Во магацините на Народната и универзитетска библиотека работи најбогатиот човек на светот. Самиот се нарекува така, бидејќи располага со над 4 милиони книги. Друштво во осаменичката работа му прават духовите кои живеат меѓу нивните корици. Огромниот број полици и тесни премини позади тешката врата на која пишува „забранет влез“ создаваат мистична атмосфера, како за на филм.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

С3Е5 – Traнскрипт

(звуци на симнување по скали)

Илина:

Мојата врска со Народната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски не се само книгите. Кога учев средно во Јосип Броз имавме предмет библиотекарство и во четврта година тука нè пратија на пракса. Јас и другарка ми Гордана помагавме на пултот. Научивме што е тоа сигнатура, која е логиката на децималниот систем на класификација на Дуи, кој доаѓа во библиотеката за да чита а кој да пие чај во бифето. Библиотеката беше преполна, се чекаше на ред за воопшто да се добие место во читалните.

Еден дечко со брада доаѓаше секој ден и бараше опскурни и навидум неповрзани книги. Ниче и физика, историја на музика и математика. Ги нервираше вработените со нарачките кои ги пушташе и петнаесет минути пред затворање. Се запознавме таму, на пултот, а денес ми е сопруг.

Во библиотеката работеа или се уште работат еден куп мои пријатели и роднини. Атмосферата во неа секогаш ми била свечена, како влез во храм. Сепак, имаше една просторија кадешто никогаш порано се немав симнато, повеќе скали под земја. На вратата пишува „забранет влез“. Депото кадешто се чуваат книгите.

(Common People)

Илина:
Jaс сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода на подкастот Обични луѓе ќе зборуваме за едно по малку тајно и мистериозно место населено со духовите кои живеат помеѓу кориците на книгите. И еден човек кој голем дел од денот живее меѓу нив.

Цане:

Јас сум Цане Куртовиќ, вработен во НУБ Св. Климент Охридски. Инаку од овие мои други професии сум естраден уметник на фолк музиката, бивши ракометен судија 25 години а сега сум ракометен делегат. И сега моментално работам овдека, во оваа институција веќе скоро дваесет години. И од прв ден од вработување до овој момент јас сум вработен во ова депо, народно кажано магацин, кадешто располагам и кадешто сум моментално најбогат човек во нашава држава, зборам во однос на книгите.

Илина:

Цане е осамениот чувар на богатството на НУБ. Неговата канцеларија е широка и уредна, со фотографии од шампионскиот кошаркарски тим во кој игра син му и со радио кое го изгасивме кога влегов. Од таму се простира поглед кон огромен број полици и тесни ходници меѓу нив, создавајќи мистична атмосфера како за филм.

Цане:

Ние во депото имаме пет магацини, и располагаме со над 4 милиона сигнатури. Значи секоја книга има свој број тоест сигнатура. Книгите се поделени во три дела, како што можете да видите, најгорниот дел е првиот формат, средните се втор формат, а најдолниот ред се трет формат. Првиот формат е до 18 сантиметри книга. Вториот е до 23 сантиметри, а  третиот е над 30 сантиметри должина на книгата.

Што е најбитно Илинче во овој магацин? Температурата. Овде температурата во 365 дена е 22 степени. Ако е надвор -20 овде е 22. Ако е надвор плус 40 или 50 овде е 22 степени. Зошто? Ако има промена во температурата, книгата се рони. Сите знаеме книгата од што е создадена, од дрво, така? Многу е битен факторот температурата и влажноста. Ние имаме овде мерни инструменти на полиметар што покажува еве 68% влажност во магацинот. И тоа е константно цела година. И затоа книгата опстојува со години. Ако дојде до промена на температурата во магацинов, книгата ќе се рони. Е затоа е тоа многу битен фактор.

Илина:

Како воопшто се случило Цане да се вработи тука? Одговорот го почна со длабока воздишка.

Цане:

Имав еден мој комшија кој работеше овде, кој отиде во пензија, во меѓувреме и почина Бог да го прости. Јас играв ракомет а он беше судија. И по зaвршувањето, па не завршувањето туку само што почнав активно да играм во Вардар он ме предомисли ми рече…значи ова зборам бивша Југославија беше, он ми вика дојди да те направам судија да бидеш. И јас нормално во шега – кој ги сака судиите? Никој не ги сака судиите. Нели сите викаат по судиите, викам не, не, јас ќе продолжам да играм ракомет. Дојди да те направам да бидеш судија. И така и бидна, да не одолговлекувам, станав судија благодарејќи на него, ми помогна многу во кариерата меѓутоа он работеше и овде. Да. А јас во меѓувреме тој период работев во кожарски комбинат Гоце Делчев, кратенка ГОДЕЛ. И нели ГОДЕЛ пропадна 2000-та година како и многу други фирми и во еден разговор со господинот Горковски Момчило (Моме), може го знаете, викам Моме така и така работата, фирмава моја пропадна, случајно да не има нешто кај тебе? Вика да. Има едно место во магацин, наш колега отиде во пензија. И така јас, благодарејќи на него, благодарејќи и на други личности, јас еве веќе 20 години сум овдека.

Илина:

За оние кои никогаш не биле во НУБ еве кратко објаснување на системот на позајмување книги, кои не смеат да се изнесуваат од зградата. Истиот е уште од мое време. Се пополнува ливче со насловот и сигнатурата на книгата, бројчето кое може да се најде или рачно во картотеката поставена во ходникот на библиотеката, или онлајн, на платформата Кобис. Дел од тоа ливче се испраќа во магацинот, со пневматска пошта во кутивче или сега, поради мерките на штедење, преку најобична цевка. Со оглед на своето искуство, кога ќе го види бројчето Цане веќе знае каде треба да се упати. Ја зема книгата и или ја пушта со еден од малите лифтови до пултот, или ја става на подвижна лента која ја качува до горе.

Пневматичната цевка со која пристигнува ливчето со барање за одредена книга
Обичната цевка која се користи во моментов поради штедење струја
Оваа слика има празен alt атрибут; Името на датотеката е 20220921_120129-1024x768.jpg
Малите лифтови со кои се качуваат книгите до пулт

Цане:

Значи доаѓа пластичната кутија во корпата, се зима, ги вадите овие задолженија и одма гледате што пишува за нив, дали е монографска публикација, дали е сериска. Монографска народно да ме разберете, монографска е обичните книги, а сериска е списанија. И ние магационерите, во моментов сме двајца, јас и колегата Пане, јас сум во една смена он е во друга смена. Се менуваме неделно, прва-втора. И по самото тоа кога ќе ги видиме задолженијата, одма знаеме за што се работи.

Било која книга странка бара, ја зимам книгата, ја ставам на лента, стискам копчево и лентата патува горе кај пултот кајшто се колешките, за издавање.

– И ова отсекогаш од кога сте вие тука е вака?

Да.

– И мислите дека треба нешто да се менува во овој систем, или добар си е?

Знаете што, библиотекава е пред 70 години правена, а лентава е правена од германски инженер.

– Мм, нема утка. Сименс.

Значи нема промашај.

Затоа што погледнете, низ цееела библиотека е. За да не ги носите во раце книгите, само стави на лента, стисни дугме и таа си патува, си патува, гледате има кружни текови, од тука доаѓа и так! иде нагоре.

Цане во неговото царство (ја покажува подвижната лента)

Mузичка пауза: „Една песна јас да запеам“ (во изведба на Цане Куртовиќ и Зоран Џорлев)

Илина:

Дали работата во магацинот е осаменичка работа? Знае ли понекогаш да си запее како во претходната песна, шетајќи низ коридорите?

Цане:

Па знаете што да ви кажам. Во моментов радиово е искључено инаку си пуштаме радио и малце ја пополнува атмосферата. Меѓутоа, добро е што е човек овде сам. Сам на себе доверба. Ако има многу луѓе, одговорно е местово не е баш така. Знаете на прв поглед овде кога ќе видите, страв ве фаќа, паника ве фаќа, може да замислите, пет магацини, четири милиони сигнатури, тоа се четири милиони книги.

Илина:

Исто како и јас, и Цане се сеќава на поинакви времиња кога во библиотеката беше поживо. Бифето не работи веќе 10 години. А додека го правевме интервјуто низ цевката не помина ниту една нарачка. Во тој контекст, тој има и една желба.

Цане:
Па ја, би ми било желба пошто го памтам и доброто време а и ова сегашно време, кога немаше компјутери имавме многу студенти, многу читатели. Чак што више имаше караници кој да земе бројче, вие се сеќавате сте доаѓале овде. Да дојдете до бројче! Тоа беше уметност. Бројче за да отидете во читална, да седнете на место. Откако се воведоа компјутериве послабо има студенти. Има студенти ама не како пред извесно време. Е желба би ми било да има повеќе студенти.

Картотеката за корисници на НУБ

Илина:

Кога во некои од европските библиотеки наместо луѓе роботчиња ги носат книгите од магацин, се согласивме дека е друго да имаш контакт со човечко битие. И дека дигитализацијата никогаш нема да ја засени книгата на хартија.

Цане:

Филмот „Ана Карењина“ го имате гледано сигурно. Земете ја книгата да видите што пишува. Значи нема…можда некоја млада близина 10%. Ама 90% нема врска филмот и ова во книгата што пишува. Затоа викам – книга е книга!

Илина:

Го оставив Цане зад металната врата, каде владеат вечни 22 степени и излегов на есенското сонце, среде скопскиот хаос. Долу, среде книгите, е сепак поспокојно.

(Common People)

Илина:

Ја слушавте 25-тата епизода од подкастот „Обични луѓе“. За фотографии од процесот на работа во депото и за целосен транскрипт на интервјуто посетете ја нашата страница obicniluge.mk. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Се слушаме и се читаме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *