Зоолошката градина во Скопје наскоро ќе полни 100 години. Формирана е во 1926, а денес има 50 вработени од човечки вид и 350 жители од 80 животински видови. Сигурно некогаш сте ја посетиле, но дали сте се запрашале – како е да се работи тука?

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

С3Е4 – транскрипт

Илина
Вака звучи еден обичен мајски ден во Зоолошката градина во Скопје. Таа во последно време е често присутна во медиумите, по убаво. Пролетва тука се случи вистински бејби бум – се родија десетина младенчиња од различни видови, меѓу кои двогрба камила, валаби кенгурче, камерунски кози, најмалото мајмунче на светот од видот џуџест мармазет и најголемиот хит помеѓу бебињата во зоолошката, трите бели лавчиња. Таа и по изглед веќе не е збир од кафези во кои животните делуваат тажно или вознемирено, каква што ја памтам од моето детство.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода ќе разговараме со вработени и со по некој жител на Зоолошката градина, за да ја испитаме старата изрека – ако е тешко да се работи со луѓе, дали е тогаш полесно да се работи со животни?


Весна
Значи средно имам завршено во „Никола Карев“, тоа беше средно насочено биотехнологија тогаш и мислам дека беше последна генерација биотехнолошка насока. Бидејќи повеќе бев по природните науки завршив во „Никола Карев“ и после каде да… нели кога е во прашање високото образование, каде да продолжам, прва година беше се отвори факултетот за ветеринарна медицина таа година тука, во рамки на… тогаш беше во склоп на Земјоделскиот како еден дел беше ветеринарна медицина. Следната година веќе се одвои како самостоен факултет. И кога ја гледав програмата нели од сите факултети каде, што, како, од „Никола Карев“, оп! Ветеринарна медицина. А бидејќи претходно знаев дека кај нас нема ветеринарна медицина, како се отвори факултетот тоа е тоа. Значи тоа е знакот (се смее).

Илина
Ова е Весна, која во зоолошката е одговорна за две нешта – едукација на посетителите и здравјето на нејзините жители.  Уште како мала не само што ги сакала животните, туку знаела и како да им ги санира повредите и практично да им помогне.

Весна
Цело време и како дете надвор нели со уличните животни чекај ова да му напраиме, чекај тоа да му напраиме. Некако не знам така ми беше како… дека го знам, нели со животните работиш и знам тоа да го правам. Ќе донесеа маче и ја бев оп, знаеш како да го фатиш дека треба нозете, главата, ќе те изгребе, ќе те касне (се смее). И кога го видов дека се отвори Факултетот за ветеринарна медицина викам – ова е изгледа тоа.

Илина
Откако го завршила факултетот Весна поминала 1 година пракса, а потоа уште три во ветеринарната амбуланта во Автокоманда, работејќи главно со мали животни, мачки, кучиња, папагали и како што вели „по некое прасе или коза“. Па уште три во Ветеринарна инспекција, каде не работела со животни, но со производи од животинско потекло. Сепак, ја влечело нешто друго.

Весна
Отсекогаш ми било предизвик да бидам во зоолошка градина да работам, бидејќи овие животни што се тука не се учат на факултет. Немаме предмет тигар, лав, мајмун… Имаме предмет дивеч, имавме ние биологија и патологија на дивеч, меѓутоа во дивечот се рис, волк, еребица, фазан, мечка, претежно дивечот што е во Македонија. Егзотика немавме како предмет. Не знам сега на факултетот дали има како предмет егзотична медицина. Ние го немавме и мене ми беше предизвик и да учам во исто време и да работам.

Илина
Како изгледа еден вообичаен ден за вработен во Зоолошката градина?

Весна
В.Л.Т.: Сега, нормално кај секој е различен. Кај зоо негователите што се грижат за животните нели доаѓаат на работа во осум и триесет, прво е да ги видат животните дали се тука, како се, што се, здраво, добро утро на сите, нели (се смее).

И.Ј.: Кафе…

В.Л.Т.: Да. И после почнуваат со… нели како што е секојдневната работа да им исчистат, остатоци од храна претходно, измет ако има, вода да сменат, да видат нели состојба на само живеалиште, технички да го проверат дали некаде нешто се има случено, не се има случено. И после тековно си е одржување на самиот реон. Кај нив, кај зоо негователите. Кај нас, кај ветеринарите секој ден е различен. Нема онака… може кога ќе дојдам на работа уште на одење да ми се јават кон работа, да ми кажат дека има нешто, да ми пријават, дека има родено, дека има угинато, дека има избегано од негде, врата скршена ли, ограда не знам што, нешто повредено дека има, нешто може такво да се случи. Може некој ден да нема никаква интервенција, ништо од ветеринарен аспект да не се случува. Претежно ветеринарниот дел е повеќе во превентива, значи да спречиме да дојде до болести бидејќи во зоолошката не се чуваат болни животни и нема случаеви да се работи со болни животни од болест нели како што е кај домашните миленици. Нема влез… заради таа причина не е дозволен влез со домашни миленици за да не дојде до трансфер на одредени причинители на болест и да не дојде до вознемирување на самите животни и претежно превентивата се состои во… нели давање на превентивно витаминско – минерални додатоци во исхраната како и редовно прочистување од паразити внатрешни и надворешни паразити, дали со бањање, дали со… инекционо со препарати и превентивно вакцинацијата кај одредени видови.

Илина
Во текот на разговорот Весна своите пациенти ги нарекува по име. Младата бела лавица е Соња. Кан, дојден од Загреб и Гете од Келн се двата морски лавови. Имале гибон Џорџ што го испратиле во зоолошката во Николаев, Украина, со чија негувателка  се во постојан контакт. Имаат ли сите животни имиња?

Весна
В.Л.Т.: Па повеќето имаат имиња. Тие што се како по… не знам како да го кажам… на пример немаат имиња шатките, гуските, тие што се во јато, во поголема група, што е поголем број на животни, немаат сите имиња.

И.Ј.: А вие меѓу себе кога зборувате за нив по име ги кажувате?

В.Л.Т.: По име, да.

И.Ј.: Значи како – абе денеска не ѝ е добро на Мими, пример.

В.Л.Т.: Да. На Мими ѝ дадов терапија пошто Мими е конкретно сега шимпанзото е под терапија. Си ја има онаа старечка терапија, притисок, срце, значи си прима терапија за тоа.

Илина
Како воопшто пристигнуваат нови жители во зоолошката?

Весна
В.Л.Т.: Носењето на животни е најчесто со размена со некоја друга зоолошка градина бидејќи не чуваме животни од природа, не земаме, затоа што нели нема да преживее животно земено од природа тука, плус тоа и причини… носител можеби потенцијален на некакви причинители на болест. Се чуваат животни од заробеништво значи ги земаме од други зоолошки градини и најчесто се тоа договори. Комерцијално не се работи… не работиме со животни, значи нема продавање и купување. И се носат нормално доколку се работи за некој вид кој што е… спаѓа во таа една програма за заштита на европски видови, има секоја програма координатор на тој вид, се контактира координаторот кој што бара одредени референци да исполнува институцијата за да тоа одредено животно отиде таму. Дали се работи за живеалиштето, слики од живеалиште, нацрти праќаме архитектонски од самото живеалиште, простор колку ќе има, со што ќе го храниме, кој ќе го чува, како ќе го чуваме.

И.Ј.: Значи не е тоа така едноставно.

В.Л.Т.: Да, не е. Не е едноставно поготово ако се работи ете како за слоновите на пример. Не е туку – така донеси го слонот и стави го (се смее).

И.Ј.: Врзи го на бандера.

В.Л.Т.: Да, сепак е животно кое што бара одреден третман и начинот на чување на животните  сега во зоолошките е сосема поинаков од тој кој што бил на времето кога се чувале во мал заграден простор, се давало храна, се чистело и толку. Сега се оди кон… сите животни се на природна подлога, значи нема веќе на бетон, поголеми се живеалиштата и стандардите за чување на животни се поголеми, нели за едно животно се знае колку е пропишано, зависи од кој вид. Висината на живеалиштето, површината на живеалиштето колкава ќе биде, да има отворен дел, да нема отворен, да има затворен, да нема затворен дел, базен дали да има, да нема. И дополнително кај одредени животни се работи на тренинг. Не тренинг у смисла на циркуска атракција меѓутоа тренинг кој што ќе му помогне на ветеринарот и на самиот зоо неговател да ја види состојбата на животното подобро. Слоновите тој тренинг шо го имаат, имаат тренинг на… го даваат увото бидејќи од уво се вади крв. Ако има потреба, доаѓа до ограда, се мести така странично за доколку треба да се аплицира средство инекционо да се изведе тоа без да треба нешто да се врзува животното или да се анестезира. Ги даваат нозете слоновите за педикир да им се праи бидејќи тоа е еден од проблемите кај тие животни прераснувањето на ноктите и самиот табан долу. Нели како што одат жените на педикир и нашите слоници одат… имаат педикир.

И.Ј.: Ти го правиш тоа?

В.Л.Т.: Не. Тоа го прават зоо негователите. Значи дресирани се слоновите, ја дава едната нога, другата, трета, четврта. И сега нели бара тоа повеќе време за работа, не може тоа да се заврши у еден ден, у два дена завршуваат еден слон на пример. Други… морските лавови на пример се дресирани да отвори уста. Луѓево ги гледаат, тоа се случува во време на хранење на морскиот лав и е како еден вид на едукација на самите посетители да научат, да го видат животното на суво шо се вика, излезено надвор, како изгледа, дека има пераи, дека ги мрда пераите. Ја отвора устата не за да нешто покаже какви заби има него за да види внатре зоо негователот дали е сѐ во ред во внатрешната шуплина. Бидејќи имавме случај кај морскиот лав кога внатре имаше федер на забот заглавен. И да не постоеше тој тренинг немаше да го видиме тоа.

Илина
Кога некој човек се однесува агресивно и недолично велиме „не се однесувај ко животно“. Но ваквиот опис е навредлив за животните, кои ни криви ни должни често се жртви на човечки примероци, кои во зоолошката ги предизвикуваат најголемите проблеми.

Весна
В.Л.Т.: Да, има. Најчесто се предизвикани од несовесни посетители, дали заради незнаење нивно или заради… не знам очекуваат животното нешто да направи, некаква атракција, не знам шо очекуваат од животните. Имало случаеви кога сум била очевидец, на нојот му ја дава цела кутија цигари, тврдо паковање значи „малборо“ ли беше, не знам шо беа цигари и нојот цела кутија ја голта и ја гледам како оди надолу по вратот. И сега викам – што да ти направам?

И.Ј.: Си имала караници така со посетители?

В.Л.Т.: Да, да. Не само јас. Сите зоо негователите со тоа имаат проблем. Расправање со посетители, а не смеат ништо да им направат, нели освен само да го предупредиш. Посетителите различно реагираат. Има некој кој што ќе се извинат – не знаев, нели. Некој се расправа – глеј си твоја работа.

Знам дека од тука украдоа… го украдоа Лука мислам павијанот, мајмунчето го украдоа и тоа во бел ден. Ја исекоа мрежата и го земаа. Бидејќи мајмунот беше малечко мајмунче беше и беше научено со луѓе. Меѓутоа веднаш ги фатија на камери пошто ги видовме како се случува, како излегуваат. Се работеше, беше некој не знам… им требало за продажба, за нешто, да земат.

И.Ј.: За атракција.

В.Л.Т.: Не за атракција.

И.Ј.: А, да го продадат мајмунот.

В.Л.Т.: Да го продадат за да земат нешто за себе.

Доколку се случи нешто по контакт со животно ваљда заради тоа што им е срам да го кажат, не го пријавуваат како случај бидејќи самите се виновни за тоа шо настанало. Постои безбедносна ограда која што не смее да ја помине, си има предупредување да не ја поминува. Тој ја преминал оградата и сега животното ако му напраи нешто или ако му земе некој негов дел… – ми ги зема наочарите, скапи ми се. – Па зашто му ги даде? – викам. – Па не му ги дадов, сам ми ги зема. – Како ти ги зема сам наочарите? Зашто си му ги дал. Или ќе му земат кондури, не знам ракавици…

И.Ј.: Кондури?

В.Л.Т.: Папучи, апостолки, не знам нешто. Значи – викам – ногата си му ја ставал до него, кај мајмуните конкретно. Си ја ставил ногата…

И.Ј.: Значи однос на бељаџии да речам, под наводници, ама провоцирани, мајмуните сепак водат.

В.Л.Т.: Да.

И.Ј.: Пошо други кои? Со раце тешко кој друг…

В.Л.Т.: Други, да, нема други. Освен на времето имаше во стариот (неразб.) кога беше, сакаа да се сликаат со лавовите, нели блиску да му биде лавот, да му напраи нешто лавот, не знам шо очекуваа да направи лавот. Изгледа…

И.Ј.: Да рика.

В.Л.Т.: Да рика. Затоа е цртаниот „Мадагаскар“ напраен. Нели лавот Алекс таму у дванаес саат атракции им праи. И они изгледа тоа очекуваат – абе види ништо не праат лавовите. Па со стапови ги… ќе се прекачат да ги буцкаат за да рикаат лавовите. Пантерот нешто да им напраи. Знам дека пантерот успеа да ги пикне шепите тогаш преку мрежа и му напраи нешто на зоо негователот… на овој… на посетителот, меѓутоа тој само си замина.

Илина
Соживотот помеѓу негователите и животните значи и тоа дека тие можат да си пренесат и некои заразни болести. За Весна најважно е болестите не да се лечат, туку да се превенираат. Но уште на почетокот на  својата работа како ветеринар морала да се соочи и со ситуации во кои за животното немало помош.

Весна
В.Л.Т.: Јас имав уште додека бев во Автокоманда во амбулантата нели локално од маало шо ти се другарите, ми се јави другар – абе кучето нешто изгледа ми умира, да доеш да го видиш. И сега – абе – викам – ја во мене немам лекарства ништо, тоа све е во амбуланта ако го донесеш. Меѓутоа навечер беше веќе девет, десет часот некаде. Викам – ништо не можам да му направам. – Ама не, дојди само да го видиш. Бидејќи на… и тоа е нели кај сопствениците – барем да го видиш, да ми кажеш шо е. И јас буквално кога дојдов, дојдов само да констатирам смрт. Кучето беше умрено значи. И кога се вратив дома баш знам на мајка ми ѝ кажував – абе како бе, не можев ништо да направам, умрено беше. И сеа она ме теши со тоа дека и во хуманата медицина докторите одат само да констатираат смрт. Имало случаеви нели ќе се јават на телефон брза помош, нема – вика – шо да напраиш во тој случај. И тоа ми беше така прво кога не сум можела да направам ништо, дека сепак и тоа е дел нели кај што има живот има и умирање, дека и тоа е еден дел од работата, дека мора да му соопштиш дека веќе нема…

И.Ј.: А од што умре кучето? Затруено нешто?

В.Л.Т.: Мислам да, дека беше затруено.

Илина
И таа, и сите вработени во зоолошката се приврзуваат кон животните за коишто се грижат. Најтешко е кога некое од нив ќе угине, но не е лесно и кога се разделуваат ако животното треба да патува за друга зоолошка.

Весна
Се соживуваат и многу што имаат дојдено нели времено менаџер да биде, не работел никогаш на пример со животни и самите кажуваат – ти влегува под кожа – вика – зоолошката. Бидејќи тука е, со животните, го гледа животното. И се соживуваат сите зоо негователи. И кога треба посебно да патува животно како сега кога отиде гибонката за Украина, така со испраќање со – ајде чао, ќе ти биде убаво, ајде. (се смее) Или пак кога нели… кога ќе угине животното секогаш е така како еден дел… сега го немаме веќе тој… а кога е посебно кога е некој миленик на некој… пошто секој си има од групата на животни, овој му е негов нели… од лавовите на пример, оваа ми е поише така не знам со мене, ќе каже….

Илина
Најновиот случај ја потврдува таа приврзаност. Седумесечно бебе гибочне било фрлено во едно од езерцата во зоолошката, што за него значело сигурна смрт. Неговата негувателка Зера не размислувала многу и се фрлила по него. Иако немало големи изгледи дека ќе преживее, Весна упорно го реанимирала. Сега има и свое ново, пливачко име.

Весна
В.Л.Т.: Тоа како што ми кажа зоо негователот, зоо негователката, мајката го… вика – јас видов дека нешто фрла и – вика – не очекував дека ќе биде малото гибонче. И она кога го видела во вода, влегла да го извади од вода. Бидејќи кај нив толку, секунди се во прашање кај нив. Не знае да плива и се дави, готово. И ја кога дојдов они веќе… директорот го реанимираше, бидејќи директорот е дел од вработените, не е од надвор, па директорот го реанимираше (се смее). Значи од нашите вработени е директорот, го реанимираше малото, меѓутоа веќе беше без знаци дека нешто ќе се случи. Тука коа веќе мислевме дека готово, го изгубивме и толку, го земав гибончето и продолжив да го масирам. Продолжив и сеа нели не знаеш мојот прст пулсот си го осеќам или на мајмунот во ситуацијата. И продолжив надворешна масажа на срце, на топло го стаив, вештачко дишење, масажа на срце, вештачко дишење… Пошто кај него не е уста на уста, него е устата моја на целата негова глава (се смее).

И.Ј.: Дека е малецко.

В.Л.Т.: Мало, да. И почна, ајде, ајде, так, так, срцева имаше акција по некој удар се осеќаше, викам добро ајде продолжи, значи не се откажав, продолжи, продолжи, продолжи. Тука се концентрирав на тоа, значи се изолирав буквално у еден ќош отидов. Се сокрив да не ме гледаат. Бидејќи нели има колеги ќе дојдат – еј шо праиш? Еј шо е тоа? Еј шо му е? Еј ова… и сеа.

И.Ј.: Е и отиде животното.

В.Л.Т.: Готово. И се концентрирав само на тоа и масажа… и почна едно време исфрли еден дел вода од белите дробови. Ајде пак продолжив, продолжив и почна устата – так! ја отвори, а беше целото млитаво, значи глава, раце, нозе, сѐ, омлитавено, опуштено. И почна устата так!, ја мрдна устата. Оп! Добро е! Еее! Звук пушти. Ќе те биде. Викам ова е знак дека ќе те биде.

И.Ј.: Ако нема име сега Весна треба да се вика. (се смеат)

В.Л.Т.: Не, Делфина се вика.

Илина
Кога станува збор за зоолошки многумина сметаат дека тоа, особено денес во време на развиена виртуелна технологија, е непотребна институција, каде животните се малтретираат во заточеништво. Што мисли Весна за ова?

Весна
Па зоолошката како концепт, воопшто зоолошките како концепт нели се различно прифатени кај луѓето меѓутоа работата е што се тоа… се работи за животни што се родени во заробеништво и што не знаат друг начин на живот освен тој во заробеништво. Зоолошките еден дел од нивната работа не е само да ги чуваат животните, туку и во едукативни цели кажуваат за тој вид на животно, за зачувување на тој вид во природата доколку станува збор за загрозен и конзервација на животните бидејќи има… вклучени се зоолошките во проекти кај што одреден животински вид се враќа, се чува во заробеништво меѓутоа во полудив начин на живеење за да после тоа се врати, повторно се реинтродуцира во природата. Доколку во природата веќе изумира тој вид. Зашто има примери во неколку зоолошки градини се чуваат животни кои што веќе се на работ на изумирање во природата. Тигарот заради сечењето на шумите и кинеската медицина и сите други работи, пехарите, трофеите шо си ги зимаат за одредени видови на животни, веќе се намалува неговиот број во природата. Преживалскиот коњ како единствен див претставник на дивите коњи, тој го враќаат, има проекти, се враќа во Монголија. Од зоолошките го враќаат во Монголија.

Илина
Кога ја замолив Весна да ме запознае со некои од чуварите таа веднаш знаеше каде да ме однесе. Кај слонарите или слонаџиите, кои во моментов се грижат за две слоници – Дуња, бабичка на свои 53 години и Даела, 35. Тие најпрвин работеле во циркус, но по забраната на циркуси во Европа најпрвин биле во Германија, па во Шведска и на крај во Скопје.

Мартин сакаше само да се слика, но Виктор ни објасни од кога и што работи во зоолошката.

Виктор:

В: Отприлика шеста година работам како зоо неговател. Значи моментално се грижам за слоновите и со нив сме некаде околу три и пол години веќе.

И.Ј.: А пред тоа со кои беше?

В.: Претходно со примати и жирафи.

И.Ј.: Значи секој неговател си има своја… да речам свој вид на животни за кои се грижи?

В.: Да. Си имаме така посебни реони на пример и на секој реон има различни да речам животни и за секој посебен вид нели се грижиме.

Илина
И Виктор имал сон да работи во зоолошка. А дека тоа навистина ќе се случи му се кажало токму на сон.

Виктор
В: Значи животна желба ми е работа со слон. И имаше една ситуација значи негде година дена пред да се вработам во зоолошката баш на сон сонувам и вака се будам и на сопругата ѝ викам – леле – викам – знаеш ли шо сум сонувал? Идам во Германија на обука за слон (се смее). И значи ова после се случува баш така. После неколку години ми се случува е вака се работи нели на објектов и да идеме во Белгија на обука за слон…

И.Ј.: Значи не у Германија ама у Белгија. Блиску.

В.: Во Белгија да, блиску. Да.

Доаѓаме во осум часот на работа. Првин ете визуелно се гледа дали има некакви проблеми со објектот, со слониците значи дали се во добра здравствена состојба значи, едно надгледување така да го кажам и потоа почнува со работа што значи збогатување на надворешниот простор, се сецка овошје, зеленчук, се става сено. Се пуштаат надвор, се почиња внатре со чистење на внатрешниот простор, чистење на надворешен простор, значи тренинг тука се работи со нив. Пред да се почне со ова чистење значи тренинг правиме. Се работи за медицински тренинг, значи да се видат стапалата, ноктите во каква состојба се, уши, за секој случај ако имаме нешто вадење на крв, проверка на крв и така. Мислам буквално со нив има работа во текот на целиот ден.

И.Ј.: Вие сте другари сега после толку години?

В.: Другари.

И.Ј.: Кога ќе те видат како реагираат? Си праите муабет нешто?

В.: Па се препознаваме. Имало ситуации на пример каде што имаме така голема посета и баш во надворешниве живеалишта кога се и знаат онака и да препознаат. А за глас да не зборам. Значи можеш баш онака тивко да кажеш име и доаѓа веќе. Другари сме.

И.Ј.: А како комуницираат со тебе? Со сурла, со извици, со…

В.: Јас тоа го зборам, работа со животно е работа со енергија, знаете. Така да… мислам нормално си го препознаваат името и команди шо треба да им се дадат меѓутоа баш така, го осеќате. Секоја нервоза или смиреност се осеќа.

Сме имале ситуации на пример со слонициве, значи се работи за едни од најинтелигентните животни така да сме имале ситуации на пример кога еве ги бањаме да сакаат… затоа што да речам Дуња многу сака директно во сурлата со црево и така буквално да се полни. И знае на пример ко ќе наполни сурла и да ме истушира на некој начин.

И.Ј.: Да. Значи практично си игра она.

В.: Да. Игра е. Игра е.

Илина
Зоолошката градина во Скопје наскоро ќе полни 100 години. Формирана е во 1926, а денес има 50 вработени и 7 волонтери од човечки вид и 350 жители од 80 животински видови. Помеѓу нив и некои кои ги видов прв пат. Нешто што личи истовремено и на кенгур, и на зајче и на глодар, а се вика патагониска Мара. Едно слатко нешто што се вика белонос коати, од семејството ракуни. Од зоолошката излегов со добро чувство и за животните и за луѓето. Почна да се стемнува, а наскоро од неа ќе се слушне виењето на волците. Добра ноќ Соња, Мими, Дуња, Даела, Кан, Гете.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Во епизодата учествуваа Весна Левајковиќ Трајков и Виктор Ванчевски. При снимањето не беше вознемирено ниту едно животно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *