Прв пат влегол во пештера на 12 години. Денес Дарко е спелеолог, инструктор и спасувач. За тоа како е шест дена да си на 1200 метри под земја. Што се „сидриште“, „асендер“ и техника на единечно јаже. И каков сеир знаат да си прават спелеолозите меѓу себе.
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
С3Е6 – Транскрипт
Илина
Првата и единствената пештера во којашто сум влегла е Грота гитанте, близу Трст во Италија. Во 1995 таа влегла во Гинисовата книга на рекорди како најголемата пештера отворена за посетители на светот. Кратко време по благото спуштање се отвора поглед кон огромна просторија која изгледа како катедрала. Во неа владее необичен спокој, со звук на понекоја капка која се слева од ѕидовите. Паралелен свет во кој човек се чувствува како поблизу до нешто моќно што царува со подземјето, некоја мистична сила која ги извајала сите овие облици и која е незаинтересирана за животот над земјата. Единствено што бара е да не биде вознемирувана.
(Common People)
Jaс сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ ќе зборуваме со човек кому под земја, во мракот, среде карпите и сталактитите, се чувствува пријатно и безбедно. Над земја пак со својот тим често учествува во спасување на луѓе залутани или повредени во планина. Така и слушнавме за него, кога медиумите неодамна известија за таква спасувачка акција близу Прилеп. Спелеологот Дарко Неданоски.
Дарко
Па мајка ми и татко ми да, уште како мал, најмногу мајка ми така – ама зошто нели влегуваш внатре, дали нема некој друг нормален спорт нели да вежбаме и тие прашања ги имаше.
И.Ј.: (се смее) Кај го најде баш ова?
Д.: Да. Кај го најде то. Но имав поддршка тука и од татко ми затоа што и татко ми нели беше член на „Златоврв“ на клубот и иако тој се занимаваше нели конкретно со планинарство, но ги знаеше сите постари луѓе, негова генерација кои што ми беа тренери нели и знаеше дека нели тоа е безбедна техника која што ја користиме и нели истражуваме таму долу.
Првпат на дванајсе години влегов во пештера, беше… тоа е мислам од клубот ни ја организираа и то е во село Ореовец, Рамниште се вика пештерата. Тогаш за првпат влегов во пештера.
Илина
Денес тоа некогаш 12-годишно момче е спелеолог, инструктор и спасувач, човек кого сакате да го имате крај себе ако некогаш влезете во пештера, се симнувате во пропасти или сакате да дознаете нешто повеќе за тоа што е спелеологија.
Дарко
Спелеологија е нели наука за изучување на пештерите и пропастите, а спелеолог е човек кој шо се занимава со истражување дали од научен аспект или од спортски, рекреативен аспект за да ги истражува, да ги посетува пештерите, нели да документира, да скицира, да работи со сингл роуп техники, тоа се техниките на единечно јаже кои шо треба да ги знајш за да мојш да се спуштиш долу.
При истражувањето на пештерите секогаш е различно. Најпрво нели треба да си со некој искусен спелеолог кој што долго време се занимава со то, дали од научен или спортски карактер затоа што секоја пештера е различна. Немаме некаква дефиниција дека мораме според овие правила да влегуваме внатре. Да, мислам имаме правила кои што ги користиме како кодекс, нели каква опрема треба да користиме, колку часови би се задржале внатре, храна, кого да го известиме. Затоа што долу во подземниот свет каде што нема никаков сигнал мораме да внимаваме на сите работи.
Искуствата и вештините се стекнуваат постепено со тоа како продолжуваме да работиме, да истражуваме и да се надоградуваме самите себеси и затоа се потребни основните принципи за запознавање на пештерите и на спелеологијата, па сѐ до основни принципи за користење на техниката на единечно јаже и сите тие алатки и појаси кои што ги користиме за да се спуштиме во одредени пропасти затоа што кај нас како поим пештера значи кога влезот на пештерата е хоризонтален, а пропаст значи кога влезот на таа пештера е вертикален. Значи мораме прво да се спуштиме со јаже, па потоа има нели ходници по кои што би се движеле и канали за да продолжиме внатре.
Илина
Кои вештини треба да ги поседува оној кој сака да се занимава со спелеологија? Дали е пресудна физичката спремност?
Дарко
И физичката и тука би го спомнал тоа и психичкиот момент затоа што тие одат заедно. Како мал доста често знаевме така како со другарите кои што почнувавме да нѐ фати некаква клаустрофобија или да размислуваме што ако се одрони не знам дел од карпата или некакво парче камен. Но со тек на време сфаќаме дека тоа уствари е природата која што е создадена таква, по природен пат дека се тие принципи кои што треба да ги изучуваме ние за да знаеме во кој дел каде да поставиме сидриште, каде да се спуштиме и како би можеле да ги толкуваме и да ги знаеме значењата на таа карпа во која што се наоѓаме таму долу внатре.
Илина
При разговорот Дарко често употребува термини за кои никогаш немаме слушнато. Сидриште, асендер, десендер…Го замоливме да ни ги појасни.
Дарко
Сингл роуп техниката или техниката на единечно јаже потекнува од Франција, од француската наука каде што веќе долги години, десетици години пред нас луѓе работеле професионално да ги истражуваат тие работи сѐ со цел да ја олеснат работата при истражувањето за да може со што помалце опрема нели да се слезе или да се спушти што подлабоко. Техниката на единечно јаже се работи со едно јаже, без осигурително јаже. Тоа значи дека мораме многу внимателно и професионално да ги избираме сите места каде ние бушиме во карпата. Затоа што кога слегуваме надолу ние бушиме дали со бор машина или со рачно… рачен борач во карпата, ставаме нели штраф, типлон, потоа борка и така правиме чвор на јажето и нели тоа го наставуваме за да се… што е можно подолу да слезиме. Потоа тука се и алатките кои што ги користиме. Имаме нели асендер, десендер, нели алатки за спуштање и за качување. Кога се качуваме користиме рачна спонка, градна спонка и ножна спонка. Тука е нели и дводелниот појас кој шо е составен од главниот појас и граден појас и за спуштање користиме десендер, дали стоп десендер, симпл десендер бидејќи има различни десендери на алатки и фирми кои што ги изработуваат тие алатки за спуштање.
И.Ј.: Како изгледа тоа десендер?
Д.: Десендер изгледа една направа која што ја користиме во левата рака каде што има две макари, тоа се едни две тркалца кои што… низ него го провнуваме јажето. Потоа го осигураме, додаваме уште еден помошен карабинер на него кои што се веќе претходно закачени на нашиот централен карабинер кој што го имаме составено на појасот и самото јаже прави протривање низ тие макари и така се спуштаме надолу.
Илина
Како изгледа процесот на истражување откако ќе добијат информација дека некаде постои пештера или пропаст во која до сега никој не влегол?
Дарко
Сме имале многу такви случаи и многу ни е драго затоа што кога одиме за првпат сме навистина многу возбудени затоа што тоа е уште една пештера која што нели ја ставаме на хартија, во архивата наша и не знаеме што нѐ очекува долу. Од самата информација нели дали сме ја добиле од некој локален жител во местото или од некој наш познаник или пријател кој што претходно ја знаел или од некој ловџија кој што е доста често… тие се цело време на терен па знаат сосема случајно некогаш да поминат покрај некоја таква пештера или пропаст и нѐ информираат. Ние веќе прво го гледаме теренот, нели каде се наоѓа, на колкава надморска висина се наоѓа, дали имаме некакви податоци за тој регион и слично. После тоа составуваме нели тим кој што се упатуваме кон влезот на пештерата нели да ја најдеме. Ако станува збор за хоризонтална нели се упатуваме без потреба на јажина и сите тие алатки кои што ги користиме. Доколку станува збор за пропаст нели за дупка, вертикала, тогаш најпрвин ги бираме… го бираме тоа почетно сидриште кое што е од големо значење и мора да биди осигурително затоа што тоа ни е почетната точка каде што започнуваме да се спуштаме надолу.
И.Ј.: Што значи точно сидриште? Тоа е место на кое што се кове нешто што ќе ве држи вас?
Д.: Да. Сидриште не секогаш значи дека бушиме во карпата. Тоа можи да биди и дрво, значи стебло од дрво, можи да биди возило, можи да биди некакви гранки кои што ги користиме сѐ со цел каде што имаме цврста подлога за да можиме, нели тоа сидриште да ја издржи нашата тежина. Затоа што ние по него и треба да се спуштиме прво и да се искачиме нели.
И.Ј.: За секој човек поединечно сидриште. Или на едно?
Д.: Не, не. На едно сидриште одиме сите. Затоа е таа техника нели единечно јаже, со едно јаже да се спуштиме сите, без разлика дали сме двајца, тројца, пет, десет луѓе, сите се спуштаме по едно.
И.Ј.: Значи нема еден човек – едно јаже, туку сите на едно јаже.
Д.: Да, сите на едно и така се префрламе значи на секој петнаесет, дваесет или некогаш и на многу помала разлика должинска затоа што исто така техниката на единечно јаже едно од правилата е дека не смее јажето никаде да трија. Значи ни на најмала… некој заб од карпа кај шо има површина значи не смеј да трија јажето.
Воздух можеме да имаме, значи немаме проблем досега затоа што тука конкретно кај нас во Македонија немаме некои пештери кои што се со голема сатурација, поточно големо намаление на сатурација на воздухот или со некакви отрови или CO2, не знам различни супстанци. Немаме проблем тука во Македонија, можиме да останиме колку сакаме. Но тука е веќе доколку остануваме подолго време ни е потребно да носиме бивак. Тоа е камп кој што го правиме засолниште внатре долу сѐ со цел да ни биди потопло, поудобно, да можиме да одмориме, нели да земиме пауза за топол оброк, за чај, затоа што е неопходно, сепак долу мораме да конзумираме и храна и течности.
Кај нас тука немаме многу влажни пештери и можиме да си дозволиме разновидна храна да си носиме со нас и зависи колку дена остануваме. Ако сме конкретно еден ден значи носиме само еден оброк долу потоа нели излегуваме и вечера. А конкретно ваму, изминатите шес дена каде што бевме имавме подготвена храна која што ни беше по програма. Значи јадевме многу мали количини. Многу мали количини. Најмногу јадевме од алпските кози, пршути, шпекови, така мрсна храна.
И.Ј.: Па не е лошо. Протеинска.
Д.: Да, да. Протеинска затоа што нели да нѐ држи повеќе. Јадевме претходно подготвени тестенини кои што нели одговараа за нашите ексклузивни тренинзи затоа што имавме… работевме таму петнаесет, шеснаесет, седумнаесет часа во текот на денот. Спијавме многу малце затоа што времето не ни беше ориентација. Значи кога ќе се изморевме тогаш спијавме по три, четири, пет часа секој ден и тоа беше максимум што можевме. И температурата беше еден и пол степен. Навистина е тешко и екстремно, влажноста беше голема и сега кога ќе се разбудиш после тие пет часа, треба повторно да го облечиш тој комбилизон кој што ти е мокар и во температура од еден и пол степен. Имавме само две одела, работен нели комбилизон и суви одела каде што тие неколку часа влегувавме во вреќите за спиење за да можиме да одмориме.
Илина
Која му била досега најопасната или најкомплицираната експедиција?
Дарко
Па искрено ова беше последната која што ја поставив, стварно беше најкомплицираната експедиција во која шо сум учествувал каде што слеговме на 1200 метри и шест дена останавме внатре.
И.Ј.: Во Словенија тоа што било?
Д.: Да. Ова е во Словенија, западна Словенија на Канин планина, одма на самата граница со Италија. Тука е скијачкиот центар Канин каде на 2300 метра се наоѓа пропаста Скаралјево Брезно.
И.Ј.: А што беше опасно таму? Само затоа што е длабоко е поризично?
Д.: Внатре беше опасно најпрво длабочината, потоа имавме меандри кои што беа тесни каде што има моменти… а меандра е еден тесен канал каде што имаш простор само да влезиш странично, бочно. Значи не можиме обратно, како што се движиме и буквално влегуваме и на моменти ја вадиме дури опремата од нас и така продолжуваш не знам, стотина метри и после сто метри имаш простор да се свртиш со вратот, да видиш каде си влегол. Тие се такви моменти…
И.Ј.: Звучи многу клаустрофобично.
Д.: Да, да. На моменти секако имаме такви тешки мисли кои што ни поминуваат – што бараме ние тука, зошто не седиме нели горе на површина, но сепак љубовта кон истражувањето и да слезиме што подлабоко е многу поголема отколку тие мисли па затоа тие мисли само така ни поминуваат низ глава. Мора многу да се внимава во тој дел затоа што доколку направиме еден погрешен чекор, едно погрешно движење, пример еве десната рака ја движам за десет сантими напред треба и една нели лева или десна нога различно исто така да ја поткренам, затоа што едно мало пролизгување во тие тесни канали, заглавуваме.
Илина
Во врска со спасувањето, што е потешко – да спасуваш некого од под земја, или од висока планина?
Дарко
Спасувањето во пештери е нешто што е најкомплицирано што може да се случи буквално во целата планета. Тука на површина, без разлика дали ветар, снег, секогаш имаме многу материјално – технички ресурси и возила и хелихоптер, дури во случај нели при несреќа нели бараме тело, но таму долу немаме никакви… најпрво немаме средства за комуникација, многу тешки услови, многу малце ресурси и се одбираат строго професионални луѓе кои што со години се занимаваат со овие работи. Затоа што… јас конкретно скоро секоја година посетувам конкурси, семинари, обуки и тренинг кампови кои што ни се задолжителни нели за да бидиме во тек со сите тимови, за да во случај ваков, да можиме сите да одговориме. Затоа што нема држава која што е подготвена да има не знам сто пеесет, двеста луѓе таков кадар во еден момент.
Најпрво ни е драго што можиме на некој начин да помагаме затоа што спасувањето е една хумана, прекрасна наука затоа што сепак одиш да му помогниш на некого каде што тој човек во секој момент бара поддршка, бара помош. И сме во контакти и се слушаме и комуницираме и понатака.
Па еве конкретно би наброил неколку случаеви. Имавме случај каде што едно момче си ја скрши ногата, значи глуждот горе во планина на 1500 метри. Друг случај каде што лице си го повреди колкот при пад на карпа. Во Крушево спасувавме параглајдерист кој што нели при летање со параглајдерот му се сплетка дел од крилото и паѓа директно на крошните од високите дрвја кои што се таму по петнаесет метри и среќа што платното горе се заглавува во крошните од дрвата и така нели параглајдеристот кој што бевме да го спасуваме сѐ уште беше здрав – жив, немаше сериозни последици, но беше горе на високите дрвја.
Илина
Го прашавме и за последниот случај за кој дознавме од медумите. Две девојки од Полска беа спасени од карпа под манастирот Трескавец.
Дарко
Тоа ни е последен наш случај. За среќа навистина немаше сериозни повреди. Овој случај беше спасување од стрес, од невнимание, затоа што не секој човек кој што оди во планина има искуство од познавање на планината и природата и планинарењето. Некогаш луѓе нели неподготвени се движат на терени каде што треба да има барем водич или некој локалец кој што може да ги насочува. Двете девојки се оддалечуваат од групата поради приватни причини нели и го згрешаваат… ја згрешаваат патеката на движење и под една стрмна спила продолжуваат направо. Првата девојка се зализгува, губи контрола и ја фаќа паника и стрес каде што бара помош и другата девојка нели оди да ѝ помага и таа се зализгува. И буквално остануваат на тој наклон. Иако многу нормално сега ние би кажале не е сѐ толку нели ризично, не беше вертикала, но сепак тоа е еден стресен момент каде што влегуваме во други спасувања. Не е секогаш ако имаме нели повреда или скршеница, значи дека е спасителна акција. И ова е спасителна акција. Затоа што ако не стасавме ние навреме, ние стасавме после еден часот кога ја добивме нели известувањето за да се упатиме, ако не стасавме навреме тогаш веќе паѓа мрак и уште подлабоко влегува тој стрес. Затоа што тие луѓе не се нашле во таква средина, не знаат како да се… едноставно да се однесуваат кон себе.
Илина
И покрај сите убави нешта, Дарко отворено зборува и за проблеми во промоцијата на природните богатства во нашата земја. Пештерите се нудат како места за туристичка посета и се обележуваат како такви дури и кога нема безбедна патека до нив, и тие не се прилагодени за таква употреба.
Дарко
Тоа беше еден проект кој што општина Прилеп го имаше завршено со невладина организација каде што поставуваа табли на пештери каде што стварно тоа е дури страшно затоа што ти ги упатуваш луѓето директно да одат таму без никаков елаборат на пештерата. Без дали да се направи студија за пештерата за дали таа е безбедна за туристи да влегуваат внатре, дали има одрони, дали има биолошки… дали има животни внатре. Без никакви такви истражувања тие поставуваат такви табли каде што одредени групи планинари, нормално кога ќе ја забележат таа табла… Иако беа поставени само таблите па дури и патеката на движење од таблата главната до пештерата не е средена. Значи ти комплетно можиш и да ги изгубиш тие луѓе во природата.
Илина
Дали помеѓу членовите на спелеолошките клубови кај нас има и жени?
Дарко
Има и кај нас, пополека се развива тоа и кај нас. Малце спелеологијата иако е основана спелеолошката федерација уште во 2002 година изминатите години пополека правиме промоции затоа што зема сѐ поголем замав. Како и сите овие аутдорс активности што се случуваат и спортови во планина, така и спелеологијата постепено се развива кај нас пополека и има многу храбри девојки кои што сакаат да истражуваат и да се спуштаат, да влегуваат внатре во подземниот свет.
Илина
Освен опасни, дали имало и смешни случки или местенки помеѓу колегите?
Дарко
Па да, имаме такви… Мелничка пештера е тоа во Мариово каде што е составена во конгломерати и бречи. Значи нема како што има нели украси од сталагмити и сталактити туку овие се како блокови карпи зацементирани една со друга мали и големи и таа е буквално како швајцарско сирење значи. Влегуваш во еден канал и после неколку метра не можеш да се вратиш назад ако конкретно не ги знаеш. И таму доста наши почетници ги носиме или некои луѓе кои што сакаат да… од странство наши колеги да го видат таквиот тој карстен предел и секогаш ги оставаме тие да водат и после неколку метра знајш – не знаеме каде да се вратиме. Или па ние малце ќе му застаниме, малце поназад па… методот нели на како влегуваме во нова пештера нели треба да ја одбележуваме. Дали со камчиња, дали некакви маркации оставаме нели да знаеме каде се враќаме. А во оваа пештера буквално значи можиш и доколку ставаш маркации, можеш да се загиниш. Ако не ставаш многу, нели поблиску треба да ги ставаш. И таму така ние доста секогаш имаме смешки затоа што сите се загинале. И јас дури сум се загинал кога ме носеле првпат таму.
Илина
Кога се симнуваат во подземјето Дарко и неговите колеги се обидуваат да не ги вознемируваат тамошните жители – лилјаците и другиот жив свет. Таму не треба да се пушта музика, да се зборува гласно или да се свети директно во „Не смееме да им го нарушуваме нивниот дом“, вели тој. Кога луѓето и горе би се однесувале така со оние околу нив, надземјето би било сигурно поубаво место за живеење.
Mузика: Ник Кејв – We are not alone
Илина:
Јас сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. Повеќе фотографии за досегашните истражувања и акции на Дарко, како и целосен транскрипт, можете да најдете на нашиот сајт obicniluge.mk. Доколку сакате и самите да станете спелеолог, обратете се во Спелеолошката федерација на Македонија.
За оваа епизода користевме музика од човек со многу соодветно име – Ник Кејв.