Последна епизода во која ја заокружуваме приказната. Што се случувало после интервјуто од 2004? Како и кога умрел Чекуш? Успеал ли да се види уште еднаш со синот? Отидовме до Охрид за да се распрашаме.
С1Е4 Транскрипт
(бранови)
Охрид.
Европскиот Ерусалим со 365 цркви.
Рано наутро е, и градот полека се буди. Еден лебед со скршено крило спокојно дреме на брегот. Чамците се лулаат како уште да се пијани од синоќешната журка.
Љуѓе уште немат.
Во сокачето во кое некогаш се наоѓала куќата на Чекуш сега има зграда во која се издаваат апартмани. А онаму каде некогаш бил антологискиот графит „Лута трева за лута рана“ има ирски паб. Младите келнери во него не знаат ни за графитот, ни за човекот.
„Тино“, местото каде е правен разговорот со него во 2004, за среќа уште постои. После 16 години, Ана повторно седна на истата маса, сега со дона Франческа Маркулевска, газдарицата на хотелот и охридска снаа. Таа во 1990 со сопругот дошла во Охрид од Германија, и во Чекуш нашла и другар, и некој кој ќе ја подучува македонски. Тој пак во неа нашол некој кој ќе му помага до крајот на животот.
[Франческа Маркулевска]
Тука Чекушче си беше значи ко дома.
Ол инклузив беше овде (смеење)
(продолжува)
А и доста македонски ме имат научено мене Чекуш. Заш ние ко дојдовме овде јас ништо не знаев. А тој германски знајше, ми кажваше вака се вика, така се вика.
– Македонски ве научи?
Да, да.
Таа има само убави спомени од него, меѓу кои и анегдота за тоа како шетал со саксија канабис под рака.
Си имаше дома една саксија, ко ќе имаше сонце ја вадеше тука покрај езеро, демек сонце да фати (смеење)
На Чекушче се сеќава и познатата охридска докторка Жаклина Чочоровска Новаковска, која го опишува како голем дечар. На разговорот е присутен и стоматологот Ерол Аголи, кого Чекуш го спомнува во интегралното интервју како некој кому му е благодарен оти бесплатно му направил протеза.
[Жаклина Чочоровска]
„На почетокот кога бев на специјализација, значи кога изигравав викенд мајка или викенд родители со мажот ми, со желба да се снајдиме во животот, беше малата моја, тогаш имаше три години, со свекрвата и со свекорот, значи покрај езеро, ко што бевме во тој ред. И Чекуш знам дека редовно си играше со нејзе, го научи нејзиниот јазик, специфично таа не знаеше ’к’ да каже, па велеше т, ти текнува, „тачи се на тајчето, да те повозам“. Така да буквално беше дечар и да ја долови детската психа.
[Ерол Аголи] Камила им направи кажи.
Да, камила специјално од снег им направи на сите деца, и то голема камила пред Тино. Огромна камила. Дури и некаде слика имам.
Кога паднал затвор семејството дури му испраќало цигари.
Заради нешто тој беше во затвор малце. Знам специјално Александра му пушташе штеки цигари, ќерка ми со свекрва ми. Значи ептен ептен немам зборови за неговиот однос со децава, и со нас беше секогаш културен. (до 1:31)
Ја прашавме и Ана што знаела за Чекуш пред да седне на муабет со него во таа сега далечна 2004 година:
Не го познавав лично ама кружеа нели низ Охрид, мал град е, многу анегдоти за Чекуш. Но имаше и многу етикети, многу предрасуди за него. Идејата за интервју беше заради еден проект, едно списание во рамките на проектот Слевање на маргините – градовите низ Македонија. И требаше да се фокусираме на Охрид. Јас го избрав Чекуш зошто мислев дека ќе има интересна приказна за раскажување, заради сите анегдоти и етикети што ги знаевме за него, и стварно испадна така.
На архивските снимки кои траат со часови се забележува дека Ана полека е вовлечена во приказната, речиси заведена. Често се смее, а и виното како да почнува да дејствува. Чекуш и повозрасен се уште е шерет. Како изгледал овој разговор во споредба со други кои таа ги правела како етнолог?
Тоа ми е битно во сите интервјуа, генерално, тоа да се надмине таа бариера на некој што интервјуира и на некој што раскажува за својот живот, а со Чекуш тоа одеше многу елегантно. Течеше ко река буквално, затоа што беше многу отворен, многу бистар и исклучително шармантен човек. А тоа што викаш за машко-женски односи јас не го почувствував така, беше џентлмен, на пример ќе ти запали цигара или ќе ти ја наполни чашата со вино. Ама го немаше тој момент. Чекуш во тој период беше на возраст на моите родители, на пример, и тоа особено ми беше интересно бидејќи беше толку многу различен од моите родители и нивните пријатели, и толку ми беше поблизок од другава група што стварно бев воодушевена од тој контакт и просто беше човек што не можеш да не го сакаш.
Додуша кога се вратила така расположена од средбата дома, татко и не бил подеднакво воодушевен:
Татко ми на пример кога се вратив од интервјуто, пиевме вино, бев и припита и воодушевена. И му кажувам на татко ми дека сум воодушевена, дека Чекуш е прекрасен човек, и татко ми беше прилично збунет и шокиран, зошто тој пак не мислеше така според тоа што го слушнал за Чекуш. Збунет, па можда и загрижен малку. Ама во исто време не дека татко ми не ги прекршувал нормите, не дека живеел по сите правила и прописи, ама секогаш е полесно на тој некој познат лик од околината да му наметнеш некаква етикета отколку да се соочиш сам со реалноста во наводници.
Интервјуто навистина излегло во спомнатото списание, но мал дел, само оној за неговото детство. Следни броеви во кое приказната требало да продолжи немало.
Па се видовме уште неколку пати, му го дадов списанието и се. Најважно од се е што тој стварно сакаше да ја раскаже својата приказна, или својата „параноја“ како што вика во интервјуто. И беше многу амбициозен во таа смисла. А мене пак ми беше многу криво дека не успеав да најдам начин како таа цела да се објави, особено откако почина. И заради тоа сеа ми е многу драго шо ти ја најде формата како да излезе, бидејќи мислам дека тој многу сакаше да си ја раскаже приказната.
Приказната до 2004 ја раскажавме онака како што тој и ја раскажал на неа. Но што се случувало потоа? Дали повторно се виделе со Бригите?
[Чекуш]
А мојме викат, малце да се сексаме, дојди до Марибор ти, на пола п’т. За то вика идај. Интересно реков, ама јас шо немам пасош пустото реков нешто ми сметат тука. Иначе ќе дојдам, реков, имат и то време. Ние реков си ги знајме телата наши, реков.
[Волкан]
– Знам дека беше една дојдена, не беше Ерика туку беше Бригите дојдена.
Ова е повторно Илија Волкан, охриѓанец, кој во моментов живее во Холандија, а кого го слушнавме и во претходната епизода.
(продолжува)
[Илина] Тој ја кажува како негова најголема љубов, што стално го вадела од ситуации.
- Бригите?
- Да, да.
- Таа беше дојдена. И то таа беше дојдена па,не знам, 2010-11, така нешто.
А дали повторно се сретнале со синот?
[Чекуш] Ништо не знам за нив појќе. Бригите и тука ми помогна неколку пати, ги побара, така да ми пушти адреси, ми пушти телефони од синчево. Јас дека барам само од синчево само да знам нешто. Ништо немам успеано уште да најдам. Е сега евентуел, евентуел мартов… никад није касно, мартов ако напрам пасошче и ќе напрам така некако да му ја клизнам јас до таму. А сам можам да го најдам, сигурен сум. Ако не е ептен веќе ојден Африка некоја, кај шо немојш никако да го најш. Ако е во Виена, преку нивното, мр-мр-мр. Дефтерот главен нивен полицајски ќе го најдам.
[Волкан]
Тој знам, 2008-9, го пуштив во Травник, внук имаше таму. И беше ојден знам со автобус, го однесовме до на автобуска и беше да го види внук му.
- Зашто 2004 вели немам пасош, вика, инаку да имав ќе одам да го барам син во Австрија. Значи ти ако си го испратил во Травник тогаш имал пасош, можел да патува.
Да, имаше, имаше.
Чекуш значи бил на посета на внукот од едната сестра, тогаш почината, во Босна. Но што се однесува до синот во Виена, според сите соговорници, никогаш повеќе не го видел. Човек со име и презиме како него најдовме на социјалните мрежи, но не се осудивме да чепкаме понатаму. Некои нешта можеби е подобро да останат недораскажани.
Она што го знаеме е дека Чекуш починал во 2013. Но пред тоа некој период практично живеел како бездомник. Кај пријатели, па во бротче, па во шатор.
[Волкан] Имаше рак на белите дробови. Значи тој во тој момент мисли дека…куќата му се урна, тој имаше куќа со едно сопче горе во сопчето немаше нитууу пенџера, значи никаква светлина.
Ни вода немало, вели.
Да. Имаше едно купатило преку еден ѕид, и преку надвор се излегвеше. Значи то не беше купатило, тоа беше само ВЦ. И тогаш еден период значи ко ја урнаа куќата, на местото направија зграда, тој требаше да добијат стан. И тој едно време живееше во шатор. И мислеше дека од шаторот од влагата дека нешто на белите дробови. Али јас мислам дека ете, така му било пишано.
Тој знам дека во еден период ко беше без стан, она пошто се влечкаше така, многу многу ми беше криво, човекот при…мислам една куќа имаше разбираш..куќа..соба имаше една, то беше неговото место. И малце неблагодарно, значи тие рушеа куќава, мислам можда му дадоа пари некои во меѓувреме за да се снајде. Ама тие самите луѓе знаеа каков човек е, значи за него парите беа онака, може да ги потрошит за еден ден. Значи требаа да го вдомет него, знајш. Тој уствари беше невдомен. Знам дека едно време се влечкаше, беше едно време во шатор, послем кај Кили во станот, знајш, па пак во шатор, па после живееше во едно бротче, и после на крајот умре во бараките од Трудбеник. Мислам, умрен го најдоа, онака.
Јас знам тогаш дека не бев во градот и ми јавија по телефон, е вака и вака демек го прости Господ Чекуш. И да, то беше. Не се сеќавам дали беше 4 мај, али беше од тие мајските празници, така знам дека беше.
Верзијата на дона Франческа е поинаква, дека тој последните денови ги минал во болница во Скопје, каде го однел доктор Астрид, уште едно име кое често го слушавме од нашите соговорници, како некој што помагал и се грижел за него. Како и да е, Шерафедин Керим Ферхат, наречен Чекуш, умира на 61 година, и е погребан на муслиманските гробишта во Охрид.
(музика)
[Волкан]
Toj беше од оние типови, знајш, откако замина она очеквиш дека ќе го видиш пак. Пошто тука беше, на таа клупа седеше. Кога ќе излезеш знаеш дека тука ќе го најдеш. И онака, долго време ни требаше да се навикниме на неговото отсуство.
Како дел од градот.
Да, да. Буквално како дел од градот. Дури онака си викам фалит една биста да му се напрајт на човекот.
Што останува после една ваква бурна животна приказна со тажен крај? И зошто воопшто бевме толку мотивирани да ја раскажеме токму неа? Ова е Ана:
[Ана]
Го живееше животот со полни гради. Ретко кој од нас може да се пофали со таква животна, интензивна, динамична, драматична животна приказна. И тоа е многу важно особено за малите заедници, и покрај сите етикети и предрасуди кои им ги доделуваме на таквите луѓе, заради тоа што се заслужни дека некако ги растегнуваат границите кои ние не се осмелуваме, ние другите, обичните во права смисла на зборот луѓе, не се осмелуваме да ги преминеме така лесно.
За многумина Чекуш бил олицетворение на слободата, во средина во која таа често била потиснувана или стигматизирана. Луѓе го земале неговото име за прекар за да бидат кул, ама џабе, оти биле плагијати.
[Волкан]
Дури знам она во времињата кога имаа фиксни телефони, и онака ми се јавија еден од Чекушите, лажните, и мајка ми се јави и демек кажете му Чекуш го барат. И мајка ми паника, шо има ти со Чекуш да те бара.
Нека овие четири епизоди бидат нашата биста за Чекуш. Им благодариме на сите кои директно или индиректно учествуваа во составувањето на неговата приказна – неговите другари од паркчето пред киното, сограѓаните кои го почитувале и покрај сите етикети, оние кои ни се јавија после првата епизода велејќи дека плачеле слушајќи го неговиот глас.
Ние му останавме должни само уште една работа.
[Чекуш] И јас сакам уште еднаш Бригите да ја видам и ако го видам и синчево мое Едуардо, тогаш знајш шо сакам да ми се десит? Да напрајте некако на сред езеро да ме… со палење. Трак, цвеќе-меќе, дрва-мрва, так Чекуш и да се запалам и ко ќе дувнит… Тогаш слободно сакам да ме запалите. Не сакам в дупка да лежам мртов. Немам ништо против црвиве, знам дека и јас земја сум, од земја сум и прашина. Ама друго е муабетов да летниш негдека.
(звуци на плажа)
Еве нè во Охрид, јули е и на плажата Сараиште имат љуге. Некој во комшии го пушта Том Вејтс и All the World is Green. Одличен момент да му ја исполниме последната желба на Чекуш. Со симболично пуштање на кајчето Ганџа направено од хартија во вода.
Истовремено со правењето на овие епизоди се случија две интересни „чекушовиденија“. Првото е во нова песна на Ласт Експедишн, „Одиме на охридско море“, која излезе истовремено со емитувањето на нашата прва епизода, а која случајно ја чувме на радио. Еден стих вели: СО ПАРИ НИЕ ТЕНКИ СМЕ/МОЖДА ЧЕКУШ ЌЕ НЕ ПРИБЕРЕ/А ЗА ПРЕВОЗ ЌЕ СЕ СНАЈДЕМЕ.
Од бендот ни објаснија дека станува збор за човек од Пештани со исто име, за кое сакаме да веруваме дека е добиено по асоцијација на „нашиот“ Чекуш.
Второто „чекушовидение“ е вест која ја пренесоа повеќе медиуми.
[„спикер“] „Синоќа околу полноќ, на стариот пат од Охрид за Струга близу местото каде што реката Сатеска се влева во Охридското Езеро, запленети се близу 200 килограми марихуана. Лицето кое ја носело дрогата со кајче успеало да избега. Полицијата вели дека трага по него.“
Патувај, Чекуш…
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Продуцент – Бојан Угриновски. Соработник – Ана Ашталковска Гајтановска. Гласот го позајми Андреј Татарчевски. За фотографии, транскрипт од епизодите и други материјали посетете ја нашата страница obicniluge.mk.