викам од пет идеално и таман до единаесет ќе ми помини времето, таман да не се враќам дома. Одам таму слушам кај шо свират, тука блиску беше десет минути од кај мене, по вообичаените улички на Баиро… И внатре зачадено, малецко едно просторче, свират овде рокенрол и си викам ммм добро, супер. Мачиња вака полно, многу сакаше Елвисо мачиња, многу сака и свират убо, добро, знајш и вика ее добро, и „еее дојде, супер седи, сакаш ракија нешто“ и викам сакам.

И добро тие свират, јас слушам, тука мачиња, „сакаш да пробаш“ вика, викам сакам. Пробуваме добро, слушам викам аа ова добро, добро ќе биди… и вика „ете овај е басист, ама тебе ти давам предност, оти многу те сакаме“ добро викам супер и му велам добро, а кога ќе свирите вика „па чекај да се спремиме прво“ јас мислам дека треба да се најди некој концерт, некоја свирка… „Нее“ вика „така да се срамиме, нее“ значи да се излези и да се свири ама спремно, добро, а тој уствари да ти бил кузнај кој бенд на Мендачо… по ред, пошто тие сите само пробват и по пат некако губат ентузијазам и никако да стасат до крај на репертоарот и тоа да стани демек трејдмарк и демек еве овие свират и да се излези да се свири. Никако.

Музика: That’s all right (Mama)

Менде (од „Вива Лас Битола“):
Не ми е мене приоритет да снимам некои нови песни. Пред се музиката е таја. Значи шо и да испеам ритамот е веќе…тој е постои, ако збораме за некој новитет, да смешаш некој стил, како прво ако измешам така, ќе се измешам самиот. Ама така ете ќеф ме фати една песна да напрајме…ради љуѓето шо барат. Иначе мене не ми е битно, мене ми е битно ко ќе свирам да уживам, да се забавувам. Пред се ми е мене ќефо.

Сашо Паркети:
И после тој веќе 2000ти години знајш дојде ти викам и кај мене да снима тука  снимаше песна јас без пари му ја снимав песната, ама та пуста без пари пак душата ми ја извај ваоо. Беше како да ти кажам принципиелен чоек, оти јас сакав демек помодерна, тој “не вака, како шо реков ја“ и многу така… малце ги нервираше другите, да речам сеа, значи како тој шо сака така инаку не можи ниту една нота значи та си е песната. Дојде дали тапанер беше тука, беше тука да му тропа и сеа не како….како на Елвис мора да е Хаунд дог, танг, прелазот ако не е неможи, нее сто пати го врати или еден со саксофон го отепа еј, од Бајро имаше земено еден саксофониста да му свири абе го отепа го отепа, а тој еден тон вака поинаку.

Музика – Hound dog (од концертот во канал 103)

Сашо Паркети:
И обратно ја свиреше гитарта и то е многу јако шо усвари, тој ја свиреше, ко ќе ја свртиш гитарата, ама жиците исто ко шо се тогаш, најтенката најгоре, значи знајш многу е тешко така за свирење (Дражан: А така свиреше, не ги менваше?) Не не ги менјаше (Дражан: Чекај левичар беше?) Левичар беше да, жиците вака и обратно акордите и то е многу заебано.

фото: Дражан Брачиќ

Оливер:
Имаше многу добри финти, имаше извежбано и многу ми се допаѓаше тоа пошо имаше чувство за…кога ќе седи вака ммм чоеченце малецко, вака (ги вкрстува нозете), а ко ќе излези на сцена, имаше една… и сите викат Елвисо, Елвисо, кае Елвисо, ко ќе излезеше на сцена имаше една супер (Душица: ѕвезда), да, да, просто. Имаше финти едни, некако како микрофонот тука па гитарата или микрофонот тука па до вратот гитарата, па некако ја доближуваше гитарата и праеше вррр и многу јаки финти! Или шпага праеше и ќе се кренеше (Костадин: Харизма уба) Да, да супер.

Оливер:
И тоа се разбира кога ќе го фатеше бранот на..на на добра изведба, иначе знаеше то да трај, посвири една минута, наштимај се една минута, знајш. Имаше моменти кога беше супер, имаше моменти кога беше многу тешко да се… то знајш како е, то е магија, мислам, то се вика креативна магија во…костим. То во театарот, за тоа ти требат, реквизити како светло, како реквизити, ти треба публика, ти треба сцена, ти треба костим, а тој ништо од то немаше и беше само костим и то беше и сеа некој пат тоа го праеше совршено добро да можеш секој да излажиш, не да излажиш, секој да те доживее, без никој тие реквизити театарски и ова е wow тој е, а некој пат тоа не се прај лесно, не то баш така лесно, да го носиш то, носиш еден живот којшто знајш…

Оливер:
То шо не е океј и шо боли и се плаќа е то дека ти не даваш да влези друг живот во тебе, за да можиш да си го спасиш овој, има луѓе кој што живеат само со тој живот, а некако модерното живеење или луѓето се научени друг еден да измислат за овој да си го чуваш па овде нешто да прајш, да работиш всушност, така, за ова да ти остани недопрено е сеа тоа е многу тешко, пошто ќе почнат да си сметат двете, ама барем во прво време е ферски, а не ова единственото шо е да го продаваш пак, а тој го праеше на некој специфичен начин, знаеш немаше скапи гитари, скапи микрофони, се то тежеше, тежи за носење, тешко беше за продуцирање, да знаеш така, плус то чоек ко ќе е сам самец многу тешко се програмира се продуцира, а иначе денес целата уметност и спорт денес е се концепт, не мора ти да си Елвис, само облечи се и пресоблечи се после и оди на пазар, пример нели. Е не, ова не е така, ова е тоа е, и сеа тоа е целата таа борба, како ќе биди то и колку ќе биди тоа, и…така е тоа.

Менде: Песната се вика Heartbreak hotel или срцекршачки хотел (музика)

Сашо Паркет:
Јас колку шо знам, татко му многу рано починал, Менде дури бил мал и таму закопан е Менде кај татко му гробот. Мајка му била некое време жива и тој со брат му порасна, има постар брат, шо така фризира фичиња такви некои работи знајш и тој е легенда, разбираш, таков брат му е.

Со брат му пораснат. И не знам некојси има роднина, да не има па и сестра нешто не знам, нешто во странство, зато таа едно време, оти тој немаше гитари све имаше сами праено гитари, некој таму сестрата или не знам кој беше од странство му даде пари да си купи ова шо имаше последна гитара и еден микрофон ко на Елвис од кај Нинџата имаше онде една продавница кај „Ѓорѓи Сугарев“ и знам дека некој од странство му пушти пари и то беше таа раната фаза. После едно време Менде се зафати со Оливер од Љубојна, значи со Оливер од Љубојна и напраја некоја си претстава рокенрол Елвис Присли во Скопје и тој си живееше Скопје можи година-две и таму цар е оти тој со убај лујге се здружи и таму знајш го спастрија малце и биле доста успешни, јас не му ја знам таа фаза оти во Скопје ама знајш вака праеле како некои претстави и како тој Елвис-Мелвис и со Оливер од Љубојна бас и некој друг тапанер од Скопје и супер биле, то е една уба фаза, вака да речам и паричка си кладе и ваму таму и чоек стана.

Интересна работа еднаш го носев со такси, ја таксиста бев, го носев во Охрид, а ли во Струга беше, можи во Струга беше, свиреа тогаш Славе му тропаше, знајш убо бендче имаа, абе таму беше Елвис, знајш како го сакаа еееј, ама имаше една мана, нека ми прости Менде се штима и знајш ја ебава атмосферата, абе сите лујгето ќефој се оти убо свири интересен му е, така, то ко ќе фати петнајсе минути супер му се и после ко ќе земи пет минути (имитира штимање) на та гитарата, та жици никогаш сменати, разбираш, ама го сакаа лујгето еј, го сакаа, пошто вака интересен е, такви песни никој не свири.

Абе свиреше јас ти викам ето то е на пример 2007/8 јас ко го носев, тој веќе беше славен, значи луѓето кај шо го сакаа- го сакаа, кој сака таква рокенрол музика и јас на пример, на пример Блу Мун од Елвис Присли ко ќе ја запееше Менде, па немам слушнато во светот шо ја има испеано…освен Крис Ајсак, ме разбираш, како да ти кажа, го пеј то така жално го има, го имаше таквото, значи разбираш (имитира) како високо гласчето го крева така со фалсети.

Илина и Менде на промоцијата на филмот „Вива Лас Битола“ во Менада (Стара чаршија), 2013

Душица:
Имало период кога Менде правел свирки во Хрватска, а одредено време бил во Скопје, преноќувал кај Оли, се спремале за претстава во Охрид- „Учените жени на Молиер“, штосот бил да бидат како од пеесетите, “рокенролашки“, од бендот биле со перики, само Менде не – тој си бил оргинал…

Оливер:
И стојка носеше еден сталак еден за микрофон, многу тежок, и појачало едно и ко ќе слезеше од автобус викам -Менде шо ги носиш овие работи?- и „не“ значи да биди се топ, оф мори мајко викам, дај другио пат барем не носи барем едно од овие да можи да се преносуваш, „не баба“, јас така си се викав, така сите се викавме сите-баба, нее демек оти тој беше рокенролаш микрофон, велам добро. Проби фативме, ама тоа…театарот е играчка која шо ти прај едно чувство на…земаш од се по малку, нели земаш (покажува кон послужената маса) пола чипс, пола хартија, пола ролат, пола пиво, пола сок и го местиш то и викаш аа ова интересно добро течи…и никако не можевме да се договориме колку строфи една песна оди и ти вика „нее мора цела песна да оди“ и му викам сеа ова друго е, аха ај то го договоривме некако. Тргнавме во…то го договоривме ама овде беа сите во ансамблот, сите беа ѕвезди и Игор Џамбазов не играше ама беше дел од ансамблот, како излегвавме во бифето тој ги гледаше сите тие луѓе и вика „оооо“. Еден апарат си носеше и со апаратот филм внатре и пошто Елвисо е многу пријатен човек и така многу супер лик само што е од друго време, и кога и да излезеше на пауза од проба и сликан со некој и вика „види се сликав со овај“ и викам лелее супер, „чекај ама се сликав и со овај“ аа викам супер и тука глумците сите тие па со овај со онај и го засакаа- Елвисо, Елвисо- и супер „овај Елвисо ти е супер“, викам супер лик е и така пивце, цигарче, муабети тоа беше и на крајот отидовме во Охрид се случи претставата пак со појачалата со микрофоните, тешко тоа за носење (неразбирливо), влези излези и филм од апарато и сето тоа супер. И заврши тоа добро и са почнавме да свириме и по Скопје лево-десно по некои местенца, па во стотројка во радио….и еден ден се појави и „знаеш шо“ и шо „абе тој филмот од апаратот, не излегоа сликите“ викам оф море мајко, Џим Џармуш, неверојатно, викам леле… е вика пичку матер ми се расипа ќефот, викам добро де еве ги луѓето пак ќе се сликаш, „арно викаш, пак ќе се сликам“, и така и почнавме да свириме тука и Елвисо многу така, вообразен со гитарата и на лево гитарата.

фото: Дражан Брачиќ

Музика – Little less conversation (концерт на Канал 103)

Душица:
Што имало зад сцена?  И самиот  Менде често си го поставувал тоа прашање за Присли, научил многу за него пребарувајќи на Интернет, уживал да раскажува за него, некогаш зборувал во прво лице или како стварно да бил таму, а и кажал „кој знај, можи Присли уште е жив“…

Сашо Паркет:

Значи то никој не го знај, многу верваше во оние конспирации, значи то никој не знај, значи верваше дека сите глумци во Холивуд, на пример машките биле женски, па се напрајле во трансвестити машки или женските во машки и такви некои луди crazy и така така знаеше дека земјата е рамна-строго, значи јас, Симсо и Менде во Битола само верваме во таа конспирација дека Земјата е рамна, дека не е кугла, разбираш? И последно се сеќавам, и то секогаш ќе ми остани во сеќавање, последен муабет тука беа, проба пред да почини, значи со брат ми, јас слегов долу- кај си бе Менде шо прајш, како му викам Земјата?- вика „Тепсија брат, тепсија“, то беше последно со Менде шо го слушнав, ај викам се гледаме…и како земјата-тепсија вика (се смеј) и така верваше во некои конспирации, верваше…значи сите оние за —- значи читаше. И по цел ден седеше на Интернет си гледаше такви работи….

Абе тој чоек е како да ти кажам… никој не го мразеше, како да ти кажам, значи немојш да го мразиш тој чоеко. Е сеа можи на пример не ти се свиѓа музиката, ама чоеко имаше…значи си верваше во Господ исто, разбираш, верваше во Господ како да речам, на чуден начин, не како попојте ама си верваше некако, си верваше во Господ.

Оливер:
Одеше многу често во црква… Свети Димитрија и беше многу правдољубив лик и со голема љубов го праеше тоа што е музиката и одеше многупати на работа, креваше вреќи и викаше „не можам колкот ме боли“ викам знам ама како да прајш ти кажав дај смени го репортоарот и ќе бидиш малце по— „не, вака ова ќе биди рокенролашки, ова е времето, ова е за жените најубај“.

Оливер:
Тој подработуваше нешто, вечерни смени, вреќи некакви, брашно, некои брашнара…пошо тука имаше некои пријатели којшто му беа немузичари и кој што си се сакаа, еднио продаваше мед нешто, со еднио одеа на планини, со другио одеа в црква, така имаше… тие некако му наоѓаа некаква работа, меѓутоа… тешко беше тоа за носење, мислам тешко тоа за носење, мислам работа сеа, гитара сакам да свирам не ми давај работа, дај ми концерти да свирам, ама нема, ги нема концертите, често пати така, така беше, така е, велам некако тргна работата во еден момент и сите го дознаа и тој си….тој си беше то, мислам тој си беше то знајш. 

Не се чуствуваше удобно сеа нема пари за цигари мислам сеа разбираш тоа е… тоа не го заслужува никој, ама како се наоѓа рецепт за да имаш, ова е прашањето тоа е финтата. Тој никој пат не го кажуваше тоа дека нема пари за цигари, го подразбираш на некој начин тоа аха океј, ама тој нема гајле со тоа…можеби бил во општеството ама…пошо беше прекрасен лик.

Мислам мене ми недостасува, нас ни недостасува некој пат оти е, оти ќе се јавеше од нигде никаде, сеа океј неможи стално да има свирки, нешто ама ќе се јавеше или ќе пишеше нешто.

Душица:
Нездрава храна, пиење многу кафиња, пушење цигари го ослабна телото на Менде. Последната свирка била во Прилеп во кафе барот Take5 каде доживеал срцев удар, неколку месеци после тоа, на 28 септември 2019 година и вториот. Погребан е заедно со татко му.

Ќе се одјавам со уште една приказна што ни ја кажа Оли. На домофон Менде ја пеел Are You Lonesome Tonight? како услов за влез во зградата. Ја пуштивме песната, слушавме без збор да кажиме, а во позадина само отчукувањето на сатот. Руми напишал „…Личи на крај, личи на залез, но тоа е изгрев, кога гробот ќе те покрие, душата се ослободува“. Уште еднаш, рокенролашки, душата на Менде:

Менде: Са ќе свирам една песна… да ја наречам така не…незаборавна, барем така ја третираат, иначе се вика Are You Lonesome Tonight? … ако таа шо ја мислам дека е осамена, ќе му засвирам ова (почнува со песната)

Илина:
Елвис Присли ја напушти зградата на овој живот кога имаше 42 години.
Meнде Елвисо почина прерано, на 46. За среќа останаа снимки и спомени. Во емисијата се користени материјали од концерт и интервју на Менде во емисијата на Ѓорги Митревски на Канал 103 од 2006 година. Благодарност до него, до соговорниците и до Душица која ги направи интервјуата и транскрипциите.

Јас сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа – Бојан Угриновски. За целосен транскрипт и фотографи посетете го нашиот сајт obicniluge.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *