Бевме генерација подготвувана да блесне, во нешто за што се веруваше дека е најдобриот од сите можни светови. Преку ноќ тој се распадна, а ние поминавме добар дел од животот обидувајќи се да се прилагодиме на новите околности. Што мислевме а што се случи? И што во следните 50 години?

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

(А-ха, Анплагд верзија на Take on Me)

Илина:
Веројатно е 1983. Имам 12 години и сум најбогатото дете во градот. Роднините од Австралија ми испраќаат нов модел Сони Вокмен. Има мазно тело, испакнати копчиња за „плеј“ и „стоп“, портокалови перничиња на слушалките и држач за на појас. Во пакетот има и една касета, „Трилер“ од Мајкл Џексон. Со навежбан потез ја лизгаш во лежиштето, затвораш и пушташ. Музиката те поткрева неколку сантиметри од земјата и така лебдејќи чекориш низ градот, додека сите те загледуваат.

(продолжува истата музика)

Веројатно е 1985. Со Наталија сме во исто одделение во Песталоци и комшивки во Капиштец. Броиме колку чекори има од нејзината до мојата зграда и ја одредуваме средината, за секогаш да се наоѓаме на таа точка, кај едно поткршено дрво, каде што сега е Беверли Хилс. Од таму одиме до најблиската трафика по германското „Браво“, од кое не разбираме ни збор, но си ги делиме л’скавите постери. По кој знае кој пат ја вртиме видео касетата од Лајв ејд и на памет ги знаеме репликите од комедијата Топ Сикрет.
Подоцна стануваме даркерки, излегуваме во „Лондонче“ на Картерот и секогаш се дружиме со постари.

(музика)

Веројатно е 2021. Вокменот одамна се распадна на делови и заврши во отпад. И Југославија ја доживеа истата судбина. Мајкл Џексон умре на 50, обвинет за педофилија. Наталија не дочека 50, погина во сообраќајка. „Лондонче“ одамна не постои. Во светот владее пандемија.

А кога се сеќавам на минатото, не ми е сосема јасно дали замислувам, измислувам или додавам, така за да делува поубаво отколку што е. И да боли што веќе го нема.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа последна епизода од втората сезона на подкастот „Обични луѓе“ зборуваме со луѓе од мојата генерација, 1971, која оваа година наполни половина век. Што мислевме, а што се случи со нашите животи? И колку сме поврзани со оние родени во истата година?

(песна Дисциплина кичме, Taта-мама)

Драган Тошев – Рада:
Мислам дека тој систем во кој што ние егзистиравме со сите можни критики и дефицити кои што може да му ги залепиме беше идеален. Некако многу блиску до идеалот да создаде едно друштво во кое што немаше големи социјални и економски разлики и во кој што идеалите беа во голем дел идеалистички.

Илина:
Драган беше 8Б, а јас и Бојан, монтажерот на овој подкаст, 8В. Го викавме Рада и дури сега, кога го снимавме разговорот, сфатив и зошто. Кога бил мал го терале да ја пее „Ајд идемо Радо“ од Тозовац, и го частеле сладолед. Не е ни чудо што подоцна стана панкер. Се дружевме на кеј и на свирки во Дом на млади. Но кога завршивме основно го загубивме од кадар. Неговите сакаа тој да се запише во средно медицинско во Штип, се гледавме само за празници и викенди. И тој и ние им се лутевме и едвај чекавме да заврши средно и да се врати во Скопје. А потоа…

Екскурзија низ Југославија, Драган прв од десно со крената рака,
Бојан до него потпрен на оградата

Драган:
Тоа беше последната година на Југославија. Почна судирот во Словенија во тој момент и ете ја бев во касарна во Загреб, бев санитетец благодарение дека имам средно медицинско и имав некако привилегирана позиција да излагам секој ден надвор, бев многу послободен во споредба со другата војска. Али почна проблемот у Словенија и ја бев у касарна за војна полиција у вод за интервенција нажалост. И се деси целото тоа срање околу Книн и требаше да ја пратат целата наша касарна директно да отиде таму. У меѓувреме со среќа, нели Македонија прогласи независност така да татко ми бог душа да му прости, ја запали старата застава од Скопје и не знам, направи највероватно рекорд као Ники Лауда да дојде од касарна да ме собере затоа што старешината на касарната им дозволи на сите Македонци да се повлечат, да си излезат надвор доколку не сакаат да учествуваат во конфликтот и јас ја искористив таа опција.

(музика од бендот Плавајс)

Илина:
Драган се враќа дома, свири во групата „Плавајс“ и во првата постава на „Сет“ заедно со Владан, Доријан и Пацерот. И повторно на сечие изненадување, запишува – Богословски факултет! Ова го држи две-три години, но потоа слушаме дека заминал некаде низ белиот свет.

Драган:
Се десија сите… почна нели граѓанската војна и целата структура почна да се губи. На извесен начин може да кажам дека нашата генерација… ни го тргнаа тлото под нозете буквално преку ноќ. И ја вака персонално некако се најдов у една хаотична ситуација во која што гледајќи наназад и гледајќи ја некако сегашноста, реалноста која што нè опкружуваше у комбинација со еден персонал… личен немир, лична љубопитност, личен глад за живот после многу високи и ниски и после многу соочувања со самиот себеси некако ми дојде спонтано идејата да ја напуштам некако Македонија, да се така фрлам надвор у свет, да тргнеме и ние страдалници од век. Ако може да парафразирам (се смее).

Илина:
Приказните за „Радавиденијата“ беа чести, иако не секогаш сигурни. Наводно свирел бубњеви на улиците на Рим. Други велеа дека виделе човек што личи на него во Амстердам. Да ни кажеа дека е на брод за Африка, и во тоа ќе поверувавме. Но сега го најдовме во – Швајцарија, во како што вели, последното поглавје од својот номадизам.

Драган:
Живеам во Швајцарија, работам во една клиника, работам на одделение онколошко-палијативно одделение. Тоа се онколошки случаи, луѓе со различни верзии на рак кои што ги имаат направено сите можни терапеутски пристапи, нажалост без успех и се наоѓаат во фаза во која што треба да излезат од овој тродимензионален реалитет. Значи луѓето умираат. Одделение кое што е специјализирано за да ги сузбие сите негативни симптоми во оваа ситуација. Ако има страв, параноја, болови… Не е куративен пристап, него е пристап да се отпрати човекот на најдобар можен начин, да излезе од неговата многу болна и невозможна ситуација.

Илина:
Оваа можност за достоинствена смрт Швајцарија ја нуди на секој свој граѓанин. Но просечниот престој на пациент во болницата кадешто работи Драган е само триесет дена. Дали ваквото секојдневно соочување со смртта влијае врз неговото сфаќање на животот?

Драган:
Во голем дел да, ми се смени затоа што… затоа што кога си сведок на такви тешки завршувања знаеш, затоа што целата таа работа не е само ако некој си замислува ете има пациент во кревет, сето тоа не е толку асептично. Мислам ти си сведок на људски, фамилијарни драми. Значи чоекот умира, умира татко, околу него се две ќерки, мајка, тоа е процес што ќе трае две, три, четири недели. Фамилијата ѝ е дозволено да остане во собата на пациентот и ѝ е дозволено да живее со него, така да ние сме дел од целиот фамилијарен процес. Не е мислам асептична работа, доаѓам, му ставам морфин у вена и излагам надвор. Значи доаѓам, воспоставувам контакт со луѓето и после многу краток период… тоа се многу интензивни емоции, стануваш стварно дел од фамилијата.

И.Ј: Дали те мачи тоа?

Да. Да. Во голем број на случаеви те мачи меѓутоа во секој случај ти е тригер некаков филозофски да почнеш да ги обработуваш тие стимули што се многу јаки. У секој случај е позитивно дека го цениш животот повеќе. Дека не се… не си кршиш толку многу глава за така секојдневни лапалии и ситници што порано те… комплетно излагаш самиот од себеси, си викаш – добро, сè додека немаш што да правиш со смртта или било каков нејзин аспект, све ова што ти се дешава околу тебе е добро.

Илина:
Драган денес има семејство, сопруга и две ќерки. Дали се уште им се лути на своите родители, и покрај тоа што сега живее од професијата која тие на нејќење му ја одбраа?

Драган:
Па тоа е супер, многу интересно прашање. Ова беше исто… твоето прашање практично ги потврдија зборовите на моите родители кои што после сето ова време што помина, јас целиот живот ги обвинував дека на извесен начин мојот живот беше уништен со овој акт дека ме запишаа во друго место кое што јас воопшто не го ни калкулирав зашто би требал да одам таму. Меѓутоа иронија на случајот сакаше повторно после сите овие перипетии и синусоиди животни, да се вратам во оваа професија која што иницијално јас воопшто не се ни осеќав повикан за неа.

Илина:
Што мисли како ќе изгледаат следните 50 години?

Драган:
Тешко прашање. Не знам како… Добро, светот се менува. Ако се свртиме наназад да видиме што све не се исподеси кога бевме 20 годишњаци до сега, разбираш. И се менува некако многу брзо, многу брзо оди у некоја насока што ете мене персонално, субјективно не ми се допаѓа многу како ќе биде. Веќе сега се осеќам некако лост ин транзишн, ако може така да се наречам. Осеќам некое ладно чувство околу срцето. Осеќам дека доаѓа една… една нова ера во која што ќе ми биде уште многу потешко да се привикнам на новите правила на игра. Некако така… така се осеќам..

И.Ј: А кои би биле тие нови правила? Во смисла на социјален дарвинизам она што спомна?

Д.Т: Па имам некое чувство дека некаде од 90-те години се работи активно да се промени социјалното ткиво во Европа и на глобално… некако на глобално ниво. Мислам дека се гледа апла се обидува да се уништат светли идеалистички идеали како фамилија, пријателство, право пријателство во смисла на филија, не пријателство базирано на интерес и на профит, како што кажа ти, зашто не сме ги сочувале тие фотографии, зашто не сме се фотографирале аутоматски. Затоа што можда потсвесно си знаел дека тоа е фетишизам, ништо друго, ме сфаќаш. Затоа што ти било важно, затоа што секоја наша конверзација меѓу нас беше како еден ритуал. Еден ритуал сакрален у кој што си растел заедно, си давал, си примал, разбираш. Нема појако и подобро од тоа, според мене. И гледам дека иднината не е во таа дирекција. Иднината го нема тоа како објектив.

Илина:
А дали се чувствува стар?

Драган:
Да и не. Зависно… добро малку сум постабилен, постанат сум постабилен во животот, значи не сум веќе под доминација хормонална во извесен случај… донесувам можда многу позрели и позрели решенија. Во секој случај се осеќам стар. Али стар… стар, постабилен, во таа смисла.

И.Ј: Позрел значи.

Д.Т: Да, во секој случај позрел, да. У Римското царство околу 50 години за легионарот е време на пензија. Значи империјата му дава парче земја у Македонија која што е провинција римска и он се посветува на отчелнички живот, медитативен, романтично во стилот на Цицерон и така натаму, каде што не е веќе доминиран од желбите на телото него се посветува да сфати како ќе заврши филозофскиот аспект на човечката егзистенција. Тоа на нас ни е одземено. Тоа право. Значи немаме право ни како римски легионери.

И.Ј: А доаѓаш ли често во Македонија?

Д.Т: Не. За жал не. Дека имам малку многу интензивен работен живот и секојпат кога ќе се вратам некако во Македонија се осеќам многу некако… не знам како да го кажам… исколачено. Се осеќам како да сум на погрешно место али не го кажувам тоа од позиција на супериорност него не успевам да го препознаам градот што го имам меморизирано. Пошто сум долго време надвор, мојата меморија е многу светла, многу различна од она што го гледам сега како реалност и некако ми е многу проблематично да се навикнам. Се осеќам многу страно. Малку нервозно. Да.

И. Ј: Сепак самиот факт што го праиме муабетов и што со љубов се сеќаваш на минатото значи дека си носталгичен ваљда.

Д.Т: Да! Да! Зашто да не. Можам да си го приуштам тој луксуз (се смее).

(премин „Ходен же“ – Мизар)

Илина:
По некоја хронолошка логика, Драган и нашиот следен соговорник можеби се разминувале во ходниците на Богословскиот факултет. Но Сотир Илиевски, пред да стане отец, а потоа и владика Пимен Европски, учел нешто сосема друго.

Отец Пимен:
– Ти учеше средно или гимназија?
– Средно насочено, математика-физика.
– Значи таман за тоа што потоа студираше, а тоа е машински најпрвин.
– Да. Меѓутоа, после тоа не испадна ништо од тоа.
– Нечии планови биле поинакви.
– Па да.

Илина:
Средното насочено, карактеристично за нашата генерација, според отец Пимен се покажал како неуспешен проект. Исто како и тој, малкумина останале на она што замислувале дека ќе бидат во средношколските денови. Но има нешто поважно, особено за машкиот дел од неа.  

Отец Пимен:
Друго, исто она што е карактеристично особено за машката наша генерација, тоа е што бевме во таа последна генерација на ЈНА, кога многумина од нас и ја осетија војната на свој грб. Некои ете имавме среќа да неколку дена пред да заминеме на фронт да се вратиме дома и (да го избегнеме) тоа искуство воено и сите оние синдроми кои потоа се јавуваат. Но ние сме таа генерација, на нас се скрши тој товар. 
Јас по некоја случајност требаше да одам во Загреб во војска, па потоа некако во последен момент променив датум на одење во војска и отидов во Струмица. И останав во Струмица долго време затоа што дадов стража таму и сите кога добија откоманда ретки бевме тие што останавме во батаљонот во Струмица. Кога веќе започна војната во Словенија и во Хрватска ние бевме интервентен батаљон. Јас на 3 септември заминав од војска затоа што немав искористено редовно нешто, ме оставија на стража. А веќе на 13ти целиот мој батаљон замина за Бања Лука и од таму по фронтови. Така да, затоа реков дека некои успеавме…

И.Ј.: Да, и самото тоа што си бил во Струмица било необично затоа што од една република ако си обично те праќаат во друга, не во иста.

Па да. Малкумина бевме ние што така  се погаѓаше да бидеме блиску. Не беше со врски секако, гарантирам то, туку некоја случајност што сепак нема случајности според учењето на православната црква, но ете. 

Сепак бевме таа некоја генерација „чурук“ шо се скрши на нас голем терет, што нè натера да пораснеме предвремено особено оние што одеа на фронт, но и сите ние што бевме во очекување постојано дека ќе заминеме негде.

Илина:
Со осамостојувањето на Македонија се подигна националното чувство, а тоа пак се поврза со православието. Многумина се свртеа кон верата, црквата како да доживеа ренесанса, манастирите заживеаа. Ова се почувствува и во музиката и во уметноста, која почна да црпи инспирација од старословенското и византиското културно наследство. Дали ова било мотив тој да се одлучи за теологијата?

Отец Пимен:
Не ме повлече мене тоа. Но сепак бевме луѓе коишто е кога се распаѓа државата во којашто си живеел, во која си верувал, во која си се чувствувал згрижен и поистоветен со неа, ти се распаѓа и влегуваш во една несигурност и многу луѓе гледаа некоја сигурност во некоја институција – црквата. Сепак тоа беа 20 века традиција која опстанала и некако беше сепак наш национален симбол МПЦ, тогаш се омасови црквата навистина. Едни луѓе почувствуваа слобода дека конечно можат послободно да доаѓаат во црква. Макар што, рака на срце, никогаш не сме имале таков строг комунизам  или социјализам кои ги санкционирал нешто посебно луѓето што доаѓале во црква. Можеби во другите социјалистички земји тоа било многу понагласено, но кај нас не беше така. Сигурно затоа што како што велам во моја фамилија секогаш се чувала верата. Свештеник доаѓал 3-4 пати годишно, за водосвет, пред слава итн. Некои луѓе го сфатија тоа да се биде во црквата особено преку она што го спомна ти, особено во прв план музиката и филмот, преку „Пред дождот“, Анастасија и Мизар што ги реафирмираа тие вредности на старословенскиот јазик, на византиската музика, што ја направија така, подостапна и поинтересна за слушање. Сето тоа сме го немале со години и како ново нешто навистина ја разбуди верата и црквата се омасови.
Меѓутоа секогаш во историјата, да речеме уште во 4 век кога се омасовува црквата, кога станува надземна институција после Миланскиот едикт, омасовувањето значи секуларизирање на црквата. Така ни се случи и овајпат. Толку луѓе влегоа во црква наеднаш што..многу луѓе и од помодарство, многу луѓе и за да ја покажат лојалноста кон партијата што ја избрале како демо-христијанска и дека мора по дифолт да бидат верници. Малку се знаеше за верата во тоа време, навистина немавме ни…94-та година излегува од печат Библијата комплетно издание на македонски јазик во превод на архиепископот Гаврил. Тоа беше година може порано. Сме ја немале значи ни комплетната македонска Библија како извор на верата, а камоли дополнителни книги со толкувања или поуки некои од светите отци преку кои може да се расте во верата.  

Илина:
Покрај гордоста што бил дел од онаа генерација што учествувала во овие промени и заживувањето на верата, отец Пимен е критички настроен кон она што се случува денес со она што во времето на осамостојувањето го доживуваме како остварување на идеал.

Отец Пимен:
Карактеристично за нашата генерација е тоа што ете првото наше гласање како полнолетни луѓе, ја имавме таа чест да гласаме за тие први повеќепартиски избори и да ја замислуваме нашата татковина како некоја супер-нација. Тој патриотизам што го имавме од старт, дека ете ни тежеше нешто од Југославија па не можевме да се развиваме како што треба и сега доаѓа до таа ситуација да имаме своја земја, своја татковина што толку си ја сакаме, за еве денес да се види дека џабе сме се надевале не било до Југославија туку до сите нас како чинители на тоа општество.

Илина:
Што е со иднината?

Отец Пимен:
Мислам дека најголема промена што ќе се случи во наредниве 2 декади дека ќе е враќањето кон едноставноста. Премногу нè убива ова темпо на живот што се случува сега. и премногу се групира народ со овие модерни емиграции, не зборувам само дека од кај нас се сели народ. Во Европа и во целиот свет ги има тие миграции и значи не само од малите земји кон поголемите туку воопшто, од малите места кон поголемите градови таму се создава цела концентрација. Сето тоа создава еден толкав хаос и толкави едни непотребни трошоци на кои човек е изложен, што сметам дека ќе се презасити човекот од сето тоа и ќе бара нешто многу по „бејзик“, да живее повторно во природата, да ги одгледува децата негде подалеку од таа џунгла. И дека луксуз да се живее во голем град, ќе остане само на сиромашните кои ќе немаат кај да се вратат, додека богатите сите ќе се оддалечат ќе ги напуштат поголемите градови, враќајќи се на еден многу нормален живот, на животот на нашите дедовци и прадедовци кога можеле и сами да се прехранат со одгледување на разни култури на мал простор.

Илина:
Се погоди разговорот со Пимен да го водиме на денот на неговиот 50-ти роденден, 3 октомври. Како го доживува минувањето на времето?

Отец Пимен:
Можеби не е толку до годините, сигурно дека не е дека си наполнил 50 и сега нешто наеднаш се случило во твојот живот, но навистина еве последниве две години многу помирен живот имам. Но пак ќе повторам, не верувам дека тоа си го направија толку годините колку што пандемијата што го направи со отсуството на патувања, па некако имам повеќе време и за себе и за оние што се околу мене да се посветам. Но како и да е и после тоа сметам дека и мудроста но и силата, мудрост доаѓа веројатно кога едноставна проценка ќе направиш дека ако си требал да патуваш 70-80.000 километри годишно дека сеа мудроста е во тоа што ќе ти светне мисла дека ќе треба барем на 50 да скратиш.

Илина:
Во 2017 со отец Пимен почнавме преписка, онаква старовремска, со подолги писма како кон непознато другарче, која се надевавме дека би можела да прерасне и во фељтон или книга. Ова никогаш не се случи, но нешто од сето тоа остана. Еве што ми напиша на мојата забелешка дека преписката би била помеѓу владика и етнолог, и верник и атеист:

„Кога спомнуваш дека си атеист да ти ја кажам една прикаска за еден мој повозрасен драг пријател, атеист веќе второ колено. Ми вели знаеш дека сум комунист атеист, а сепак редовно те читам и наоѓам вистина во твоите писанија. Веројатно поради тоа што стареам. Како на човека му се ближи смртниот час, така се зголемува стравот од неизвесноста, па ете човек си бара одговори на некои за него непостоечки прашања некогаш.

Ти си уште релативно млада, но баш би сакал да видам на повозрасни години дали и ти како деклариран атеист ќе ми го напишеш истово. Така и историјата ќе биде сведок на едно преумување, а и кај мене белким ќе се пише еден плус на Небесата дека сум нашол една загубена овца.“

(Arhangel – Uber Makedonishe)

Дарко Митревски:
Па мене ми е супер шо го прифатив ова интервју затоа што ме натера да се замислам за некои ствари на кои не сум се замислил порано. Да, точно е, кога ме праша да зборувам на оваа тема мене тоа малце ми звучеше како да ме прашуваш… некој шо не следи фудбал да го прашуваш кој му е подраг, Вардар или Работнички. Една тема која што никогаш не ме интересирала и у која никогаш не сум се пронаоѓал и интересна провокација, да видиш зошо не си се пронаоѓал во тоа и зошто сè уште не се пронаоѓаш.

Илина:
Преговорите за учество на Дарко во оваа епизода почнаа во три и пол наутро по негово, а поради мојата немарност околу временската разлика помеѓу Скопје и Лос Анѓелес. Почна со резервираност околу темата, за потоа да излезе најдолгото интервју за оваа епизода. Тој и Пимен се запознале неодамна, и сфатиле дека се родени во ист ден. Веднаш почнала дискусија околу тоа кој е постар и кој кого треба да го вика „оче“. Дарко свртел кај мајка му и резултатот е – постар е за три часа.
Тој е речит, со јасна мисла која е невозможна за сечење, лепење и монтирање, и талент за дефинирање на работите. На пример за дефинирање на она што точно значи „генерација“.

Дарко:
Кога фатив да се преиспитувам и спремам за овој муабет фатив малце да бидам… да размислувам како devil’s advocate ајде да видиме што… дали е баш навистина тоа толку небитно, генерациската припадност. И луѓето со кои си се дружел, страствено си се дружел, неволно си се дружел, си се дружел од шо мораш или ич не си се дружел туку си ги избегнувал, сите тие биле твои генерациски врсници, дали е тоа битно за остатокот од животот и дојдов до еден заклучок дека не само што е битно туку во нашиот случај е и клучно. И можеби само во нашиот. Зошто? Затоа што колку што јас се сеќавам од муабетите со постарите, пред сè моите постари братучеди кои што некои од нив беа баги постари, по некој 10-15 години постари од мене. Генерациите кои се раѓаа пред нас, не се раѓаа во такви услови како ние, како нашата генерација. Годините после Втората светска војна се години на тешка беда и немаштина и на глад. Ако погледнеш филмски журнали од тоа време ќе видиш дека луѓето се неухранети кои се појавуваат пред камера таму. Таа некоја економска ситуација се стабилизира педесетите но сè уште децата кои се раѓаат педесеттите се деца кои се раѓаат во скудни услови.

Шеесеттите почнува да се поправа стандардот на живеење но мислам дека кога зборувам со моите пријатели кои се родени шеесет и пета да речеме, сè уште има големи разлики помеѓу нив и мене и тоа како тие се сеќаваат на своето детство и како ние се сеќаваме на нашето детство. Генерациите кои почнуваат да се раѓаат ајде да речеме у некоја шеесет и деветта, седумдеста година па натака се генерации кои… за кои сите се убедени вклучително и ние самите така бевме убедувани и воспитувани дека сме родени во совршени услови. Никогаш претходно на Балканот не постоеле такви перфектни услови за воспитување и развој на децата. Не требаше да имаш многу пари бидејќи сите имаа… или немаа подеднакво количество на пари. Класните разлики, имотната состојба не беа така големи како што се денес и воглавном многу нешта беа достапни за сите. Јас бев ваљда првата генерација која што е родена во стан на своите родители. Мислам татко ми кој е роден на село не е роден ни во куќа, туку е роден на нива. Немало амбуланти, немало болници. Најблиската болница била на пеесет километри и така натака. Мајка ми која што е од градско семејство е родена во куќа во која што живееле 3-4 генерации истовремено. Ние бевме она прва генерација каде што во станот на кој што на врата пишуваше… ги носеше името и презимето на мојот татко и моја мајка живееше нуклеус од татко, мајка, син и ќерка. Толку. Четиричлено семејство кое што одеднаш почна да живее по некои стандарди кои што беа горе – доле европски стандарди на тоа време. И тоа се случи првпат. Значи одеднаш за разлика од не знам можеби само десет години претходно сега веќе не е реткост да јадеме тропски овошја за Нова година, не е веќе проблем да се оди секоја година на летовање и зимување. Летувањата и зимувањата не се веќе нужно поврзани со одење во Охрид или на Јадранско Море, туку веќе се оди и во странство, па така не знам јас се сеќавам дека научив да скијам на шест годишна возраст во Села Невеа во Италија, а секоја година одевме да кампуваме во Грција. Тетка ми со братучедите отидоа на турнеја низ Шпанија 78-ма година. Во тоа време се сеќавам дека стандардот на Шпанците не беше нешто многу повисок од стандардот на просечното југословенско семејство.

Ние сме таа генерација на која почнуваат да ѝ купуваат примамливи подароци за родендени и за крај на учебна година, не знам точаци, ролшуи, вокмени едно време се појавија. Одеднаш прва генерација која почнува да има некои работи во своите соби. Прво имавме соби. А второ во самите соби имавме нешта кои што тие што беа малку постари од нас ги немале кога растеле. И ни се потрефи и сè некако ни се поклопи. Се појавија некои нови работи кои ексклузивно како за нас да се појавија, не знам, од тоа дека… ја мислам дека бев првата генерација која што имаше тоа задоволство да ужива во собирање сликички овие фигури на Панини. Мислам дека овие претходно тоа го немаа. Денес го имаат сите деца. За да собираат сликички од Европско првенство. Е тоа се појави јас кога тргнав во училиште ми се чини. Не знам. Процутот на југословенската музика од 78-ма, 9-та, па до некоја 84, 5, 6-та се случи некако како за нас да е правен. Како точно да е темпиран да се појави, да се случи тоа во оние години кога ние влегувавме во тинејџ периодот. Немаше… секогаш се разбира има потреба од прогрес, но инфраструктурата во која што ние се родивме веќе беше изградена за нас. Значи немаше како во времето на татко ми да нема амбуланта. Не. Амбулантите беа тука, болниците беа тука. Горе – доле многу пристојно здравство. Мала смртност, мал морталитет на новороденчиња, успешно справување со детски болести, градинките, школите сè тоа беше тука, на пет минути чекорење од зградата во која што живеевме. Јас одев сам… тргнував на училиште три минути пред да заѕвони ѕвончето. Толку блиску беше училиштето до мене. И некако се… И беше безбедно. Супер безбедно беше. Немаше некои големи пороци. Кога бевме тинејџери најголемите стравови на нашите мајки беа да не ни стави некој дрога во кола-колата во кафич и да не дуваме лепак ваљда. И тие кафичи некако како почнаа да се отвараат како токму темпирани за нашава генерација. Порано ги немаше. Порано луѓе одеа пред „Ванила“ стоеја. Ние бевме тие кои го паметат „Ани и Бони“ не знам Камел – мамел, пирамиди и така натаму. Во турска чаршија сите кафичи кои се отворија. Некако сè како да се редеше за нас. И навистина бевме уверени и воспитани и родителите така мислеа дека ние сме родени сега во најубавиот од сите можни претходни светови. Јас се сеќавам дека мајка ми и татко ми не беа единствени во тоа. Слушав и други мајки и татковци како тоа го викаат на своите деца – сè ви е наредено, ваше е само да учите. И навистина некако сè ни беше наредено. Сакаш да се бавиш со спорт, постоеја спортски клубови. Сакаш да учиш инструмент, ќе те пратеа во не знам… или пионерски дом „Карпош“ или во нижо музичко. Сакаш да се занимаваш со техника, ене ти ја Дом на народна техника, ене ти го Дом на младите. Постоеја кино клубови, театарски групи, сè постоеше. Сè беше одеднаш наредено како во некоја претстава во која што ние сме главните глумци и само од нас се очекува да се појавиме на сцена и да блеснеме. И кога дојде тој момент да ние матурираме и да се простиме од она шо ни е генерација и да веќе почнеме да се дружиме со некои луѓе кои се постари или помлади од нас, не веќе генерациски да се дружиме, туку да се дружиме според интереси професионални, значи да тргнеме на факултет и да запознаеме некои други светови се случи комплетен распад на тој систем.

(Филм – „Дом“)

Д: Првите војници на ЈНА кои загинаа пред… Сашко Гешоски од Кавадарци кој загина пред сплитската касарна беше припадник на токму мојата генерација. Ние кои запишавме факултет таа есен 91-ва година се криевме по некои роднини по шкафови, под кревети да не нè соберат да нè пратат во ЈНА, а тие кои што немаа среќа да се запишат на факултет, веќе беа… да запишат факултет, веќе беа регрутирани и имаше еден мој пријател со кого се дружев во средно кој заврши како тенкиста на вуковарскиот фронт.

И се распадна… не само шо се распадна сказната, се распадна системот. Значи ние бевме како генерација подготвувани да блеснеме во тој најдобар од сите можни светови. Светот го снема и не беше заменет со нов. Тој свет во кој што преку ноќ се разбудивме беше свет во кој малтене беше глупо да се сонува.

Пред „Дом на млади“, Дарко во раката држи некаков Манифест

Илина:
Дарко не се откажал од сонот. Дел од него се филмовите „Збогум на 20 век“, „Балканкан“ и „Трето полувреме“, како и антологиските документарни серии „Уа шнајдери“ и „Досие Скопје“. Сепак и тој во еден момент одлучува да замени еден сон со друг. И во тоа не е единствен.

Дарко:
Конкретно во мојот случај јас мечтаев да станам филмски режисер и станав филмски режисер ама Југославија беше една од битните кинематографии во Европа. Буквално преку ноќ ти се будиш во една земја која што нема кинематографија. Тоа беше Македонија. Југославија имаше прилично напредно здравство. Тоа можам да го тврдам одговорно бидејќи сите во фамилија ми беа бели мантили, од мајка, татко, преку чичковци, тетки и така натаму. Имам аверзија према бели мантили просто затоа што бев опкружен и одраснат меѓу нив. Кај нас дома на ручек се дискутираше за некои латински термини кои што не ги разбирав. Доаѓаа на… кога ќе се соберат роднини и збореа за рецепти, за лекарства, за пациенти. Тоа беше грозно да се слуша кога имаш 16 години и  слушаш за болести. Но знам дека беа сите врвни професионалци во еден систем кој што можеше да се справи со ситуации со кои денешниот систем не може да се справи. На пример тетин ми беше епидемиолог кој беше дел од екипата која успешно се справи со епидемијата на вариола вера во 70-те, каде што се покажа дека постои систем кој што е на две нозе поставен.

Без обзир… без оглед на идеолошките и политичките компоненти на тој систем. Сега зборам за она што е секојдневие, она што е инфраструктура во која се одвива нашето… се одвиваше нашето секојдневие, тоа пуф! Го снема. И беше… мојата сегашна сопруга во тоа време, во 90-те студираше медицински факултет и од денешна перспектива тоа изгледа како да се обучувала да биде дел од еден систем кој 10 години после тоа или 15 ќе се распадне сосема. Мислам го гледаме денес здравството во Македонија на што личи. И мислам, веројатно тоа може… ова што го зборувам за медицина и за филм, може да се примени на десетина, дваесетина или педесетина други професии или индустриски гранки. Индустријата која што постоеше во Македонија која што беше апсолутно видлива. Нас нè носеа во средно училиште на праска во „Металски завод – Тито“ кој што беше еден гигант непоимлив, за денешниот Балкан непоимлив. Го снема! Мислам физички го снема тој… тие згради во наредната декада се претворија во урнатини, онакви сталинградски урнатини. И тоа е нешто што ми се чини дека и ден – денес го немам преболено и е нешто што ќе ме следи како проклетство, генерациско проклетство сè додека сум жив. Не губењето на една држава, стекнувањето на друга, туку губењето на систем кој што функционираше и кој што требаше да се доразвие. Ние не бевме во тоа време… јас се сеќавам кога имав 17 години ја не бев задоволен со системот во кој живеев, но работев и веројатно бев најмладиот член на редакцијата на „Млад борец“ која што беше тогаш центар на демократската преродба во Македонија. Секој кој имаше било што вредно во главата доаѓаше во „Млад борец“, беше интервјуиран за „Млад борец“, пишуваше за „Млад борец“, се муваше или барем купуваше „Млад борец“. И ја бев дел од таа приказна и бев многу горд што сум таму и имав чувство дека сега допрва ќе се случи нешто феноменално. Сега ќе… овој… овој ригиден еднопартиски систем кога ќе падне, а се гледаше дека ќе падне, ќе дојдат некои времиња кои што се фантастични! И тие времиња веројатно дојдоа во Полска, во Чешка, во не знам Унгарија, во некои други земји тие времиња и дојдоа. Кај нас никогаш не дојдоа. И затоа што тие времиња никогаш не дојдоа таму, многумина од нас си заминаа од таму. И кога денес се сеќавам на лицата на луѓето со кои одевме на домашни журки во средно бидејќи тоа беше многу популарно да се оди на… родителите ќе отидат на викенд, тој шо е сам дома неделата вика на журка и доаѓаат сите останати. Од таа екипа што се дружевме и што малтене секој викенд одевме некаде на некоја домашна журка, на прсти на една рака се бројат луѓето кои што сè уште живеат во Македонија. Сите други сме во некои Америки, Канади, Германии, Австрии и така натаму.

Илина:
Вели дека Лос Анѓелес личи на големо Тафталиџе, кое пак личи на американска субурбија. Не му недостасува географијата, ниту домашната кујна.

Дарко:
Она што ми недостасува се луѓето затоа што се сеќавам колку… една Мира Фурлан еднаш рече – не можете од по ново да си направите стари пријателства. Старите пријателства  се вредни токму затоа што се стари и затоа што со тие луѓе имате некакви спомени и имате некаква… некаква… најмал заеднички именител кој шо е некаде во минатото. Новите познанства кои шо ги правам овде го немаат тој квалитет. Имаат други квалитети. Но го немаат тој.
Некогаш имам потреба да напишам некои реченици кои што само на македонски можам да ги напишам и веројатно никогаш нема тие реченици да имаат своја публика.

Илина:
Дарко вели дека верува во статистики, и според нив ние нема да бидеме таа генерација којашто ќе ги доживее наредните педесет и ќе слави стоти роденден. Смешно му е што закопот на Тито го гледал на Кертинг телевизор кој имал осум канали од кои програма имало само на два. Денес е комплетно зависен од апликации, и одамна не мора да моли некој да му донесе стрипови од Трст или од Лондон.

Дарко:
Сè е на магично стапче. Она што го посакуваш, праиш чирибу-чириба и се појавува пред твоите очи. Не постојат веќе желби кои што се…желби од тој тип, кои што се неостварливи.
Ми е страв дека оваа огромна благодет која што ја уживаме не ќе да е на арно. Шо викаат во Босна – да је боље не би ваљало. Мислам дека ние сега сме дојдени во тоа… во таа фаза, дека е боље и дека нема да ваља.

(Бранко Коцкица – „У свету постоји једно царство“)

На Галичица

Гордана Војнеска:
„Јел си био члан библиотеке? Јесам био сам члан библиотеке. Имао карту, вика. А које боје? – Специјааалне! Два прста, вика, вири из џепа. Мого сам да уџем у библиотеку сред бела дана, попијем, поједем. И демек изаџем. И оваа му вика – тата,тата, али тебе су звали у полицију. Секао си слике из књига.
Па слике су за ѕид, нису за књиге, јебо те Бог.“

Илина:
Ова е мојата најдобра пријателка, Гордана. Прв пат проговоревме на час по ликовно во средно, кога ми побара гума. Секако, само таа се сеќава на ова, како и на уште куп работи, со тоа претставувајќи наша подвижна и скапоцена архива.  Кога ја прашав, на пример, дали бевме низ Југославија во средно таа ми одговори со цела страница факти и спомени, меѓу кои и дека сме виделе змииче на оградата од хотелот во Херцег Нови! На одмор во школо често ја глумеше Радован Тречи, и фалеа само бркови за да биде Зоран Радмиловиќ. Како дете од мешан брак, таа на свој начин го доживеала распадот на Југославија.

Горде:

Па види сега, дека тоа беше некое малце чудно чувство, беше чудно чувство. Од една страна, страв дека мојата мајка нели е Србинка, дека е од друга држава ќе биде веќе од друга држава, и како ќе бидеме прифатени. Бидејќи во тој период имаше така еден националистички набој во Македонија. А од друга страна па, мислам мајка ми има огромно чувство на припадност кон македонскиот народ бидејќи овдека работела, живеела. Многу поголем дел од својот живот живеела во Македонија отколку што живеела во Србија односно во таа Југославија. И некако цело време викаше – не се секирајте, ќе се среди. Можеби затоа ни даваше малце така, не’ смируваше. Од друга страна, Македонци сме, татко ми е Македонец, зошто би се случило нешто лошо, а плус и фамилијарно сме од фамилија во којашто има војвода, Смиле Војвода од Охридскиот крај ми е прадедо, припадници сме и ние на тоа ВМРО и на Македонија. Измешани чувства, измешани чувства.

Илина:
Таа често раскажуваше анегдоти за прилагодувањето на мајка и’ на новата средина.

Горде:
Тоа беше првото што мајка ми беше изненадена…мислам тоа и било прво што го запамтила и цел живот го кажува. Кога дошле во Србија доаѓа во прилепско ја носи татко и сите и’ викале да јаде нешто, да касне нешто. А во српскиот касни е доцни. И сите и’ викаат касни, касни, абе касни малце, касни. И она му се свртела на татко ми и „Извини Благоја, где ми каснимо, где треба да идемо?“

Илина:
Сепак, кога ја прашав кој настан би го издвоила како специфичен за животот на нашата генерација, таа одбра еден кој не го спомна ниту еден друг соговорник, и кој како да го имавме подзаборавено.

Горде: 
Мене нешто што ми остави впечаток беше хаваријата во Чернобил кога се случи тоа, 86-та година. И тоа одѕвони на сите, кажаа дека не смееме да излегуваме надвор бидејќи е можно да има голема радиоактивност, да не се движиме, посебно децата, ова-она, и тоа така малце го доживеав, хаварија, знаеш…

Илина:
Како се чувствува денес, со полни 50 години?

Горде:
Јас дали се осеќам старо? Никогаш! Веројатно треба во главата да се осеќаш. Стварно не се осеќам. Годините ги живеам онака баш како што мислам дека треба. Сеа еве имаме 50 години и мислам дека баш така треба да се живеат годините. А дека треба глупости да правиш во животот, дека тие те оддржуваат млад, треба. Хумор да внесеш во својот живот, да се гледаш со пријателите, па и некогаш да направиш нешто што е вон твоите ај да речеме години, да се однесуваш помладо. Не се чувствувам старо, може и на сто години нема да се чувствувам старо.

Илина:
И пак Радован и неговиот визионерски хумор.

Горде:
„Ти не читаш новине.
У новине много брзо пише па не могу да прочитам.
А шта читаш?
Па читам само оно ко је рикнуо, знаш. У новинама све исто пише, само промене датум, и опет исто.“
Ко ќе видиш, стварно, историјата се повторува.

(EKV – Kao da je bilo nekad)

ЈБТ, Надица во првиот ред долу, прва од лево

Надица Таневска-Јанева:
Сеќавањата од детството и младоста генерално ми се поврзани со ете првиот збор или првата асоцијација на детство ми е навистина безгрижност. Еден таков светол и топол дом, со многу сонце и светлина, секогаш музика и убави мириси од кујната на мајка ми.

Илина:
Надица е наша соученичка од Јосип Броз, денес наставник по социологија и во контакт со некои нови клинци и нивните соништа и стравови. Иако разликата во години помеѓу неа и нив не е кој знае каква, генерацискиот јаз е сепак голем.

Надица:
Кога се сеќавам на периодот на детството и младоста и кога се обидувам да пренесам дел од тие сеќавања на моите ученици денеска, некако имам чувство дека не било тоа пред еве три-четириесет години, туку често пати на учениците кога им евоцирам некакви случки од мојата младост се смеам и им велам дека се чувствувам како бабата од Титаник затоа што имам некакво такво субјективно чувство дека тоа е многу многу одамна. Веројатно тоа се должи на големите промени и наглиот развој на општеството во сите сфери од животот. И кога се обидувам да им објаснам разлика во години од триесетина години, значи во однос на еве мојата помала ќерка или во однос на моите ученици со кои сум сега разлика околу 34-5 години, некогаш мислам дека тоа е триесет светлосни години, затоа што разликата во начинот на живот во однос на тогаш и сега ми се чини многу драстична. Има некои технолошки пронајдоци или помагала кои ние сме ги користеле, видео камера или касетофон или класичен телефон коишто тие ги имаат и прескокнато како генерација со коишто воопшто не се ни сретнале. Од таков некој аспект разликите се навистина огромни.

Не сум југоносталгичар, но низ животот ми беше голем предизвик да се навикнам да живеам во мала и не толку позната држава или земја во светски рамки а сум се родила и младоста сум ја поминала во една економски, воено и на секаков начин силна држава. Тоа ми е да кажам една битна промена којашто ми се случила во младоста па претпоставувам ми оставила некаква трага, затоа што често пати знам да кажам дека ако се распаднала една таква држава, сè може да има неславен крај. 

Илина:
Ако нашето бреме беше пред се резултат на политичките турбуленции, какво бреме им оставаме на идните генерации?

Надица:
Ако се обидам да размислам што гледам следните 50 години, на што се надевам а од што се плашам, се надевам дека човештвото и науката ќе најдат начин да ги надминат сите предизвици коишто луѓето ги оставија да речам во едно неблагодарно наследство во однос на еколошката ситуација, а се плашам дека тоа нема да се случи.

(Леб и сол – „Као какао“)

Ели Џукеска:
Jас уствари имав најголема желба да станам археолог и тоа и денес ми е желба нели, така си замислував кога бев мала, а и денес кога сум мала си викам – сакам да бидам археолог. Дури и размислував кога се запишав на класични студии во трета година да… паралелно ете да се запишам на археологија, меѓутоа во текот на студиите се разбира се профилираа моите интереси и се определив за археологија на јазикот, односно за историја на класичните јазици. И да, тоа ме исполнува целосно, не би го менувала сега тој избор сигурно. Но се подразбира дека кога повторно би се вратила со овој памет сега на почетокот пред 25 години, многу работи би ги направила поразлично што се поврзани со професионалниот живот.

Стоби, 2021

Илина:
Јас, Горде и Надица во средно бевме во тројката, а Ели во двојка. Веројатно најдоследно на културолошката насока на којашто припаѓавме, учејќи три таканаречени мртви јазици – латински, старогрчки и старословенски, таа по гимназијата се запиша на класични студии и денес предава на Филозофскиот факултет. Интересна е нејзината споредба, не на нашето детство и она на денешните млади генерации, туку на ставовите на нашите родители и денес нашите.

Ели:
На пример по однос на однесувањето нашите родители биле многу загрижени за нашето однесување, како се однесуваме и што правиме. Денеска мислам дека по однос на однесувањето сите ние имаме различни па дури и спротивставени ставови. Дали е тоа добро или лошо е нели прашање за поголема дебата. Исто така мислам дека нашите родители со голем ентузијазам да речеме гледаа на стекнувањето на образование, нели особено високо образование затоа што тоа беше некако клуч за добар живот и удобен живот. Вработувањата беа прилично извесни и можеше да се живее нели од платата. Ние денес се разбира исто како родители многу сакаме нашите деца да завршат факултет меѓутоа факт е дека вработувањата се повеќе неизвесни отколку извесни. А и факт е дека денес не ни мора да имаш завршено факултет за да заработуваш добро. Просто се сменети условите за живот и ние на тоа гледаме едноставно поинаку. И една исто така важна работа, мислам дека нашите родители веруваа во државата и во институциите, така и нас нè воспитуваа, дури можеби и слепо веруваа во голема мера. Ние денес не можеме да се пофалиме со такво нешто бидејќи нели никој не може да верува во заробена држава и заробени институции. Но од друга страна пак, ете ние денес прилично активно учествуваме и во креирањето на државните политики и во работата на тие институции, колку што можеме.

Илина:
И покрај разочараноста од спороста на посакуваните промени на подобро, Ели е сепак оптимист или поточно реалист, фокусиран на сегашноста.

Ели:
Па секогаш… секогаш се надевам на подобар живот, а се плашам од полош живот. Но главно сега погледот ми е фокусиран на тоа што се случува сега и овде. Не размислувам за иднината како што можеби сум размислувала кога сум имала 18 години и едноставно се трудам да го видам тоа што е и во мене и околу мене сега и овде, во овој момент и да се допрам колку што можам повеќе до убавината.
Не. Не. Се осеќам секогаш како да сум на почетокот на животот. Имав некоја таква криза кога наполнив 40 години, меѓутоа мислам дека тоа беше тогаш, последен пат. Сега се чувствувам сосема солидно.

Илина:
Шест различни соговорници, шест различни а сепак блиски приказни. Соништа, потраги, носталгија, спомени. Мило ми е што сум иста генерација со овие луѓе, кои и покрај сите предизвици денес звучат зрело и стабилно, како некој кој успеал да си го најде патот. 
Епизодава, која е последна за втората сезона, сакавме да им ја посветиме на оние од нашата генерација кои прерано нè напуштија. Сепак, таа ќе биде за новите генерации. Ја посветуваме на Нора и Катја, на Оливер, на Филип и Кики, на Ана и Марија, на Матеј, Иван и Јоан.

Се надевам дека ќе бидеме заедно и во следните педесет години.

(песна „Еј гулаби гулаби бели“ – Златно славејче 1972, Билјана Дамјановска)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *