Зафаќа речиси една третина од нашето тело, но ја нема во официјалните учебници по анатомија. Се споредува со рибарска мрежа или со пајажина, ткиво кое ги обединува внатрешните органи во една целина. Со оглед на нејзината сензитивност на емоции и стрес, велат дека можеби токму тука лежи она што го викаме „душа“. Што е тоа фасција?

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

С3Е8 – Tранскрипт
(Музика: Fascia – Music in Our Body)

Илина:
Александар го познавам повеќе од десет години. Во неговата ординација прв пат влегов со неподвижно рамо и со големи болки. „Треба да се работи“, рече тогаш, цртајќи ми вежби со онакви човечиња од цртички, кои дури и такви, најпрости, делуваа насмеано и ентузијастично што креваат тегчиња или тегнат лента. Јас ич не бев, ама со време морав да станам, и поагилна во вежбањето, но и пољубопитна за тоа како функционира човечкото тело, кое не е „машина“ составена од лостови, запчаници, вентили и ремени, туку од органи и врски помеѓу нив кои често остануваат недоразбрани.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ ќе зборуваме за еден фасцинантен а крајно потценет орган – фасцијата, од чија состојба зависи и нашето физичко, но и нашето емоционално здравје.

Александар
Кога ќе ме прашаат пациентите или некој: што е фасција?, јас прво им кажувам дека тоа е она кога јадеме сувомеснати производи, врат, тоа е тоа белото околу мускулите на вратот, околу парчето кое што го гледаме пред нас. Тоа белото, тоа не е масно ткиво. Масното ткиво е поинакво на форма, како салце, а фасцијата се некакви жилички во бела боја, материјал кој што е направен од лигаменти, тетиви, фиброзни ткива. Отприлика тоа е оној првиот опис што претставува фасцијата.

Тоа е ткиво кое ги обединува, ги поврзува органите и системите во една функционална целина. Како можеме да го замислиме тоа? Да го замислиме тоа може да биде како… мислам можеме да го замислиме како рибарска мрежа која што е потопена во морето, тенка по структура, бескрајна, затегната, повеќеслојна која обвива клетки и групи клетки, органи. На места се згуснува и се поврзува со обвивките на други структури. На места е густа и отпорна и сѐ во оваа мрежа е во некакво движење, бранување, истегнување и стегање или пак собирање. Тоа е човечкото тело вградено во мрежа на фасција во која се движат течности, завршуваат капиларните садови, нервните завршетоци, рецептори, минуваат крвни и нервни патишта.

Илина
На ѕидот во ординацијата на Александар, освен онаа факултетската, се закачени голем број дипломи и лиценци. Постојаната едукација е неопходна во една динамична област како физиотерапијата, во која постојано се изнаоѓаат нови начини да им се помогне на оние кои имаат траума, скршеница, неподвижност, болка. Но еден од тие пристапи му отворил сосема нови хоризонти.

Александар
За првпат се соочив, мислам за првпат се сретнав со фасцијата на курсевите „јумеихо“ кои што ги водев тука кај сенсеи Христо Хаџикимов во Скопје и отприлика за првпат се запознав како може човечкото тело да биде како една целина. На некој начин тука се промени мојот поглед на човечкото тело во насока на гледање на телото како целина, а не како некакви кинетички лостови.

Илина: Може да објасниме што е „јумеихо“ за слушателите?

„Јумеихо“ е јапонска техника за работа на човечкото тело која што… самата техника и самата методика на „јумеихо“ е работа по меридијани. Ете ќе кажам понатаму дека меридијаните се совпаѓаат со фасцијалните ланци на телото, со фасцијалните ленти и линии. Во основа ќе бидам краток за „јумеихо-то“, во неколку реченици. „Јумеихо“ прави некакви техники, има мануелни техники врз телото кои што го поттикнува парасимпатикус, делот на мозокот кој што ги забавува нервните процеси и го опушта телото за понатаму во друга фаза се прави моделирање на телото преку техники, манипулативни техники со кои што телото доаѓа во идеалните физиолошки линии. Значи терапевтот наоѓа некој дефект, некоја… како да кажам, некој постуларен проблем и преку техника телото го носи во идеалните физиолошки линии за идеално најбалансирано оптоварување на сите структури.

Имаше интересни примери кај што после „јумеихо“ кога гледаш дека преовладува парасимпатикус луѓето се преопуштени. Тоа е како некоја дрогичка која што се зема по природен начин. Таква опуштеност што имаше примери се забораваа, излегуваа па се враќаа. Затоа и моите совети беа во насока да – еден час, после ова немој да превземаш ништо. Напиј се чај, стабилизирај се, нека… Спортистите го осеќаат тоа со преопуштеност. Не е добро да се прави „јумеихо“ пред такмичење еден ден. Барем два дена, за да може телото да се врати тонусот бидејќи телото е премногу релаксирано.

Илина: А затоа на мене не си го ни пробал. Ја после само на тоа ќе доаѓам (се смеат). Нема да излезам од кај тебе.

Александар: (се смее) После тоа во 2018 година започнав курс во Бугарија, кај Марија Јакоб, таа е миофасцијален тренер и инструктор која своето знаење го добила во Швајцарија, таму и живее. Конкретно со методот миофасцијал рилис, по методката на анатоми трејнс на Томас Маер и од тогаш сум веќе трет модул на миофасцијал рилис, има уште два модули, требаше уште еден но од лани се направи петти модул. И тука се запознав со тајните на фасцијата.

Илина
Некако е необично што за орган како фасцијата, тродимензионален континуум на меко и густо фиброзно ткиво кое може да зафаќа и до една третина од човечкото тело, не се учи ни во основно ни во средно образование. Но изненадувањето е уште поголемо кога ќе се сфати дека таа отсуствува дури и од специјализираните медицински учебници.

Александар
Во атласот по анатомија ја нема фасцијата. Тоа е една генијална мисла на Томас Маер кој што кога го прашале: што е фасција?, тој кажал: сѐ она што нема во атласот по анатомија (се смее). Да. Значи воопшто јас не сум сигурен зошто тоа е така. Можеби заради тоа… заради комплексноста на тој материјал. Заради нејзината неправилна распространетост, неправилна форма. Не може да се нацрта, не може да се илустрира. Од друга страна и физиолошкото дејство на фасцијата е некоја мистерија за научниците која што сѐ повеќе се истражува. Последните дваесет, триесет години има многу истражувања и многу докази како фасцијата влијае на… мислам што е фасцијата и зошто е тоа важно, како таа влијае на човечкиот организам и што уствари претставува фасцијата.

Ќе кажам само еден пример. Значи пример за фасцијата на срцето. Перикардот се споменува многу значи, перикардот на пример се спојува напред со фасцијата на градната коска, долу со дијафрагмата, назад со фасцијата на ‘рбетот во која не може да се разликува премин од еден во друг фасцијален слој. На некој начин на многу други места фасцијата на внатрешните органи, мускулите, скелетната фасција како и централниот длабок фасцијален слој се спојуваат со мускулно-скелетниот слој. Некои истражувања велат дека телото е една голема фасција во која домуваат органите, мускулите, коските, жлездите и нервите.

Александар: Фасцијата претставува еден голем рецепторен орган така што таа е и сензибилен орган. Таа ги… има истражувања каде што информациите кои што стигаат до окото завршуваат на платарната фасција, фасцијата на стопалото (се смеат). Да.

Илина: Фасцијата на стопалото реагира на нешто што ти го видело окото.

Александар: Апсолутно. Секој…

Илина: На пример змија ако видам и ми се грчи стапалото, во таа смисла?

Александар: Да. Знаеш оние термини „ми се наежи кожата“, „ми се дигна косата“, „ми се здрвија нозете“, тоа се термини кои што кажуваат како фасцијата преку сензорните органи влијае на нашиот организам. Како емоциите влијаат на нашиот организам.

Илина: Многу интересно.

Александар: Се зборува дека фасцијата е филозофијата на телото. Некои научници кои што ја истражуваат фасцијата кажуваат дека таа е она што го викаме ние душата на телото. Многу емотивни физиолошки процеси, биохемиски процеси се случуваат во фасцијата.

Илина
Ако веќе фасцијата е толку битен орган, како можеме подобро да ја негуваме, да ѝ го посветиме должното внимание? Советите на Александар одат контра доминантниот наратив за напорното вежбање како единствено продуктивен начин на физичко јакнење на организмот – преголемото напрегање може да има дури и контра-ефекти. Запознајте го стомачниот мускул обликус и како оштетувањето на неговата фасција може да доведе до болки во ’рбетот. И зошто седењето на компјутер е тешка физичка работа.

Александар

Значи има работи кои што ја негуваат фасцијата и има работи кои што ја оштетуваат фасцијата. Во основа движењето, емоциите и храната се битни елементи за тоа во каква состојба е фасцијата. Кога се зборува за физичкото оптоварување, битно е да се знае дека пренапрегање на телото, големиот… значи преоптоварување на човечкото тело прави и преоптоварување на фасцијата и прави микроповреди кои што понатаму водат до разни адхезии, прилепнувања, скрутувања, задебелувања и некакви патологии во самата структура.

Па во основа и долготрајна природна позиција како што е компјутерот може да не е добро или да се одрази негативно на фасцијата. Но и во однос на вежбањето, значи понежните, полесните движења повеќе ѝ пријаат на фасцијата. Поголемите оптоварувања на некој начин ја оптоваруваат фасцијата и после таа реагира со негативен одговор на човечкото тело. Кога сме кај пренапрегнувањето на телото ќе ги спомнам тие што вежбаат боди билдинг во теретаните. Значи најголем дел од тие боди билдери имаат проблеми со грбот. Иако според некоја логика на медицината, јаки мускули значат и јака постура, јак грб, но во основа… еве пример ќе кажам стомачните мускули. Стомачните мускули тие плочките на стомакот што се прават тоа се фасциите на… фасцијата на еден мускул кој што се вика обликус. Тој е трансверзален стомачен мускул и поминува трансверзално од напред по стомачниот ѕид. За да се истакнат тие плочки тие што вежбаат треба да направат многу вежби, многу да ги оптоварат стомачните мускули за да постигант некој резултат и на таков начин прават оптоварување на фасциите на тој мускул обликус. А фасциите на тој мускул се од задната страна поврзани со тораколумбалната фасција. Тоа е фасцијата на лумбалниот ‘рбет. И автоматски тука се прави некое напрегање кое што понатаму дава некакви сигнали до мозокот на неправилни сигнали и за мозокот тоа е некој неправилен процес. На крајот завршува со болка.

Илина
Забелешките на Александар во врска со билдањето, крос-фитот и другите типови на интензивни тренинзи можеби некому нема да му се допаднат. Но затоа пак нам, на лежерните вежбачи, неговите ставови ни доаѓаат како одлична утеха. Но не само вежбањето, битно е и психолошкото здравје, вели тој.

Александар
Знаеш, многу е важно вежбањето и тренингот да бидат пријатни. Сѐ повеќе и концептот на тренинг дури и на професионалците не е напорно вежбање до исцрпеност кое што понатаму прави контраефекти. Тренингот треба да биде лесен, да биде пријатен и тоа го кажуваат големите стручњаци кои што се занимаваат во таа област.

И во основа за добро извајано тело не се важни само вежбите. Важна е и храната, доволно течности. Па на крајот ако фасцијата е некој толку… орган кој што интегрира сѐ и спојува, емоции, физиологија и дел од тврди структури, многу е битна и мислата. Битни се и емоциите – фасцијата „го менува расположението“ во услови на стрес, хормонални промени – во последно време се сугерира дека таа е она што го нарекуваме човечко „шесто сетило“.

Илина
Ако сме поминале половина живот без многу-многу да размислуваме за своето здравје, во лошо држење, со неправилна исхрана и погрешно вежбање, дали тоа значи дека фасцијата е непоправливо оштетена? Што може физиотерапијата да направи во оваа смисла?

Александар
Фасцијата е динамична и трпи промени и како што кажав во таа теорија со фибропластите таа има можност да се обновува. Само треба правилно да се насочи. Она што рековме, здрава храна, умерени движења и нежни движења, доволно количество вода, добри емоции, доволно сон.

Во физиотерапијата и решавањето на болките на човечкото тело, зглобови и ‘рбет, фасцијата е важна заради тоа што нерамномерното оптоварување води до некаква тензија која што завршува врз некој зглоб, врз некоја структура, се карактеризира со адхезии, тоа се слепнување на фасциите, задебелување, скрутување и појава на болка. Кога се прави третман на фасција во мојата област многу е важно прво да се детектира, да се направи преглед и да се детектира каде има некаква тензија и да се најде каде таа тензија прави некаков проблем.

Илина: Што не значи дека тензијата е на местото на болката.

Александар: Апсолутно не. Многу често тензијата знае да биде на другиот крај на телото. Еве на пример некој ожиљак, дури и мал ожиљак може да направи проблем многу подалеку на друга страна на телото.

Илина: Мислиш од повреда или од хируршки зафат.

Александар: Од хируршки зафат. Понекогаш може да биде и некој поголем ожиљак, лузна која што е од хируршки зафат, но телото да најде компензација и да… тоа не влијае на тензијата, но некогаш може и мал ожиљак да направи тензија.

Илина: Значи царски рез не е добро баш.

Александар: Па царскиот рез кај жените е еден момент кој што доколку не се направи добро враќање на жената во физичката… значи царскиот рез сам по себе претставува сечење на осум – девет слоја фасција, а се шие само една. Потоа сите други се зафаќаат која како ќе стигне.

Илина: Затоа и се опушта.

Александар: Да. И од старт тоа е една тензија која што жената повеќе или помалку можеби и не ја чувствува, но ја има до крајот на животот. Тоа е кога зборуваме за проблемите на вратот е како една кравата која што те влече према долу (се смеат). И е кратка и главата ја влече према долу. Жените не го чувствуваат тоа, но тоа постои. По некое време прави компензација и прави болка на вратот и тензија.

Илина
Ако западната медицина не ѝ го посветува потребното внимание на фасцијата, тоа не важи за источната. Според истражување од 2002 година, точките за акупунктура долж енергетските меридијани на кинеската медицина се поклопуваат во 80% од случаите со фасцијалните точки.
Но во сосема поинаква област од медицината, архитектурата, постои концепт кој е многу близок до структурата на фасцијата. Тенсегритет е комбинација на два збора – тензија (напнатост, влечење и истегнување) и интегритет (обединување, целина). Терминот е создаден во средината на минатиот век од архитектот и футурист Ричард Бакминстер Фулер, а означува затворен структурен систем составен од три или повеќе потпорни елементи кои не се допираат еден со друг, во мрежа што ги поврзува (слика горе). Притисокот во било која точка од овој систем ја менува неговата форма и оптоварувањето без да го наруши. Но губењето дури и на еден од приклучоците доведува до негово уништување. Ова е основа на биотенсегритетот, нов модел на размислување во врска со функционалната анатомија, која објаснува зошто траума или лезија на едно место во телото последователно создава болка на сосема друго место.

Уште колку време ќе пројде пред фасцијата да го добие заслуженото место во анатомските атласи, и да го промени начинот на кој се справуваме со болката? Што би рекол Александар, „треба да се работи.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска. Аудио монтажа Бојан Угриновски. За фотографии и целосен транскрипт посетете ја нашата страница obicniluge.mk. Ако епизодава сте ја слушале на компјутер, веднаш станете и направите неколку истегнувања! Фасцијата ќе ви биде благодарна.

Александар можете да го најдете тука

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *