Во претходен блог пост пишувавме за зборникот „Етнологот како писател: писателот како етнолог“, пренесувајќи студентски текст поврзан со животната сторија на Чекуш.
Во овој oбјавуваме расказ содржан во истата книга, инспириран од животната сторија на баба Наде, во кој главен лик е нејзиното кајче.
Зборникот „Етнологот како писател: писателот како етнолог“ може да се купи тука.
Дијана Анастовска, студентка на Институтот за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ
Кајчето на нана Наде
Газдата ми се викаше Ирак. Риби фашчаше он, имаше свој влакој, уште неколку како мене, со аргати работеше, аргати идаја. Со влакот, и со мене ќе дојдеја аргатите, ќе ловеа, а ко ќе си одеа аргатите, ена банка му даваше. Ако фатеше риби појќе, по три риби на прстите ќе му закачеше. Аргатите беа охриѓани, Турци, студенти идаја. Кој не идаше.
Еден ден, ојде Ресен и зеде невеста. Многу беа радосни и весели во куќана. Живееја убо, се родија три деца. Седумнајсет години живееа со газдата. Од срце умре в ен час, апанцас умре. И остана жената со три деца и свекрва. Девер ѝ се жена, си се дели. Она виде-не виде, к’ј да оди. Немаа имоти нешто. Имаа од м’жот и сиве алати, мрежи ова-она. Тогај имаше со блинкерот риби и она почна да си оди на риба со син и Филип. Дејна-ношја… ношча фрлаа мрежи, дејна одеа на блинкер. Фашчаа риби многу. И со м’жот ѝ одеше ко беше жив, му помажеше. Знаеше. Веслаше. Сега имаат мотори три-четири. Тога немаше мотор. Одеа со веслајне. Од сабајле од три сатот, до вечер до седум, со веслајне, по езерово ме веслава и фашчаа риби. Рибите ѝ и земаше Ѓоре Дуко во Палас. Беа со м’жот и пријатели. Она ќе одеше со мене со детено, али Јаким али Фило, во зимбилот рибите десет кила-петнајсет, ќе му и однесеа на Ѓорета, тој работеше во Палас, шеф беше. Парите в р’це му и даваше на детено. Она со мене ќе го однесеше онде пред Палас. И така, години ногу, двајсет години одеше дејна и ношја на риби. Дејна и ношја! То работеше. Никој не одеше. Прву она ојде. Прва жена она ојде на риби. Дејна и ношја на риби. Она парите шо и береше од рибите и чуваше за децата да одет на студија. И така, години ногу поминаја и многу се м’чеше по водава. Одеше и ќерка ѝ. Ко ќе месеше леб, ко ќе переше, ќе одеше и ќерка ѝ да ловит риби со брат је. Сиве одева. Сиве, се менвеваа. И така проживеа многу м’чен живот. Многу м’чен! Али ипак, пак бериќатв’рсан децава порастеја, и се изучија. Со свекрва и од ко умре м’ж и двајсет години живеше со неа. Многу убо, многу ја сакаше.
То работеа. М’жите на работа, жение дома пери, меси. А она од ко умре м’ж и, и м’ж и жена беше. И на р’бота и дома. Имаше едно бротче, во бротчето беше Наумче, Спиро и Круме. Тројца беа команданти во бротчето. Никогаш не се добраја до неа. Можит му беше м’ка, фашчаше многу риби. Али му беше жал, али му беше страм. Понекогаш ќе а поздравеа од бродчето, она жена, со детено лови риби, на албанска граница дури одеше. Ќе ја поздравеа со усул и бегаја од неа. Му беше можит и жал и страм. Мирко ќе дојдеше и Цветко беа колџи. Цветко нишчо не велеше, м’лчеше кутриот. А Мирко ќе и речеше: Биле, шо пр’јме со тебе? Она ќе му речеше: Мирко, дур имам м’ка ќе одам. Ко ќе немам м’ка и дозвола да ми дајте, не ќе одам. А пред неа одеа сите на риби. Море адвокати, море чиновници, море рибариве и плата земаја и одеа. Кој не одеше на риби. Грабеа риби. Риби имаше. А она вдојца жена со три деца не ќе одам на риби? И она одеше. Секој ден! Навечер фрлаја мрежи. Ќе ги чекаше колџите да поминет на пенџера, децана ќе и кладеше да спиет, она ќе седина пенџера и ќе и чека колџите. Колџите прво ќе одеа ќе провереа дали имат мрежи. Ко ќе се вратеа назад, ќе и пробудеше децана и ќе одеа ќе и фрлеа мрежите. Сабајлето во три сатот ќе и собереа, ќе фатеа едно кошаре риби.
Со тешка м’ка проживи. Ево уште е жива, а ја више не им служа. Стојам в двор, за спомен од газдата, оти омилен му бев.