За оние кои никогаш не влегле во казино, тоа може да е место на престиж и гламур, или обратно, на разврат и криминал. Зборуваме со поранешна крупиерка за нејзините искуства и за тоа колку таканаречените „игри на среќа“ можат да бидат и забавни, и опасни.
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
S3E2 Транскрипт
(тема од Џејмс Бонд)
„Бонд секогаш беше коцкар. Го сакаше сувиот звук на мешаните карти и постојаната несочувствителна драма на тивките фигури околу зелените маси. Го сакаше строгиот, детално дизајниран комфор на казината, добро тапацираните фотељи, чашата шампањ или виски крај лактот, тивкото внимание и неизбрзаните движења на добрите келнери. Беше восхитен од непристрасноста на топчето за рулет и на картите, и од нивната бесконечна каприциозност. Најмногу од сè, му се допаѓаше што тука секој си е самиот крив. Среќата е слугинка, не господарка“.
(Илина)
Вака го опишува својот лик Јан Флеминг. Сите ги знаеме филмските верзии на сцените – згодниот таен агент застанува крај коцкарската маса околу која се насобрале сомнителни и богати типови. Низ казината во Монте Карло, Азербејџан или Лас Вегас, играјќи бакара, рулет или Блек Џек, тој или победува, или стратешки се повлекува точно тогаш кога треба. Неговата рационалност е атрактивна – ги нервира опонентите, а ги возбудува дури и најстудените убавици околу масата. Често со некоја од нив заминува во ноќта.
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа втора епизода од третата сезона на подкастот Обични луѓе ќе видиме колку држи нашата стереотипна замисла за она што се случува во замрачените простории на казината. Џејмсбондовска елеганција, или содома и гомора? Само игра, или тешка зависност? Останете со нас. Коцката е фрлена.
(Гордана)
Па има убаво… Има многу убави случки. Всушност тоа таму е некоја посебна зона… самото влегување во касиното кога ќе го чуете звукот на топчето во рулетот, ти го менува светот, некој посебен свет е тоа таму. Нема часовници по ѕидовите и секој е загледан во бројките. Ништо освен бројките не гледа. Дури и тие од таа страна и ние од оваа страна на столот.
(Илина)
Ова е Гордана, по образование моја колешка етнолог. Откако по дипломирањето не можела да најде работа според професијата, одлучила да ја промени. Почнало случајно, но траело следните десет години.
(Гордана)
Сосема случајно кон крајот на осумдесетите беше многу популарно да се оди во Лондон на работа. Бев таму некои две години и кога се вратив не знаев што да правам. Како дипломиран етнолог немаше шанси да најдам работа. И случајно излезе конкурс, бараат крупиери во касино. Навистина не знаев што е тоа. Се пријавив, во хотел „Континентал“ во касиното се одвиваше обуката. Обуката би требало да трае некои месец – два, меѓутоа нашата се пролонгира па бевме добри шест месеци на обука. Беше тоа уствари подготвителна обука не само во хотел „Континентал“ да се работи во касиното туку имаа намера да отворат касино во Дојран бидејќи таму идат многу Грци и нѐ спремаа за таа игра таму. Ете сосема случајно станав крупие.
(Илина)
Како изгледала една типична работна вечер?
(Гордана)
Вообичаено се доаѓа на работа, имаме своја просторија каде што седиме во паузи, бидејќи работата на крупиерот трае дваесет минути. Дваесет минути си на стол, а потоа одиш на пауза. Ако има голема игра, ако има гужва, ако има повеќе столови работата, тогаш паузата е дваесет минути меѓутоа почесто одиш на стол, на работа, на игра. И се случува некогаш да ги добиеш дваесте минути пауза после саат и пол, меѓутоа ако има игра. Вообичаено е доаѓаш, пиеш кафе, шефот или пит босот те распоредува на кој стол ќе стоиш. Понекогаш и кога нема игра се стои на стол. На стол на рулет обично се стои… секогаш се тројца и тоа: дилерот или крупието, чипер – кој ги собира жетоните и инспектор кој ја следи играта. Нормално тука е и пит босот кој е одговорен за сите столови.
Работата е до четири, во четири се затвара, значи си одат играчите, меѓутоа нашата работа тука не завршува. Треба секој стол да се преброи, колку пари се внесени, на секој стол има дроп таканаречен, односно каса во која ако играчот ти дава кеш пари, ти тука на лице – место му ги менуваш и тие ги ставаш во касата. Значи на крај на работното време треба да се преброи колку пари се влезени во столот, да се дадат на касата главна, таму се пребројува колку пари се внесени од касата, колку пари се искеширани, значи жетони дадени па искеширани и тука се доаѓа до крајниот резултат, колку е касиното во плус или во минус. Исто така на секоја игра, на секој стол ние како крупиери обично знаеме да си побараме типс од играчите, особено кога добиваат и тие ни даваат типс, односно бакшиш ни даваат во жетони и истите тие жетони се ставаат во тој дроп, во таа каса. На крај на вечерта се пребројува и тоа се тргаат тие пари настрана во касата, на крајот на месецот добиваме процент како крупиери, процент од тој типс.
Музика: „MONEY“ – PINK FLOYD
(Илина)
Од местото кадешто седам снимајќи го ова ги гледам нападните неонки на блиското казино, отворено на место на некогаш популарен салон за мебел. Спроти него има спортска обложувалница, а само десетина метри подолу уште едно казино со апарати. Нивните затемнети стакла прават да изгледаат тивки и празни, но внатре врие од играчи. Никогаш не било полесно да се коцкаш. Но не било секогаш така.
(Гордана)
Тука во Скопје во тоа време законот беше дека мештани, локалци не може да играат во касино. Меѓутоа сите правила имаат исклучоци, барем овдека на Балканов, така да имаше многу наши. Додека во Дојран кога работев беа исклучиво само Грци. За нив посебно одеше комбе од хотелот и од касиното до граница, ги превземаше од таму, со комбе ќе ги донесеа играчите, играа, после пак до крајот на работното време, после тоа ги разнесуваат, ги носат пак до граница таму ги чека друго комбе, ги разнесува по дома. Бидејќи они тогаш немаа… имаа забрана за отварање на касина во Грција и тие доаѓаа во Дојран. Дојран беше Мека за нив. Во тоа време имаше три касина во Дојран и тоа беа големи и… сите три одлично работеа.
И.Ј.: А викаш во тоа време законодавството не дозволуваше, сега дозволува наши луѓе…
Г.: Сега дозволува, да. Сега се лиценцирани, тогаш не беа касината лиценцирани со дозволи за работа, него имаш намера да си отвориш касино – си отвараш касино. Имаш пари за да го средиш, не беше… во секој случај не беше регулирано со закон, а сега е веќе поинаку, сега касината имаат лиценци, имаат обврска, колу пари треба да имаат на банка на сметка и… не знам веќе сега… сега не сум веќе упатена како стојат… како е законот во врска со касината иако знам дека мора да бидат лиценцирани.
(Илина)
Кои игри биле најпопуларни тогаш и дали крупиерите ги учеле сите?
(Гордана)
Па не сите. Ги учат основните игри и тука кај нас се најпопуларни рулетот и блек џекот. Она што го гледаме по филмовите за Лас Вегас дека има крапс па… не знам уште мали милион други игри, овдека ги немаше во тоа време. Единствено имаше избор помеѓу неколкумина кои делеа покер, тогаш беше популарен Американ покер, сега по касината има и Тексас холден и делат сите, така да… Основните игри беа тие: Блек џек и рулет.
(Илина)
На Гордана и поставивме три прашања во едно. Кои биле најлошите случки на кои присуствувала а кои најсмешните?
(Гордана)
Лоши случки има многу. Да не звучи како од лош филм амерички нискобуџетен ама стварно доаѓаа познати мафии да речеме од Балканов па се среќаваа тука, па меѓусебе се расправаа, па имаше вадење пиштоли, имаше рации кога доаѓаше полиција да бара и оружје и дрога меѓу играчите. Имаше… што знам, тоа ми е така полош… да речам полошо искуство иако и тоа не беше нешто страшно. Има еден поранешен боксер кој губеше многу па го дигаше цилиндерот, тоа е оној кругот каде што се врти топчето за да бара каде има магнет, затоа што никако да му падне на него. Ете тоа. Такви некои случки имало.
Имало жени кога доаѓале да си ги бараат мажите, па имало домашни брачни караници, тука сите сме биле сведоци, а имаше да речеме од жените кога ќе изгуби па вика – ќе идам до дома да земам едно чекче ама да не ме види ќерка ми, ваљда спие, па да не ме види, ќе се вратам. А ако ме види, ќе останам дома. Па нема да дојде или некогаш ќе дојде, ќе се врати. Има и по чекчиња иделе.
А има смешни… има еден, сите го знаат, многу познат човек во градов, па и пошироко во Југославија беше многу познат кој знаеше да игра, дури држеше едно касино овдека во градот едно време. И кога ќе губи во друго касино, пошто во своето нели не може да игра, кога губи знае да лаже дека таму ги ставил. Не ги ставил он на триеска, се паднала на дваес петка, на дваеспетка му биле жетоните. И така. Знаеше да пее „ој другови јел вам жао“, знаеше некои смешни… смешни лажги на кои ние се паѓавме од смеење меѓутоа него го… на него некогаш и му палеа. Ако ги кажам… вака… има броеви… има игри во рулетот и на пример број со двата соседни кои се на цилиндерот на нив типува да речеме по пет евра и… меѓутоа на секој број на цилиндерот имате некој кој е во втората десетка, значи единаесет, дванаесет, тринаесет. И сега овој играчов фрла пет евра, дваес пет евра, не е ни битно, фрла жетон и вика – на нанаесет! Два со два. Секако ќе падне некој со -наесет (се смее). И обавезно добиваше. Како да му докажеш дека не е така ако по… ги користеше приликите кога е гужва, кога има повеќе играчи, кога не си сконцентриран, не можеш сите да ги следиш и он знаеше така да фрли жетонче и да каже – на нанаесет два по два! И сеа ти мисли му ја кој број го кажал.
(Илина)
Од она што го кажува Гога, излегува дека една од најважните карактеристики на крупиерот е да биде концентриран и да има добра меморија. Ова особено важело во време кога во казината немало камери со кои можело да се докаже некаква неправилност.
(Гордана)
Па да, мораш да ги гледаш што редат. Може да се случи реди, а на оној што игра до него да му ги земе жетоните, да му ги тргне на друг број, меѓусебе да се кошкаат. Може да сакаат да те збунат па да ти фрлаат одеднашка три-четворица, да ти ги фрлаат тие облози кои се на рулетот. Па ти треба да ги памтиш пошто нема обележувач – аха овој бараше петка, овој бараше тројка, овој бараше дваес осмица. Треба да ги памтиш, затоа има инспектор, затоа има и чипер некоаш да ти помогне да мисли и за тебе, така да има многу… многу моменти на кои може да те фатат и уште ако те видат дека си збунет, играчите се многу безобразни па уште толку ќе ти се навртат, па ти после мисли му ја.
(Илина)
Од филмските приказни на коцкањето, често сме гледале приказни за дружини кои со помош на некаков нивен систем успеваат да ги празнат касите на казината. Некои од нив се наводно вистинити. Можно ли е такво нешто?
(Гордана)
Можно е ама немам објаснување. Имаше една група белграѓани кои одеа низ Европа и на многу места имаа забрана за игра, веќе ги знаеа кои се. Чудо беа. Они тројца ќе дојдат, едниот стои кај цилиндерот, кај кругот, на рулет тие претежно играа… не претежно него само на рулет играа. Едниот стои кај цилиндерот, едниот стои на дното на масата нели е долгнавеста, најдоле, а едниот реди жетони. Значи кога крупието ќе го пушти топчето, овој што стои кај цилиндерот кажува да речеме воазен има три игри на цилиндерот: орфан, воазен и серија и ќе му рече „воазен“, он ги реди доле бројките, тој од другата страна ги реди, овој им објаснува – не, играј повеќе на тој и тој број, да речам дваес осмица, дваес деветка, редат повеќе таму и на крај испаѓа навистина тој број да падне. Како навистина не знам, необјасниво ни беше на сите, меѓутоа они… нема тука ни математика ни… не знам логика нема, ама тие многу заработуваа. Како? Навистина не знам.
Не знам, некој кажуваат дека ги имаат купено… дека се една група поранешни крупиери кои ги имаат купено сите можни видови на цилиндри и ги имаат ставено во некоја просторија, не е касино, имаат вработено крупиери кои ќе вртат на рулети, само спинови вртат, а овие запишуваат на секој звук кој број паѓа. Иако тоа мене не ми е логично бидејќи никогаш не можеш да утврдиш со која брзина ќе го заврти… тркалото оди во еден смер, се врти, а топчето оди во друг смер. Има граничници, тоа е со пад… кругот има пад кон бројките и на тој пад има неколку пропречни граничници, не знам како да ги кажам… желевца кои стојат се наредени… некои се хоризонтално поставени, други вертикално се поставени. Па доле е цилиндерот и меѓу сите бројки има желевца, прегради. Ти не знаеш кога ќе почне да падне топчето, како ќе падне, под кој агол, на која пречка, како ќе се… ќе почне да скока… Не може така да се…. не знам… не знам која им беше логиката и на никого не му се разјасни како они успеваа да ќаруваат толку пари. Имаа забрана на многу места. Низ Европа. Не тука, него низ Европа имаа забрана.
(Илина)
Половина од колегите на Гордана биле девојки, некои од нив преатрактивни, но според неа никогаш немале проблеми со играчите. Освен тоа, и помеѓу играчите имало жени.
(Гордана)
Има жени, во тоа време јас кога работев имаше три жени овдека во градов кои многу се дружеа меѓусебе и обавезно идеа. И тоа знаеја на вечер да прошетаат две – три касина. Во девеесеттите во Скопје имаше „Скала“, „Панорама“, „Континентал“ и „Гранд Хотел“ сегашен „Холидеј Ин“ и имаше неколку диви касина, така да имаше каде да се прошета. И идеш овдека, изгубиш, па мислиш дека во другото ќе ќариш. Така да се шетаа тие три госпоѓи. Беа на возраст некои средни години, четириесет и нешто накај пеесет и беа страствени играчи, меѓутоа они играа блек џек и обично жените играат блек џек.
И.Ј.: А зашто мислиш дека е тоа така?
Г.: Па таа е малку посмирена игра и картите се женска игра, карти воопшто, жените повеќе сакаат карти. А мажите се околу рулетот, тоа е навистина многу коцкарска игра, таму многу пари повеќе се… многу побрзо поголеми пари се губат отколку на блек џекот. Блек џекот е игра, може да се игра и од задоволство, помалку комарџиска изгледа иако и таа е доста опасна игра и таму се губат многу пари, меѓутоа е посмирена игра и затоа жените повеќе ја сакаат.
(Илина)
Помеѓу другите предрасуди кои ни ги разби Гордана, една има врска со оние сцени кога околу масата за коцкање има убави жени кои го ловат вниманието на оние кои добиваат.
(Гордана)
Спонзоруши не! Значи џабе им е да одат во касина. Затоа што тој што отишол да игра, тој ништо освен бројките, освен звукот на топчето, ништо друго не слуша. Значи ништо друго не го интересира освен комарот. Да, имало лихвари кои биле тука постојано, затоа што кога ќе изгубат пари, а сакаат да играат уште мислејќи дека ќе си ги вратат парите, овој е тука да му даде пари, да игра, да изгуби што повеќе. Имаше… има една поговорка вика – мајката не плачела што синот оди да се коцка, него што иде да се вади. Значи тој повеќе губи, ако изгуби и си отиде не е проблемот. Проблемот е што кога ќе изгуби, мисли дека следното ќе ќари па ќе земе под лихва и тука губеле многу, многу пари. Губеле станови, губеле наследства огромни, губеле коли.
(Илина)
Логично прашање за некој кој десет години сведочел разни судбини на луѓе зависници од „комарот“ беше – дали таа некогаш сочувствувала со нив.
(Гордана)
Не. Затоа што тие сами доаѓаат. Никој не доаѓа… Они знаат да ни речат – аман што ми праиш, зошто си ваков ли, ваква… сите пари ми ги зема, ваква си, онаква си. Меѓутоа наше било – ја дојдов дома да те земам, за уши те донесов тука? Сам си дошол. Шо доаѓаш? Значи немам… навистина никој од нас немал ништо за жалење. Имаше еден кој сабајлечки доаѓаше, имаше едно касино кое работеше до покасно сабајлечки, не до четири. И имаше еден кој пред да оди на работа, ќе дојде, ќе изигра и ќе изгуби. Еднашка дојде, изгуби и рече – требаше да идам да им ги купам книгите на децата, вие ми ги зимавте парите. И тој да го жалам? Па не го жалам.
Дури се случувало да утредента ќе излеземе во кафич преку ден обично искачаме нели, бидејќи навечер сме на работа и во некој кафич ќе го сретнеш играчот на кој вчера си му земал многу пари ама сеа ќе си… те псуел, те колнел претходната вечер, ама сеа ќе си седне со тебе и ќе се напие кафе, ќе те части кафе. Сосема… сосема пријателски однос.
(Илина)
А дали таа самата некогаш била играч во казино?
(Гордана)
Тогаш и мене ме фаќаше таа еуфорија дека си од оваа страна и дека ти можеш да го затвориш касиното – сега ќе му идеме на тој и тој да ни купи кондури и на крај обично идевме од едно касино, ќе земевме плата, идевме во другото кое ни беше многу блиску и викавме – е сега идеме у неговото касино, ќе му ги земеме парите да си купиме кондури. На крај си одевме дома со пола плата. Ќе изгубиш (се смее). На крај ние му купувавме на него кондури.
(Илина)
Кога е во прашање среќата, таа е превртлива и поврзана со суеверија, амајлии, ритуали. Некои од нив се познати во светот на коцката, но други имаат и личен печат.
(Гордана)
Никако не смееме да кажеме – со среќа!, бидејќи нели тоа е лоша… лоша желба за комарџиите, тие се многу суеверни. И обично кога добиваат, обично знаат самите да дадат бакшиш и тоа некои знаат да дадат и поголем бакшиш.
Има, има, има. Тој што го зборам „нананаесет два, два“ е тој имаше… тој е страшно суеверен. Ако почне да губи истура кока – кола по тепихот, врти кругчиња околу оската, ни вика – дај плукни ми ја мастиката во рака… си праеше некои си… не знам. Тој е суеверен. Има и многу други. Имаат амајлии си носат, се фаќаат за уши, – не ми ја ставај чашата од лево – на конобарката ќе и каже – не ми ја ставај од лево, тоа ми е лош момент, не сакам таму, не ми носи ништо, ти си крив, шо ми се насмеа… и така, има. Има мали милион такви приказни.
(Илина)
Кога и зошто одлучила да престане да се занимава со оваа професија?
(Гордана)
Девеесет и четврта се омажив, девеесет и петта ја родив ќерка ми. Имаше тој период некаде околу година и пол, две кога не работев во касино меѓутоа после се вратив и ми беше многу поедноставно што работам во касино додека беше ќерка ми мала. Се разведов многу бргу по раѓањето на ќерката и остана ќерката јас да ја раснам. Живеев и со мајка ми тогаш и многу ми беше поедноставно тогаш навечер у девет саат да ја заспијам, осум и пол ќе ја заспијам и ќе отидам на работа, кога ќе се вратам у пет, у шес, она уште спие. У седум ќе ја разбудам, ќе ја односам во градинка. Од осум до три саат јас спијам, ќе се одморам од вечерта и после попладнето цело го поминувам со неа, така да тоа ми беше… во тој момент тоа ми беше најоптимална професија. На луѓе кои не можат да останат будни ноќе, кои сакаат сон навечер, тоа им беше несфатливо, не можеа да ме разберат. А мене буквално тоа ми беше најдобрата професија што можев да ја работам во тој момент.
(Илина)
За сите оние кои никогаш не влегле во казино, ниту пак играле каква и да игра на среќа, таа има еден совет.
(Гордана)
На некој ако му се буди желба да оди да изигра комар, никако да не оди на апарати. Апаратите се механика која се штелува како што се сака, а не знам јас досега не сум чула некој да добил освен оној во Куманово пред некоја година кога на апаратот почна да свири многу, па му излезе шес, седум, осум милиони требаше да му се исплатат, не знам дал се сеќаваш. Тоа е веќе кога ќе се преполни апаратот, сѐ е тоа штелувано и му дошло моментот и да почне… и да се расипе… ама тоа на колку луѓе… колку луѓе се толку среќни баш во тој момент да седнат кога ќе му дојде крајот на апаратот. Значи јас како некој што бил инволвиран во таа работа не би препорачала никогаш да се оди на апарати. Многу повеќе луѓе губат на апарати, на спортски обложувалници губат многу пари. На ситно губат многу пари. Јас мислам не би препорачала ни на жива игра да иде затоа што сепак финансии се во прашање, посебно не во ова време кога егзистенцијата на сите ни виси на конец, економска криза, секаква криза. Меѓутоа ако веќе некој толку многу има желба да види како е, како изгледа касино, што е тоа касино, што се случува внатре, да, нека отиде, нека види, нека си одвои од заштедата, од своите пари, од што ли, пеесет евра, доволно му е да земе да си помине два саати полека на блек џек. На рулет не, ама на блек џек да си помине една вечер супер. Ама тоа тука да заврши.
Имало моменти кога мене многу близок човек ми кажува – дојди со мене, треба да се извадам и кога ќе направам толку и толку, да ме фатиш за уши и да ме извлечеш надвор. – Важи. Одевме таму заедно, дојде до толку и толку и продолжи. Ја му викам – ајде стани да си одиме. – Не, чекај уште малце. Тогаш бевме заедно со мојот бивши сопруг. Заедно со него и двајцата му викаме – ајде стани човече, доста беше. Нели рече до толку. – А бе тргнете ми се! На крај нѐ опсу, нѐ исколна, ние сами си отидовме, он остана и ги изгуби сите пари што ги ќари.
Уште нешто. Бројките не рулетот се поделени на три дузини. Има значи од еден до триес шес и нула. Нулата е на посебно поле, а овие другиве бројки се поделени во три дузини по дванаесет броја. Збирот на сите броеви, еден плус два плус три плус треис четири плус триес пет плус триес шест, дава број шест шест шест.
(Илина)
И покрај ваквата морничава симболика, Гордана е задоволна што имала можност да ја работи оваа професија.
(Гордана)
Значи таа професија ја сметам за една од поинтересните, ама таа мене ми е интересна. Многу сакав… многу сум задоволна во животот што ми се пружила прилика да работам како крупие затоа што таа работа е всушност баш игра, како кога ќе седнеш со пријателите да играш бриџ гледаш да победиш. Истото се случува и во касино, ти против нив и гледаш да победиш. Не затоа што ќе им ги земеш парите. Парите се… ние како крупие не размислуваме за тоа, него како ќе ги победиш. Ти си победникот и им се смееш затоа што изгубиле. Затоа што ти си… навистина ја сфаќаш таа работа како игра и ја мислам дека е тоа една од поубавите професии во светов.
Музика: Johnny Cash – The Gambler
(Илина)
Никогаш немам влезено во казино, но преку приказната на Гордана се чувствувам како да сум минала многу часови делејќи карти или редејќи чипови. И сведочејќи ја старата вистина, дека најлесниот начин да си ги удвоите парите е да ги превиткате и да си ги вратите в џеб.
Jaс сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Целосен транскрипт на епизодата можете да најдете на нашиот сајт obicniluge.mk.