Интимна приказна на човек кому животните премрежја му донеле и подеми и падови. Како дошло до тоа тој да стане бездомник и како неговата судбина го направила солидарен кон оние во слична ситуација.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

С3Е09- Транскрипт

Илина:
Номадскиот начин на живот, тоа човек да не биде врзан за одредена локација, да талка и да не се грижи каде ќе прилегне кога ќе зајде сонцето, е чест мотив во популарната култура. Таа знае да го романтизира бездомништвото како принцип на врвна слобода. Иако тоа навистина може да биде свесен избор на поединци, причините за бездомништвото најчесто се болни, а самиот бездомнички живот полн со предизвици.

(Common People)

Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ својата животна приказна за ја раскажува Даут Таир, некогашен семеен човек и ко-основач на успешна компанија за електро-материјали. Денес тој е бездомник, кој од дом има само една импровизирана гаража. Со него разговараше Александра Ристовски, повеќе од 20 години вработена во Црвениот крст на Град Скопје.

Даут:
Значи моето име е Даут, презимето Таир, роден сум пред 61 година во Скопје како четврто дете. Претходниот значи имам една сестра, и еден брат и еден починат брат кој починал на самиот пороѓај. А, уште како мал така колку што се сеќавам, значи од она што можам да се сеќавам, на моите шест, седум години, ме запишаа во школо и пошто бев како љубимец на мајка, као најмал, као најмал сум и она ми стави Паша на мајка, така ме нарече, и од тогаш ми е прекар Паша. Сите ме викаат Паша, а не од што сум имал некогаш пари, или ова, значи Паша ми остана од мајка ми.

Роден сум во Бутел односно, таму сум роден, Бутел 1. Претходно беше село Бутел, па кога беше земјотресот, направија некои бараки и таму на татко ми му дадоа барака и таму и живеевме. Значи сестра ми, брат ми, јас и родителите. Извесно време така учев школо, беше добро, меѓутоа од кога завршив тоа основно школо, јас веќе почнав така, бев многу темпараментен, чепни ваму, чепни таму. Не бев баш примерен. Не бев примерен. Дојде времето, нели, завршив тоа основното училиште почнав да свирам гитара, така на мои 16 години, 15 години, средно школо кога почнав. Се запишав во Коце Металец.

Илина:
Во средното училиште Даут се покажал како капацитет. Го завршил за три години, а потоа се запишал и завршил и вишо трговско школо. На 16 години веќе го имал првото вработување. Истовремено свирел гитара во културно-уметничкото друштво Коста Абрашевиќ, и со него ја прошетал цела Европа и Америка. Со гитарата в рака ја запознал и жена си.

Даут:
Сопругата ја запознав свирејќи гитара на една игранка во Железара, значи свирев гитара и така да, се запознавме, веројатно беше љубов на прв поглед. И не беше многу долго врската, едно така година дена може се, пред брак и после се…

А.Р. Како се викаше таа?

Д.Т. И(…) се викаше. И што знам, можам да кажам дека не можам да прежалам, дека направив огромна грешка што, моја е кривицата што дојде до развод на брак. Моја кривица, имам две ќерки. Не комуницирам со нив, затоа што..

А.Р. Со двете?

Д.Т. Со двете, пошто многу двете беа револтирани од она што јас го направив.

Илина:
Она што го направил е што почнал врска со комшивка, која ѝ го открила тоа на жена му. Ова се случило по петнаесетина години брак, кога тој веќе имал развиен бизнис, две ќерки-тинејџерки и сопствена куќа во која се живеело добро.

Даут:
Па јас сум основач на Електро-елемент, сега што е ова зграда. Јас сум основач на него. Кога почна, значи бев научен на многу пари, на многу пари. После извесно време, имав пријател кој работеше во казино, работеше во казино, мене фирма ми постоеше како Мери импорт, беше моја фирма, имав добар пријател кој работеше директор во казино. Ми рече слушај дојди ако сакаш многу пари. Кој не сака пари. Добро ни одеше, заработувавме во казиното во Мрдаја, заработувавме на дневно ниво по десет иљади до дваесет иљади долари.

А.Р: Заработувавте или коцкавте?

Д.Т. Заработувавме, затоа што он беше директор и јас бев под него.

А.Р. Значи вие не коцкавте туку го работевте казиното.

Д.Т. Е што се дешава, правевме огромни пари, за година дена значи правевме многу големи пари со него. Е што, све иде добро работата додека не дојде судир на интереси. Значи, еднаш за една цифра се работеше од околу двестаиљади долари, не се спогодивме со него, он сакаше повеќе, јас сакав повише така да не се договоривме и се растури работата. Меѓутоа и он имаше пари и јас имав пари. Е сега што се работи. Значи човек кој има пари увек има други како да ги наречам, моќници, така да ги наречам мафијаши кој гледаат како да ги земат парите. На еден начин ме навлекоа да почнав да играм и јас, и си викам сега знам како е, знам како да играм. Кога почнав да играм казино, а фирмата се уште ми работеше, електорматеријали доваѓаа, си работеше фирмата. Е сега, знаете на многу пари, луксузен живот во хотели, по ова она, ова беше све додека бев во брак, додека бев во брак. Почнав да губам пари, губи тамо, губи вамо, иди по државине странски, иди по Германија, иди по Швајцарија, иди по Енглеска, значи губев кај што ќе идев. Некаде ќе добиеш.

А.Р. А играше многу, секој ден, играше?

Д.Т. Па буквално, јас идев кај што се возеше Формула1, јас тамо идев. И купив ново кола, има опел вектра, прва донесена во Македонија, ја имав јас. Ја купив во готово, имав пари, не беше проблем, пееесет иљади марки.

А.Р. Значи не се кладеше само во казино, туку и на трки, формули?

Д.Т. Не, одев да уживам, да гледам.

А.Р. А иначе во казина коцкаше?

Д.Т. Во казина коцкав. Е, јас мислев дека никогаш не можам да ги потрошам парите меѓутоа се потрошија, потрошив цирка два, три милиона долара. Тогаш, значи, кога ги изгубив парите, бев научен на пари а пари снемав. Што се дешава? Куќата што ја направив, дај бе жено да ја продадаме, почнаа некои проблеми. Не, нека седи. Добро нека седи. Колата ја продадав. Другите коли што ги имав така некои како 101, што знам алфа ромео, продади една, продади друга, останав без пари. И почнав со овиа, со криминал со фирмата и направив една проневара така со тогаш имаше пеети примерок вирмани во Србија али тогаш беше Југославија тогаш Југославија, и… згрешив. Земав четристо иљади марки, божем ми го украдоа каминот сосе роба, така направив нешто, парите ми ги дадоа, ги оправме а јас парите фактички ги земав. Е тоа беше мојот почеток на тој поголем криминал. И се она друго, ситно било. Ме фатија, ме фатија и почнаа да ме судаат, почнав да, дури четири години бев надвор од државата, бегав.

Илина:
Во текот на неколкугодишните бегства низ Западна Европа Даут користел лажно име, Петко Ефремов. И таму се занимавал со ситен криминал, се снаоѓал, но го мачи носталгија по децата. Во 2002 се враќа во Македонија и две години се крие дома, односно кај поранешната сопруга, која се согласува да го крие. Тогаш се случуваат две нешта – врската со комшивката и неговото конечно завршување во затвор, за ни помалку ни повеќе туку шестотини и три дела од кои голем дел не биле ни негови.

Даут:
Д. Т. Значи 2004 година јас паѓам во затвор. Бев осуден на дванаесет години затвор.

А.Р. Заради проневерите?

Д.Т. Заради проневерите и заради криминалот што сум го правел. Имав на терет 603 кривични дела меѓу кои, меѓу кои пеесет или шеесет коли цели, коли комплетно така, што не сум сторител јас, туку некој друг, све ставиле. Нема врска. Значи бев максимално осуден на дванаесет години затвор. Ме однесоа во затвор али поради моето добро однесување, поради моето добро однесување, лежев само шест години.

А.Р. Добро значи од 2004 до 2010 година?

Д.Т. Да до 2010 лежев. Е цело време, И(…) се викаа таа, госпоѓицата што беше себап да се растури бракот, меѓутоа па од друга страна јас пак не го осетив затворот затоа што она ми помагаше капом и шапом. Значи даваше се од себе, јас имав по двестапеесет до триста евра месечно пари и плус пакети, значи све што треба и цигари по десетина штеки, значи даваше жената све.

А.Р. И доаѓаше те посетуваше­?

Д.Т. Нон стоп секој ден.

Корица на книгата „Хари и Даут: живите легенди на Скопје“ (МСЕД, 2021)

Илина:
Во затворот се снашол одлично. Го вработиле како главен курир на службата за обезедување и заедно со командирот бил одговорен за 70-тина затвореници. За ова земал и плата. Иако како што вели затворот го минал прилично лесно, во текот на престојот имал два инфаркта, операција и четири бајпаса. Со оглед на ова, дијабетот и доброто однесување, Даут е пуштен по 6 наместо по 12 години.
Но надвор за него излегло потешко отколку внатре. Неговата дотогашна партнерка сака да се мажи, а нејзините не ја одобруваат нивната врска. Во една караница таа го пријавува дека ја удрил. Врската прекинува, но започнува бездомништвото.

Даут:
Јас идев во пунктот, фактички бев бездомник од 2012 до 2015, 2016 година. Јас кога дојдов да се пријавам ми беше страм, како да се пријавам во пунктот, меѓутоа…

А.Р. У пунктот за бездомници на Црвен крст?

Д.Т. Да, јас се осеќав бездомник кога бев тие три четири години без пари, без ништо и со нејзе раскаран, значи јас сум петнаесет години сум, и кога бев со неа бев како бездомник. Се осеќав како бездомник. Ме натера Дуновски Љупчо, бог да го прости, оди бе во пунктот. Дојдов во пунктот и таму како да се здомив. Јас сум бездомник мегутоа се осеќам како да имав дома. Многу ми е подобро сега.

Илина:
Уште една причина зошто Даут немало дом е што неговиот брат во текот на сите овие години ја зазел семејната куќа и не сакал да слушне таа да се дели. На Даут му останала на располагање само гаражата, која тој самиот ја имал изградено за сопствениот автомобил. Братот не дозволил младите од Црвен крст до крај да ја реновираат. Даут сега се бричи и оди во ВЦ во во блиската обложувалница.

Даут:
Д.Т. Семејна куќа, семејна куќа меѓутоа што знам можеби сум такво тип, мирољубив не сакам ништо насилно. Иначе јас да сакам може оставинска поставка и тоа се дели. Значи ако го направам тоа он ќе се обеси. Викам поубаво ќе трпам, каков е таков, брат е. Така си викам јас сега, што знам. Ако патам, страдам нема врска. Можеби ќе му дојде некој пут умот. Кога имам некој пут некој денар вишак, му давам. Он никогаш не ми дал мене. Ја пак му давам.

А.Р. Младите од клубот на млади на Црвен крст на град Скопје преку ПХВ програмата, правеа проект да ти се реновира гаражата. Да, направија.

Д.Т. Да ја реновираа, ја направија, меѓутоа што? Себап беше исто брат ми да не можат да довршаат. Значи дојде електичар да врзе за, дојде ова, он ги избрка. Беше едно маче баш тогаш кајшто копаа, и одводот ќе беше направен, почнаа они, меѓутоа кога копаа, паѓаше малку дожд, едно маче две, тамо паднаа и се удавија, дојде, зема, направи проблем, таму дојде полиција, луѓето си отидоа, никој не може да го трпи тоа. И остана така. Сега малце тензијата ја смиривме, сега најдов услови се смирија, што направив јас. Еве ти тебе 50 евра, ти ископај ми. Морав на тој начин, е сега, е да, сега он копа, он го прави тоа што треба да се мучаат другите, сега он го копа значи. И сега вика, не мора да се брзаш полека, само ископај го и гледам уште малку, ќе го докопа и ќе остане само да ги ставам уште цевки. И не е проблем.

А.Р. И после ќе се врзеш потоа за водовод и ќе биде полесно?

Д.Т. Иначе, не можам морав кај неговото купатило, само тамо има цевка. Значи јас немав друг начин освен да рескирам иако не ми требаат пари, ми требаат да можам да идам нели у wc, да се измијам.

А.Р. Тоа сакав да прашам, Во тоалет каде одиш сега, како се снаоѓаш?

Д.Т. Сега се снаоѓам, најблиска кладилница, Моцарт и дури луѓе викаат се коцкаш, јас немам пари за коцка. Али ја морам да седам во Моцарт затоа што сите физиолошки потреби ja у Mоцарт. Tаму се бричам на огледало, тап, машинката.

А.Р. А го знаат тоа луѓето од Моцарт?

Д.Т. Го знаат, дури ми викаат легни си, одмарај, ке земам да почистам, ќе ми дадат, педесет, сто денари. Значи не ми е срам да работам, работам, помагам, нон стоп сум во Моцарт. Меѓутоа луѓе кои што не ме симпатизираат, викаат дека, се и сешто на мене фрлаат а јас едноставно ги игнорирам и као да не ги слушам, си ја гледам работата да ми пројде денот. Таму сум нон стоп. Значи ќе се напијам кафе, чај било што, помагаат.

А.Р. А во пунктот за бездомници во Момин поток, одиш да се бањаш, таму ги користиш услугите секој петок?

Д.Т. Да, пак имам една пријателка, пак, која е моментално во Аустрија, кога е она тука, сега моментално е во Аустрија, месец дена, кога е тука, јас си седам и си спијам кај нејзе. Слушај, не е проблем, значи не е проблем. Али кога е во Аустрија јас немам каде. И тогаш одам во пунктот да се бањам. Две години, три години беше куќата на сестра ми слободна, значи таму си седев, значи куќата голема, сега ќе ја продаваат, па ја затворија и јас морав да ја напуштам. Али еве сега кога ќе дојде за Нова година, доваѓа пријателката од Аустрија, и ќе спијам таму можеби додека е тука, десет дена, петнаесет и после пак исто.

Илина:
Помеѓу другото Даут го има совладано берберскиот занает и денес волонтерски ги шиша оние кои се во слична ситуација како него во пунктот за бездомници во Момин Поток.
Дали има контакти со сопругата, со семејството. Со какви мисли се буди и заспива? Кога би можел да се врати назад и да промени нешто, што би било тоа?

Даут:
Д.Т. Сум ја сретнал на улицата, меѓутоа да сакам можам да, можам да си дозволам и да и прозборам и мислам дека и ќе седневме и кафе ќе се напиеме, меѓутоа не го сакам тоа, ми е некако незгодно. Иначе да сакам можам, ама изгледа ќе можам да направам и такво нешто, може да се деси во иднина такво нешто. Она работи во еден драгстор како продавачка. Жената е работлива, работлива сака да работи.

А.Р. Па да она и двете деца ги одгледа, нели?

А.Р. Да она ги одгледа, секоја чест за нејзе. И сега децата се имотни. Едната ми е мажена, и има синче. А другата во Америка што е, исто мажена, со сопругот е таму, меѓутоа немаат деца, немаат уште.

А.Р. А ова што е во Скопје, немаш контакти со нејзе, ништо не ама си го видел детето, внучето?

Д.Т. Да, да сум го видел, имав малце ама откако се омажи, шо знам многу лош глас ме бие без потреба. За све нешто што не сум го направил морам да докажам дека не сум, името волк останало, значи многу је тешко, и јас не знам, еве шест години сите знаат дека ништо не правам. Буквално на човекот му паднува шест илјади денари пензијата во аптеката, таа гледа чистачката како да му го земе, викам оп стоп застани, господине полека, овие пари се ваши, земи ги. Не сакам, ништо не сакам туѓо, не сакам ништо.

А.Р. Како ти минува сега денот Даут?

Д.Т. Па претежно, еве сега, дојдов овдека, иначе седам во кладилница, пијам кафе, ќе прошетам малце да видам нешто, ако може нешто да се купи, да се продаде, да изведам некој динар, мора да извадам две стотки, три стотки екстра за да можам да го пројдам денот. Иначе пушам цигари, цигарите само коштаат две стотки. Значи проблем, треба да ги оставам, правилно би требало да ги оставам за да остане малце повеќе пари. Иначе тоа, од ден за ден живеам, од ден за ден.

А.Р. Колку пати јадеш во текот на денот Даут, дали три пати?

Д.Т. Не, јас можеби еднашка, некој пат два пати. Ако имам некој ден нешто повеќе, можам знам и да си отидам на скара. Значи можам, некој пут, зависи како. Али у просек два пати, пошто морам да јадам, ставам инсулин. Морам да јадам, морам да си го сочувам здравјето.

А.Р. А дали имаш некој вистински пријател, со кој што поминуваш најмногу време, кој што со години ти е пријател.

Д.Т. Не, такво нешто не, и не верувам во пријатели. Се било лажно. Немам пријател. Имав еден, бог да го прости, почина. Ми беше стварно пријател, и сега неговите синови ми се како сопствените деца си ги поштујем. Толку бев близок што, ако имам давам, ако имал давал, не на заем или вака било што, дали било пари или дали било помош да се работи, да ми помогне, да помогнам сум имал ама меѓутоа почина човекот, само него иначе сум немал пријатели. Сум имал ти реков додека имало интерес, ако има обостран интерес на времето али тоа били све криминолошки дејствија, од интерес обостран, чим, оп готово, нема ништо од тоа. Прав пријател многу тешко.

А.Р. Ако можеш да го вратиш времето наназад, што би сменил Даут?

Д.Т. Па би сменил доста работи, доста работи. Значи, не уопште не би помислил на нешто не поштено работење. Поштено и што знам би обрнал внимание на многу, на комплетен живот, на исхрана, на ова она, на све значи, на све. Едино поштење значи и би само да се работи, да се работи она за да заработиш доволно да имаш за живот, не ништо повеќе, не би барал многу пари, затоа што пари знаат да го расипаат човекот многу, мене, јас сум пример за тоа. Да имаш многу, па да немаш тоа било најтешка работа. Да имаш па да немаш.

А.Р. А кажи ми од што се плашиш, дали навечер кога ќе легнеш дали размислуваш за некои стравови, од што ти е страв и како си ја гледаш иднината и дали можеби тоа те плаши?

Д.Т. Што знам, мене ме, едино што се плашам, така кога ќе си легнам си размислувам, знам да се помолам некогаш на бога, се молам, знам да се помолам за здравје, за денот, обично тоа си го, секоја ден му се заблагодарувам на господ што ми го дал денеска здравјето, ништо друго и побарувам нели да ми даде малце среќа, малце здравје, малце светлост, така у тој смисол. Иначе се плашам од тоа што сум болен, 4 бајпаса, како ќе ми биде утре денот, што утре, утре што ќе правам. Ако имам некој динар 500 денара, 1000 денара веќе е во ред, но ако немам излагам без пари е многу лошо кога немаш. Значи ипак парите, дали ќе има дали ќе купам нешто, проблем е, тоа размислувам, првин од здравјето а второто од таа беспарица.

А.Р. Што ти било најубаво во живото Даут?

Д.Т. Па најубаво, што знам, годините ако се вратам назад. Кога сум бил тоа, по турнеи кога сум одел, со ова, со академското тоа друштво Коста Абрашевиќ, може тој период ми бил најубав, друштво, свирење, забава.

А.Р. А што ти било најтешко, најтажно?

Д.Т. Најтажно ми беше кога, она разводот она со жената, ми падна многу тешко, иако бев од една страна бев среќен, бев и тажен, бидејќи ја изгубив фамилијата. Толку ме боли тоа, сум направил катастрофалната грешка што никогаш нема да си ја простам. Викаат времето лечи, можеби лечи ама не е баш такам, не би се сложил со тоа, не.

(музика)

Илина:
Според неофицијални информации само на територијата на Скопје има околу 500 бездомници. Точната бројка е тешко да се утврди, бидејќи тие често немаат документи и ја менуваат локацијата кадешто престојуваат. Доколку сакате да бидете дел од волонтерите кои помагаат во Пунктот на Црвениот крст во Момин поток следете го линкот на нашата веб страница кој води до електронската адреса на координаторката. Можете да се приклучите и на невладините организации кои дистрибуираат оброци и ги згрижуваат бездомниците, особено во зима.

(Common People)

Благодарност до Александра Ристовски за споделувањето на материјалот, кој е дел од книгата, „Хари и Даут: живите легенди на Скопје“, издадена од Македонското студентско етнолошко друштво во 2021 година. Аудио монтажа – Бојан Угриновски. Транскрипт и фотографии можете да најдете на нашиот сајт obicniluge.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *